Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Стекни доверба во Јехова

Стекни доверба во Јехова

Стекни доверба во Јехова

„Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж [моја доверба, NW] од мојата младост“ (ПСАЛМ 71:5).

1. Со каков предизвик се соочил младиот овчар Давид?

 ЧОВЕКОТ бил висок речиси три метри. Не е ни чудо што сите војници во борбените редови на Израел се плашеле да се соочат со него! Со недели по ред, секое утро и секоја вечер, филистејскиот џин Голијат ѝ се потсмевал на израелската војска, упатувајќи ѝ предизвик да испрати јунак што ќе се бори со него. Конечно, некој го прифатил предизвикот, но не некој војник туку еден обичен младич. Младиот овчар Давид изгледал како џуџе во споредба со својот противник. Всушност, можеби тежел помалку од оклопот и оружјето на Голијат! Сепак, младичот се соочил со овој џин и станал прочуен како симбол на храброст (1. Самоил 17:1—51).

2, 3. а) Зошто Давид можел да се соочи со Голијат со толку силна доверба? б) За кои два чекора што треба да се преземат ќе дискутираме за да стекнеме доверба во Јехова?

2 Што му дало таква храброст на Давид? Да разгледаме некои зборови што по сѐ изгледа ги запишал Давид кога бил постар: „Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж [моја доверба, NW] од мојата младост“ (Псалм 71:5). Да, како младич, Давид имал безрезервна доверба во Јехова. Се соочил со Голијат, велејќи: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика“ (1. Самоил 17:45). Голијат имал доверба во својата огромна сила и во своето оружје, но Давид имал доверба во Јехова. Со оглед на тоа што го имал на своја страна Суверениот Господ на универзумот, зошто Давид би подлегнал на стравот од обичен човек, сеедно колку голем и добро вооружен бил тој?

3 Додека читаш за Давид, дали посакуваш твојата доверба во Јехова да беше посилна? Веројатно многу од нас го посакуваат тоа. Затоа, да разгледаме кои два чекора можеме да ги преземеме за да стекнеме цврста доверба во Јехова. Прво, треба да совладаме една вообичаена пречка за таквата доверба. Второ, треба да научиме што точно е вклучено во тоа да се има доверба во Јехова.

Да се совлада една вообичаена пречка за доверба во Јехова

4, 5. Зошто на многу луѓе им е тешко да положат доверба во Бог?

4 Што ги спречува луѓето да ја положат својата доверба во Бог? Многу често, некои се збунети во врска со тоа зошто се случуваат лоши работи. Мнозина се поучени дека Бог е одговорен за страдањето. Кога ќе се случи некоја трагедија, свештениците можеби велат дека Бог „ги зел“ жртвите за да бидат со него на небото. Освен тоа, многу верски водачи поучуваат дека уште одамна Бог го предодредил секој настан што се случува во овој свет — вклучувајќи ја и секоја трагедија и злодело. Би било тешко да се положи доверба во еден таков бездушен Бог. Сатана, кој ги заслепува умовите на неверниците, многу сака да ги шири сите тие ‚учења на демоните‘ (1. Тимотеј 4:1; 2. Коринќаните 4:4).

5 Сатана сака луѓето да ја изгубат довербата во Јехова. Тој Божји непријател не сака да ги знаеме вистинските причини за човечкото страдање. А ако сме ги дознале причините за страдањето што се изнесени во Библијата, Сатана би сакал да ги заборавиме. Затоа, ќе биде добро одвреме навреме повторно да разгледаме три основни причини зошто има страдање во светот. На тој начин можеме да го увериме своето срце дека Јехова не е одговорен за неволјите со кои се соочуваме во животот (Филипјаните 1:9, 10).

6. На кој начин стихот од 1. Петрово 5:8 истакнува една причина за човечкото страдање?

6 Една причина за човечкото страдање е тоа што Сатана сака да го скрши интегритетот на луѓето што му се верни на Јехова. Тој се обидел да го скрши интегритетот на Јов. Сатана не успеал во тоа, но не се откажал. Како владетел на овој свет, тој настојува да ги „проголта“ Јеховините верни слуги (1. Петрово 5:8). Тоа го вклучува секого од нас! Сатана сака да нѐ натера да престанеме да му служиме на Јехова. Затоа, тој често подбуцнува прогонство. Колку и да е болно таквото страдање, имаме добра причина да истраеме. На тој начин помагаме да се докаже дека Сатана е лажливец и со тоа го радуваме Јехова (Јов 2:4NW; Пословици 27:11). Додека Јехова нѐ зајакнува да истраеме во прогонство, нашата доверба во него расте (Псалм 9:9, 10).

7. Која причина за страдањето ни помага да ја препознаеме стихот од Галатите 6:7?

7 Втората причина за страдањето е изнесена во ова начело: „Што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7). Понекогаш луѓето сеат донесувајќи лоши одлуки и како последица од тоа жнеат извесно страдање. Можеби ќе одлучат да возат невнимателно, па како резултат на тоа ќе им се случи сообраќајна несреќа. Многу одлучуваат да пушат, а тоа води до срцеви заболувања или рак на белите дробови. Оние што одлучуваат да извршат неморал се изложуваат на ризик да ги расипат семејните односи, да изгубат самопочит, да добијат сексуално преносливи болести и да дојде до несакана бременост. Можеби луѓето ќе се обидат да го обвинат Бог за таквото страдање, но тие се, всушност, жртви на сопствените лоши одлуки (Пословици 19:3).

8. Според Проповедник 9:11, зошто луѓето страдаат?

8 Третата причина за страдањето е наведена во Проповедник 9:11: „Видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта [непредвидените настани, NW] ги достигнува сите“. Понекогаш, луѓето едноставно се наоѓаат на погрешно место во погрешно време. Без оглед на нашите јаки страни или слабости, страдањето и смртта можат неочекувано да го снајдат секого од нас во секое време. На пример, во времето на Исус една кула во Ерусалим паднала и убила 18 луѓе. Исус покажал дека Бог не ги казнил за нивните претходни гревови (Лука 13:4). Не, Јехова не е виновен за таквото страдање.

9. Што не разбираат многу луѓе во врска со страдањето?

9 Важно е да разбереме некои причини за страдањето. Меѓутоа, има еден аспект во таа работа што на мнозина им е тешко да го разберат. Се работи за ова: Зошто Јехова Бог допушта страдање?

Зошто Јехова допушта страдање?

10, 11. а) Според Римјаните 8:19—22, што се случило со „целото создание“? б) Како можеме да одредиме кој го подложил созданието на ништожност?

10 Еден стих од писмото до римјаните што го напишал апостол Павле ја расветлува оваа важна тема. Павле напишал: „Созданието со желно исчекување го чека откривањето на Божјите синови. Зашто созданието беше подложено на ништожност, не по своја волја, туку преку оној кој го подложи, на темел на надежта дека самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и дека ќе ја има славната слобода на Божјите деца. Зашто знаеме дека целото создание заедно воздивнува и заедно е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:19—22).

11 За да ја сфатиме смислата на овие стихови, најнапред треба да одговориме на некои клучни прашања. На пример: Кој го подложил созданието на ништожност? Некои посочуваат на Сатана; други посочуваат на Адам. Но, ниту едниот ниту другиот не можел да го стори тоа. Зошто? Затоа што оној што го подложува созданието на ништожност го прави тоа „на темел на надежта“. Да, тој дава надеж дека оние што се верни на крајот ќе бидат ‚ослободени од ропството на распадливоста‘. Ниту Адам ниту Сатана не можеле да дадат таква надеж. Тоа го можел само Јехова. Според тоа, јасно е дека Јехова е оној што го подложил созданието на ништожност.

12. До каква забуна дошло во поглед на тоа кое е „целото создание“, и како може да се одговори на ова прашање?

12 Но, кое е „целото создание“ што се спомнува во овие стихови? Некои велат дека „целото создание“ се однесува на целиот свет во природата, вклучувајќи ги животните и растенијата. Но, дали животните и растенијата се надеваат да ја постигнат „славната слобода на Божјите деца“? Не (2. Петрово 2:12). Значи, изразот „целото создание“ може да се однесува само на човештвото. Ова создание е погодено од гревот и смртта поради побуната во Еден и живее во очајна потреба од надеж (Римјаните 5:12).

13. До што го довела човештвото побуната во Еден?

13 До што точно го довела човештвото таа побуна? Павле ги опишува нејзините последици со еден единствен збор: ништожност. a Според едно дело, овој збор ја означува „ништожноста на некој предмет кој не функционира како што било замислено“. Било замислено луѓето да живеат вечно, да соработуваат како совршена, обединета фамилија додека се грижат за рајската земја. Наместо тоа, нивното постоење е кратко, болно и честопати полно со фрустрации. Како што рекол Јов, „човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Навистина — ништожност!

14, 15. а) Каков доказ за правда наоѓаме во Јеховината пресуда над човештвото? б) Зошто Павле рекол дека созданието било подложено на ништожност „не по своја волја“?

14 Сега доаѓаме до клучното прашање: Зошто „Судијата на целиот свет“ го подложил човештвото на такво болно постоење полно со фрустрации? (Битие 18:25). Дали било праведно да го стори тоа? Па, сети се што направиле нашите први родители. Со тоа што се побуниле против Бог, тие застанале на страната на Сатана, кој упатил далекосежен предизвик на Јеховиниот суверенитет. Со своите постапки, тие го поддржале тврдењето дека на човекот му е подобро без Јехова, дека му е подобро да владее сам под водство на едно бунтовно духовно суштество. Изрекувајќи пресуда над бунтовниците, Јехова, всушност, им го дал тоа што го барале. Тој му допуштил на човекот самиот да владее под влијание на Сатана. Под тие околности, која одлука можела да биде поправедна отколку да се подложи човештвото на ништожност, но на темел на надеж?

15 Се разбира, тоа не било „по своја волја“ на созданието. Ние сме родени како робови на гревот и на распадливоста без да имаме некаков избор. Но, во својата милост Јехова им дозволил на Адам и Ева да продолжат да живеат и да имаат потомство. Иако ние, нивните потомци, сме подложни на ништожноста на гревот и на смртта, имаме прилика да го правиме она што пропуштиле да го прават Адам и Ева. Можеме да го слушаме Јехова и да учиме дека неговиот суверенитет е праведен и совршен, додека човечкото владеење независно од Јехова носи само болка, фрустрација и ништожност (Еремија 10:23; Откровение 4:11). Влијанието на Сатана само ги влошува работите. Човечката историја сведочи дека ова е точно (Проповедник 8:9).

16. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова не е одговорен за страдањето што го гледаме во светот денес? б) Каква надеж со љубов дал Јехова за верните луѓе?

16 Јасно, Јехова имал оправдани причини да го подложи човештвото на ништожност. Но, дали тоа значи дека Јехова е причина за ништожноста и страдањето што нѐ измачуваат сите нас денес? Па, замисли си еден судија што му изрекува праведна пресуда на некој криминалец. Можеби осудениот многу страда додека ја одлежува својата казна, но може ли со право да го обвини судијата дека е причина за неговото страдање? Во никој случај! Освен тоа, Јехова никогаш не е извор на злобата. Во Јаков 1:13 стои: „Бог не може да се искушува со зли работи ниту, пак, самиот тој некого искушува“. Исто така, да не заборавиме дека Јехова ја изрекол оваа пресуда „на темел на надежта“. Тој со љубов направил подготовки за верните потомци на Адам и Ева да го видат крајот на ништожноста и да се радуваат на „славната слобода на Божјите деца“. Во сета вечност, верното човештво никогаш нема да има потреба да се плаши дека целото создание би можело повторно да западне во болна состојба на ништожност. Тоа што Јехова ќе ги среди работите на праведен начин ќе го утврди неговото право да биде Суверен за сите времиња (Исаија 25:8).

17. Како треба да влијае врз нас тоа што ги разгледавме причините за страдањето во светот денес?

17 Додека ги разгледуваме овие причини за човечкото страдање, дали гледаме некаква основа да го обвинуваме Јехова за злобата или, пак, да ја изгубиме нашата доверба во него? Напротив, ваквото проучување ни дава причина да се согласиме со следниве зборови на Мојсеј: „Тој е Стена, делото Му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит“ (Второзаконие 32:4). Да го освежуваме одвреме навреме нашето разбирање за овие работи така што ќе медитираме за нив. На тој начин, кога се соочуваме со испити, ќе одолееме на обидите на Сатана да посее сомнежи во нашите мисли. Но, што е со вториот чекор спомнат во почетокот? Што е вклучено во тоа да се има доверба во Јехова?

Што значи тоа да се има доверба во Јехова

18, 19. Со кои зборови Библијата нѐ охрабрува да имаме доверба во Јехова, но во врска со тоа, какви погрешни претстави имаат некои луѓе?

18 Божјата реч нѐ поттикнува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6NW). Овие зборови се прекрасни и успокојувачки. Секако дека никој во целиот универзум не е подостоен за доверба од нашиот љубен небесен Татко. Сепак, полесно е да се прочитаат овие зборови од Пословици отколку да се применат.

19 Многу луѓе имаат погрешна претстава за тоа што значи да се има доверба во Јехова. Некои мислат дека таквата доверба е само некакво чувство, некаква блажена емоција што би требало природно да ни се појави во срцето. Други, пак, изгледа веруваат дека довербата во Бог значи дека можеме да очекуваме да нѐ штити од секаква тешкотија, да го реши секој наш проблем, да направи секој предизвик во секојдневниот живот да испадне токму онака како што се надеваме — и тоа веднаш! Но, таквите сфаќања се неосновани. Довербата е многу повеќе од обично чувство и не е нереалистична. Кај возрасните, довербата вклучува да донесуваат совесни, добро промислени одлуки.

20, 21. Што е вклучено во тоа да се има доверба во Јехова? Илустрирај.

20 Повторно забележи што ни вели стихот од Пословици 3:5. Довербата во Јехова е ставена наспроти потпирањето на сопствениот разум, што покажува дека не можеме да го правиме и едното и другото. Дали тоа значи дека не ни е дозволено да ги користиме своите способности на разбирање? Не, бидејќи Јехова, кој ни ја дал таа способност, очекува од нас да ја користиме додека му служиме (Римјаните 12:1). Но, на што се потпираме? Ако нашето размислување не е во склад со Јеховиното размислување, дали ја прифаќаме неговата мудрост како она што е — бескрајно повисока од нашата? (Исаија 55:8, 9). Да имаме доверба во Јехова значи да дозволиме неговото размислување да го води нашето.

21 Да илустрираме: Замисли си едно мало дете како седи на задното седиште на автомобилот, додека родителите седат напред. Со воланот управува таткото. Кога во текот на патувањето ќе се појават тешкотии — кога не се сигурни кој е исправниот пат или можеби се појави некој проблем со временските услови или со условите на патот — како ќе реагира детето што е послушно и има доверба? Дали ќе извикува наредби од задното седиште, кажувајќи му на татка си како да управува со автомобилот? Дали ќе се сомнева во одлуките на родителите или ќе се противи кога ќе го потсетат да остане врзано на седиштето? Не, тоа природно има доверба во своите родители дека ќе најдат решение за таквите работи, иако се несовршени. Јехова за нас е совршен Татко. Зарем не треба да имаме безрезервна доверба во него, особено кога се соочуваме со тешки ситуации? (Исаија 30:21).

22, 23. а) Зошто треба да ја положиме нашата доверба во Јехова кога се соочуваме со проблеми, и како можеме да го правиме тоа? б) За што ќе дискутираме во следната статија?

22 Меѓутоа, Пословици 3:6 покажува дека треба ‚да го имаме Јехова на ум на сите наши патишта‘, а не само кога се соочуваме со тешки ситуации. Затоа, во одлуките во животот што ги донесуваме од ден на ден треба да се гледа нашата доверба во Јехова. Кога ќе се појават проблеми, не треба да очајуваме, да нѐ фаќа паника или да се спротивставуваме на водството што го дава Јехова за тоа како на најдобар начин да ги средиме работите. На испитите треба да гледаме како на прилики да го поддржиме Јеховиниот суверенитет, да помогнеме да се докаже дека Сатана е лажливец и да се научиме на послушност и на други особини што го радуваат Јехова (Евреите 5:7, 8).

23 Можеме да ја покажеме нашата доверба во Јехова без оглед на тоа какви препреки стојат пред нас. Тоа го правиме со нашите молитви и со начинот на кој се потпираме за водство на Јеховината реч и на неговата организација. Но, како можеме да покажуваме доверба во Јехова кога се соочуваме со проблемите што се појавуваат во денешниот свет? Во следната статија ќе ја разгледаме таа тема.

[Фуснота]

a Грчкиот збор што Павле го употребил за „ништожност“ бил истиот што во грчката Септуагинта се користел за да се преведе изразот што Соломон постојано го користел во книгата Проповедник како, на пример, во изразот „сѐ е суета“ (Проповедник 1:2, 14; 2:11, 17; 3:19; 12:8).

Како би одговорил?

• Како покажал Давид дека има доверба во Јехова?

• Кои се три причини за човечкото страдање денес, и зошто е добро да си ги повторуваме одвреме навреме?

• Каква пресуда изрекол Јехова врз човештвото, и зошто таа била праведна?

• Што е вклучено во тоа да се има доверба во Јехова?

[Прашања]

[Слики на страница 8]

Давид имал доверба во Јехова

[Слика на страница 10]

Исус покажал дека, кога во Ерусалим паднала некоја кула, Јехова не бил одговорен за тоа