Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пред и потоа — мрачно минато, светла иднина

Пред и потоа — мрачно минато, светла иднина

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“

Пред и потоа — мрачно минато, светла иднина

„РЕЧТА Божја е жива и врши силно влијание оти е поостра од кој и да било меч со две сечила . . . и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Вака рекол апостол Павле за моќта на Божјата порака да продира. Нејзината моќ да допре до срцето била особено очигледна во текот на првиот век н.е. И покрај нездравото влијание во тоа време, оние што станале христијани ја облекле новата личност (Римјаните 1:28, 29; Колошаните 3:8—10).

Моќта на Божјата реч да преобразува, како што е запишано во Библијата, не е ништо помалку очигледна денес. На пример, разгледај го случајот на еден висок, силен човек по име Рикард. Затоа што бил лесно избувлив, Рикард почнувал да се тепа и на најмала провокација. Неговиот живот бил упропастен од насилство. Рикард дури и станал член на еден боксерски клуб. Напорно тренирал и станал шампион во тешка категорија на Вестфалија (Германија). Исто така, Рикард многу пиел и честопати се впуштал во тепачки. Во една таква прилика, еден човек бил убиен и Рикард речиси завршил в затвор.

Што е со бракот на Рикард? „Пред Хајке и јас да ја проучуваме Библијата“, си спомнува Рикард, „секој од нас си одеше по својот пат. Хајке поминуваше многу време со своите пријателки, додека јас уживав во моите хобија — главно боксот, сурфањето и нуркањето.“

Кога Рикард и Хајке почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, Рикард бил совладан од помислата дека ќе мора да направи навидум невозможни промени за да го доведе својот живот во склад со високите мерила изнесени во Божјата реч. Меѓутоа, како што го запознавал Јехова Бог подобро, Рикард развил силна желба да му угоди. Рикард сфатил дека Бог не ги одобрува оние што го сакаат насилството или оние што го користат за забава. Научил дека „[Јехова] од дното на душата го мрази силникот“ (Псалм 11:5).

Освен тоа, надежта да живеат засекогаш во рај на земјата им била многу привлечна и на Рикард и на Хајке. Сакале да бидат таму заедно! (Исаија 65:21—23). Поканата „приближете му се на Бог ‚и тој ќе ви се приближи вам“ длабоко го трогнала Рикард (Јаков 4:8). Тој ја увидел вредноста од тоа да се внимава на инспирираниот совет: „Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта, зашто на Господа му се гнасни развратите, а близок е со праведните“ (Пословици 3:31, 32).

И покрај тоа што имал силна желба да го промени својот начин на живот, Рикард сфатил дека не може да го направи тоа со свои сопствени сили. Ја сфатил потребата да бара помош од Бог во молитва. Затоа постапувал во склад со Исусовите зборови до Неговите апостоли: „Молете се непрестајно за да не паднете во искушение. Духот, секако, е горлив, но телото е слабо“ (Матеј 26:41).

Откако научил како гледа Бог на насилството и на изливите на гнев, во умот на Рикард веќе немало никакво сомневање дека боксот е неприфатлив спорт. Со помошта од Јехова и охрабрувањето од оние што ја проучувале Библијата со него, Рикард прекинал со насилството. Се откажал од боксот и решил да го подобри својот семеен живот. „Тоа што ја дознав вистината од Библијата ми помогна да застанам и да размислам пред да направам нешто“, вели Рикард, кој сега служи како надгледник со благ нарав во едно собрание на Јеховините сведоци. Тој додава: „Начелата за љубов и почит сега ме водат во мојот однос со сопругата и децата. Како резултат на тоа, нашето семејство се зближи“.

Погрешно информираните луѓе понекогаш ги обвинуваат Јеховините сведоци дека ги уништуваат семејствата. Меѓутоа, примерите на поединци како што е Рикард ги побиваат нивните тврдења. Всушност, библиската вистина може да донесе стабилност во домот и светла иднина за оние што имале мрачно минато (Еремија 29:11).

[Истакната мисла на страница 9]

„Надежта за рајска земја ме мотивираше да се променам“

[Рамка на страница 9]

Библиски начела на дело

Библијата може да врши силно влијание во животот на луѓето. Еве некои библиски начела што им помогнале на насилни поединци да се променат:

„Кој е долготрпелив [бавен на гнев, NW] подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град“ (Пословици 16:32). Неконтролираниот гнев е знак на слабост, не на сила.

„Благоразумието [Увидот, NW] го запира човекот од гнев“ (Пословици 19:11). Тоа што има увид и разбира некоја ситуација му помага на човекот да гледа зад очигледните причини за судирот и може да спречи да избувне гнев.

‚Не спријателувај се со гневлив, за да не свикнеш на неговите патишта‘ (Пословици 22:24, 25). Христијаните мудро избегнуваат да се дружат со оние што се склони на гнев.