Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исус Христос — докази дека живеел на Земјата

Исус Христос — докази дека живеел на Земјата

Исус Христос — докази дека живеел на Земјата

ВЕРУВАШ ли дека постоел човек по име Алберт Ајнштајн? Можеби веднаш ќе речеш ‚да‘, но зошто? Повеќето луѓе не го запознале лично. Сепак, веродостојни извештаи за неговите достигнувања докажуваат дека тој постоел. Влијанието од неговото постоење може да се види во научната примена на неговите откритија. На пример, многу луѓе извлекуваат корист од електричната струја што се произведува со помош на нуклеарна енергија, чиешто ослободување е тесно поврзано со примената на познатата равенка на Ајнштајн, E=mc2 (енергијата е еднаква на масата помножена со брзината на светлината на квадрат).

Истите аргументи може да се применат и на Исус Христос, којшто е признат како највлијателниот човек во историјата. Она што е напишано за него и видливите докази од влијанието што го имал со сигурност докажуваат дека навистина постоел. Колку и да е интересно археолошкото откритие во врска со натписот на Јаков опишано во претходната статија, историското постоење на Исус не зависи од овој или од кој и да било друг артефакт. Факт е дека можеме да најдеме докази за постоењето на Исус во она што световните историчари го напишале за него и за неговите следбеници.

Сведоштво од историчарите

На пример, разгледај го сведоштвото на Јосиф Флавиј, еврејски историчар од првиот век, кој бил фарисеј. Тој се осврнал на Исус во книгата Jewish Antiquities (Еврејски старини). Иако некои се сомневаат во автентичноста на првото осврнување каде што Јосиф го спомнал Исус како Месија, професор Луис Х. Фелдман од Универзитетот Јешива вели дека малкумина се сомневаат во вистинитоста на второто осврнување. Таму Јосиф вели: „Првосвештеникот Ананија ги свикал судиите на Синедрионот и донел пред нив еден човек по име Јаков, братот на Исус кој бил наречен Христос“ (Еврејски старини, ХХ, 200). Да, еден фарисеј, член на сектата чиј поголем број приврзаници биле заколнати непријатели на Христос, го потврдил постоењето на „Јаков, братот на Исус“.

Влијанието од постоењето на Исус можело да се види во активностите на неговите следбеници. Кога апостол Павле бил во затвор во Рим околу 59 н.е., водечките мажи кај Евреите му рекле: ‚За оваа секта знаеме дека насекаде се зборува против неа‘ (Дела 28:17—22). Тие ги нарекле учениците на Исус „оваа секта“. Ако насекаде се зборувало против нив, тогаш световните историчари најверојатно би известиле за нив, зарем не?

Тацит, кој бил роден околу 55 н.е. и кој се смета за еден од најголемите светски историчари, ги спомнал христијаните во своите Анали (Annals). Во извештајот за тоа дека Нерон ги обвинил за големиот пожар во Рим во 64 н.е., тој напишал: „Нерон ѝ ја припишал вината и ѝ наметнал најтешки маки на една класа луѓе омразени поради нивните гнасни дела, меѓу народот наречени христијани. Христос, од кого потекнува името, бил најстрого казнет во текот на владеењето на Тибериј од рацете на еден од нашите прокуратори, Понтиј Пилат“. Деталите од овој извештај се совпаѓаат со информациите од Библијата што се однесуваат на Исус.

Друг писател што коментирал за следбениците на Исус бил Плиниј Помладиот, управител на Витинија. Околу 111 н.е., Плиниј му пишал на императорот Трајан, прашувајќи го како да се справи со христијаните. Луѓето што лажно биле обвинети дека се христијани, напишал Плиниј, постојано би ги повикувале боговите за помош и би го обожавале кипот на Трајан, само за да докажат дека не се христијани. Плиниј продолжил: „Се вели дека оние што навистина се христијани, ништо не може да ги присили да држат кој и да било од овие обичаи“. Ова сведочи за вистинитоста на постоењето на Исус, чиишто следбеници биле спремни да го дадат дури и својот живот затоа што верувале во него.

Откако накратко ги изнесува осврнувањата за Исус Христос и за неговите следбеници од страна на историчарите од првите два века, The Encyclopædia Britannica (издание од 2002) заклучува: „Овие независни извештаи докажуваат дека во древни времиња дури ни противниците на христијанството никогаш не се сомневале во историското постоење на Исус, кое било оспорено за првпат и на неадекватна основа кон крајот на 18, во текот на 19 и во почетокот на 20 век“.

Сведоштво од следбениците на Исус

„Новиот завет ги дава речиси сите докази за историска реконструкција на животот и судбината на Исус и за најраните христијански објаснувања за тоа какво значење имал тој“, вели The Encyclopedia Americana. Скептичарите можеби не ја прифаќаат Библијата како доказ за постоењето на Исус. Сепак, има два вида аргументи темелени на извештаите од Писмото што особено помагаат да се утврди дека Исус навистина живеел на земјата.

Како што видовме, познатите теории на Ајнштајн докажуваат дека тој постоел. На сличен начин, учењата на Исус ја докажуваат вистинитоста на неговото постоење. Да ја земеме за пример Проповедта на гората, добро познат говор што го одржал Исус (Матеј, поглавја 5—7). Апостол Матеј пишувал за впечатокот што таа проповед го оставила: „Мноштвата беа вчудовидени од неговиот начин на поучување; зашто тој ги поучуваше како некој кој има авторитет“ (Матеј 7:28, 29). Што се однесува до ефектот што проповедта го имала врз луѓето низ вековите, професор Ханс Дитер Бец забележал: „Влијанието што го врши Проповедта на гората, општо земено, далеку ги надминува границите на јудаизмот и на христијанството, па дури и на западната култура“. Тој додал дека оваа проповед има „особено универзална привлечност“.

Разгледај ги следниве концизни и практични зборови на мудрост што се наоѓаат во Проповедта на гората: „Кој ќе ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“. „Добро пазете својата праведност да не ја практикувате пред луѓето“. „Никогаш немојте тегобно да се грижите за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе има свои сопствени тегобни грижи“. „Не фрлајте ги своите бисери пред свињи“. „Постојано молете, и ќе ви се даде“. „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“. „Влезете низ тесната порта“. „По нивните плодови ќе ги препознаете“. „Секое добро дрво дава добар плод“ (Матеј 5:39; 6:1, 34; 7:6, 7, 12, 13, 16, 17).

Сигурно си слушнал некои од овие изрази или, пак, нивната суштина. Можеби станале пословици во твојот јазик. Сите тие се земени од Проповедта на гората. Влијанието што оваа проповед го има врз многу луѓе и култури убедливо сведочи за постоењето на „големиот учител“.

Да претпоставиме дека некој го измислил ликот на Исус Христос. Да речеме дека тој човек бил доволно паметен за да ги смисли учењата што Библијата му ги припишува на Исус. Зарем не би го измислил така што би го направил Исус и неговите учења да бидат колку што е можно поприфатливи за сите луѓе? Сепак, апостол Павле забележал: „И Евреите молат за знаци и Грците бараат мудрост; а ние го проповедаме Христос прикован, за Евреите причина за спрепнување, а за нациите безумство“ (1. Коринќаните 1:22, 23). Пораката за прикованиот Христос не им била привлечна ни на Евреите ни на нациите. Меѓутоа, христијаните од првиот век објавувале токму еден таков Христос. Зошто Христос бил опишан како прикован? Единственото задоволително објаснување би било дека писателите на Христијанските грчки списи ја запишале вистината за животот и смртта на Исус.

Друг аргумент што го поткрепува историското постоење на Исус е тоа што неговите следбеници неуморно ги проповедале неговите учења. Само околу триесетина години откако Исус ја започнал својата служба, Павле можел да рече дека добрата вест ‚била проповедана на сето создание што е под небото‘ (Колошаните 1:23). Да, учењата на Исус се рашириле низ древниот свет и покрај противењето. Павле, кој и самиот бил прогонуван како христијанин, напишал: „Ако Христос не станал, нашето проповедање сигурно е залудно, и нашата вера е залудна“ (1. Коринќаните 15:12—17). Кога проповедањето за Христос што не бил воскреснат би било залудно, тогаш проповедањето за Христос што никогаш не постоел би било уште позалудно. Како што прочитавме во извештајот на Плиниј Помладиот, христијаните од првиот век биле спремни да умрат затоа што верувале во Исус Христос. Тие го ризикувале својот живот за Христос зашто тој бил вистинска личност; чекорел по земјата и навистина живеел, како што кажуваат и извештаите од евангелијата.

Си видел докази

Предуслов за христијаните да проповедаат било да веруваат во воскресението на Исус Христос. Во мислите, и ти можеш да си го замислиш воскреснатиот Исус со тоа што ќе го видиш влијанието што тој го има денес.

Токму пред да биде прикован, Исус дал едно опсежно пророштво за неговата идна присутност. Исто така укажал дека ќе биде воскреснат и ќе седне од десната страна на Бог чекајќи го времето кога ќе се справи со своите непријатели (Псалм 110:1; Јован 6:62; Дела 2:34, 35; Римјаните 8:34). Потоа ќе преземе акција и ќе го исфрли Сатана и неговите демони од небото (Откровение 12:7—9).

Кога ќе се случи сето тоа? Исус им го дал на своите ученици ‚знакот на својата присутност и на завршетокот на системот на работи‘. Знакот по кој ќе се препознае неговата невидлива присутност вклучувал големи војни, недостиг на храна, земјотреси, појава на лажни пророци, пораст на беззаконието и тешки болести. Ваквите катастрофални настани требало и да се очекуваат, зашто исфрлањето на Сатана Ѓаволот ќе значело „тешко на земјата“. Ѓаволот слегол во близина на земјата „со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“. Освен тоа, дел од знакот било и тоа дека добрата вест за Царството ќе се проповеда „по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:3—14; Откровение 12:12; Лука 21:7—19).

Како што делчињата на еден мозаик се вклопуваат секое на свое место, така се случуваат и работите што ги прорекол Исус. Од избувнувањето на Првата светска војна во 1914 го гледаме комбинираниот доказ за невидливото присуство на Исус Христос. Тој владее како Цар на Божјето Царство и врши огромно влијание. Тоа што го држиш ова списание во рацете е доказ дека делото на проповедање на Царството се извршува денес.

За уште подобро да го разбереш ефектот од постоењето на Исус, треба да ја проучуваш Библијата. Зошто не ги прашаш Јеховините сведоци за деталите во врска со присутноста на Исус?

[Слики на страница 5]

Јосиф, Тацит и Плиниј Помладиот се осврнале на Исус Христос и неговите следбеници

[Извор на слика]

Сите три слики: © Bettmann/CORBIS

[Слика на страница 7]

Раните христијани биле уверени дека Исус бил вистинска личност