Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се служи во една посебна јазична група во Кореја

Да се служи во една посебна јазична група во Кореја

Да се служи во една посебна јазична група во Кореја

ЕДНА мошне одушевена, но сепак тивка група се собра за обласниот конгрес на Јеховините сведоци во летото 1997. Ова беше прв ваков конгрес за глуви лица и за лица со оштетен слух во Кореја. Најголемиот број присутни беше 1.174. Целата програма, вклучувајќи ги говорите, интервјуата и драмата, беше изнесена на корејски знаковен јазик и беше прожектирана на еден голем екран што можеше да се види од секаде во Собирната сала. Тоа беше кулминација на многуте години напорна работа од страна на голем број доброволци.

Ќе дојде време кога во земниот рај „ушите на глувите ќе се отворат“ (Исаија 35:5). За да живе во тој Рај, секој, вклучувајќи ги и глувите, мора најпрво да влезе во духовниот рај, поволната духовна состојба на Божјиот благословен народ. Тие мораат да станат предадени, крстени Сведоци на Јехова, поучени од него (Михеј 4:1—4).

Скромни почетоци

Иако до некој степен на глувите им било проповедано уште во 1960-те, дури во 1970-те неколкумина од нив почнале да присуствуваат на состаноците на Јеховините сведоци во Сеул, главниот град на Кореја. Еден христијански брат кој можел брзо да пишува користел една табла на која ги запишувал главните точки од говорите, вклучувајќи ги и библиските стихови.

Во 1971, во градот Теџон, еден Сведок кој имал глув син почнал да го поучува него и неговите глуви пријатели за пораката за Царството. Од оваа група произлегле неколкумина ревносни поединци што сега служат како столб на подрачјето на знаковен јазик (Захарија 4:10).

Младите спремно се нудат

За глувите лица да стекнат спознание за Јехова и за Исус и на тој начин да тргнат по патот кон живот, требало да се вложи значителен напор и од други доброволци (Јован 17:3). За таа цел, доста голем број Јеховини сведоци научиле знаковен јазик и биле благословени со збогатувачки искуства.

Едно 15-годишно момче, Парк Инсун, си поставил за цел да научи знаковен јазик. За да го направи тоа, станал чирак во една фабрика во која работеле и 20 глуви лица. Осум месеци тесно соработувал со нив за да го научи јазикот и начинот на кој размислуваат. Следната година станал општ пионер, или полновремен објавител на Царството, и работел со една група глуви луѓе што биле заинтересирани за библиската вистина. Групата многу брзо растела и набрзо повеќе од 35 лица присуствувале на состаноците во недела (Псалм 110:3NW).

Оттогаш, за првпат во Сеул, христијанските состаноци биле организирани само на знаковен јазик. Брат Парк Инсун служел како специјален пионер во оваа сѐ поголема група. Тој дотогаш веќе бил вешт со знаковниот јазик. Во текот на неколку месеци, водел 28 домашни библиски студии со глуви луѓе. Многумина од нив напредувале и станале Сведоци на Јехова.

Како резултат на ова мошне активно доброволно дело, во октомври 1976 било формирано првото собрание на знаковен јазик во Сеул, со 40 објавители и двајца општи пионери. Ова ја поттикнало активноста и во другите градови во Кореја. Многумина глуви луѓе гладувале за добрата вест и чекале некој да ги посети.

Работејќи со глувите

Можеби се прашуваш како биле пронајдени глувите. Со многумина се воспоставило контакт преку препораки. Исто така, им се пристапувало на сопствениците на локалните продавници за ориз, кои ги давале имињата и адресите на глувите луѓе. За да се добијат такви информации од помош биле и некои државни служби. Марливото обработување на подрачјето каде што живееле глувите било толку успешно што, со текот на времето, биле формирани четири собранија на знаковен јазик. Многумина млади христијани биле охрабрени да научат знаковен јазик.

Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци додели специјални пионери што научиле знаковен јазик да работат со тие собранија. Во поново време, дипломци од Школата за оспособување на слуги биле доделени во овие собранија и ги зајакнале духовно.

Има и тешкотии што треба да се надминат. Да се служи на ова подрачје бара да се вложи напор да се сфати културата на глувите. Тие се многу отворени во она што го мислат и во она што го прават. Ова понекогаш ги изненадува луѓето и може да доведе до недоразбирања. Освен тоа, кога Сведоците водат домашни библиски студии со глуви луѓе, треба да им помогнат да станат вешти во својот сопствен јазик и да ги охрабрат да ја зголемат својата програма на читање и проучување.

Во секојдневните активности, глувите се соочуваат со тешкотии што во голема мера не им се познати на другите. Комуникацијата со државните служби и здравствените установи, како и едноставните деловни зделки, честопати стануваат голем проблем за нив. Бидејќи Сведоците од блиските собранија нудат љубезна помош, глувите луѓе во христијанското собрание чувствуваат што е вистинско братство (Јован 13:34, 35).

Неформалното сведочење донесува резултати

Во Пусан, главното јужно пристаниште во Кореја, еден Сведок случајно се сретнал со двајца глуви луѓе што на едно ливченце напишале: „Сакаме Рај. Сакаме да ги знаеме стиховите што зборуваат за вечен живот“. Братот ја запишал нивната адреса и се договорил да ги посети. Кога ги посетил, нашол полна соба со глуви што чекале да ја чујат пораката за Царството. Ова искуство го поттикнало да почне да учи знаковен јазик. Наскоро во Пусан било формирано собрание на знаковен јазик.

Еден брат од тоа собрание забележал двајца глуви како комуницираат со знаковен јазик и им пришол. Кога дознал дека штотуку присуствувале на некој религиозен состанок, ги поканил да дојдат во Салата на Царството во два часот попладне истиот тој ден. Дошле и била започната библиска студија. Набрзо потоа, двајцата присуствувале на обласниот конгрес заедно со уште 20 нивни глуви пријатели. Од таа група, неколкумина го предале својот живот на Јехова. Двајца станале собраниски старешини и еден слуга помошник во собранијата на знаковен јазик.

Одлучноста е наградена

Бидејќи некои глуви луѓе живеат на голема оддалеченост од собранијата на знаковен јазик, потребни се голем напор и одлучност за да им се пружи редовна духовна храна од Библијата. На пример, еден 31-годишен човек заработувал од рибарење на еден остров. Библиската порака ја чул од својот помлад брат, со кого Јеховините сведоци стапиле во контакт. Во своите напори да го задоволи својот духовен глад, глувиот рибар со брод пропатувал 16 километри до градот Тонгјонг, на јужниот брег на Кореја. Тоа го направил за да се сретне со еден специјален пионер од собранието на знаковен јазик од градот Масан. Секој понеделник, овој специјален пионер патувал 65 километри само за да води библиска студија со глувиот рибар.

За да присуствува на неделните состаноци во градот Масан, глувиот библиски студент морал да патува 16 километри со брод и потоа уште 65 километри со автобус. Неговата одлучност се исплатила. За неколку месеци, го подобрил својот знаковен јазик, научил повеќе букви од корејската азбука и, што е најважно, го научил единствениот начин на кој може да изгради однос со Јехова. Сфаќајќи ја важноста на состаноците и редовното сведочење, се преселил на подрачјето на собранието на знаковен јазик. Дали било лесно? Не. Морал да се откаже од својата работа како рибар која му носела 3.800 долари месечно, но неговата одлучност била наградена. Откако напредувал во вистината, се крстил и сега среќно му служи на Јехова заедно со своето семејство.

Преведување за глувите

Добрата вест за Царството честопати се пренесува усно. Меѓутоа, за да се пренесе пораката од Божјата реч поточно, неопходно е библиското учење да се изнесе во потраен облик. Затоа, во првиот век искусни постари мажи напишале книги и писма (Дела 15:22—31; Ефешаните 3:4; Колошаните 1:2; 4:16). Во наше време, изобилство духовна храна се обезбедува преку книги и други христијански публикации. Тие се преведени на стотици јазици, вклучувајќи и различни знаковни јазици. За да се прави тоа и на корејски знаковен јазик, во подружницата на канцеларијата има оддел за превод на знаковен јазик. Одделот за видео касети произведува видеокасети на знаковен јазик. Тоа обезбедува духовна храна за глувите објавители на добрата вест и за заинтересираните лица во собранијата низ цела Кореја.

Иако многумина станале вешти во знаковниот јазик и помогнале во производството на видеокасети, обично најдобри преведувачи се децата на глуви родители. Тие го научиле знаковниот јазик уште како деца. Тие не само што точно ги користат знаците туку и ѝ даваат длабоко значење и нагласок на пораката со своите гестови и изрази на лицето, достигајќи ги на тој начин и умот и срцето.

Како што спомнавме, во Кореја сега редовно се одржуваат конгреси и собири на знаковен јазик. За да се оствари ова потребни се многу работа, средства и напор. Но, оние што присуствуваат се благодарни за оваа подготовка. Откако ќе завршат овие собири, мнозина остануваат уште малку, сакајќи да го продолжат здравото друштво и да разговараат за прекрасната духовна храна што била обезбедена. Се разбира, служењето во оваа посебна група си има свои предизвици, но духовните благослови го прават вредно.

[Слика на страница 10]

Видеокасети на знаковен јазик, произведени во Кореја: „Што бара Бог од нас?“, „Да го цениме нашето духовно наследство“, „Предупредувачки примери за нашево време“, и „Почитувај го Јеховиниот авторитет“

[Слики на страница 10]

Во правец на стрелките на часовникот: снимање на видеокасета на знаковен јазик во подружницата во Кореја; подготовка на знаци за теократски изрази; преведувачкиот тим на знаковен јазик; му дошепнуваат на оној што ги покажува знаците за време на снимањето на една видеокасета