Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Археолошки докази за постоењето на Исус?

Археолошки докази за постоењето на Исус?

Археолошки докази за постоењето на Исус?

„ДОКАЗИ за Исус запишани на камен.“ Вака гласеше насловната страница на Biblical Archaeology Review (ноември/декември 2002). На оваа насловна страница беше прикажана кутија за коски, или костурница, од варовник што била најдена во Израел. Костурниците биле во широка употреба кај Евреите во текот на краткиот период помеѓу првиот век пр.н.е. и 70 н.е. Она што ја направи оваа костурница особено значајна е еден натпис на арамејски на едната страна. Изучувачите утврдија дека пишува: „Јаков, син на Јосиф, брат на Исус“.

Според Библијата, Исус од Назарет имал брат што се викал Јаков и кој бил сметан за син на Јосиф, сопругот на Марија. Кога Исус Христос поучувал во својот град, вчудовидените луѓе што го слушале прашале: „Зарем не е ова синот на дрводелецот? Зарем мајка му не се вика Марија, а неговите браќа Јаков и Јосиф и Симон и Јуда? И зарем не се сите негови сестри со нас?“ (Матеј 13:54—56, Лука 4:22; Јован 6:42).

Да, натписот на костурницата одговара на описот на Исус Назареќанецот. Ако Јаков што е спомнат во натписот е полубратот на Исус Христос, тогаш тоа би бил „најстариот археолошки доказ за Исус надвор од Библијата“ тврди Андре Лемер, авторитет на полето на древните натписи и автор на претходно споменатата статија во Biblical Archaeology Review. Хершел Шенкс, уредникот на списанието, забележува дека костурницата „е нешто опипливо и видливо што датира од времето на најважната личност што некогаш живеела на земјата“.

Меѓутоа, сите три имиња што можат да се прочитаат на натписот на костурницата биле вообичаени во првиот век. Значи, освен семејството на Исус Христос, можно е дека постоело и друго семејство во кое имало Јаков, Јосиф и Исус. Лемер проценува: „Во Ерусалим во текот на двете генерации пред 70 н.е., имало . . . веројатно околу 20 луѓе што би можеле да се наречат ‚Јаков, син на Јосиф, брат на Исус‘ “. Сепак, тој смета дека има 90 процентни шанси дека Јаков од костурницата е полубратот на Исус Христос.

Има уште еден фактор што ги тера некои да веруваат дека Јаков од натписот е полубратот на Исус Христос. Иако во таквите натписи било вообичаено да се спомне таткото на починатиот, многу ретко се спомнувало името на братот. Затоа некои изучувачи веруваат дека овој Исус мора да бил некоја важна личност, што ги наведува да мислат дека тоа бил Исус Христос, основачот на христијанството.

Дали костурницата е автентична?

Што е костурница? Тоа е кутија, или ковчеже, во која се ставаат коските на починатиот откако телото ќе се распадне во гробот. Многу костурници биле украдени од гробниците околу Ерусалим. Кутијата со натписот на Јаков се појавила на пазарот за старини, а не на некоја официјална археолошка ископина. Се вели дека сопственикот на овој артефакт го купил за неколку стотини долари во 1970-те. Според тоа, потеклото на костурницата е обвиено во мистерија. „Ако не можеш да кажеш каде е најден некој артефакт и каде бил речиси 2.000 години, не можеш да си претпоставуваш дека има врска помеѓу предметот и луѓето што тој ги спомнува“ вели професор Брус Чилтон од Факултетот Бард во Њујорк.

За да надомести за недостигот од археолошка заднина, Андре Лемер ја испрати кутијата во Одделот за геолошко истражување во Израел. Истражувачите таму потврдија дека костурницата е направена од варовник од првиот или вториот век н.е. Тие известија дека „не е најдена никаква трага од употреба на современи алатки или инструменти“. Сепак, библиските изучувачи што беа интервјуирани за The New York Times изразија мислење дека „индиректните докази што ја поддржуваат врската со Исус се веројатно силни, но сепак се само индиректни“.

Списанието Time коментираше дека „речиси ниеден образован човек овие денови не се сомнева дека Исус живеел“. Сепак, мнозина сметаат дека за постоењето на Исус треба да има и други докази освен оние од Библијата. Дали археологијата треба да биде темелот за некој да верува во Исус Христос? Какви докази имаме за историското постоење на „најважната личност што некогаш живеела на земјата“?

[Извори на слики на страница 3]

Лево, костурницата на Јаков: AFP PHOTO/J.P. Moczulski; десно, натпис: AFP PHOTO/HO