Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали прашуваш „каде е Јехова?“

Дали прашуваш „каде е Јехова?“

Дали прашуваш „каде е Јехова?“

„Тие се оддалечија од мене . . . И не рекоа: ‚Каде е Јехова?‘ “ (ЕРЕМИЈА 2:5, 6NW).

1. Кога луѓето ќе прашаат „Каде е Бог?“, на што можеби мислат?

 „КАДЕ е Бог?“ Ова прашање го поставувале многу луѓе. Некои од нив едноставно се обидувале да сфатат еден основен факт во врска со нашиот Творец, имено, ‚Каде се наоѓа тој?‘ Други го поставиле тоа прашање откако се случила некоја катастрофа или кога лично биле притиснати од проблеми и не можеле да разберат зошто Бог не презел нешто. Трети, пак, воопшто не се распрашуваат затоа што ја отфрлаат и самата помисла дека постои Бог (Псалм 10:4).

2. Кои луѓе успеваат во својата потрага по Бог?

2 Се разбира, има и мнозина што ги признаваат обилните докази дека постои Бог (Псалм 19:1; 104:24). Некои од нив се задоволуваат само со тоа да имаат некој облик на религија. Но, силната љубов кон вистината навела милиони други, во сите земји, да го бараат вистинскиот Бог. Нивниот труд не бил залуден затоа што Бог „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:26—28).

3. а) Каде престојува Бог? б) Што се подразбира со библиското прашање „Каде е Јехова?“

3 Кога некој навистина ќе го најде Јехова, сфаќа дека „Бог е Дух“, невидлив за човечките очи (Јован 4:24). Исус се осврнал на вистинскиот Бог како на „мојот Татко кој е на небото“. Што значи ова? Значи дека подрачјето каде што живее нашиот небесен Татко, во духовна смисла, е возвишено, исто како што дословното небо е високо над земјата (Матеј 12:50; Исаија 63:15). Меѓутоа, иако не можеме да го видиме Бог со нашите дословни очи, тој ни овозможува да го запознаеме и да научиме многу за неговите намери (Излез 33:20; 34:6, 7). Тој дава одговор на прашањата што ги поставуваат искрените луѓе кои ја бараат смислата на животот. Ни дава здрава основа да одредиме кој е неговиот став, односно како гледа тој на работите што влијаат врз нашиот живот, и дали нашите желби се во склад со неговите намери. Сака ние да се распрашуваме за тие работи и да вложуваме искрен напор да ги најдеме одговорите. Преку пророкот Еремија, Јехова го прекорил народот во древниот Израел затоа што пропуштил да го прави ова. Израелците го знаеле Божјето име, но не прашале „Каде е Јехова?“ (Еремија 2:6NW). Јеховината намера не им била најважна. Тие не го барале неговото водство. Кога се соочуваш со одлуки, големи или мали, дали прашуваш „Каде е Јехова?“

Оние што го прашувале Бог

4. Како можеме да извлечеме корист од примерот кој ни го дал Давид со тоа што го прашувал Јехова?

4 Кога сѐ уште бил млад, Давид, синот на Јесеј, изградил силна вера во Јехова. Тој го познавал Јехова како „живиот Бог“. Давид лично ја искусил Јеховината заштита. Силно поттикнат од вера и од љубов кон „името на Господа“, Давид го убил филистејскиот џин Голијат, кој бил вооружен до заби (1. Самоил 17:26, 34—51). Меѓутоа, Давид не станал претерано самоуверен поради тој успех. Не резонирал дека сега Јехова ќе го благословува во сѐ што ќе прави. Во годините што следеле, Давид постојано го прашувал Јехова кога се соочувал со одлуки (1. Самоил 23:2; 30:8; 2. Самоил 2:1; 5:19). Тој продолжил да се моли: „Покажи ми ги, Господи, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден“ (Псалм 25:4, 5). Колку само убав пример што треба да го следиме!

5, 6. Како Јосафат го барал Јехова во различни прилики во својот живот?

5 Во деновите на цар Јосафат, петтиот по ред од царската лоза на Давид, здружените војски на три нации излегле да војуваат против Јуда. Соочен со оваа национална криза, Јосафат „почна да Го бара Господа“ (2. Летописи 20:1—3). Ова не било првпат Јосафат да го бара Јехова. Царот се држел настрана од обожавањето на Ваал, на кое се оддало отпадничкото северно царство Израел, и избрал да оди по Јеховините патишта (2. Летописи 17:3, 4). Сега, кога се соочил со оваа криза, како Јосафат ‚го барал Јехова‘?

6 Во една јавна молитва што ја кажал во Ерусалим во овој критичен момент, Јосафат покажал дека си спомнал за Јеховината семоќна сила. Длабоко размислувал за Јеховината намера што Тој ја открил истерувајќи ги другите нации и давајќи му на Израел извесна територија како наследство. Царот признал дека му е потребна Јеховина помош (2. Летописи 20:6—12). Дали Јехова дозволил да биде најден во таа прилика? Да, дозволил. Преку Јазаил, еден Левит, Јехова дал конкретно упатство и следниот ден му дал победа на својот народ (2. Летописи 20:14—28). Како можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе дозволи и ти да го најдеш кога ќе му се обратиш за водство?

7. Чии молитви ги слуша Јехова?

7 Јехова не е пристрасен. Тој ги повикува луѓето од сите нации да го бараат во молитва (Псалм 65:2; Дела 10:34, 35). Забележува што има во срцето на оние што го молат. Нѐ уверува дека ги слуша молитвите на праведните (Пословици 15:29). Дозволува да го најдат некои што порано не покажувале интерес за него, но сега понизно го бараат неговото водство (Исаија 65:1). Тој ги слуша дури и молитвите на оние што пропуштиле да го држат неговиот закон, но сега понизно се каат (Псалм 32:5, 6; Дела 3:19). Сепак, кога срцето на некое лице не му е подложно на Бог, молитвите на тоа лице се залудни (Марко 7:6, 7). Да разгледаме некои примери.

Барале, но не добиле

8. Зошто молитвите на цар Саул не биле прифатливи за Јехова?

8 Откако пророкот Самоил му кажал на цар Саул дека Бог го отфрлил поради неговата непослушност, Саул се поклонил пред Јехова (1. Самоил 15:30, 31). Но, со тоа само сакал да остави надворешен впечаток. Саул немал желба да му биде послушен на Бог туку да му биде оддадена чест пред народот. Подоцна, кога Филистејците повеле војна против Израел, Саул се распрашал кај Јехова, но тоа било само формалност. Штом не добил одговор, се консултирал со еден спиритистички медиум, иако знаел дека Јехова го осудува тоа (Второзаконие 18:10—12; 1. Самоил 28:6, 7). Како заклучок, во 1. Летописи 10:14, за Саул се вели: „Не Го праша Господа“. Зошто? Затоа што молитвите на Саул не биле засновани на вера. Значи, било исто како тој воопшто да не се молел.

9. Што било погрешно во преколнувањето на Седекија за Јеховино водство?

9 Слично, додека наближувал крајот на царството Јуда, луѓето повеќе се молеле и повеќе ги консултирале Јеховините пророци. Меѓутоа, народот го комбинирал идолопоклонството со наводната почит кон Јехова (Софонија 1:4—6). Иако површно го прашувале Бог, тие не ги подготвиле своите срца да се подложат на неговата волја. Цар Седекија го преколнувал Еремија да го распраша Јехова за него. Јехова веќе му кажал на царот што треба да прави. Но, бидејќи царот немал доволно вера и попуштил пред стравот од човек, не го послушал Јеховиниот глас, а Јехова не му дал друг одговор што повеќе би му се допаднал на царот (Еремија 21:1—12; 38:14—19).

10. Што било погрешно во начинот на кој Јоанан барал водство од Јехова, и што учиме од неговата грешка?

10 Откако бил уништен Ерусалим и вавилонската војска заминала со еврејските изгнаници, Јоанан се подготвувал да ја одведе во Египет малата група Евреи што останала во Јуда. Тие направиле планови, но пред да заминат го замолиле Еремија да се моли за нив и да бара водство од Јехова. Меѓутоа, кога не го добиле одговорот што го сакале, тие сепак си терале по свое и направиле како што планирале (Еремија 41:16—43:7). Дали во овие настани гледаш поуки од кои можеш да извлечеш корист, за Јехова да ти дозволи да го најдеш кога ќе го бараш неговото лице?

„Уверувајте се“

11. Зошто треба да го примениме она што стои во Ефешаните 5:10?

11 Вистинското обожавање не вклучува само да го симболизираме нашето предание со крштавање во вода, да присуствуваме на собраниските состаноци и да учествуваме во јавната служба. Вклучен е целиот наш начин на живот. Секојдневно сме изложени на притисоци — некои подмолни, некои поочигледни — кои би можеле да нѐ одвратат од патот што е во склад со побожната оддаденост. Како ќе реагираме на нив? Кога им пишувал на верните христијани во Ефес, апостол Павле ги поттикнал: „Уверувајте се што е прифатливо за Господ“ (Ефешаните 5:10). Многу ситуации за кои се известува во Писмото илустрираат колку е мудро да се прави ова.

12. Зошто на Јехова не му било угодно кога Давид дал да се пренесе ковчегот на сојузот во Ерусалим?

12 Откако ковчегот на сојузот бил вратен во Израел и бил чуван многу години во Киријат—Јарим, цар Давид сакал да го пренесе во Ерусалим. Се консултирал со главатарите на народот и рекол дека ковчегот ќе биде префрлен ‚ако им е право и ако Бог Господ одлучил така‘. Но, занемарил да се распраша онака како што требало за да дознае која е Јеховината волја во врска со таа работа. Да го сторел тоа, ковчегот никогаш немало да биде натоварен на запрежна кола. Левитите од семејството на Каат ќе го носеле на раменици, како што Бог јасно дал упатства. Иако Давид често го прашувал Јехова, во оваа прилика пропуштил да го стори тоа на исправен начин. Резултатот бил катастрофален. Подоцна Давид признал: „Нѐ погуби Господ, нашиот Бог . . . затоа што не Го баравме онака како што треба“ (1. Летописи 13:1—3; 15:11—13; Броеви 4:4—6, 15; 7:1—9).

13. Кое потсетување било вклучено во една песна што се пеела кога ковчегот бил успешно пренесен?

13 Кога Левитите конечно го пренеле ковчегот од домот на Овид-Едом во Ерусалим, се пеела една песна што ја составил Давид. Во неа било вклучено срдечното потсетување: „Барајте го Господа и Неговата сила, барајте го секогаш Неговото лице! Спомнете си за чудата што ги направи, за Неговите чуда и за судовите на Неговата уста“ (1. Летописи 16:11, 12).

14. Како можеме да извлечеме корист од добриот пример на Соломон, но и од грешките што ги направил подоцна во животот?

14 Пред својата смрт, Давид го советувал својот син Соломон: „Ако Го бараш [Јехова], ќе биде најден од тебе“ (1. Летописи 28:9). Кога седнал на престолот, Соломон отишол во Гаваон, каде што се наоѓал шаторот за состаноци, и му принел жртва на Јехова. Таму Јехова му понудил на Соломон: „Барај што да ти дадам“. Како одговор на молбата на Соломон, Јехова великодушно му дал мудрост и спознание за да суди во Израел и на тоа му додал богатство и чест (2. Летописи 1:3—11). Користејќи го архитектонскиот план што Јехова му го дал на Давид, Соломон изградил еден величествен храм. Но, во поглед на своите лични брачни работи, Соломон пропуштил да го бара Јехова. Се оженил со жени што не биле обожавателки на Јехова. Кога бил во постари години, тие го одвратиле неговото срце од Јехова (1. Цареви 11:1—10). Колку и да изгледа дека сме угледни, мудри или учени, важно е ‚да се уверуваме што е прифатливо за Господ‘!

15. Кога Етиопјанинот Зара дошол против Јуда, зошто Аса можел да се моли со доверба дека Јехова ќе ја избави Јуда?

15 Потребата од ова е потенцирана во извештајот за царувањето на Аса, правнук на Соломон. Единаесет години откако Аса станал цар, Етиопјанинот Зара повел милионска војска против Јуда. Дали Јехова ќе ја избави Јуда? Повеќе од 500 години пред тоа, Јехова јасно навел што може да очекува неговиот народ ако го слуша и ако ги држи неговите заповеди, како и што може да очекува ако не го прави тоа (Второзаконие 28:1, 7, 15, 25). Во почетокот на своето царување, Аса ги отстранил од царството жртвениците и столбовите што се користеле за лажно обожавање. Го поттикнал народот ‚да го бара Господа‘. Аса не чекал да се соочи со неволја за да постапи така. Затоа, со вера, Аса можел да го моли Јехова да дејствува во нивна корист. Каков бил исходот? На Јуда ѝ била дадена убедлива победа (2. Летописи 14:2—12).

16, 17. а) Иако Аса бил победник, какво потсетување му дал Јехова? б) Кога Аса постапил немудро, каква помош му била дадена, но како реагирал тој? в) Како можеме да извлечеме корист ако размислиме за однесувањето на Аса?

16 Сепак, кога Аса се вратил како победник, Јехова го испратил Азариј да го пресретне царот и да му рече: „Чујте ме, Асо и сето Јудино и Венијаминово племе! Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако го барате, ќе Го најдете; ако Го оставите, и Тој ќе ве остави вас“ (2. Летописи 15:2). Со обновен жар, Аса го унапредувал вистинското обожавање. Но, 24 години подоцна, кога повторно се соочил со војна, Аса пропуштил да го бара Јехова. Не се консултирал со Божјата реч и не си спомнал за тоа што го направил Јехова кога етиопската војска ја нападнала Јуда. Постапил глупаво и склучил сојуз со Сирија (2. Летописи 16:1—6).

17 Поради ова, Јехова го употребил гледачот Ананиј да го прекори Аса. Аса можел да извлече корист дури и во таа прилика, откако било објаснето Јеховиното гледиште за таа работа. Но, тој се навредил и го ставил Ананиј во зандана (2. Летописи 16:7—10). Колку тажно! Како стојат работите со нас? Дали го бараме Бог, а потоа одбиваме да го прифатиме советот? Кога некој заинтересиран и грижлив старешина ја користи Библијата за да нѐ советува бидејќи се плеткаме со светот, дали покажуваме благодарност за љубезната помош што ни ја дава за да знаеме „што е прифатливо за Господ“?

Не заборавај да прашаш

18. Како можеме да извлечеме корист од зборовите што Елиу му ги кажал на Јов?

18 Кога е под стрес, дури и оној што си изградил добро досие во Јеховината служба, може да потфрли. Кога Јов бил погоден од една одвратна болест, кога ги загубил децата и материјалните поседи и бил лажно обвинет од своите другари, тој станал преокупиран само со себе. Елиу го потсетил: „Никој не вели: ‚Каде е Бог, мојот Творец‘?“ (Јов 35:10). На Јов требало да му се насочи вниманието на Јехова и требало да размисли за тоа како Јехова гледа на таа ситуација. Јов понизно го прифатил ова потсетување и неговиот пример може да ни помогне да го сториме истото и ние.

19. Што пропуштал честопати да прави израелскиот народ?

19 На израелскиот народ му бил познат записот за Божјите постапки со нивната нација. Но, многу често луѓето не си спомнувале за тој запис кога решавале конкретни ситуации во своите животи (Еремија 2:5, 6, 8). Кога се соочувале со одлуки во животот, се стремеле по своето лично задоволство наместо да прашаат „Каде е Јехова?“ (Исаија 5:11, 12).

Продолжи да прашуваш „Каде е Јехова?“

20, 21. а) Кој денес го покажал духот на Елисеј барајќи водство од Јехова? б) Како можеме да го имитираме и да извлечеме корист од нивниот пример на вера?

20 Кога завршила јавната служба на Илија, неговиот помошник Елисеј ја зел наметката што паднала од Илија, отишол на реката Јордан, удрил во водата и прашал: „Каде е Господ, Илиевиот Бог?“ (2. Цареви 2:14). Јехова одговорил покажувајќи дека неговиот дух сега е врз Елисеј. Што можеме да научиме од ова?

21 Нешто слично се случило и во денешно време. Некои од помазаните христијани што предводеле во проповедничкото дело ја напуштиле земната сцена. Оние на кои тогаш им било доверено надгледување го испитувале Писмото и го молеле Јехова за водство. Тие не пропуштиле да прашаат „Каде е Јехова?“ Како резултат на тоа, Јехова продолжил да го води својот народ и да ја благословува нивната активност. Дали ние ја имитираме нивната вера? (Евреите 13:7). Ако да, ќе останеме блиску до Јеховината организација, ќе се оѕвиеме на нејзиното водство и целосно ќе учествуваме во делото што го извршува таа под водство на Исус Христос (Захарија 8:23).

Како би одговорил?

• Со каква намера би требало да прашаме „Каде е Јехова?“

• Како можеме ние денес да го дознаеме одговорот на прашањето „Каде е Јехова?“

• Зошто не биле одговорени некои молитви за божествено водство?

• Кои библиски примери ја илустрираат потребата ‚да се уверуваме што е прифатливо за Господ‘?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Како цар Јосафат го барал Јехова?

[Слика на страница 10]

Зошто Саул се консултирал со спиритистички медиум?

[Слики на страница 12]

Моли се, проучувај и медитирај за да дознаеш „каде е Јехова“