Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Татијан — апологет или еретик?

Татијан — апологет или еретик?

Татијан — апологет или еретик?

ПРИ крајот на своето трето мисионерско патување, апостол Павле се состанал со постарите мажи во собранието во Ефес. Тој им рекол: „Јас знам дека после моето заминување меѓу вас ќе влезат угнетувачки волци кои нема да постапуваат нежно со стадото, и од вас самите ќе станат луѓе кои ќе зборуваат искривени работи за да ги одвлечат учениците по себе“ (Дела 20:29, 30).

Верно на зборовите на Павле, вториот век н.е. се покажал како време на промени и на проречениот отпад. Гностицизмот, распространето религиозно и филозофско движење што ја загадило верата на некои верници, бил во подем. Гностичарите верувале дека духовните работи се добри, а дека сета материја е зла. Расудувајќи дека сѐ што е телесно е зло, ги отфрлиле бракот и раѓањето, тврдејќи дека потекнуваат од Сатана. Некои од нив верувале дека штом само она што се однесува на духот е добро тогаш не е важно што ќе прави човек со своето физичко тело. Резултат од таквите гледишта бил екстремен начин на живот, или аскетизам или телесно уживање. Гностичарите тврделе дека спасението доаѓа само од мистичниот гностицизам, или самоспознание, не оставајќи простор за вистината од Божјата реч.

Како одговориле оние што тврделе дека се христијани на опасноста од гностицизмот? Некои учени луѓе се побуниле против неговата лажна доктрина, додека други подлегнале на неговото влијание. На пример, Иренеј започнал доживотна борба против еретичките учења. Тој бил образован од Поликарп, човек што бил современик на апостолите. Поликарп се застапувал за цврсто придржување за учењата на Исус Христос и апостолите. Меѓутоа, и покрај тоа што учел под исто туторство, пријателот на Иренеј, Флориниј, на крај ги прифатил учењата на Валентиниј. Тоа навистина биле немирни времиња.

Она што фрла светлина врз климата на тој период се делата на Татијан, угледен писател од вториот век. Каков човек бил Татијан? Како станал христијанин? И како се справил Татијан со влијанието на ересот на гностичарите? Неговите интересни одговори и неговиот пример даваат корисни лекции за оние што ја бараат вистината денес.

Доаѓа во контакт со „извесни варварски записи“

Татијан родум бил од Сирија. Затоа што многу патувал и многу читал, добро ја познавал грчко⁠-​римската култура од тоа време. Татијан дошол во Рим како патувачки оратор. Меѓутоа, додека бил во Рим, го свртел своето внимание кон христијанството. Почнал да се дружи со Јустинијан Маченик, можеби станувајќи негов ученик.

Во еден извештај што открива многу за неговото преобраќање во номинален христијанин, Татијан тврди: „Барав како да ја откријам вистината“. Коментирајќи за своето искуство од читањето на Писмото, тој вели: „Дојдов во контакт со извесни варварски записи, премногу стари за да се споредат со мислењата на Грците и премногу божествени за да се споредат со нивните грешки; и бев наведен да поверувам во нив од нивниот едноставен јазик, неизвештачената искреност на писателите, покажаното предзнаење за идните настани, извонредните одлики на правилата и од објавата дека центарот на владата на универзумот е едно Битие“.

Татијан не се колебал да ги повика своите современици да го испитаат христијанството од тоа време и да се придржуваат за неговата едноставност и јасност што е во спротивност со мракот на паганството. Што можеме да научиме од неговите записи?

Што откриваат неговите записи?

Записите на Татијан го прикажуваат како апологет, писател кој зборува во одбрана на својата вера. Тој имал строг и непријателски настроен став кон паганската филозофија. Во своето дело Address to the Greeks (Обраќање до Грците), Татијан ја нагласува безвредноста на паганството и разумноста на номиналното христијанство. Неговиот стил е многу остар кога изразува презир за грчките правци на размислување. На пример, во врска со филозофот Хераклит, тој вели: „Меѓутоа, смртта ја покажа глупавоста на овој човек; измачуван од водна болест, затоа што ја изучувал вештината на медицината како и на филозофијата, се излепи со кравји измет кој, како што се стврднуваше, го собра месото на целото негово тело така што го раскина на парчиња и така умре“.

Татијан многу го ценел верувањето во еден Бог, Творецот на сите работи (Евреите 3:4). Во Обраќање до Грците, тој се осврнува на Бог како на „Дух“ и вели: „Само Тој е без почеток а самиот Тој е почеток на сите работи“ (Јован 4:24; 1. Тимотеј 1:17). Отфрлајќи го користењето ликови во обожавањето, Татијан пишува: „Како можам да зборувам за дрва и камења како за богови?“ (1. Коринќаните 10:14). Тој верувал дека Речта, или Логос, била создадена како првородена од делата на небесниот Татко и потоа била користена во создавањето на материјалниот универзум (Јован 1:1—3; Колошаните 1:13—17). Во врска со воскресението во одреденото време, Татијан вели: „Веруваме дека ќе има воскресение на тела по крајот на сите работи“. За тоа зошто умираме, Татијан пишува: „Не сме биле создадени да умираме туку умираме по сопствена вина. Нашата слободна волја нѐ уништи; ние, кои сме биле слободни, станавме робови; бевме продадени поради гревот“.

Објаснувањето што Татијан го дава за душата е збунувачко. Тој вели: „Душата сама по себе не е бесмртна, О Грци, туку смртна. Сепак, можно е да не умре. И навистина, ако не ја знае вистината, умира и се распаѓа со телото, но конечно повторно станува со тело на крајот на светот, добивајќи смрт засекогаш“. Што точно мислел Татијан со овие изјави не е јасно. Можно ли е дека, додека се држел за извесни библиски учења, се обидел и да ја задржи наклоноста на своите современици и затоа ги измешал вистините од Писмото со пагански филозофии?

Друго значајно дело на Татијан е Diatessaron, или Хармонија на четирите евангелија. Татијан прв им ги дал Евангелијата на собранијата во Сирија на нивни јазик. Тоа било многу ценето дело, испреплетувајќи ги четирите евангелија во една приказна. Се користело во Сириската црква.

Христијанин или еретик?

Внимателното испитување на записите на Татијан открива дека го познавал Писмото и многу го ценел. За тоа какво влијание имало писмото врз него, пишува: „Не сум желен да се збогатам; го одбивам воениот авторитет; ми се гади од блуд; не сум присилен да станам морнар од незаситна љубов кон богатството . . . не сум опседнат со луда жед по слава . . . Истото сонце е за сите, и една смрт е за сите, сеедно дали живеат во задоволства или немаштија“. Татијан поттикнува: „Биди мртов за светот, отфрлајќи ја бесмисленоста во него. Живеј за Бог и сфаќајќи го, соблечи ја старата природа“ (Матеј 5:45; 1. Коринќаните 6:18; 1. Тимотеј 6:10).

Меѓутоа, разгледај ги записите на Татијан со наслов On Perfection According to the Doctrine of the Savior (За совршеноста според доктрината на Спасителот). Во ова дело тој му го припишува бракот на Ѓаволот. Тврдејќи дека со бракот луѓето би си ги заробиле телата за минливиот свет, Татијан силно го осудува бракот.

Изгледа дека околу 166 н.е., по смртта на Јустинијан Маченик, Татијан или основал или се поврзал со една аскетска секта наречена Енкратити. Нејзините приврзаници ставале нагласок врз строгата самоконтрола и владеењето со своето тело. Тие практикувале аскетизам што барал да се воздржуваат од вино, брак и имот.

Лекција што треба да се научи

Зошто Татијан застранил толку многу од Писмото? Дали станал „заборавлив слушател“? (Јаков 1:23—25). Дали Татијан не успеал да ги отфрли лажните приказни и затоа паднал како плен на човечката филозофија? (Колошаните 2:8; 1. Тимотеј 4:7). Затоа што престапите што ги поддржувал биле толку големи, можно ли е да имал некакво ментално растројство?

Како и да е, записите и примерот на Татијан даваат увид во религиозната клима на тоа време. Тие покажуваат колку штетно може да биде влијанието на светската филозофија. Да го земеме при срце предупредувањето на апостол Павле да избегнуваме „празни разговори кои го сквернават она што е свето, и од противречјата кои лажно се наречени ‚спознание‘ “ (1. Тимотеј 6:20).