Христос им зборува на собранијата
Христос им зборува на собранијата
„Ова го вели оној кој ги држи седумте ѕвезди во десната рака“ (ОТКРОВЕНИЕ 2:1).
1, 2. Зошто треба да бидеме заинтересирани за она што им го рекол Христос на седум собранија во Мала Азија?
ЈЕХОВИНИОТ единороден Син, Исус Христос, е Глава на христијанското собрание. За да го зачува неизвалкано своето собрание од помазани следбеници, Христос го спроведува своето поглаварство давајќи им пофалби и исправки (Ефешаните 5:21—27). Примери за ова има во Откровение поглавја 2 и 3, каде што ги наоѓаме Исусовите силни пораки полни со љубов упатени до седум собранија во Мала Азија.
2 Пред да ги чуе Исусовите зборови до седумте собранија, на апостол Јован му била дадена визија за „Господовиот ден“ (Откровение 1:10). Тој „ден“ започнал кога било воспоставено месијанското Царство во 1914. Затоа, она што Христос им го рекол на собранијата е од пресудна важност во овие последни денови. Неговото охрабрување и совет ни помагаат да излеземе на крај со овие критични времиња (2. Тимотеј 3:1—5).
3. Какво фигуративно значење имаат ‚ѕвездите‘, ‚ангелите‘ и ‚златните свеќници‘ што ги видел апостол Јован?
3 Јован го видел прославениот Исус Христос, кој „ги држи седумте ѕвезди во десната рака“ и кој „оди среде седумте златни свеќници“, односно собранија. ‚Ѕвездите‘ се ‚ангелите на седумте собранија‘ (Откровение 1:20; 2:1). Понекогаш со ѕвезди се симболизирани ангелските духовни суштества, но Христос не би употребил човек за да запише пораки за духовните суштества. Значи, логично е овие „ѕвезди“ да ги означуваат надгледниците помазани со дух, односно старешинските тела. Терминот „ангели“ се однесува на нивната улога на гласници. Бидејќи Божјата организација се зголемила, „верниот настојник“ наименувал за надгледници и квалификувани мажи од Исусовите „други овци“ (Лука 12:42—44; Јован 10:16).
4. Каква корист ќе извлечат старешините ако обрнат внимание на она што им го вели Христос на собранијата?
4 ,Ѕвездите‘ се во десната рака на Исус — во негова власт, контрола, наклоност и заштита. Значи, тие се одговорни пред него. Ако обрнат внимание на неговите зборови до секое од седумте собранија, денешните старешини ќе видат како можат и тие да се справат со слични ситуации. Се разбира, сите христијани треба да го слушаат Божјиот Син (Марко 9:7). Според тоа, што можеме да научиме ако обрнеме внимание додека Христос им зборува на собранијата?
На ангелот на Ефес
5. Каков град бил Ефес?
5 Исус го пофалил и го укорил собранието во Ефес. (Прочитај Откровение 2:1—7.) Во овој богат трговски и религиозен центар на западниот брег на Мала Азија се наоѓал огромниот храм на божицата Артемида. Иако Ефес бил исполнет со неморал, лажна религија и практикување на магија, Бог ја благословил службата што апостол Павле и другите ја извршувале во тој град (Дела, 19. поглавје).
6. На кој начин лојалните христијани денес се како христијаните во древниот Ефес?
6 Христос го пофалил собранието во Ефес, велејќи: „Ги знам твоите дела, и твојот труд и истрајноста, и дека не можеш да поднесуваш зли луѓе, и дека си ги искушал оние кои велат дека се апостоли, а не се, и си утврдил дека се лажливци“. Денес, собранијата на Исусовите вистински следбеници имаат сличен запис на добри дела, напорна работа и истрајност. Тие не ги поднесуваат лажните браќа што сакаат да бидат сметани за апостоли (2. Коринќаните 11:13, 26). Исто како ефешаните, лојалните христијани денес ‚не можат да поднесуваат зли луѓе‘. Затоа, за да ја одржат чистотата на Јеховиното обожавање и да го заштитат собранието, тие не се дружат со непокајнички отпадници (Галатите 2:4, 5; 2. Јованово 8—11).
7, 8. Кој сериозен проблем постоел во собранието во Ефес, и како би можеле и ние да се справиме со некоја слична ситуација?
7 Сепак, христијаните во Ефес имале еден сериозен проблем. „Ова го имам против тебе“, рекол Исус, „што ја остави љубовта што ја имаше во почетокот“. Членовите на тоа собрание требало повторно да ја разгорат својата прва љубов кон Јехова (Марко 12:28—30; Ефешаните 2:4; 5:1, 2). И ние мораме да се чуваме да не ја изгубиме нашата прва љубов кон Бог (3. Јованово 3). Но, што ако во животот почнат да ни стануваат најважни работите како што се желбата за материјални богатства или стремежот по задоволства? (1. Тимотеј 4:8; 6:9, 10). Тогаш треба горливо да се молиме Бог да ни помогне да ги замениме таквите склоности со длабока љубов кон Јехова и со благодарност за сѐ што тој и неговиот Син направиле за нас (1. Јованово 4:10, 16).
8 Христос ги поттикнал ефешаните: „Сети се од што си паднал, и покај се и прави ги поранешните дела“. Што ќе се случело ако не постапеле така? „Доколку не го сториш тоа“, рекол Исус, „ќе дојдам кај тебе и ќе го тргнам твојот свеќник од неговото место“. Ако сите овци ја изгубеле својата прва љубов, ‚свеќникот‘, односно собранието, повеќе немало да постои. Затоа, како ревносни христијани, да се напрегаме собранието да продолжи духовно да свети (Матеј 5:14—16).
9. Како треба да гледаме на секташтвото?
9 За пофалба било тоа што ефешаните ги мразеле „делата на Николовата секта“. Освен она што е кажано во Откровение, не е познато ништо поконкретно за потеклото, учењата и обичаите на оваа секта. Меѓутоа, бидејќи Исус го осудил следењето на луѓе, треба да продолжиме да го мразиме секташтвото, како што го мразеле и христијаните во Ефес (Матеј 23:10).
10. Што ќе доживеат оние кои ќе обрнат внимание на тоа што го вели духот?
10 „Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата“, рекол Христос. Додека бил на земјата, Исус зборувал под влијание на Божјиот дух (Исаија 61:1; Лука 4:16—21). Затоа, треба да обрнеме внимание на она што го вели Бог преку него со посредство на светиот дух. Под водство на духот, Исус ветил: „На оној кој ќе победи ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое е во Божјиот рај“. За помазаниците, кои обрнуваат внимание на она што го вели духот, ова значи бесмртност во небесниот „Божји рај“, односно самото присуство на Јехова. ‚Големото мноштво‘, кое исто така слуша што вели духот, ќе ужива во рај на земјата каде што ќе пијат од една „река со вода на животот“ и ќе бидат излекувани од „лисјата на дрвјата“ (Откровение 7:9; 22:1, 2; Лука 23:43).
11. Како би можеле да поттикнуваме на љубов кон Јехова?
11 Ефешаните ја изгубиле својата прва љубов, но што ако и денес во некое собрание почне да се развива слична ситуација? Нека секој од нас поттикнува на љубов кон Јехова зборувајќи за неговите патишта полни со љубов. Можеме да ја изразиме нашата благодарност за љубовта што ја покажал Бог со тоа што обезбедил откуп преку својот драг Син (Јован 3:16; Римјаните 5:8). Кога е соодветно, можеме да ја спомнеме Божјата љубов во нашите коментари или во програмските точки на состаноците. Можеме да ја покажеме нашата љубов кон Јехова фалејќи го неговото име во христијанската служба (Псалм 145:10—13). Да, нашите зборови и постапки можат многу да помогнат да се разгори или зајакне првата љубов на собранието.
На ангелот на Смирна
12. Што открива историјата во врска со Смирна и тамошните религиозни обичаи?
12 Собранието во Смирна било пофалено од Христос, „ ,Првиот и Последниот‘, кој умре па оживеа“ преку воскресение. (Прочитај Откровение 2:8—11.) Смирна (сега Измир, Турција) бил изграден на западниот брег на Мала Азија. Грците го населиле овој град, но Лидијците го уништиле некаде околу 580 пр.н.е. Оние што го наследиле Александар Велики повторно го изградиле градот Смирна на една нова локација. Тој станал дел од римската провинција Азија и бил успешен трговски центар прочуен по убавите јавни згради. Поради храмот на цезарот Тибериј, тој станал центар на обожавање на императорот. Обожавателите требало да запалат сосема малку темјан и да речат „Цезар е Господ“. Христијаните не можеле да се подложат на ова барање затоа што за нив „Исус е Господ“. Од таа причина, тие трпеле неволја (Римјаните 10:9).
13. Иако биле материјално сиромашни, во која смисла христијаните во Смирна биле богати?
13 Освен неволја, христијаните во Смирна трпеле и сиромаштија, веројатно поднесувајќи економски рестрикции затоа што не сакале да учествуваат во обожавањето на императорот. Јеховините слуги денес не се имуни на слични испити (Откровение 13:16, 17). Иако се материјално сиромашни, оние што се како христијаните во Смирна се духовно богати, а тоа е најважно! (Пословици 10:22; 3. Јованово 2).
14, 15. Каква утеха можат да добијат помазаниците од Откровение 2:10?
14 Повеќето Евреи во Смирна биле „синагога на Сатана“ затоа што се држеле за небиблиски традиции, го отфрлиле Божјиот Син и хулеле на неговите следбеници родени со дух (Римјаните 2:28, 29). Но, каква само утеха можат да добијат помазаниците од следните зборови на Христос! Тој вели: „Не плаши се од она што ќе го претрпиш. Гледај! Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани, и ќе имате неволја десет дена. Покажи се верен до самата смрт, и ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:10).
15 На Исус не му било страв да умре во поддршка на Јеховиниот суверенитет (Филипјаните 2:5—8). Иако Сатана сега води војна против помазаниот остаток, тие не се плашат од она што мораат да го претрпат како група — неволја, затвор или насилничка смрт (Откровение 12:17). Тие ќе бидат победници над светот. И наместо пропадлив цветен венец што го носеле како круна победниците во паганските игри, Христос им ја ветува на воскреснатите помазаници „круната на животот“ како бесмртни суштества на небото. Колку само скапоцен подарок!
16. Ако сме поврзани со некое собрание како што било собранието во древна Смирна, на кое спорно прашање треба да го сосредоточиме нашето внимание?
16 Што ако ние, сеедно дали нашата надеж е небесна или земна, сме поврзани со некое собрание како што било собранието во древна Смирна? Во тој случај, да им помогнеме на соверниците да се сосредоточат на главната причина зошто Бог допушта прогонство — спорното прашање за универзалната сувереност. Секој Сведок на Јехова што го задржува својот интегритет докажува дека Сатана е лажливец и покажува дека дури и човек што трпи прогонство може да биде непоколеблив застапник на Божјето право да владее како универзален Суверен (Пословици 27:11). Да ги охрабриме другите христијани да истраат во прогонството и, како резултат на тоа, да ја имаат постојаната ‚предност бестрашно да му принесуваат [на Јехова] света служба во лојалност и праведност пред него во сите нивни денови‘ — и засекогаш (Лука 1:68, 69, 74, 75).
На ангелот на Пергам
17, 18. На какво обожавање бил центар Пергам, и што можело да значи одбивањето да се учествува во такво идолопоклонство?
17 Собранието во Пергам добило и пофалба и исправка. (Прочитај Откровение 2:12—17.) Сместен околу 80 километри северно од Смирна, Пергам бил град потонат во паганска религија. Изгледа дека халдејските маги (астролози) побегнале таму од Вавилон. Во прочуениот пергамски храм на Асклепиј, лажниот бог на здравјето и медицината, доаѓале болни луѓе. Со својот храм посветен на обожавањето на цезарот Август, Пергам бил наречен „главен центар на култот на императорот во раната империја“ (Encyclopædia Britannica, 1959, том 17, страница 507).
18 Во Пергам имало еден жртвеник посветен на Зевс. Овој град бил и седиште на обожавањето на луѓе, кое било инспирирано од Ѓаволот. Не е ни чудо што за тоа собрание било речено дека престојува онаму каде што бил „престолот на Сатаната“! Одбивањето да го обожава императорот можело да значи смрт за оној што го поддржувал Јеховиниот суверенитет. Светот сѐ уште лежи во моќта на Ѓаволот и денес се идолизираат државни симболи (1. Јованово 5:19). Од првиот век па сѐ до денешно време, многу верни христијани биле измачувани, како што бил измачуван и Антипа, кого Христос го нарекол „мојот сведок, верниот, кој е убиен кај вас“. Јехова Бог и Исус Христос сигурно се сеќаваат на тие лојални слуги (1. Јованово 5:21).
19. Што направил Валаам, и од што мораат да се чуваат сите христијани?
19 Христос зборувал и за „учењето на Валаам“. Лаком за материјална добивка, лажниот пророк Валаам се обидел да го проколне Израел. Кога Бог ја претворил неговата клетва во благослов, Валаам соработувал со моавскиот цар Валак и намамил многу Израелци во идолопоклонство и сексуален неморал. Христијанските старешини треба да бидат цврсти за праведноста исто како што бил Финес, кој презел чекори против она што го смислил Валаам (Броеви 22:1—25:15; 2. Петрово 2:15, 16; Јуда 11). Всушност, сите христијани мораат да се чуваат од идолопоклонство и да внимаваат да не се вовлече сексуален неморал во собранието (Јуда 3, 4).
20. Ако на некој христијанин почнат да му се вртат во главата отпаднички гледишта, што треба да направи?
20 Собранието во Пергам било во голема опасност затоа што дозволило меѓу нив да има такви ‚кои цврсто се држат за учењето на Николовата секта‘. Христос му рекол на тоа собрание: „Покај се. Ако не се покаеш, ќе дојдам кај тебе брзо, и ќе војувам со нив со долгиот меч на мојата уста“. Секташите сакаат духовно да им наштетат на христијаните, а оние што се решени да унапредуваат поделби и секти нема да го наследат Божјето Царство (Римјаните 16:17, 18; 1. Коринќаните 1:10; Галатите 5:19—21). Ако на некој христијанин почнат да му се вртат во главата отпаднички гледишта и сака да ги шири, нека внимава на предупредувањето од Христос! За да се спаси од катастрофа, треба да се покае и да побара духовна помош од старешините во собранието (Јаков 5:13—18). Многу е важно да се дејствува веднаш, бидејќи Исус доаѓа брзо за да изврши суд.
21, 22. Кој зема од „скриената мана“, и што симболизира тоа?
21 Верните помазани христијани и нивните лојални придружници не треба да се плашат од претстојниот суд. Сите оние што обрнуваат внимание на Исусовиот совет даден под водство на Божјиот свет дух, ги очекуваат благослови. На пример, помазаниците што го победуваат светот ќе бидат повикани да јадат од „скриената мана“ и ќе им биде дадено „бело камче“ на кое е напишано „ново име“.
22 Бог обезбедил мана за да ги одржи во живот Израелците за време на нивното 40-годишно патување низ пустелијата. Малку од тој „леб“ се чувал во еден златен ќуп во ковчегот на сојузот и така бил скриен во Најсветата Светиња на шаторот, каде што една чудесна светлина ја симболизирала Јеховината присутност (Излез 16:14, 15, 23, 26, 33; 26:34; Евреите 9:3, 4). Никому не му било дозволено да јаде од таа скриена мана. Но, кога ќе воскреснат, Исусовите помазани следбеници добиваат бесмртност, која е симболизирана со тоа да се јаде од „скриената мана“ (1. Коринќаните 15:53—57).
23. Какво значење имаат ‚белото камче‘ и ‚новото име‘?
23 Црното камче носело осуда во римските судови, додека белото камче значело ослободување од вина. Тоа што Исус им дава „бело камче“ на помазаните христијани што се победници покажува дека ги прогласува за невини, чисти и неизвалкани. Бидејќи римјаните користеле камчиња и како влезница за некои важни приредби, ‚белото камче‘ може да означува дека на помазаниците им е дозволено да имаат место на небото за свадбата на Јагнето (Откровение 19:7—9). Изгледа дека ‚новото име‘ ја означува предноста да бидат обединети со Исус како сонаследници во небесното Царство. Колку само сето ова ги охрабрува помазаниците и нивните придружници во Јеховината служба, кои се надеваат да живеат на рајска земја!
24. Каков став треба да заземеме во поглед на отпадот?
24 Мудро е да не заборавиме дека собранието во Пергам било во опасност од отпадници. Ако некоја слична ситуација ѝ се заканува на духовната благосостојба на собранието со кое сме поврзани ние, да го отфрлиме потполно отпадот и да продолжиме да одиме во вистината (Јован 8:32, 44; 3. Јованово 4). Бидејќи лажните учители или поединците што се склони кон отпад можат да го расипат целото собрание, мораме да задржиме цврст став против отпадот и никогаш да не дозволиме злобното наговарање да нѐ спречи да бидеме послушни на вистината (Галатите 5:7—12; 2. Јованово 8—11).
25. За Христовите пораки до кои собранија ќе дискутираме во следната статија?
25 Какви само поттикнувачки зборови на пофалба и совет им кажал прославениот Исус Христос на три од вкупно седум собранија во Мала Азија за кои зборувавме! Меѓутоа, воден од светиот дух, тој имал да каже многу и за останатите четири собранија. За овие пораки, упатени до Тијатира, Сард, Филаделфија и Лаодикија, ќе дискутираме во следната статија.
Како би одговорил?
• Зошто треба да обрнеме внимание на она што им го вели Христос на собранијата?
• Како би можеле да помогнеме да се разгори првата љубов на собранието?
• Зошто може да се рече дека материјално сиромашните христијани во древна Смирна биле, всушност, богати?
• Размислувајќи за ситуацијата во собранието во Пергам, како треба да гледаме на отпадничкото размислување?
[Прашања]
[Карта на страница 10]
(Види во публикацијата)
ГРЦИЈА
МАЛА АЗИЈА
Ефес
Смирна
Пергам
Тијатира
Сард
Филаделфија
Лаодикија
[Слика на страница 12]
‚Големото мноштво‘ ќе ужива во рај на земјата
[Слики на страница 13]
Прогонетите христијани се победници над светот