Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Фали го Јехова „среде собранието“

Фали го Јехова „среде собранието“

Фали го Јехова „среде собранието“

ХРИСТИЈАНСКИТЕ состаноци се подготовка од Јехова со која го одржува својот народ духовно јак. Со редовното присуство на состаноците, го покажуваме нашето ценење за Јеховините подготовки. Освен тоа, имаме можност да ги „поттикнуваме [нашите браќа] кон љубов и кон извонредни дела“, што е еден важен начин да ја покажеме нашата љубов еден кон друг (Евреите 10:24; Јован 13:35). Меѓутоа, како можеме да ги поттикнуваме нашите браќа на состаноците?

Давај јавни изјави

Цар Давид за себе напишал: „Ќе го проповедам Твоето име на моите браќа, ќе Те фалам среде собранието. Ќе Те фалам во големото собрание“. „Ќе Ти благодарам во големо собрание, ќе Те славам меѓу многубројни луѓе.“ „Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни“ (Псалм 22:22, 25; 35:18; 40:9).

Во времето на апостол Павле, кога христијаните се собирале за обожавање, на сличен начин давале изјави за својата вера во Јехова и за неговата слава. На тој начин се храбреле еден со друг и се поттикнувале кон љубов и извонредни дела. Во наше време, многу векови по Давид и Павле, ние навистина ‚гледаме дека се приближува денот [на Јехова]‘ (Евреите 10:24, 25). Сатановиот систем на работи се тетерави кон уништување, а проблемите сѐ повеќе се зголемуваат. Како никогаш порано, ‚потребна ни е истрајност‘ (Евреите 10:36). Кој друг може да нѐ охрабри да истраеме ако не нашите браќа?

Денес, како и порано, направени се подготовки поединци да даваат изјава за својата вера „среде собранието“. Една можност што е достапна за сите е да дадат коментари како одговор на прашањата упатени до присутните на собраниските состаноци. Никогаш не го потценувај доброто што може да се постигне со ова. На пример, коментарите што покажуваат како да се надминат или избегнат проблемите ја зајакнуваат решеноста на нашите браќа да ги следат библиските начела. Коментарите што ги објаснуваат наведените стихови кои не се цитирани или што вклучуваат мисли што сме ги нашле при личното истражување, можат да ги охрабрат другите да развиваат подобри навики на проучување.

Тоа што знаеме дека и ние и другите ќе извлечеме корист ако коментираме на состаноците треба да ги мотивира сите Јеховини сведоци да ги надминат срамежливоста и повлеченоста. Особено е важно старешините и слугите помошници да коментираат на состаноците, зашто од нив се очекува да го преземат водството како во учеството така и во присуството на состаноците. Меѓутоа, како може еден поединец да се подобри ако смета дека овој конкретен аспект на неговата христијанска активност му е предизвик?

Предлози за подобрување

Запамти дека е вклучен Јехова. Една христијанка што живее во Германија објаснува како таа гледа на своите коментари. „Тие се мој личен одговор на обидите на Сатана да го спречи Божјиот народ да даде изјава за својата вера.“ Еден новокрстен брат од истото собрание вели: „Кога станува збор за коментирањето, јас многу се молам“.

Подготви се добро. Ако пропуштиш да го проучиш материјалот однапред, ќе увидиш дека ќе ти биде тешко да коментираш и твоите коментари нема да бидат толку делотворни. Предлози за коментирање на собраниските состаноци се дадени во публикацијата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, на 70. страница. a

Постави си цел да коментираш барем еднаш на секој состанок. Ова значи да подготвиш неколку одговори, зашто колку почесто ја креваш раката толку поголема е веројатноста братот што води да те праша. Можеби дури ќе сакаш однапред да му кажеш на кои прашања си се подготвил да одговориш. Ова е од особена помош ако си почетник. Бидејќи можеби ќе се колебаш да кренеш рака „во големо собрание“, тоа што знаеш дека ова е твој пасус и дека оној што го води состанокот ќе ја бара твојата рака, ќе те охрабри да коментираш.

Коментирај рано. Една тешка задача не станува полесна ако ја одложуваш. Од помош може да биде ако коментираш рано. Ќе бидеш изненаден колку полесно е да се коментира по втор или третпат штом ќе ја надминеш пречката да го дадеш првиот коментар.

Избери соодветно место за седење. На некои им е полесно да коментираат кога седат понапред во Салата на Царството. Таму има помалку работи што можат да им го одвлечат вниманието, а и помали се шансите оној што води да не ги види кога ќе кренат рака. Ако го пробаш ова, запамти дека треба да зборуваш доволно гласно за да те чујат сите, особено ако во собранието не се користат микрофони.

Слушај внимателно. Ова ќе ти помогне да избегнеш да го повториш она што некој друг веќе го кажал. Исто така, коментарите што другите ги кажуваат можат да те потсетат на некој стих или на некоја мисла за да се надоврзеш на она што било кажано. Одвреме навреме, некое кратко искуство може да ја илустрира мислата што се дискутира. Таквите коментари се од голема помош.

Научи да коментираш со свои зборови. Тоа што ќе прочиташ некој коментар од материјалот што се проучува може да покаже дека си го нашол точниот одговор, и може да биде добар начин да почнеш да коментираш. Но, тоа што ќе напредуваш до степен да коментираш со свои зборови ќе покаже дека ја сфаќаш поентата. Нема потреба да ги цитираш нашите публикации од збор до збор. Јеховините сведоци не гледаат само да го повторат она што е кажано во нивните публикации.

Задржи се на темата. Коментари што не се поврзани со темата или што се оддалечуваат од главните мисли кои се разгледуваат не се соодветни. Ова значи дека твоите коментари треба да се однесуваат на темата за која се дискутира. Тогаш тие ќе придонесат за духовно изградувачка дискусија за темата што се обработува.

Имај цел да охрабриш. Бидејќи значајна причина зошто коментираме е да ги охрабриме другите, мораме да се трудиме да избегнуваме да кажуваме работи што би можеле да ги обесхрабрат. Освен тоа, кога коментираш не го опфаќај целиот пасус, со што на другите нема да им остане скоро ништо да кажат. Долгите или комплицирани одговори можат да направат значењето да биде нејасно. Кратките одговори што се состојат од само неколку збора можат да бидат многу делотворни, и ќе ги охрабрат новите и тие да даваат кратки одговори.

Улогата на оној што ги води состаноците

Кога станува збор за охрабрувањето, врз оној што го води состанокот лежи голема одговорност. Тој покажува искрен интерес за секој коментар така што внимателно слуша и учтиво гледа во оној што коментира наместо да биде зафатен со нешто друго. Колку само не е на место ако не слуша внимателно и, како резултат на тоа, непотребно повтори нешто што веќе било кажано или постави прашање што веќе било одговорено!

Исто така, би било обесхрабрувачки ако оној што води редовно го повторува со малку поинакви зборови коментарот кој штотуку бил кажан, како со тоа да сака да каже дека, на некој начин, коментарот не бил соодветен. Од друга страна, пак, колку е охрабрувачки кога коментарите придонесуваат за понатамошна дискусија за некоја важна мисла. Прашањата како што се: ‚Како можеме да го примениме ова во нашето собрание?‘ или ‚Кој стих од пасусот го поткрепува ова што сега беше кажано?‘ охрабруваат на позитивни коментари, кои се вреден допринос.

Се разбира, особено новите или срамежливите треба да бидат пофалени кога коментираат. Ова може да се направи во четири очи, по студијата, за да не им биде можеби непријатно и за да може водителот да им даде некои предлози кога тоа е соодветно.

Во секојдневните разговори, лицето што не им дава на другите да дојдат до збор ја спречува комуникацијата. Оние што го слушаат не чувствуваат потреба да кажат нешто. Не им останува ништо друго освен да слушаат незаинтересирано, ако воопшто слушаат. Нешто слично може да се случи кога оној што води не им дава на другите да дојдат до збор со тоа што коментира премногу често. Меѓутоа, оној што го води состанокот може одвреме навреме да извлече коментари од присутните или да ги поттикне да размислуваат за темата со помош на дополнителни прашања. Таквите прашања треба умерено да се користат.

Оној што води не мора да го праша првиот што ќе крене рака. Тоа може да ги обесхрабри оние на кои им треба малку време за да си ги средат мислите. Со тоа што ќе почека малку, ќе му даде шанса да коментира на некој што сѐ уште не го сторил тоа. Исто така, ќе покаже проникливост со тоа што нема да им даде на мали деца да одговараат на прашања за теми што тие не ги разбираат.

Што ако е даден погрешен одговор? Оној што води треба да избегне да го посрамоти оној што го дал одговорот. Коментарите, дури и кога не се точни, честопати содржат елементи на вистина. Со тоа што тактично ќе избере нешто што можеби е точно, ќе го парафразира прашањето или ќе постави дополнително прашање, оној што води може да ги разјасни работите без непотребни непријатности.

За да ги охрабри присутните да коментираат, оној што го води состанокот треба да избегнува општи прашања како на пример: ‚Дали некој друг има коментар?‘ Можеби прашањето: ‚Кој не коментирал? Ова ви е последна шанса!‘ е добронамерно, но тешко дека ќе охрабри некого отворено да се искаже. Не треба да направи браќата да се чувствуваат виновни што не коментирале порано во текот на студијата. Наместо тоа, треба да бидат охрабрени да го споделат она што го знаат затоа што таквото споделување е израз на љубов. Освен тоа, откако оној што води ќе праша некого, би било подобро да не вели: „По него ќе го чуеме коментарот на брат Тој и тој а потоа на сестра Таа и таа“. Оној што води треба прво да го чуе коментарот и потоа да одлучи дали ќе треба дополнителен коментар.

Коментирањето е предност

Присуството на христијанските состаноци е духовна потреба; да се коментира на нив е предност. До кој степен учествуваме во овој уникатен начин на фалење на Јехова „среде собранието“, до тој степен го следиме примерот на Давид и сериозно го сфаќаме советот на Павле. Нашето присуство на состаноците покажува дека ги сакаме нашите браќа и дека сме дел од Јеховиното големо собрание. Каде на друго место би сакал да бидеш додека ‚гледаш дека се приближува денот‘? (Евреите 10:25).

[Фуснота]

a Издадена од Јеховините сведоци.

[Слики на страница 20]

И слушањето и коментирањето си имаат свое место на христијанските состаноци

[Слика на страница 21]

Оној што води покажува искрен интерес за секој коментар