Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

За да ја добиеш наградата, покажувај самосовладување!

За да ја добиеш наградата, покажувај самосовладување!

За да ја добиеш наградата, покажувај самосовладување!

„Секој кој учествува во натпревар, покажува самосовладување во сѐ“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 9:25).

1. Во склад со Ефешаните 4:22—24, на кој начин милиони му рекле ‚да‘ на Јехова?

 АКО си се крстил како Јеховин сведок, јавно си покажал дека си спремен да учествуваш во една трка во која наградата е вечен живот. Си рекол ‚да‘ на извршувањето на Јеховината волја. Пред да му се предадат на Јехова, многу од нас морале да направат значителни промени за нашето предание да биде вистинско, прифатливо за Бог. Сме го следеле советот што апостол Павле им го дал на христијаните: „Да ја соблечете старата личност која се приспособува кон вашиот поранешен начин на однесување и која се расипува според своите измамливи желби . . . и да ја облечете новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност“ (Ефешаните 4:22—24). Со други зборови, пред да речеме ‚да‘ на преданието на Бог, сме морале да речеме ‚не‘ на некој поранешен начин на живот што не бил прифатлив.

2, 3. На кој начин стиховите во 1. Коринќаните 6:9—12 покажува дека треба да се направат два вида промени за да се добие одобрување од Бог?

2 Некои од обележјата на старата личност што мораат да ги отстранат идните Сведоци на Јехова се директно осудени во Божјата реч. Павле набројал некои од нив во своето писмо до коринќаните, велејќи: „Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи кои се држат за неприродни намени, ни мажи кои лежат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние кои зборуваат срамотно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“. Потоа покажал дека христијаните од првиот век ги направиле потребните промени во личноста, додавајќи: „А сепак некои од вас беа такви“. Забележи, тие биле такви, а не се такви (1. Коринќаните 6:9—11).

3 Павле укажал дека можеби ќе бидат неопходни и други промени, бидејќи продолжил: „Сѐ ми е дозволено; но не е сѐ корисно“ (1. Коринќаните 6:12). Значи, многу луѓе денес што сакаат да бидат Јеховини сведоци можеби гледаат потреба да речат ‚не‘ дури и на работи што, иако се дозволени, не се корисни или немаат голема трајна вредност. Тие можеби одземаат многу време и би можеле да ги одвлечат од стремењето по работи што се многу поважни.

4. Во која работа предадените христијани се согласуваат со Павле?

4 Човек му се предава на Бог доброволно, а не безволно, како тоа да бара некоја огромна жртва. Предадените христијани се согласуваат со Павле кој, откако станал следбеник на Христос, рекол: „Поради [Исус] ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8). Павле радосно им рекол ‚не‘ на работите што немаат голема вредност за да може да продолжи да му вели ‚да‘ на Бог.

5. Во каква трка успешно учествувал Павле, и како можеме и ние да го направиме истото?

5 Павле покажал самосовладување додека ја трчал духовната трка и на крајот можел да рече: „Добра борба водев, трката ја истрчав до крај, верата ја одржав. Отсега за мене се чува круната на праведноста што ќе ми ја даде Господ, праведниот судија, како награда во оној ден, и не само мене туку и на сите кои го љубеа неговото појавување“ (2. Тимотеј 4:7, 8). Ќе можеме ли и ние еден ден да кажеме нешто слично? Да, ќе можеме, ако со вера покажуваме самосовладување додека ја трчаме нашата христијанска трка без престан и до самиот крај.

Самосовладување за да правиме добро

6. Што е самосовладување, и кои се две подрачја на кои мораме да го покажуваме?

6 Еврејскиот и грчкиот збор што во Библијата е преведен со „самосовладување“ дословно значи дека личноста има моќ или контрола над себеси. Тој збор честопати ја пренесува мислата на тоа човек да се воздржува да прави лошо. Но, очигледно е дека е потребна и извесна мера на самосовладување за да го користиме своето тело да прави добри дела. Природна склоност на несовршените луѓе е да грешат, па затоа водиме двојна битка (Проповедник 7:29NW; 8:11). Додека се воздржуваме да правиме лошо, во исто време мораме да се тераме да правиме добро. Всушност, да го контролираме нашето тело со цел да прави добро е еден од најдобрите начини да избегнеме да правиме лошо.

7. а) За што треба да молиме, како што се молел Давид? б) За што треба да медитираме за да можеме да покажуваме поголемо самосовладување?

7 Јасно, самосовладувањето е неопходно за да живееме во потполност според нашето предание на Бог. Треба да се молиме како што се молел Давид: „Боже, создај ми чисто срце, и постојан дух обнови во мене!“ (Псалм 51:10). Можеме да медитираме за тоа колку е корисно да го избегнуваме она што е морално неисправно или може физички да ни наштети. Помисли на можната штета ако не се избегнуваат таквите работи: сериозни здравствени проблеми, нарушени односи, па дури и прерана смрт. Од друга страна, пак, помисли колку многу користи имаш ако одиш по патот на живот што го зацртува Јехова. Меѓутоа, да бидеме реални и да не заборавиме дека нашето срце е измамливо (Еремија 17:9). Мораме да бидеме одлучни да се спротивставиме на неговите обиди да ја потцени сериозноста на тоа да се држиме за Јеховините мерила.

8. На која реална работа нѐ учи искуството? Илустрирај.

8 Повеќето од нас од лично искуство знаат дека неспремното тело често се обидува да го изгаси огнот на спремниот дух. Да го земеме, на пример, проповедањето на Царството. Јехова се радува на спремноста на луѓето да учествуваат во ова животодавно дело (Псалм 110:3; Матеј 24:14). На повеќето од нас не им било лесно да научат јавно да проповедаат. За тоа требало — а можеби и сѐ уште треба — да си го контролираме телото, ‚да го биеме‘ и ‚да го водиме како роб‘ наместо да дозволиме тоа да ни диктира да одиме по линија на помал отпор (1. Коринќаните 9:16, 27; 1. Солуњаните 2:2).

„Во сѐ“?

9, 10. Што е вклучено во тоа да се покажува „самосовладување во сѐ“?

9 Библискиот совет да покажуваме „самосовладување во сѐ“ покажува дека е вклучено нешто повеќе отколку само да го контролираме својот нарав и да не постапуваме неморално. Можеби сметаме дека имаме самосовладување на овие подрачја. Ако е така, навистина можеме да бидеме благодарни. Сепак, што е со другите подрачја во животот на кои можеби не е толку очигледна потребата од самосовладување? За да го илустрираме тоа, да претпоставиме дека живееме во релативно богата земја со висок животен стандард. Зарем не би било мудро да научиме да кажеме ‚не‘ на непотребното трошење пари? Ќе биде добро родителите да ги поучат своите деца да не купуваат сѐ што ќе видат само затоа што го има на располагање, затоа што е привлечно или затоа што имаат пари да го купат. Се разбира, за таквата поука да биде ефикасна, родителите мораат да дадат исправен пример (Лука 10:38—42).

10 Ако научиме да се откажуваме од некои работи, ќе ја зајакнеме својата волја. Исто така, тоа ќе го зголеми ценењето за материјалните работи што ги имаме и може да нѐ направи посочувствителни кон оние што мора да се откажат од некои работи, и тоа не затоа што така сакаат туку затоа што така мораат. Точно, да се живее скромно е сосема спротивно на популарните ставови како „гледај си ја душичката“ или „ти го заслужуваш најдоброто“. Светот на рекламите поттикнува на моментално задоволување на желбите, но тоа се прави од нечија лична корист за профит. Ваквата ситуација може да ни отежнува додека се трудиме да покажуваме самосовладување. Едно списание од една богата европска земја неодамна забележало: „Ако за да се контролираат непожелните нагони е потребно оние што живеат во тешки околности на крајна сиромаштија да водат внатрешна битка, колку повеќе тоа важи за оние што живеат во земји каде што тече мед и млеко во денешново богато општество!“

11. Зошто е корисно да научиме да се откажеме од некои работи, но зошто тоа е тешко?

11 Ако ни е тешко да направиме разлика помеѓу она што го сакаме и она што навистина ни е потребно, ќе биде корисно да преземеме некои чекори да се осигураме да не постапиме неодговорно. На пример, ако сакаме да се бориме против склоноста кон неконтролирано трошење, можеби ќе решиме да не купуваме на кредит или, пак, кога купуваме, можеме да понесеме само одредена сума пари. Сети се, Павле рекол дека ‚побожната оддаденост заедно со тоа човек да е задоволен со она што го има‘ е „средство за голема добивка“. Тој резонирал: „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме. Затоа, кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа“ (1. Тимотеј 6:6—8). Дали ние сме задоволни? За да научиме да водиме едноставен живот, без непотребниот товар на самопопустливоста — во каков и да е облик — потребна е силна волја и самосовладување. Но, вреди да се научи таа лекција.

12, 13. а) Во кој поглед христијанските состаноци вклучуваат самосовладување? б) Кои се некои други подрачја на кои треба да негуваме самосовладување?

12 Присуството на собраниските состаноци, собири и конгреси исто така бара да покажуваме посебно самосовладување. На пример, оваа особина ни е неопходна за да не дозволиме мислите да ни летаат за време на програмата (Пословици 1:5). Можеби ќе ни треба самосовладување за да не им сметаме на другите со тоа што ќе им шепотиме на тие до нас наместо да му посветиме целосно внимание на говорникот. Самосовладување ќе ни треба и за да го усогласиме нашиот распоред за да стигнеме навреме. Освен тоа, може да ни биде потребно самосовладување за да одвоиме време да се подготвиме за состаноците и потоа да учествуваме на нив.

13 Ако покажуваме самосовладување во малите работи, тоа ќе ја зајакне нашата способност да покажуваме самосовладување и во поголемите работи (Лука 16:10). Затоа, колку само е добро да се дисциплинираме редовно да ја читаме Божјата реч и библиските публикации, така што ќе ги проучуваме и ќе медитираме за она што сме го научиле! Колку само е мудро да се дисциплинираме во врска со несоодветни работни места, пријателства, ставови и лични навики или, пак, да се дисциплинираме да речеме ‚не‘ на активности што би можеле да ни одземат од скапоценото време за служба на Бог! Тоа што ќе останеме зафатени во Јеховината служба секако е добра заштита од работите што би можеле да нѐ одвлечат од духовниот рај на Јеховиното собрание ширум светот.

Станете потполно возрасни преку самосовладување

14. а) Како треба децата да научат да покажуваат самосовладување? б) Какви се користите кога децата ќе ги научат тие лекции рано во животот?

14 Самосовладувањето не е обележје на едно новороденче. Една брошура на експерти за детско однесување објаснува: „Самосовладувањето не доаѓа автоматски или одеднаш. На бебињата и на малите деца им треба родителско водство и поддршка за да почнат да учат да се самосовладуваат . . . Додека родителите раководат со тој процес, самосовладувањето се зголемува во текот на школските години“. Едно истражување на четиригодишни деца открило дека оние што научиле да покажуваат извесно самосовладување „обично израснуваат во поприспособливи, поомилени, авантуристички, сигурни и доверливи тинејџери“. Оние што не почнале да ја учат таа лекција „биле посклони на осаменост, фрустрации и тврдоглавост. Тие подлегнувале на стресот и бегале од предизвиците“. Очигледно, за да стане приспособлив возрасен, детето мора да научи да покажува самосовладување.

15. На што укажува недостигот на самосовладување, спротивно на која цел што е изнесена во Библијата?

15 На сличен начин, за да станеме потполно возрасни христијани, мораме да научиме да покажуваме самосовладување. Ако го немаме, тоа покажува дека сѐ уште сме духовни бебиња. Библијата нѐ советува ‚да станеме потполно возрасни во способностите за разбирање‘ (1. Коринќаните 14:20). Нашата цел е да „дојдеме до единство во верата и во точното спознание на Синот Божји, до потполно возрасен човек, до мерата на растот која ѝ припаѓа на Христовата полнота“. Зошто? „За повеќе да не бидеме бебиња, фрлани наоколу како од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето преку човечката измама, преку лукавството во смислување на заблуда“ (Ефешаните 4:13, 14). Јасно, неопходно за нашата духовност е да научиме да покажуваме самосовладување.

Да негуваме самосовладување

16. Како ни дава помош Јехова?

16 За да негуваме самосовладување, потребна ни е Божја помош, и ние можеме да ја имаме. Божјата волја, како некое совршено огледало, ни покажува каде треба да направиме лични промени и ни дава совет како да го правиме тоа (Јаков 1:22—25). И братството полно со љубов е спремно да ни помогне. Христијанските старешини покажуваат разбирање кога ни даваат лична помош. Самиот Јехова спремно ни дава од својот свет дух ако го бараме во молитва (Лука 11:13; Римјаните 8:26). Според тоа, со радост да ги користиме тие подготовки. Можат да ни помогнат предлозите што се дадени на 21. страница.

17. Какво охрабрување ни е дадено во Пословици 24:16?

17 Колку само е утешно сознанието дека Јехова ги цени нашите напори кога се обидуваме да му угодиме! Тоа треба да нѐ мотивира да продолжиме уште повеќе да покажуваме самосовладување. Без оглед на тоа колку често ќе се спрепнеме, никогаш не треба да престанеме да се напрегаме. „Ако праведникот падне и седумпати, тој станува“ (Пословици 24:16). Секогаш кога ќе победиме, имаме причина да се радуваме. Можеме да бидеме сигурни дека го радуваме и Јехова. Еден Сведок вели дека, пред да му го предаде својот живот на Јехова, секогаш кога ќе успеел да не пуши една недела, се наградувал на тој начин што си купувал нешто корисно со парите што ги заштедил покажувајќи самосовладување.

18. а) Што е вклучено во нашата битка за самосовладување? б) Какво уверување ни дава Јехова?

18 Над сѐ, не треба да заборавиме дека самосовладувањето ги вклучува мислите и емоциите. Тоа можеме да го видиме од Исусовите зборови: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28; Јаков 1:14, 15). Ако некој научил да ги контролира своите мисли и чувства, ќе му биде полесно да го контролира целото тело. Затоа, да ја зајакнеме нашата решеност да избегнуваме не само да правиме лошо туку дури и да мислиме на тоа. Штом се појават неисправни мисли, веднаш отфрли ги. Можеме да бегаме од искушение со тоа што во молитва ќе ги држиме очите вперени во Исус (1. Тимотеј 6:11; 2. Тимотеј 2:22; Евреите 4:15, 16). Додека даваме сѐ од себе, ќе го следиме советот од Псалм 55:22: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“.

Се сеќаваш ли?

• На кои два начина мораме да покажуваме самосовладување?

• Што значи тоа да се покажува „самосовладување во сѐ“?

• Кои практични предлози за негување на самосовладување ти оставија посебен впечаток во текот на нашево проучување?

• Каде започнува самосовладувањето?

[Прашања]

[Рамка/слики на страница 21]

Како да имаш поголемо самосовладување

• Негувај го дури и во мали работи

• Медитирај за сегашните и идните користи од него

• Замени го она што Бог го забранува со работи на кои тој охрабрува

• Веднаш отфрли ги неисправните мисли

• Исполни го умот со духовно изградувачки мисли

• Прифати ја помошта што можат да ја дадат зрелите сохристијани

• Избегнувај компромитирачки ситуации

• Моли се за Божја помош кога си во искушение

[Слики на страници 18 и 19]

Самосовладувањето нѐ поттикнува да правиме добро