Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова секогаш се грижи за нас

Јехова секогаш се грижи за нас

Животна приказна

Јехова секогаш се грижи за нас

РАСКАЖАЛА ЕНЕЛЕСИ МЗАНГА

Беше 1972. Десет млади мажи, членови на младинскиот сојуз на Малави, се втурнаа во нашиот дом, ме зграпчија и ме одвлекоа до блиското поле со шеќерна трска. Таму ме претепаа и ме оставија мислејќи дека сум мртва.

Голем број Сведоци на Јехова во Малави доживеаја сурови напади како овој. Зошто беа прогонувани? Што им помогна да истраат? Ве молам, дозволете ми да ви ја раскажам приказната на моето семејство.

РОДЕНА сум на 31 декември 1921, во религиозно семејство. Татко ми беше пастор во Централноафриканската презвитеријанска црква. Пораснав во Нкома, мало гратче близу Лилонгве, главниот град на Малави. Кога имав 15 години, му станав жена на Емас Мзанга.

Еден ден нѐ посети еден пријател на татко ми, кој исто така беше пастор. Тој забележал дека близу до нашата куќа живеат Јеховини сведоци и нѐ предупреди да не се мешаме со нив. Ни рече дека Сведоците се демонизирани и дека, ако не внимаваме, и нас може да нѐ опседнат демони. Тоа предупредување толку нѐ загрижи што се преселивме во друго село каде што Емас најде работа како продавач. Но, наскоро откривме дека во близина на нашиот нов дом пак има Јеховини сведоци!

Меѓутоа, не помина долго време и длабоката љубов на Емас кон Библијата го поттикна да разговара со еден од Сведоците. Откако доби убедливи одговори на многуте негови прашања, Емас ја прифати понудата на Сведокот да ја проучува Библијата со него. Отпрвин библиската студија се водеше во продавницата каде што работеше, но подоцна седмичната студија се одржуваше во нашиот дом. Секојпат кога Јеховините сведоци ќе дојдеа, јас излегував од дома зашто ми беше страв од нив. Сепак, Емас продолжи да ја проучува Библијата. Се крсти околу шест месеци откако почна да проучува, во април 1951. Меѓутоа, мене не ми кажа зашто се плашеше дека таквата вест ќе значи крај за нашиот брак.

Тешки седмици

Меѓутоа, еден ден мојата пријателка Елен Каѕалеро ми кажа дека мојот сопруг се крстил како Јеховин сведок. Збеснав! Од тој ден, ниту му зборував ниту му готвев. Исто така, престанав да му носам и да му топлам вода за капење — задача што, според нашите обичаи, се сметаше за должност на сопругата.

Откако три седмици го трпеше ваквото однесување, Емас љубезно ме замоли да седнеме и да поразговараме и тогаш ми кажа зошто решил да стане Сведок. Ми прочита и ми објасни неколку стихови, како што е 1. Коринќаните 9:16. Бев длабоко трогната и сметав дека и јас треба да учествувам во проповедањето на добрата вест. Затоа решив да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Таа вечер, на големо олеснување на мојот љубезен сопруг, му направив убава вечера.

Ја споделуваме вистината со семејството и пријателите

Кога нашите родители слушнаа дека се дружиме со Јеховините сведоци, остро ни се спротивставија. Моето семејство ни прати писмо во кое ни рече повеќе да не ги посетуваме. Нивната реакција нѐ разжалости, но имавме доверба во ветувањето на Исус дека ќе имаме многу духовни браќа и сестри и татковци и мајки (Матеј 19:29).

Брзо напредував со мојата библиска студија и се крстив во август 1951, само три и пол месеци по мојот сопруг. Чувствував обврска да ја споделам вистината со мојата пријателка Елен. За среќа, таа ја прифати мојата понуда за библиска студија. Во мај 1952, Елен се крсти и ми стана духовна сестра, што ја зајакна нашата пријателска врска. Денес сѐ уште сме најдобри пријателки.

Во 1954, Емас беше наименуван да ги посетува собранијата како покраински надгледник. Тогаш веќе имавме шест деца. Во тоа време, еден патувачки надгледник што имаше семејство поминуваше една седмица во посета на некое собрание и потоа следната седмица остануваше дома со својата сопруга и децата. Меѓутоа, во седмиците кога беше во посета, Емас секогаш ќе се погрижеше јас да ја водам нашата семејна библиска студија. Се трудевме да направиме децата да уживаат во студијата. Исто така, зборувавме со искрена увереност за нашата љубов кон Јехова и кон вистината од неговата Реч и учествувавме во проповедничкото дело како семејство. Оваа програма на духовна обука ја зајакна верата на нашите деца и послужи да ги подготви за прогонството со кое што допрва требаше да се соочиме.

Почнува религиозното прогонство

Во 1964, Малави стана независна држава. Кога властите од владеачката партија дознаа за нашиот неутрален став во поглед на политиката, се обидоа да нѐ присилат да купиме партиски членски книшки. a Бидејќи јас и Емас одбивме да го сториме тоа, членовите на младинскиот сојуз ни го уништија полето со пченка — нашата главна резерва на храна за следната година. Додека членовите на младинскиот сојуз ја сечеа пченката, пееја: „На сите што ќе одбијат да купат книшки на Камузу [претседателот Банда], термитите ќе им ја изедат зелената пченка, а овие луѓе ќе плачат за неа“. Сепак, иако ја изгубивме храната, не очајувавме. Ја почувствувавме Јеховината грижа. Тој љубезно нѐ зајакна (Филипјаните 4:12, 13).

Доцна една вечер во август 1964, бев сама дома со децата. Спиевме, но ме разбуди еден далечен звук на пеење. Тоа беа Гулевамкулу, озлогласено тајно друштво на племенски танчери што ги напаѓаа луѓето и се преправаа дека се духови на починати предци. Младинскиот сојуз ги испратил Гулевамкулу да нѐ нападнат. Брзо ги разбудив децата и, пред да стигнат напаѓачите до нашата куќа, избегавме во шумата.

Од местото каде што се криевме видовме јака светлина. Гулевамкулу ја запалија нашата куќа со сламен кров. Изгоре до темел, заедно со сѐ што имавме. Додека напаѓачите си заминуваа од купот остатоци од нашиот дом што догоруваше, ги слушнавме како велат: „Убав оган му запаливме на овој Сведок да се згрее“. Колку само му бевме благодарни на Јехова што се спасивме. Точно, ни уништија сѐ што имавме, но не ја уништија нашата решеност да имаме доверба во Јехова наместо во луѓето (Псалм 118:8).

Дознавме дека Гулевамкулу им го направиле ова ужасно нешто уште на пет други семејства на Јеховини сведоци на нашето подрачје. Колку бевме среќни и благодарни кога браќата од соседните собранија ни дојдоа на помош! Тие повторно ги изградија нашите домови и нѐ обезбедија со храна за неколку седмици.

Прогонството се засилува

Во септември 1967 низ земјата беше поведена една кампања сите Јеховини сведоци да бидат насила собрани. За да нѐ најдат, безмилосни и ѕверски насилни млади луѓе — членови на младинскиот сојуз и на пионерите на Малави вооружени со мачети — бараа Сведоци од врата на врата. Кога ќе ги најдеа, им нудеа да им продадат политички партиски книшки.

Кога пристигнаа во нашата куќа, нѐ прашаа дали имаме партиска книшка. Јас им реков: „Не, не сум купила. Нема да купам сега, ниту пак ќе купам во иднина“. Тогаш нѐ зграпчија мене и мојот сопруг и нѐ однесоа во локалната полициска станица, не давајќи ни прилика да земеме што и да било со нас. Кога нашите помали деца си дошле од училиште и не нѐ нашле дома, многу се загрижиле. За среќа, нашиот постар син, Даниел, малку подоцна си дошол и дознал од некој сосед што се случило. Веднаш ги зел своите помали браќа и сестри и тргнале кон полициската станица. Пристигнаа токму кога полицајците нѐ товараа во камиони за да нѐ носат во Лилонгве. И децата дојдоа со нас.

Во Лилонгве, во полициската станица, се одржа едно наместено судење. Полицајците нѐ прашаа: „Ќе останете ли Јеховини сведоци?“ Одговоривме „Да!“, иако овој одговор автоматски значеше затворска казна од седум години. За оние кои „управуваа“ со организацијата, казната беше 14 години.

Откако поминавме една ноќ без храна и сон, полицијата нѐ одведе во затворот Маула. Таму ќелиите беа толку пренатрупани што не можевме да најдеме место за спиење дури ни на подот! Тоалет претставуваше само една кофа во секоја натрупана ќелија. Оброците беа скудни и лошо подготвени. По две седмици, полициските власти сфатија дека сме мирољубиви луѓе и ни дозволија да го користиме затворскиот двор во кој се вежбаше. Бидејќи многумина од нас бевме заедно, секој ден имавме прилика да се охрабруваме еден со друг и да им дадеме убаво сведоштво на другите затворници. На наше изненадување, откако отслуживме околу три месеци од нашата затворска казна, бевме ослободени поради меѓународниот притисок што беше извршен врз владата на Малави.

Полицајците нѐ поттикнаа да се вратиме во нашите домови, но исто така ни кажаа дека Јеховините сведоци се забранети во Малави. Оваа забрана траеше од 20 октомври 1967 до 12 август 1993 — речиси 26 години. Тоа беа тешки времиња, сепак со помош од Јехова, можевме да ја задржиме нашата цврста неутралност.

Гонети како животни

Во октомври 1972, една одлука на владата предизвика нов бран насилно прогонство. Со одлуката беше наредено сите Јеховини сведоци да бидат отпуштени од работа и сите Сведоци што живеат во селата да бидат избркани од нивните домови. Сведоците беа гонети како животни.

Во тоа време, еден млад христијански брат дојде кај нас со итна порака за Емас. ‚Младинскиот сојуз кова завера да ти ја пресечат главата, да ја стават на колец и да им ја однесат на локалните поглавари.‘ Емас брзо замина од дома, но дури откако направи подготовки да му се придружиме колку што е можно поскоро. Набрзина ги испратив и децата на друго место. Тогаш, баш кога сакав и јас да излезам, дојдоа десет члена на младинскиот сојуз, барајќи го Емас. Се втурнаа во куќата но видоа дека го нема. Разгневени овие луѓе ме одвлечкаа до блиското поле со шеќерна трска каде што ме клоцаа и ме удираа со прачки од шеќерна трска. Потоа ме оставија, мислејќи дека сум мртва. Откако се освестив, лазејќи се одвлечкав до дома.

Таа вечер, во мракот, Емас го ризикуваше својот живот враќајќи се дома за да ме побара мене. Кога ме најде тешко претепана, Емас и еден пријател што имаше автомобил внимателно ме ставија во возилото. Тогаш возевме до куќата на братот во Лилонгве, каде што полека се опоравував од нападот, а Емас почна да прави планови да избегаме од земјата.

Бегалци што немаат каде да одат

Нашата ќерка Динеси и нејзиниот сопруг имаа петтонски камион. Вработија еден возач што порано бил член на пионерите на Малави, но кој сочувствуваше со нашата ситуација. Тој доброволно се пријави да ни помогне нам и на други Сведоци. Неколку вечери возачот ги собираше Сведоците од претходно договорените скришни места. Потоа, ја облече неговата униформа на пионер на Малави и помина со натоварениот камион низ неколку полициски блокади. Многу ризикуваше за да им помогне на стотици Сведоци да преминат преку границата, во Замбија.

По неколку месеци, замбиските власти нѐ вратија повторно во Малави; но, не можевме да се вратиме во нашето село. Сѐ што бевме оставиле беше украдено. Дури и кровот од лимени табли беше искорнат од нашата куќа. Немајќи каде да одиме на безбедно, избегавме во Мозамбик и две и пол години останавме во бегалскиот камп во Млангени. Меѓутоа, во јуни 1975, новата влада на Мозамбик го затвори кампот и нѐ присили да се вратиме во Малави, каде што условите за Јеховиниот народ воопшто не беа променети. Немавме друг избор освен вторпат да побегнеме во Замбија. Таму стигнавме до бегалскиот камп Чигумукире.

Два месеца подоцна, на главниот пат се паркира комвој со автобуси и воени камиони и стотици тешко вооружени замбиски војници навлегоа во кампот. Ни рекоа дека за нас се изградени нови убави куќи и дека тие ќе ни обезбедат превоз за да ни помогнат да стигнеме таму. Знаевме дека тоа не беше вистина. Војниците почнаа да ги буткаат луѓето во камионите и автобусите, и се крена паника. Војниците почнаа да пукаат во воздух со своето автоматско оружје и илјади наши браќа и сестри се разбегаа во ужас.

Во таа збрка Емас случајно беше соборен и испогазен, но еден од браќата му помогна да стане. Мислевме дека тоа е почетокот на големата неволја. Сите бегалци тргнаа накај Малави. Додека сѐ уште бевме во Замбија, стигнавме до една река и браќата направија неколку живи синџири за да им помогнат на сите безбедно да преминат. Меѓутоа, од другата страна на реката нѐ чекаа замбиски војници и насила нѐ вратија во Малави.

Повторно назад во Малави, не знаевме каде да одиме. Дознавме дека на политичките собири и во весниците, луѓето беа предупредени да внимаваат на „новите лица“ што пристигнуваат во нивните села, укажувајќи со тоа на Јеховините сведоци. Затоа решивме да одиме во главниот град, каде што немаше да бидеме толку забележителни како во некое село. Успеавме да изнајмиме една мала куќа, и Емас повторно почна со своите тајни посети на собранијата како патувачки надгледник.

Присуство на собраниските состаноци

Што ни помогна да останеме верни? Собраниските состаноци! Во бегалските кампови во Мозамбик и Замбија слободно присуствувавме на состаноците што се одржуваа во едноставни Сали на Царството со сламен кров. Во Малави собирањето за состаноци беше опасно и тешко — но сепак вредеше. За да не бидеме забележани, обично ги одржувавме состаноците доцна навечер во зафрлени места. За да не привлечеме внимание на нашите собири, не аплаудиравме за да ја изразме нашата благодарност кон говорникот туку само ги триевме дланките една од друга.

Крштавањето се вршеше доцна навечер. И нашиот син Абијуди беше крстен во една таква прилика. По говорот за крштавање, тој и другите кандидати за крштавање беа одведени во мракот до едно мочурливо подрачје каде што беше ископана една плитка дупка. Таму беа крстени.

Нашиот мал дом безбедно засолниште

Во текот на подоцнежните години од забраната, нашиот дом во Лилонгве се користеше како скривалиште. Поштата и литературата од канцеларијата на подружницата во Замбија тајно беа испраќани до нашиот дом. Браќата кои служеа како курири доаѓаа кај нас со велосипеди за да ја земат пратката од Замбија и да ја ипорачаат поштата и литературата до сите делови на Малави. Списанијата Стражарска кула што се дистрибуираа беа тенки зашто се печатеа на хартија што се користеше за печатење Библии. Ова им овозможуваше на куририте да пренесуваат двапати повеќе списанија од тоа што би пренесувале доколку списанијата беа печатени на обична хартија. Куририте исто така дистрибуираа и минисписанија Стражарска кула, во кои беа само студиските статии. Едно минисписание беше лесно да се скрие во џебот на кошулата зашто се состоеше од еден лист хартија.

Тие курири ги ризикуваа својата слобода и својот живот кога минуваа со велосипедите низ шумата, понекогаш во мракот на ноќта, со кутии забранета литература натоварени на нивните велосипеди. И покрај полициските блокади и другите опасности, тие патуваа илјадници километри по секакво време за да им однесат духовна храна на своите браќа. Колку беа храбри тие драги курири!

Јехова се грижи за вдовиците

Во декември 1992, додека држеше говор за време на една покраинска посета, Емас доживеа мозочен удар. После тоа повеќе не можеше да зборува. Некое време потоа доживеа уште еден удар, по што едната страна му остана парализирана. Иако му беше тешко да се справи со тоа што го изгуби здравјето, љубезната поддршка што ја добивме од нашето собрание ми го олесни очајот. Можев да се грижам за мојот сопруг сѐ до неговата смрт во ноември 1994, на 76 години. Бевме во брак 57 години, и пред да умре, Емас го виде крајот на забраната. Но, јас сѐ уште жалам што го изгубив мојот верен другар.

Откако останав вдовица, зет ми ја презеде одговорноста да се грижи не само за својата сопруга и петте деца туку и за мене. За жал, по кратко боледување и тој почина, во август 2000. Како ќе најде ќерка ми храна и сместување за нас? Повторно увидов дека Јехова се грижи за нас и дека навистина е „татко на сирачињата, бранител на вдовиците“ (Псалм 68:5). Јехова, преку неговите слуги на земјата, нѐ обезбеди со убав нов дом. Како се случи тоа? Кога браќата и сестрите од нашето собрание ја видоа нашата тешка ситуација, ни изградија куќа за само пет седмици! Дојдоа да помогнат и браќа што се ѕидари од други собранија. Љубовта и љубезноста што ги покажаа овие Сведоци нѐ вчудовиди зашто куќата што ја изградија за нас е подобра од куќите во кои живеат многумина од нив. Овој израз на љубов од собранието им даде убаво сведоштво на нашите соседи. Кога си легнувам навечер, се чувствувам како да сум во Рајот! Да, нашиот убав нов дом е направен од цигли и малтер но, како што многумина рекоа, тоа е куќа што навистина беше изградена со љубов (Галатите 6:10).

Јеховината постојана грижа

Иако понекогаш бев на работ на краен очај, Јехова беше добар кон мене. Седум од моите девет деца сѐ уште се живи, а моето семејство сега има 123 члена. Колку сум благодарна што повеќето од нив верно му служат на Јехова!

Денес, на 82 години, исполнета сум со радост кога гледам што сѐ постигна Божјиот дух во Малави. Само во последните четири години, видов како бројот на Сали на Царството се зголеми од една на преку 600. Сега имаме и нова канцеларија на подружницата во Лилонгве, и уживаме во неограничен прилив од зајакнувачка духовна храна. Навистина сметам дека го доживеав исполнувањето на Божјето ветување од Исаија 54:17, каде што сме уверени: „Не ќе успее оружјето исковано против тебе“. По повеќе од 50 години во Јеховината служба, уверена сум дека сеедно со какви испити ќе се соочиме, Јехова секогаш се грижи за нас.

[Фуснота]

a За повеќе информации во врска со историјата на Јеховините сведоци во Малави, види го Годишникот на Јеховините сведоци за 1999 на српски јазик, страници 149—223, издаден од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 24]

Мојот сопруг, Емас, беше крстен во април 1951

[Слика на страница 26]

Група храбри курири

[Слика на страница 28]

Куќа изградена со љубов