Прашања од читателите
Прашања од читателите
Во многу делови од светот има обичај да се даваат свадбени подароци. Кои библиски начела треба да ги земеме предвид кога даваме или добиваме такви подароци?
Библијата го одобрува давањето подароци кога тоа се прави со исправен мотив и во исправна прилика. Во поглед на давањето, Библијата ги охрабрува вистинските христијани да го имитираат својот дарежлив Обезбедувач Јехова (Јаков 1:17). Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните: „Не заборавајте да им правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“. Според тоа, христијаните се охрабрени да бидат дарежливи (Евреите 13:16; Лука 6:38).
Како е со користењето список со подароци, што е вообичаена практика во некои земји? Обично, една двојка која наскоро ќе прави свадба се пријавува во некоја продавница разгледувајќи ги производите што се продаваат таму и прави список со производи што би сакале да ги добијат како подароци. На роднините и на пријателите на двојката им е предложено да одат во таа продавница за да купат нешто од списокот со подароци што го направила двојката. Од практична гледна точка, списокот со подароци го ослободува тој што подарува од барањето подарок со часови, додека оној што го прима подарокот е поштеден од непријатната ситуација да мора да ги враќа несаканите подароци во продавницата.
Дали некоја двојка што стапува во брак сака да користи список со подароци е работа на личен избор. Меѓутоа, еден христијанин би сакал да обрне внимание на тоа да избегне секакви практики што би можеле да ги прекршат библиските начела. На пример, што ако некоја верена двојка направи список на кој има многу скапи работи? Во таков случај, оние со помалку средства можеби не ќе можат да купат подарок, или можеби ќе сметаат дека ќе биде подобро да ја одбијат поканата да одат на свадба за да не бидат посрамотени ако донесат поевтин подарок. Една христијанка напишала: „Тоа станува преголем товар. Се обидов да бидам дарежлива, но во последно време ја снема сета среќа што порано ја наоѓав во давањето“. Колку само би било жално ако некоја свадба стане извор на обесхрабрување!
Се разбира, оние што даваат подароци не треба да бидат доведени во ситуација да помислат дека, за да биде нивниот подарок прифатлив, мора да биде купен во одредена продавница или дека мора да биде со одредена цена. На крајот на краиштата, Исус Христос укажал дека она што е поскапоцено во Божји очи е ставот на срцето на оној што подарува, а не материјалната вредност на подарокот (Лука 21:1—4). На сличен начин, во врска со даровите на милосрдност кон сиромашните, апостол Павле напишал: „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7).
Од библиска гледна точка, нема ништо погрешно во тоа да се даде до знаење од кого е подарокот, можеби така што заедно со подарокот ќе се даде и едно писменце. Меѓутоа, на некои места, обичај е пред сите да се каже од кого е подарокот. Овој обичај може да доведе до проблеми. Оние што даваат подарок можеби сакаат да останат анонимни за да избегнат да привлечат непотребно внимание. Таквите поединци постапуваат во склад со начелото што се наоѓа во Матеј 6:3, каде што Исус рекол: „А ти, кога даваш дарови на милосрдност, твојата левица нека не знае што прави твојата десница“. Други, пак, можеби сметаат дека давањето подароци е лична работа што треба да остане помеѓу оној што го дава подарокот и оној што го прима. Освен тоа, ако се каже кој го дава подарокот, би можело да се случи да почнат да се споредуваат подароците, „предизвикувајќи натпреварување“ (Галатите 5:26). Се разбира, христијаните би сакале да избегнат да предизвикаат некој да се чувствува непријатно или посрамотено ако јавно ги кажат имињата на оние што даваат (1. Петрово 3:8).
Да, со тоа што ќе постапуваме во склад со начелата од Божјата реч, давањето подароци и понатаму ќе биде извор на среќа (Дела 20:35).