Бродскиот дневник на Ное — има ли значење за нас?
Бродскиот дневник на Ное — има ли значење за нас?
КОГА го дал пророштвото за знакот на неговата присутност и за завршетокот на системот на работи, Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:3, 37). Очигледно, Исус претскажал дека ова што се случува во нашево време има паралела во времето на Ное. Еден доверлив и точен извештај за настаните од времето на Ное може да се покаже како непроценливо богатство.
Дали бродскиот дневник на Ное е такво богатство? Дали ги има обележјата на вистински историски документ? Можеме ли навистина да одредиме кога бил Потопот?
Кога бил Потопот?
Библијата дава хронолошки информации што овозможуваат внимателно да се пресмета почетокот на човечката историја. Во Битие 5:1—29 ја наоѓаме генеалошката лоза од создавањето на првиот човек Адам до раѓањето на Ное. Потопот почнал „на шестотата година на Ноевиот живот“ (Битие 7:11).
За да го одредиме времето на Потопот треба да почнеме од еден централен датум, т.е. мораме да почнеме со датум што е прифатен во световната историја и што одговара на некој конкретен настан запишан во Библијата. Од таквата фиксна точка можеме да направиме пресметки и да одредиме датум за Потопот темелен на грегоријанскиот календар што сега е во општа употреба.
Еден централен датум е 539 пр.н.е., годината кога персискиот цар Кир го поразил Вавилон. Световните извори од времето на неговото владеење вклучуваат вавилонски плочки и документи од Диодориј, Африканиј, Евзебиј и Птолемеј. Поради еден декрет што го издал Кир, еден еврејски остаток го напуштил Вавилон и пристигнал во својата татковина во 537 пр.н.е. Тоа го означило крајот на 70-годишното опустошување на Јуда кое, според библискиот извештај, почнало во 607 пр.н.е. Кога ќе се земе предвид периодот на судиите и владеењето на израелските цареви, можеме да одредиме дека Излезот на Израелците од Египет бил во 1513 пр.н.е. Библиски темелената хронологија нѐ враќа уште 430 години наназад до склучувањето на сојузот со Авраам во 1943 пр.н.е. Потоа мораме да го земеме предвид раѓањето и животниот век на Тара, Нахор, Серух, Рагав, Фалек, Евер и Сала, како и на Арфаксад кој се родил „две години по потопот“ (Битие 11:10—32). Така, почетокот на Потопот можеме да го сместиме во 2370 пр.н.е. a
Паѓаат водите на потопот
Пред да ги разгледаме настаните од времето на Ное, можеби ќе сакаш да прочиташ Битие 7. поглавје, 11. стих до 8. поглавје, 4. стих. Во врска со поројниот дожд, кажано е: „На шестотата година на Ноевиот живот [2370 пр.н.е.], во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот — бликнаа сите извори на бездната, се отворија сите небесни брани“ (Битие 7:11).
Ное ја поделил годината на 12 месеци од по 30 дена. Во древно време, првиот месец
почнувал околу средината на нашиот календарски месец септември. Водите на потопот почнале да паѓаат во „вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот“ и продолжиле да паѓаат 40 дена и 40 ноќи во текот на ноември и декември 2370 пр.н.е.Во врска со Потопот, кажано е и: „Водите се задржаа на земјата сто и педесет денови . . . Водите се повлекуваа бавно од земјата. По сто и педесет денови водите стивнаа, а во седмиот месец, и во седумнаесеттиот ден, бродот застана на горите на Арарат“ (Битие 7:24—8:4). Значи, периодот откако водите ја прекриле земјата до времето кога се повлекле траел 150 дена или пет месеци. Според тоа, арката застанала на горите на Арарат во април 2369 пр.н.е.
Сега можеби ќе сакаш да прочиташ во Битие 8:5—17. Врвовите на планините се појавиле речиси два и пол месеци (73 дена) подоцна, во „десеттиот месец [јуни], а на првиот ден на десеттиот месец“ (Битие 8:5). b Три месеци (90 дена) подоцна — во „шестстотини и првата година на Ноевиот живот, во првиот месец на првиот ден на месецот“, или во средината на септември 2369 пр.н.е. — Ное го отворил покривот на арката. Тогаш можел да види дека ‚површината на земјата била окопнета‘ (Битие 8:13). Еден месец и 27 дена (57 дена) подоцна, „во вториот месец, во седумнаесеттиот [дваесет и седмиот, NW] ден на месецот [средината на ноември 2369 пр.н.е.], земјата беше сува“. Тогаш Ное и неговото семејство излегле на суво тло. Според тоа, Ное и другите поминале една лунарна година и десет дена (370 дена) во арката (Битие 8:14).
Што покажуваат овие прецизни извештаи што вклучуваат настани, детали и временски фактори? Едноставно ова:
еврејскиот пророк Мојсеј, кој изгледа го засновал Битие на извештаите што ги добил, изнесувал факти а не митски приказни. Затоа, Потопот има големо значење за нас денес.Како гледале другите библиски писатели на Потопот?
Како дополнение на извештајот од Битие, во Библијата има многу стихови што укажуваат на Ное или на Потопот. На пример:
1) Истражувачот Езра ги вклучува Ное и неговите синови (Сим, Хам и Јафет) во генеалогијата на нацијата Израел (1. Летописи 1:4—17).
2) Лекарот и евангелскиот писател Лука го вклучува Ное кога ги набројува предците на Исус Христос (Лука 3:36).
3) Апостол Петар повеќе пати го спомнува извештајот за Потопот кога им пишува на сохристијаните (2. Петрово 2:5; 3:5, 6).
4) Апостол Павле зборува за големата вера што Ное ја покажал кога ја градел арката за преживување на неговото семејство (Евреите 11:7).
Може ли да има какво и да било сомнение дека овие инспирирани библиски писатели го прифатиле извештајот за Потопот од Битие? Тие без сомнение го сметале за вистински настан.
Исус и Потопот
Исус Христос имал предчовечко постоење (Пословици 8:30, 31). Тој бил духовно суштество на небото за време на Потопот. Затоа, како очевидец Исус ни ја дава најголемата библиска потврда за Ное и за Потопот. Исус рекол: „Како што беше во деновите на Ное таква ќе биде присутноста на Синот човечки. Зашто како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, мажите се женеа и жените се мажеа, сѐ до оној ден кога Ное влезе во арката; и не обрнаа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37—39).
Дали Исус би користел мит за да нѐ предупреди за доаѓањето на крајот на овој систем на работи? Тешко! Уверени сме дека користел вистински пример за извршувањето на Божјиот суд врз злобните. Да, биле изгубени многу животи, но можеме да извлечеме утеха од тоа што знаеме дека Ное и неговото семејство биле спасени во Потопот.
„Деновите на Ное“ имаат големо значење за оние што живеат денес, за време на „присутноста на Синот човечки“, Исус Христос. Кога го читаме деталниот запис за глобалниот Потоп зачуван во извештајот што го водел Ное, можеме да бидеме сигурни дека тоа е вистински историски документ. И, божествениот извештај за Потопот од Битие има големо значење за нас. Исто како што Ное, неговите синови и нивните жени положиле вера во Божјето средство за спасение, и ние денес можеме да дојдеме под Јеховината заштита на темел на нашата вера во откупната жртва на Исус (Матеј 20:28). Освен тоа, можеме да имаме надеж дека ќе бидеме меѓу преживеаните од крајот на овој злобен систем на работи исто како што бродскиот дневник на Ное покажува дека тој и неговото семејство го преживеале Потопот што му ставил крај на безбожниот свет од тоа време.
[Фусноти]
a За детали за одредување на датумот на Потопот, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страници 458—460, издадена од Јеховините сведоци.
b Keil-Delitzsch Commentary on the Old Testament, том 1, страница 148, наведува: „Веројатно 73 дена откако арката застанала, можеле да се видат врвовите на планините, имено, врвовите на ерменскиот планински предел, со кој била опкружена арката“.
[Рамка на страница 5]
Дали живееле толку долго?
„НОЕ живееше вкупно девет стотини и педесет години; и почина“ вели Библијата (Битие 9:29). Дедото на Ное, Матусал, живеел 969 години — најдолгиот животен век за кој има запис. Просечниот животен век на десетте генерации од Адам до Ное бил над 850 години (Битие 5:5—31). Дали луѓето тогаш живееле толку долго?
Првобитната намера на Бог била човекот да живее засекогаш. Првиот човек, Адам, бил создаден со можноста да ужива живот што никогаш нема да заврши ако му е послушен на Бог (Битие 2:15—17). Но Адам не послушал и ја изгубил таа можност. По 930 години постоење, поминати во бавен процес на умирање, Адам се вратил во земјата од која што бил земен (Битие 3:19; 5:5). Првиот човек ги пренел во наследство гревот и смртта на сите свои потомци (Римјаните 5:12).
Меѓутоа, луѓето што живееле во тој период биле поблизу до првобитното совршенство и изгледа дека поради тоа уживале подолг животен век отколку оние што биле родени подоцна. Според тоа, човечкиот животен век бил близу илјада години во периодот пред Потопот, брзо опаѓајќи по Потопот. На пример, Авраам живеел само 175 години (Битие 25:7). А околу 400 години по смртта на тој верен патријарх, пророкот Мојсеј напишал: „Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност“ (Псалм 90:10). Ситуацијата денес е иста.
[Табела/слики на страници 6 и 7]
Пресметување од декретот на Кир со кој им дозволува на Евреите да се вратат од изгнанство, до Потопот од времето на Ное
537 Декретот на Кир c
539 Поразот на Вавилон од страна
на Кир Персиецот
68 години
607 Почнува 70-годишното опустошување на Јуда
906 години
надгледување од
водачи,
судии и
израелски цареви
1513 Излегувањето на Израел од Египет
430 years 430-годишен период кога Израелевите синови
живееле во египетската и хананската земја
1943 Авраамовиот сојуз станува правосилен
205 години
2148 Раѓањето на Тара
222 години
2370 Почеток на Потопот
[Фуснота]
c Објавата на Кир за ослободување на Евреите од изгнанство била дадена „во првата година на персискиот цар Кир“, веројатно во 538 пр.н.е. или на почетокот на 537 пр.н.е.