„Бесплатно добивте, бесплатно давајте“
„БЕСПЛАТНО добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). Исус им го дал ова упатство на своите апостоли кога ги испратил да ја проповедаат добрата вест. Дали апостолите го послушале ова упатство? Да, и продолжиле да го прават тоа дури и откако Исус си заминал од земјата.
На пример, кога поранешниот гаталец Симон видел каква чудесна моќ поседуваат апостолите Петар и Јован, тој им понудил да им плати за да му дадат и нему таква моќ. Но, Петар го укорил Симон, велејќи: „Твоето сребро нека пропадне со тебе, зашто мислеше со пари да го стекнеш Божјиот бесплатен дар“ (Дела 8:18—20).
Апостол Павле покажал сличен дух како Петар. Павле можел да си дозволи да им биде финансиски товар на неговите христијански браќа во Коринт. Меѓутоа, тој работел со сопствени раце за да се издржува (Дела 18:1—3). Затоа, можел со увереност да каже дека им ја проповедал добрата вест на Коринќаните „бесплатно“ (1. Коринќаните 4:12; 9:18).
За жал, мнозина што тврдат дека се следбеници на Христос не покажале слична спремност да ‚даваат бесплатно‘. Навистина, многумина од религиозните водачи на христијанскиот свет „поучуваат заради печалба“ (Михеј 3:11). Некои религиозни водачи дури и се збогатиле од парите што ги собрале од своите стада. Во 1989, еден евангелист од САД бил осуден на затворска казна од 45 години. Зошто? Тој „ги мамел оние што го поддржувале и користел дел од парите за да си купи куќи, автомобили, да оди на патувања, па дури и за куќа за куче со клима уред“ (People’s Daily Graphic, 7 октомври 1989).
Во Гана, според Ghanaian Times од 31 март 1990, еден католички свештеник ги зел парите што биле собрани за време на една црковна служба и ги фрлил врз членовите на црквата. „Причината зошто го направил тоа“, се вели во весникот, „било тоа што, како возрасни, се очекувало да приложат банкноти со поголема вредност.“ Не изненадува тоа што многу цркви се обидуваат да подбудат дури и алчност кај своите членови, активно поддржувајќи го коцкањето и други сплетки за да соберат пари.
Спротивно на тоа, Јеховините сведоци се трудат да го имитираат Исус и неговите рани ученици. Тие немаат платено свештенство. Секој Сведок е министер кој има одговорност да им ја проповеда ‚добрата вест за царството‘ на другите (Матеј 24:14). Затоа, повеќе од шест милиони Сведоци низ целиот свет се зафатени со тоа бесплатно да им ја донесат на луѓето „водата на животот“ (Откровение 22:17). На тој начин, дури и оние што „немаат сребреници“ можат да извлечат корист од библиската порака (Исаија 55:1). Иако нивното светско дело се финансира со доброволни донации, тие никогаш не бараат пари. Како вистински министри на Бог, тие не се „трговци со Божјата реч“ туку зборуваат „од искреност, да, како испратени од Бог“ (2. Коринќаните 2:17).
Тогаш, зошто Јеховините сведоци се спремни да им помагаат на другите, и тоа на свој трошок? Што ги мотивира? Дали тоа што даваат бесплатно значи дека тоа го прават без никаква награда за нивните напори?
Одговор на предизвикот на Сатана
Вистинските христијани денес се мотивирани првенствено од желбата да му угодат на Јехова — не да се збогатат. Затоа тие можат да дадат одговор на предизвикот што го покренал Сатана Ѓаволот пред многу векови. Во врска со праведниот човек Јов, Сатана го предизвикал Јехова со прашањето: „Зар Јов се бои напразно од Бог?“ Сатана навел дека Јов му служи на Бог само затоа што Тој го заградил, или заштитил. Кога Јов би бил лишен од неговите материјални добра, тврдел Сатана, ќе го проколнел Бог в лице! (Јов 1:7—11).
За да одговори на овој предизвик, Бог му дозволил на Сатана да го испита Јов, велејќи: „Прави што сакаш со сѐ што има“ (Јов 1:12). Каков бил исходот? Јов докажал дека Сатана е лажливец. Без оглед на тоа какви неволји го снашле, Јов останал лојален. „Својата невиност [интегритет, NW] ќе ја бранам до последен здив!“ рекол тој (Јов 27:5, 6).
Вистинските обожаватели денес покажуваат став сличен на ставот на Јов. Нивната служба за Бог не е мотивирана од материјален интерес.
Божјиот бесплатен дар на незаслужена љубезност
Друга причина зошто вистинските христијани се спремни да ‚даваат бесплатно‘ е тоа што и самите тие ‚добиле бесплатно‘ од Бог. Човештвото е во ропството на гревот и смртта поради гревот на нашиот прататко Адам (Римјаните 5:12). Јехова љубезно направил подготовка неговиот Син да умре со жртвена смрт — нешто што го чинело Бог многу скапо. Човештвото во никој случај не го заслужило ова. Не, тоа е дар од Бог (Римјаните 4:4; 5:8; 6:23).
Затоа, како што е запишано во Римјаните 3:23, 24, Павле им рекол на помазаните христијани: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава, и како бесплатен дар е тоа што се прогласени за праведни по неговата незаслужена љубезност преку ослободувањето со откупнината што ја плати Христос Исус“. Оние што имаат надеж засекогаш да живеат на земјата, на сличен начин, добиваат „бесплатен дар“. Овој дар ја вклучува и привилегијата да бидат прогласени праведни како Јеховини пријатели (Јаков 2:23; Откровение 7:14).
Христовата откупна жртва, исто така, им овозможува на сите христијани да служат како министри на Бог. Апостол Павле напишал: „Јас станав министер на истата [светата тајна] според бесплатниот дар на Божјата незаслужена љубезност“ (Ефешаните 3:4—7). Затоа што се повикани да ја извршуваат оваа служба преку подготовката што не ја заслужиле ниту, пак, можат да ја заслужат, вистинските министри на Бог не можат да очекуваат да бидат материјално платени затоа што ја споделуваат веста за оваа подготовка со другите.
Вечниот живот — дали е себичен мотив?
Тогаш, дали ова значи дека Бог очекува христијаните да му служат без каква и да било надеж за награда? Не, зашто апостол Павле им рекол на своите соверници: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10; Второзаконие 32:4). Напротив, Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Но, зарем ветувањето за вечен живот во Рајот не алудира на себичност? (Лука 23:43).
Вистинските христијани денес се мотивирани првенствено од желбата да му угодат на Јехова — не да се збогатат
Ни најмалку. Една причина е затоа што желбата за вечен живот во Рај потекнува од самиот Бог. Токму тој е оној што ѝ го дал овој изглед на првата човечка двојка (Битие 1:28; 2:15—17). Исто така, тој овозможил да се обнови овој изглед кога Адам и Ева го изгубиле за своето потомство. Така, Бог во својата Реч ветува дека „самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и дека ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Затоа, сосем е во ред денешните христијани, како и Мојсеј од старо време, да гледаат ‚внимателно на добивањето на наградата‘ (Евреите 11:26). Бог не ја нуди оваа награда како поткуп. Ја нуди од искрена љубов кон оние што му служат (2. Солуњаните 2:16, 17). Како одговор, „ние љубиме, бидејќи тој првин нѐ љубеше нас“ (1. Јованово 4:19).
Исправен мотив да му се служи на Бог
Сепак, христијаните денес постојано мораат да ги преиспитуваат своите мотиви зошто му служат на Бог. Во Јован 6:10—13 читаме дека Исус нахранил една толпа од повеќе од пет илјади луѓе. Како резултат на тоа, некои почнале да го следат Исус од чисто себични причини. Исус им рекол: ‚Вие ме барате . . . затоа што јадовте од лебовите и се наситивте‘ (Јован 6:26). Со децении подоцна, некои предадени христијани на сличен начин му принесувале служба на Бог, но „не со чист мотив“ (Филипјаните 1:17). Некои што ‚не се согласувале со здравите зборови на Исус Христос‘ дури барале начини да заработат од дружењето со христијаните (1. Тимотеј 6:3—5).
Денес, еден христијанин што служи само затоа што сака вечно да живее во Рајот може, исто така, да служи од себичен мотив. На крај, последица од тоа може да биде духовен пад. Бидејќи Сатановиот систем на работи изгледа дека трае подолго од очекуваното, може да се ‚умори‘, мислејќи дека крајот е одложен (Галатите 6:9). Можеби дури ќе стане огорчен поради материјалните жртви што ги направил. Исус нѐ потсетува: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Да, човек чијашто првенствена причина за да му служи на Бог е љубовта не става временски граници на својата служба. Тој е одлучен да му служи на Јехова засекогаш! (Михеј 4:5). Не жали за ниедна жртва што ја направил, која е поврзана со неговата служба за Бог (Евреите 13:15, 16). Љубовта кон Бог го тера да ги стави Божјите интереси на прво место во својот живот (Матеј 6:33).
Денес, повеќе од шест милиони вистински обожаватели ‚спремно се нудат‘ во службата за Јехова (Псалм 110:3, NW). Дали си и ти еден од нив? Ако не, тогаш медитирај за она што Бог го нуди: чисто спознание за вистината (Јован 17:3); ослободување од ропството на лажни учења (Јован 8:32); надеж за вечен живот (Откровение 21:3, 4). Јеховините сведоци можат да ти помогнат да научиш како можеш да го добиеш сево ова од Бог — и тоа бесплатно.