Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ги цениш ли постарите соверници?

Ги цениш ли постарите соверници?

Ги цениш ли постарите соверници?

КОГА народот од древниот Израел бил во сојузен однос со Бог, му било заповедано: „Стани пред седа глава; почитувај го лицето на старецот; бој се од твојот Бог“ (Левит 19:32). Значи, почитта кон постарите била света должност, поврзана со подложноста на Бог. Иако христијаните денес повеќе не се под Мојсеевиот закон, тој нѐ потсетува дека Јехова ги смета своите постари слуги за вредни и скапоцени (Пословици 16:31; Евреите 7:18). Дали и ние го одразуваме Јеховиното гледиште? Дали ги цениме нашите постари христијански браќа и сестри?

Тој го ценел својот постар пријател

Еден библиски извештај што го нагласува покажувањето на почит кон постарите се наоѓа во Втората книга цареви. Во неа е содржан опис на тоа како помладиот пророк Елисеј го наследил пророкот Илија. Разгледај што се случило на последниот ден на Илија како пророк во десетплеменското царство Израел.

Тој ден, Јехова го упатил остарениот пророк да патува од Галгал до Ветил, од Ветил до Ерихон и од Ерихон до реката Јордан (2. Цареви 2:1, 2, 4, 6). Во текот на тоа патување од речиси 50 километри, Илија трипати му рекол на Елисеј да не го следи повеќе. Меѓутоа, како што со векови пред тоа младата Рута одлучно одбила да ја остави Ноемина, така и Елисеј одбил да го остави постариот пророк (Рута 1:16, 17). Елисеј трипати рекол: „Жив ми Господ и жива ми твојата душа јас нема да те оставам!“ (2. Цареви 2:2, 4, 6). Дотогаш, Елисеј веќе шест години му помагал на Илија. Сепак, сакал да служи со Илија колку што е можно подолго. Всушност, извештајот додава: „Како што одеа и си разговараа по патот . . . Илија се понесе“ (стих 11ПСП). Илија и Елисеј разговарале сѐ до последниот момент на службата на Илија во Израел. Изгледа дека помладиот пророк бил желен да прими што е можно повеќе зборови на упатство и охрабрување од постариот, поискусниот пророк. Очигледно, тој го ценел својот постар пријател.

‚Како татковци и мајки‘

Не е тешко да се види зошто Елисеј го сакал постариот пророк како пријател — дури и како духовен татко (2. Цареви 2:12). Непосредно пред да заврши неговата доделба во Израел, Илија му рекол на Елисеј: „Барај што да сторам уште за тебе пред да бидам земен од пред тебе?“ (стих 9). Значи, до самиот крај Илија покажал грижа за духовната благосостојба на својот наследник и за продолжувањето на Божјето дело.

Денес, се радуваме кога ја забележуваме истата таа татковска и мајчинска грижа на нашите постари христијански браќа и сестри додека дарежливо го споделуваат своето спознание и мудрост со помладите. На пример, долгогодишните доброволци што служат во канцелариите на подружниците на Јеховините сведоци спремно им помагаат на новите членови на бетелската фамилија да ги стекнат вештините што им се потребни за да ја извршуваат нивната служба. На сличен начин, патувачките надгледници и нивните сопруги што долги години ги посетуваат собранијата со радост го споделуваат своето богато искуство со оние што се обучуваат да служат како патувачки министри. Освен тоа, во собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет има постари браќа и сестри што со децении му служат верно на Јехова и кои со задоволство ги споделуваат нивната практична мудрост и искуство со поновите членови на собранието (Пословици 2:7; Филипјаните 3:17; Тит 2:3—5).

Искрениот интерес што го покажуваат овие драги постари христијани прави да ни биде вистинско задоволство да им укажуваме почит. Затоа, сакаме да го имитираме примерот на Елисеј и длабоко да ги цениме постарите соверници. Како што апостол Павле нѐ потсетува, да продолжиме да се однесуваме со ‚постар човек . . . како со татко‘ и со ‚постарите жени како со мајки‘ (1. Тимотеј 5:1, 2). Кога го правиме тоа, многу придонесуваме за исправното функционирање и напредок на христијанското собрание низ целиот свет.

[Слика на страница 30]

Елисеј сакал да служи со Илија колку што е можно подолго

[Слики на страница 31]

Помладите извлекуваат голема корист од постарите христијани