Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што можат да нѐ научат птиците

Што можат да нѐ научат птиците

Што можат да нѐ научат птиците

„ВНИМАТЕЛНО набљудувајте ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат; а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Матеј 6:26). Исус Христос ги кажал овие зборови во една позната проповед што ја изнел на падината на една планина во близината на Галилејското Море. Оние што го слушале не биле само неговите ученици. Биле присутни големо мноштво луѓе од сите делови на земјата што би можеле да станат негови ученици. Многумина од нив биле сиромашни луѓе што ги донеле болните за Исус да ги излекува (Матеј 4:23—5:2; Лука 6:17—20).

Откако ги излекувал сите болни, Исус го свртел вниманието на духовните потреби, кои се поважни. Меѓу поуките што им ги дал била и лекцијата што беше спомната во почетокот.

Небесните птици постојат веќе долго време. Некои од нив се хранат со инсекти, други со овошје и разни семиња. Штом Бог им дал толку изобилна храна на птиците, тогаш сигурно е способен да им помогне на своите човечки слуги да го добијат лебот за тој ден. Тоа може да го направи така што ќе им помогне да најдат работа за да заработат пари за храна. Или можеби ќе помогне самите успешно да си произведуваат храна. Во време на неволји, Бог може да ги поттикне срцата на љубезните соседи и пријатели да ја поделат својата храна со оние што се во немаштија.

Има уште многу работи што можеме да ги научиме ако внимателно ги набљудуваме птиците. Бог ги создал птиците со чудесни инстинкти да градат гнезда во кои ќе ги одгледуваат своите млади. Забележи два различни вида гнезда. На сликата на левата страна е гнездото на африканската карпеста ластовичка. Тоа е изградено на површината на некоја карпа или на ѕидот на некоја куќа. Кровот на таквите гнезда е издадена карпа или, како што е прикажано на оваа слика, стреата на некоја зграда. Подот на гнездото е направен од мали топчиња од кал залепени во облик на филџан. И мажјакот и женката напорно работат за да ги соберат топчињата од кал и може да треба повеќе од месец додека да го завршат гнездото. Потоа го обложуваат со трева и пердуви. И двајцата учествуваат во хранењето на младите. На сликата долу е гнездото на мажјакот на маскираниот ткајач. Оваа вредна африканска птица го гради своето гнездо користејќи ливчиња од трева или лентички од некои други растенија. Може да го изгради гнездото за еден ден и може да исткае повеќе од 30 гнезда во една сезона!

Која е поуката? Ако Бог им дава такви вештини и изобилство материјали за да градат гнезда на птиците, сигурно може да им помогне на своите човечки слуги да го имаат потребното место за живеење. Меѓутоа, Исус покажал дека нешто друго е неопходно ако сакаме Јехова Бог да ни помогне да ги добиеме материјалните работи што ни се потребни. „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“, ветил Исус (Матеј 6:33). Можеби ќе се прашаш: ‚Што е вклучено во тоа да се бара најнапред Божјето Царство?‘ Јеховините сведоци, кои го дистрибуираат ова списание, со задоволство ќе ти одговорат на тоа прашање.