Помош во задржувањето на светоста на крвта
Објавителите на Царството известуваат
Помош во задржувањето на светоста на крвта
НИЗ целата Земја Јеховините слуги покажале лојалност кон Бог во поглед на светоста на крвта (Дела 15:28, 29). Помош за христијанското братство обезбедува класата на верниот и разборит роб (Матеј 24:45—47). Да видиме какви беа резултатите на Филипините.
Подружницата на Филипините известува: „Во 1990 бевме информирани дека претставници од Бетелот во Бруклин ќе одржат семинари овде на Филипините. Беа поканети браќа од неколку азиски подружници, вклучувајќи ги Кореа, Тајван и Хонг Конг. Целта беше да се помогне да се формира Служба за болнички информации во нивните подружници и да се организираат Одбори за контакт со болници. На Филипините во почетокот беа формирани одбори во четири поголеми градови“. Одборите ќе настојуваат да пронајдат лекари што се спремни да соработуваат со нас во поглед на христијанскиот став за крвта. Исто така ќе им помагаат на браќата кога ќе се појават проблеми во кои е вклучена крв.
Ремегио бил избран да служи во Одборот за контакт со болници во Багуио. Како што времето поминувало, лекарите почнале да ја забележуваат оваа служба. Ремегио се сеќава на една прилика кога поголем број лекари што се состанале со Одборот за контакт со болници сакале да знаат како да ги лекуваат пациентите Сведоци што одбиваат крв. Ремегио рече: „Лекарите почнаа да поставуваат прашања, но мозокот ми се закочи зашто прашањата беа многу стручни“. Му се помолил на Јехова да му помогне да се справи со тој предизвик. Ремегио понатаму рече: „По секое прашање, други лекари ќе кренеа рака и ќе кажеа како тие се справиле со слична ситуација“. Ремегио бил среќен за помошта, особено зашто времето за прашања и одговори траело два часа.
Сега во земјата има 21 одбор со вкупно 77 браќа што служат во нив. Данило, еден Сведок што е лекар, вели: „Лекарите сфаќаат дека нивните пациенти Сведоци ги поддржува една организација што љубезно се грижи за нив“. Еден лекар во почетокот се колебал да оперира еден брат без трансфузија на крв. Меѓутоа, братот останал цврсто на својот став. Операцијата била успешно извршена. Службата за болнички информации известува: „Лекарот беше просто вчудовиден од закрепнувањето на братот. Тој рече: ‚На темел на она што се случи овде, ако на некој ваш член му треба операција без крв од ваков вид, со задоволство ќе ја извршам‘ “.