Остани цврст и победи во трката за живот
Остани цврст и победи во трката за живот
КОГА би морал да патуваш по бурно море, со што би сакал да патуваш? Со некое климаво чамче или со некој цврст, добро изграден брод? Без сомнение би го избрал бродот зашто тој може поуспешно да ги совлада силните бранови.
Додека пловиме низ овој бурен и опасен систем на работи, се соочуваме со вознемирувачки предизвици. На пример, младите луѓе можеби понекогаш ќе се чувствуваат изгубени и несигурни среде збунувачките идеи и трендови во овој свет. Поединци што неодамна почнале да одат по христијанскиот пат можеби сѐ уште се чувствуваат некако несигурни. Дури и некои цврсти поединци со долги години верна служба за Бог зад себе можеби ќе претрпат некој испит затоа што нивните очекувања сѐ уште не се исполниле сосема.
Таквите чувства не се нешто ново. Верните слуги на Јехова, како Мојсеј, Јов и Давид, понекогаш се чувствувале вознемирени (Броеви 11:14, 15; Јов 3:1—4; Псалм 55:4). Сепак, нивниот живот бил обележан со цврста оддаденост кон Јехова. Нивниот добар пример нѐ охрабрува да бидеме цврсти и ние, но Сатана Ѓаволот сака да нѐ одврати од трката за вечен живот (Лука 22:31). Па, како можеме да останеме непоколебливи, „цврсти во верата“? (1. Петрово 5:9). И како можеме да ги зајакнеме нашите соверници?
Јехова сака да бидеме цврсти
Ако сме му верни на Јехова, тој секогаш ќе биде тука за да ни помогне да ја задржиме нашата стабилност. Псалмистот Давид се соочил со повеќе тешки ситуации, но се надевал на Бог и затоа можел да пее: „[Јехова] ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори“ (Псалм 40:2).
Јехова нѐ зајакнува за да ја водиме „добрата борба на верата“ за да можеме ‚цврсто да го зграпчиме вечниот живот‘ (1. Тимотеј 6:12). Исто така ни обезбедува средства за да останеме стабилни и да излеземе како победници од нашата духовна војна. Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните ‚и понатаму да стекнуваат моќ во Господ и во моќта на неговата сила‘ и ‚да ја облечат потполната воена опрема од Бог за да можат да стојат цврсто против Ѓаволовите сплетки‘ (Ефешаните 6:10—17). Но, што може да нѐ разниша? И како можеме да се одбраниме од таквите опасни влијанија?
Чувај се од дестабилизирачките фактори
Мудро е да го запамтиме овој важен факт: Одлуките што ги донесуваме, на крај ќе влијаат врз нашата христијанска
стабилност или позитивно или негативно. Младите се соочени со одлуки во врска со работи како што се кариера, натамошно образование и брак. Возрасните можеби ќе мораат да одлучат дали ќе се преселат на друго место или дали ќе прифатат дополнителна работа. Секој ден донесуваме одлуки за тоа како го користиме времето и за многу други работи. Што ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки што ќе придонесат за нашата стабилност како Божји слуги? Една долгогодишна христијанка рекла: „Го молам Јехова да ми помогне кога донесувам одлуки. Верувам дека е важно да го прифатиме и да го примениме советот што се дава во Библијата, на христијанските состаноци, од старешините и во библиски темелените публикации“.Кога донесуваме одлуки, добро ќе биде да се запрашаме: ‚За пет или десет години, ќе бидам ли среќен со одлуките што ги донесувам денес или ќе зажалам поради нив? Настојувам ли да се осигурам дека моите одлуки нема да ме дестабилизираат духовно туку ќе придонесат за мојот духовен напредок?‘ (Филипјаните 3:16).
Тоа што подлегнале на искушенијата или си дозволиле себеси да дојдат многу близу до точка да ги прекршат Божјите закони, навело некои крстени поединци да водат нестабилен живот. Некои што биле исклучени од собранието затоа што непокајнички следеле грешен правец напорно работеле на тоа повторно да бидат примени, само за пак да бидат исклучени — понекогаш и кратко време потоа — поради сличен престап. Можно ли е дека не се молеле Бог да им помогне да ‚се гадат од злото и да се држат цврсто за доброто‘? (Римјаните 12:9; Псалм 97:10). Сите треба да ги ‚израмнуваме патеките за своите нозе‘ (Евреите 12:13). Затоа, да разгледаме некои точки што можат да ни помогнат да задржиме духовна стабилност.
Остани цврст со помош на христијанската активност
Еден начин да задржиме рамномерно темпо во нашата трка за живот е да бидеме зафатени во делото на проповедање на Царството. Да, нашата христијанска служба е скапоцена помош за да ги задржиме нашето срце и ум сосредоточени на вршењето на Божјата волја и цврсто фиксирани на наградата вечен живот. Во врска со ова, Павле ги поттикнал Коринќаните: „Браќа мои љубени, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека вашиот труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58). „Цврсти“ значи ‚цврсто фиксирани‘. „Непоколебливи“ може да означува ‚некој да не дозволи да изгуби цврсто тло под нозете‘. Затоа, тоа што ќе бидеме зафатени во нашата служба може да има стабилизирачки ефект врз нашиот христијански живот. Помагањето на другите луѓе да го запознаат Јехова му дава на нашиот живот смисла и ни донесува среќа (Дела 20:35).
Полин, една христијанка што поминала повеќе од 30 години како мисионер и во друга полновремена проповедничка активност, забележува: „Службата е заштита зашто тоа што им сведочам на другите ми потврдува дека ја имам вистината“. Слично уверување исто така е резултат од тоа редовно да се биде зафатен во други христијански активности, како што е редовно да се оди на состаноците и марливо лично да се проучува Библијата.
Стабилизирани од едно љубезно братство
Да се биде дел од светската организација на вистински обожаватели може да има стабилизирачко влијание врз нас. Колкав само благослов е да се биде поврзан со такво љубезно, глобално братство! (1. Петрово 2:17). И ние можеме да имаме стабилизирачко влијание врз нашите соверници.
Разгледај ги корисните постапки на праведниот човек Јов. Дури и лажниот утешител Елифаз морал да признае: „Со своите зборови ги подигаше истоштените, ги закрепнуваше растреперените колена“ (Јов 4:4). Како стоиме ние во овој поглед? Секој од нас ја има одговорноста да им помага на своите браќа и сестри да истрајат во Божјата служба. Кога сме со нив, можеме да постапуваме во духот на зборовите: „Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена“ (Исаија 35:3). Па тогаш, зошто не си поставиш цел да зајакнеш и охрабриш еден или двајца сохристијани секојпат кога си на состанок со нив? (Евреите 10:24, 25). Охрабрувачките зборови на пофалба и благодарност за нивните постојани напори да му угодат на Јехова можат навистина да им помогнат да останат цврсти со изглед да победат во трката за живот.
Христијанските старешини можат многу да постигнат кога ги охрабруваат поновите. Ова е можно така што ќе понудат корисни предлози и здрав библиски совет и така што ќе работат со нив во службата на теренот. Апостол Павле секогаш користел прилики да ги зајакне другите. Тој копнеел да ги види христијаните во Рим за да може да ги зајакне духовно (Римјаните 1:11). Своите љубени браќа и сестри во Филипи ги сметал за своја ‚радост и круна‘ и ги поттикнал да ‚стојат цврсто во Господа‘ (Филипјаните 4:1). Кога слушнал за тешкотиите на своите браќа во Солун, Павле го испратил Тимотеј да ги ‚зацврсти и утеши за да не биде никој разнишан од овие неволји‘ (1. Солуњаните 3:1—3).
Апостол Павле и апостол Петар ги признале и ги ценеле верните напори на своите сообожаватели (Колошаните 2:5; 1. Солуњаните 3:7, 8; 2. Петрово 1:12). На сличен начин, и ние да не се сосредоточуваме на слабостите на нашите браќа туку на нивните добри особини и нивната успешна борба да останат цврсти и да го слават Јехова.
Ако сме негативни или критички настроени, можеме невнимателно да им отежнеме на некои да ја задржат цврстината во верата. Колку е соодветно да запомниме дека нашите браќа се „одрани и расеани“ во овој систем на работи! (Матеј 9:36). Во христијанското собрание, тие со право очекуваат да најдат утеха и освежување. Затоа сите ние да сториме сѐ што можеме за да ги охрабриме соверниците и да им помогнеме да останат цврсти.
Другите можеби повремено ќе постапуваат со нас на начин што може да ја намали нашата цврстина. Ќе дозволиме ли некој груб коментар или некоја нељубезна постапка да нѐ забават во нашата служба за Јехова? Никогаш да не дозволиме никому да нѐ одвлече од нашата цврстина! (2. Петрово 3:17).
Божјите ветувања — стабилизирачко влијание
Јеховиното ветување за прекрасна иднина под владата на Царството ни дава надеж што ни помага да ја сочуваме нашата цврстина (Евреите 6:19). А увереноста дека Бог секогаш ги исполнува своите ветувања нѐ мотивира да ‚останеме будни и да стоиме цврсто во верата‘ (1. Коринќаните 16:13; Евреите 3:6). Нешто што ни изгледа како одложување на исполнувањето на некои од Божјите ветувања може да ја испита нашата вера. Затоа, неопходно е да сме на штрек за да не бидеме заведени од лажни учења и да не бидеме оддалечени од нашата надеж (Колошаните 1:23; Евреите 13:9).
Лошиот пример на Израелците кои изгинале затоа што немале вера во Јеховините ветувања треба да ни служи како предупредување (Псалм 78:37). Наместо да бидеме како нив, да бидеме цврсти, служејќи му на Бог со чувство на итност во овие последни денови. „Секој ден го живеам како големиот ден на Јехова да е утре“, рекол еден искусен старешина (Јоил 1:15).
Да, големиот ден на Јехова е неизбежен. Меѓутоа, нема од што да се плашиме сѐ додека сме близу до Бог. Ако цврсто се придржуваме за неговите праведни мерила и ако останеме цврсти, можеме успешно да трчаме во трката за вечен живот! (Пословици 11:19; 1. Тимотеј 6:12, 17—19).
[Слика на страница 23]
Правиш ли сѐ што можеш за да им помогнеш на сохристијаните да останат цврсти?
[Извор на слика на страница 21]
The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck