Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто во Стражарска кула од 1 април 2002, на 11. страница, 7. пасус, се вели дека крштавањето во вода на новите еврејски верници на Пентекост 33 н.е. било во симбол на „лично предание на Бог преку Христос“, кога поранешното гледиште беше дека за потопувањето на Евреите од 33 н.е. до 36 н.е. не се барало такво лично предание?
Во 1513 пр.н.е., Јехова Бог им дал на Израелците можност да станат негова света нација под услов да му ‚се покоруваат и го држат Неговиот Завет‘. Тие одговориле: „Ќе правиме сѐ што нареди Господ“ (Излез 19:3—8; 24:1—8).
Со тоа што се согласиле да се придржуваат за сојузот на Мојсеевиот закон, Израелците му се предале на Бог. Наредните генерации Евреи биле родени во таа предадена нација. Меѓутоа, крштавањето на Евреите што од Пентекост 33 н.е. наваму станале следбеници на Исус Христос вклучувало повеќе отколку да му се претстават на Бог како членови на една предадена нација. Тоа го симболизирало нивното предание на Јехова Бог во еден нов однос со него преку Исус Христос. Зошто?
По излевањето на светиот дух врз околу 120 ученици собрани во една горна соба во Ерусалим на Пентекост 33 н.е., апостол Петар застанал и почнал да му проповеда на мноштвото Евреи и прозелити што се собрале за да видат што се случило. Откако дал темелно сведоштво, им рекол на Евреите чијашто совест била вознемирена: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за простување на вашите гревови“. Како одговор на натамошното поттикнување на Петар, ‚оние кои со срце ја прегрнале неговата реч се крстиле, и тој ден биле придодадени околу три илјади души‘ (Дела 2:1—41).
Зарем тие Евреи што биле крстени по поттикот на Петар не биле веќе членови на една предадена нација? Зарем тие не уживале еден предаден однос со Бог? Не. Апостол Павле напишал дека ‚Бог го отстранил од патот Законот приковувајќи го на маченичкиот столб‘ (Колошаните 2:14). Преку смртта на Христос во 33 н.е., Јехова Бог го отстранил сојузот на Законот — самиот темел за Израелците да стапат во предаден однос со Него. Нацијата што го отфрлила Божјиот Син сега била отфрлена од Бог. Оние ‚што биле Израел во телесна смисла‘ повеќе не можеле да тврдат дека се нација предадена на Бог (1. Коринќаните 10:18; Матеј 21:43).
Сојузот на Законот бил укинат во 33 н.е., но Божјиот период на посебна наклоност и внимание кон Евреите не завршил во тоа време. a Тој период требало да продолжи до 36 н.е., кога Петар им проповедал на побожниот Италијанец Корнелиј и неговото домаќинство како и на други не-Евреи (Дела 10:1—48). Кој бил темелот за продолжувањето на оваа наклоност?
„[Месијата] ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица“, се вели во Даниел 9:27. Сојузот што бил склучен за седум години, или „една седмица“, од раѓањето на Исус и почетокот на јавната служба на Месијата во 29 н.е., бил авраамскиот сојуз. За да биде во тој сојузен однос, едно лице едноставно требало да биде еден од еврејските потомци на Авраам. Овој едностран сојуз не му овозможувал на поединецот предаден однос со Јехова. Според тоа, еврејските верници што се подложиле на крштавање по говорот на Петар на Пентекост 33 н.е., иако примале посебно внимание како природни Евреи, немале право на предаден однос со Бог кога сојузот на Законот бил отстранет. Тие требало лично да му се предадат на Бог.
Личното предание од страна на Евреите и прозелитите што се претставиле за крштавање на Пентекост 33 н.е. било неопходно од уште една причина. Апостол Петар ги поттикнал своите слушатели да се покаат и да се крстат во името на Исус. Тоа барало да се откажат од начинот на живот во светот и да го признаат Исус како Господ и Месија, како Првосвештеник и како оној што седи од десната страна на Бог на небото. Тие требало да го повикаат името на Јехова Бог за спасение преку Исус Христос, што вклучувало да практикуваат вера во Христос и да го признаат како свој Водач. Целосниот темел за да се има однос со Бог и да се добие простување на гревовите сега бил сменет. Како поединци, Евреите што верувале требало да ја прифатат оваа нова подготовка. Како? Со тоа што ќе му се предале на Бог и јавно ќе го покажеле тоа со потопување во вода во името на Исус Христос. Крштавањето во вода било симбол на нивното предание на Бог, доведувајќи ги во нов однос со него преку Исус Христос (Дела 2:21, 33—36; 3:19—23).
[Фуснота]
a Кога Исус Христос се вознел на небото и му ја претставил вредноста на својот жртвуван човечки живот на Јехова Бог, сојузот на Мојсеевиот закон бил укинат и бил положен темелот за проречениот „Нов Завет“ (Еремија 31:31—34).