Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јехова забележува што правиш ти?

Дали Јехова забележува што правиш ти?

Дали Јехова забележува што правиш ти?

КАКО би одговорил на ова прашање? Многумина би рекле: ‚Верувам дека Бог ги забележал достигнувањата на луѓе како Мојсеј, Гедеон и Давид, но се сомневам дека е заинтересиран за што и да било што јас можам да го направам. Јас сигурно не сум ни Мојсеј, ни Гедеон ни Давид‘.

Вистина е дека некои верни луѓе во библиски времиња направиле извонредни дела на вера. Тие ‚поразиле царства, затвориле уста на лавови, ја запреле силата на огнот и го избегнале сечилото на мечот‘ (Евреите 11:33, 34). Меѓутоа, други ја покажале својата вера на не толку спектакуларни начини, а Библијата нѐ уверува дека Бог ги забележал и нивните дела на вера. За да илустрираме, да ги разгледаме библиските примери на еден пастир, еден пророк и една вдовица.

Еден пастир принесува жртва

На што се сеќаваш за Авел, вториот син на Адам и Ева? Можеби се сеќаваш дека умрел со маченичка смрт, нешто што веројатно малкумина од нас ќе го доживеат. Но, Бог првпат го забележал Авел од една друга причина.

Еден ден Авел земал неколку од најдобрите животни од своето стадо и му принел жртва на Бог. Денес, неговиот дар можеби ќе се смета за релативно скромен, но Јехова го забележал и го изразил своето одобрување. Меѓутоа, тоа не е сѐ. Речиси четири илјади години подоцна, Јехова го инспирирал апостол Павле да напише за тоа во книгата до Евреите. По толку многу години, Бог не ја заборавил таа едноставна жртва! (Евреите 6:10; 11:4).

Како одлучил Авел каква жртва да принесе? Библијата не кажува, но сигурно размислувал за тоа. Тој бил пастир, па затоа не е неочекувано што принел нешто од своето стадо. Меѓутоа, забележи дека го дал најдоброто — „мрсното“ (Битие 4:4). Исто така, можно е дека медитирал за зборовите што Јехова ѝ ги кажал на змијата во градината Еден: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15; Откровение 12:9). Иако не му бил јасен идентитетот на „жената“ и на нејзиното „Семе“, Авел можеби сфатил дека ‚сотрувањето на петицата‘ на семето на жената ќе вклучува пролевање на крв. Сигурно сфатил дека ништо не може да биде повредно од нешто живо, што диши. Во секој случај, жртвата што ја принел била навистина соодветна.

Како Авел, христијаните денес му принесуваат жртви на Бог. Тие не принесуваат од првината на своето стадо туку „жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за [Божјето] име“ (Евреите 13:15). Нашите усни даваат јавна изјава кога ја споделуваме нашата вера со другите.

Би сакал ли да го подобриш квалитетот на својата жртва? Тогаш, размисли внимателно за потребите на луѓето на твоето подрачје. Што ги загрижува? Што ги интересира? Кои аспекти од библиската порака би им биле привлечни? Секогаш кога сведочиш, анализирај ги посетите што си ги направил со цел да ја подобриш својата делотворност. А кога разговараш за Јехова, прави го тоа со увереност, од срце. Направи ја твојата жртва вистинска „жртва на фалба“.

Еден пророк им проповеда на неприемливи луѓе

Размисли сега за пророкот Енох. Тој можеби бил сосема сам како сведок на Јехова Бог. Дали ти, како Енох, си единствен член од твоето семејство што верно му служи на Јехова? Дали си единствениот ученик во твојот клас или единствениот работник на твоето работно место што се придржува за библиските начела? Ако да, можеби ќе се соочиш со предизвици. Пријателите, роднините, соучениците или колегите можеби ќе те тераат да ги прекршиш Божјите закони. „Никој нема да дознае што си направил“, можеби ќе речат. „Ние нема да кажеме.“ Можеби ќе инсистираат на тоа дека е глупаво да се грижиш за библиските морални мерила зашто Бог не го интересира што правиш. Затоа што им смета тоа што не размислуваш и не постапуваш како нив, можеби ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да го скршат твојот отпор.

Мораме да признаеме, не е лесно да издржиш таков притисок, но не е невозможно. Размисли за Енох, седмиот човек по ред од Адам (Јуда 14). До времето кога Енох се родил, повеќето луѓе изгубиле секакво морално чувство. Нивниот говор бил срамен; нивното однесување било ‚шокантно‘ (Јуда 15). Тие постапувале на ист начин како и многу луѓе денес.

Како излегол Енох на крај? Одговорот на тоа прашање е од голем интерес за нас денес. Иако можеби бил единствениот човек на земјата што го обожавал Јехова, Енох не бил навистина сам. Енох одел со Бог (Битие 5:22).

Во центарот на животот на Енох било да му угоди на Бог. Тој знаел дека одењето со Бог значи повеќе отколку само да се живее чист, морален живот. Јехова очекувал од него да проповеда (Јуда 14, 15). Луѓето требало да бидат предупредени дека нивните безбожни дела не останале незабележани. Енох продолжил да оди со Бог повеќе од 300 години — многу повеќе од што поминал кој и да било од нас. Сѐ до својата смрт, продолжил да оди со Бог (Битие 5:23, 24).

Како Енох, и ние имаме налог да проповедаме (Матеј 24:14). Освен сведочењето од куќа до куќа, се трудиме да ги достигнеме со добрата вест роднините, деловните соработници и соучениците. Меѓутоа, понекогаш можеби се колебаме смело да сведочиме. Дали е тоа случај и со тебе? Не очајувај. Имитирај ги раните христијани и моли му се на Бог за смелост (Дела 4:29). Никогаш не заборавај дека сѐ додека одиш со Бог, никогаш не си сам.

Една вдовица подготвува оброк

Замисли, една вдовица на која не ѝ е спомнато името била двапати благословена затоа што подготвила еден едноставен оброк! Таа не била Израелка туку туѓинка што живеела во десеттиот век пр.н.е. во градот Сарепта. При крајот на еден долг период на суша и глад, резервата од храна на вдовицата речиси била потрошена. Сѐ што ѝ останало било еден грст брашно и масло доволно колку за да направи уште еден оброк за себе и за син ѝ.

Тогаш пришол еден посетител. Тоа бил Божјиот пророк Илија, кој ја замолил вдовицата да ја подели со него нејзината скудна храна. Имало одвај доволно за неа и за син ѝ и сигурно немала што да подели со посетителот. Но, Илија ја уверил, со Јеховината реч, дека ако ја подели својата храна со него, таа и син ѝ нема да гладуваат. Била потребна вера за да поверува дека Богот на Израел ќе ја забележи неа, една вдовица што била туѓинка. Сепак, му поверувала на Илија и Јехова ја наградил. „Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија.“ Жената и син ѝ редовно имале резерва од храна сѐ додека не завршил гладот (1. Цареви 17:8—16).

Меѓутоа, вдовицата ја очекувал уште еден благослов. Некое време по ова чудо, нејзиниот сакан син се разболел и умрел. Трогнат од сожалување, Илија го молел Јехова да го врати момчето во живот (1. Цареви 17:17—24). За тоа ќе било потребно дотогаш невидено чудо. Нема ниеден извештај за некој што бил воскреснат пред тоа! Дали Јехова повторно ќе покаже милост кон оваа вдовица што била туѓинка? Покажал. Јехова му дал моќ на Илија да го врати момчето во живот. Во врска со оваа почестена жена, Исус подоцна рекол: ‚Во Израел имаше многу вдовици . . . сепак Илија беше испратен . . . кај една вдовица во Сарепта, во земјата Сидон‘ (Лука 4:25, 26).

Денешната економска ситуација е далеку од стабилна, дури и во индустријализираните земји. Некои големи компании отпуштиле вработени што со децении биле лојални работници. Соочен со изгледот да остане без работа, еден христијанин можеби ќе биде искушан да поминува премногу време на работа, надевајќи се дека компанијата ќе го задржи. Така можеби ќе му остане малку време да присуствува на христијанските состаноци, да учествува во службата на теренот или да се грижи за емоционалните и духовните потреби на своето семејство. Меѓутоа, тој смета дека мора да ја задржи работата речиси по секоја цена.

Еден христијанин во таква тешка економска ситуација со право може да биде загрижен. Во ова време е тешко да се најде работа. Повеќето од нас не се стремат да се збогатат туку, како вдовицата од Сарепта, сакаме да ставиме парче леб на масата. Меѓутоа, апостол Павле нѐ потсетува дека Бог рекол: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“. Со доверба можеме да речеме: „Јехова е мој помошник; нема да се плашам. Што може да ми стори човек?“ (Евреите 13:5, 6). Павле бил спремен да го ризикува и својот живот за тоа ветување, и Јехова секогаш се грижел за него. Бог ќе го направи истото и за нас ако не го напуштиме.

Можеби чувствуваме дека никогаш не би можеле да направиме дела како делата што ги направиле духовни поединци како Мојсеј, Гедеон и Давид, но можеме да ја имитираме нивната вера. И можеме да се сетиме на едноставните дела на вера што ги направиле Авел, Енох и вдовицата од Сарепта. Јехова е заинтересиран за сите дела на вера — дури и малите. Кога еден богобојазлив ученик одбива да земе дрога од некој врсник, кога еден христијанин што работи ги отфрла неморалните додворувања на работа или кога еден постар Сведок верно присуствува на собраниските состаноци и покрај уморот и лошото здравје, Јехова го гледа тоа. И се радува! (Пословици 27:11).

Забележуваш ли што прават другите?

Да, Јехова забележува што правиме. Затоа, како имитатори на Бог, треба да бидеме будни да ги признаеме напорите на другите (Ефешаните 5:1). Зошто не ги запознаеш подобро предизвиците со кои се соочуваат твоите сохристијани за да присуствуваат на собраниските состаноци, за да учествуваат во службата на теренот или дури и за да ги вршат секојдневните активности?

Потоа, дај им на знаење на твоите сообожаватели на Јехова дека ги цениш нивните напори. Ќе им биде мило дека си ги забележал и твојата грижа може ќе им помогне да се уверат дека и Јехова забележува.