Како можеш да донесуваш — мудри одлуки?
Како можеш да донесуваш — мудри одлуки?
„МУДРИОТ ќе слуша и повеќе ќе научи“, рекол Соломон, царот на древниот Израел. Речиси сите ние понекогаш донесуваме немудри одлуки, едноставно затоа што сме пропуштиле да го послушаме советот на другите (Пословици 1:5, NW).
Овие зборови на Соломон подоцна биле запишани во Библијата, заедно со други „три илјади мудри изреки“ што ги составил (1. Цареви 4:32). Можеме ли да извлечеме корист од тоа што ќе ги знаеме и ќе обрнеме внимание на неговите мудри изреки? Да. Тие ни помагаат да ‚ја сознаеме мудроста и поуката, да ги сфатиме благоразумните зборови; да примиме умна поука, правда, правосудство и правичност‘ (Пословици 1:2, 3). Да подискутираме за пет библиски упатства што можат да ни помогнат да донесуваме мудри одлуки.
Размисли за долгорочните последици
Некои одлуки ќе имаат значајни последици. Затоа, обиди се однапред да одредиш кои ќе бидат тие последици. Пази да не дозволиш привлечните привремени користи да те направат слеп за можните несакани долгорочни последици. „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна“, предупредува Пословици 22:3.
Од помош може да биде ако си направиш список кои би биле привремените а кои долгорочните последици. Привремените резултати од тоа ако избереме одредено работно место можат да бидат добра плата и пријатна работа. Но, можно ли е долгорочните последици да вклучуваат да се има работа без вистинска иднина? Можно ли е на крај да треба да се преселиш на друго место, можеби далеку од пријателите или семејството? Дали можеби ќе те изложи на нездрава средина или ќе биде толку здодевна што ќе станеш длабоко фрустриран? Одмери ги предностите и недостатоците, и потоа одлучи што треба да биде на прво место.
Одвој си доволно време
Набрзина донесените одлуки лесно може да излезат немудри. Пословици 21:5 предупредува: „Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво“. На пример, заљубените тинејџери не треба да брзаат кога одлучуваат дали да стапат во брак. Во спротивно, можеби ќе ја искусат вистинитоста на она што го рекол Вилијам Конгрејв, англиски драмски писател од почетокот на 18 век: „Се жениш набрзина, се каеш пополека“.
Меѓутоа, да се одвои доволно време не значи да се одолговлекува. Некои одлуки се толку важни што мудроста налага да бидат донесени колку што е можно побрзо.
Непотребното одложување може скапо да нѐ чини или нас или другите. Непотребното одложување на некоја одлука може и самото да биде одлука — веројатно немудра.Биди отворен за совет
Бидејќи нема две сосем исти ситуации, две лица можеби нема секогаш да донесат идентични одлуки кога се соочуваат со слични проблеми. Сепак, од помош е кога ќе чуеме какви одлуки донеле другите околу работи слични на нашите. Прашај ги како би ги процениле своите одлуки сега. Кога избираш занает, на пример, прашај ги оние што веќе го работат тој занает да ти ги кажат и добрите и лошите страни на занаетот. Што сметаат тие дека се користите од нивниот избор а што недостатоците или можните опасности?
„Не успеваат намерите, каде што нема советување“, предупредени сме, „а се остваруваат каде има многу советници“ (Пословици 15:22). Се разбира, кога бараме совет и учиме од искуството на другите, треба да го правиме тоа потполно свесни дека лично ние мораме да ја донесеме конечната одука и дека ние ја носиме одговорноста (Галатите 6:4, 5).
Обрни внимание на добро школуваната совест
Совеста може да ни помогне да донесуваме одлуки во склад со основните начела што ги избираме за да го обликуваме својот живот. За еден христијанин ова значи да ја школува својата совест да биде обликувана според Божјите мисли (Римјаните 2:14, 15). Божјата реч ни кажува: „Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:6). Се разбира, за некои работи, две лица — секое со добро школувана совест — можат да дојдат до различни заклучоци и според тоа да донесат и различни одлуки.
Меѓутоа, една добро школувана совест ќе отфрли таква слобода на избор кога станува збор за постапки што се директно осудени во Божјата реч. На пример, совест што не е школувана според библиските начела може да им дозволи на еден маж и една жена да проверат дали си одговараат пред бракот едноставно така што ќе живеат заедно. Можеби мислат дека донеле мудра одлука, резонирајќи дека тоа ќе ги спречи да влетаат во немудар брак. Можеби нивната совест не ги осудува. Сепак, секој што го дели Божјето гледиште во врска со сексот и бракот нема да се одлучи на такво привремено и неморално уредување (1. Коринќаните 6:18; 7:1, 2; Евреите 13:4).
Како влијаат твоите одлуки врз другите
Честопати, твоите одлуки можат да влијаат врз другите. Затоа никогаш немој намерно да донесеш немудра — па дури и глупава — одлука што би можела да ти ги загрози скапоцените односи со пријателите и роднините или, пред сѐ, со Бог. Пословици 10:1 вели: „Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка“.
Од друга страна, пак, сфати дека понекогаш е неопходно да избереш меѓу пријателствата. Да илустрираме, можеби ќе одлучиш да ги отфрлиш религиозните гледишта што си ги имал порано а за кои сега знаеш дека се во спротивност на Библијата. Или можеби ќе одлучиш да направиш големи промени во личноста зашто сакаш да го обликуваш својот живот според Божјите упатства што сега си ги
прифатил. Твојата одлука можеби нема да им се допадне на некои пријатели или роднини, но секоја одлука што му се допаѓа на Бог е мудра одлука.Мудро донеси ја најважната одлука
Иако на поголемиот број луѓе не им е познато, денес секој е соочен со одлука помеѓу живот и смрт. Со слична ситуација се соочиле и древните Израелци што биле улогорени на границата со Ветената земја во 1473 пр.н.е. Во улога на Божји говорник, Мојсеј им рекол: „Пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, љубејќи го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци, Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде“ (Второзаконие 30:19, 20).
Библиските пророштва и хронологија покажуваат дека живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ и дека „се менува сцената на овој свет“ (2. Тимотеј 3:1; 1. Коринќаните 7:31). Претскажаната промена ќе кулминира со уништување на пропаднатиот човечки систем, кој ќе биде заменет со Божјиот нов свет на праведност.
Ние сме на прагот на тој нов свет. Ќе влезеш ли во него за да уживаш во вечен живот на земјата под Божјето Царство? Или ќе бидеш отстранет од земјата кога ќе биде уништен системот на Сатана? (Псалм 37:9—11; Пословици 2:21, 22). Одлуката за тоа каков правец ќе следиш останува на тебе, навистина одлука на живот или смрт. Ќе прифатиш ли помош за да ја донесеш исправната одлука, мудрата одлука?
Одлуката за живот вклучува најпрво да ги дознаеме Божјите барања. Црквите во најголем дел пропуштиле точно да ги пренесат овие барања. Нивните водачи честопати ги заведувале луѓето да веруваат во лаги и да прават работи што не му се допаѓаат на Бог. Пропуштиле да ја објаснат потребата од тоа да се донесе лична одлука да се обожава Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Затоа многу луѓе не го обожаваат така. Но, забележи што рекол Исус: „Кој не е на моја страна, против мене е, и кој не собира со мене, растура“ (Матеј 12:30).
Јеховините сведоци со радост им помагаат на луѓето да стекнат подобро спознание од Божјата реч. Тие водат редовни библиски дискусии со поединци или групи во време и на место што ним им одговара. Оние што сакаат да ја искористат оваа подготовка треба или да стапат во контакт со локалните Сведоци или да пишат до издавачите на Стражарска кула.
Се разбира, можеби некои веќе имаат основно спознание за тоа што бара Бог. Можеби дури се убедени во вистинитоста и веродостојноста на Библијата. Сепак, голем број од нив ја одложуваат одлуката да му се предадат на Бог. Зошто? Може да има неколку причини.
Дали можеби не се свесни колку е тоа важно? Исус јасно рекол: „Нема секој кој ми вели: ‚Господи, Господи‘, да влезе во небесното царство, туку оној кој ја врши волјата на мојот Татко кој е на небесата“ (Матеј 7:21). Не е доволно да се има само библиско спознание; потребна е акција. Раното христијанско собрание го дало образецот. За некои од првиот век читаме: „Кога му поверуваа на Филип, кој ја објавуваше добрата вест за Божјето царство и за името на Исус Христос, се крштаваа, и мажи и жени“ (Дела 2:41; 8:12). Според тоа, ако некој искрено ја прифатил Божјата реч, верува во тоа што таа го кажува и го довел својот живот во склад со Божјите мерила, што го спречува да се крсти во симбол на неговото предание? (Дела 8:34—38). Се разбира, за да биде прифатлив за Бог, треба спремно и со радосно срце да го преземе овој чекор (2. Коринќаните 9:7).
Некои можеби сметаат дека немаат доволно спознание за да му го предадат својот живот на Бог. Но, секој што
тргнува по нов пат во животот има ограничено спознание. Кој професионалец ќе тврди дека знаел исто толку на почетокот на својата кариера колку и сега? Одлуката да му се служи на Бог едноставно бара спознание за основните библиски учења и начела, заедно со искрена желба да се живее во склад со нив.Дали некои ја одложуваат својата одлука од страв дека нема да успеат да живеат во склад со таа одлука? Во многу обврски на луѓето е вклучена разумна загриженост од неуспех. Еден човек што ќе одлучи да се ожени и да има семејство може да чувствува дека на некој начин не е дораснат за тоа, но тоа што се обврзал ќе му служи како поттик да стори сѐ што може. На сличен начин, едно младо лице со нова возачка дозвола можеби по малку се плаши да не доживее сообраќајна несреќа — особено ако е свесен за статистиката што покажува дека, пропорционално, младите возачи се посклони на несреќи отколку поискусните. Меѓутоа, ова спознание може да биде од корист и да го поттикне да вози повнимателно. Не е никакво решение да не сака да добие дозвола!
Одлучи се за живот!
Библијата покажува дека сегашниот политички, економски и религиозен глобален систем и оние што го поддржуваат наскоро ќе ги снема од земјата. Сепак, поединците што мудро се одлучиле за живот и што постапуваат во склад со тоа, ќе останат. Како јадро на новото општество, тие ќе учествуваат во тоа да ја направат земјата рај, каква што била и првобитната намера на Бог. Би сакал ли и ти, под водство од Бог, да учествуваш во ова радосно дело?
Ако да, одлучи да ја проучуваш Божјата реч. Одлучи да ги дознаеш Божјите барања за да му угодиш на Бог. Одлучи да ги исполниш. Пред сѐ, одлучи да ја оствариш својата одлука. Кратко кажано, одлучи се за живот!
[Слики на страница 4]
Одвој си доволно време за сериозните одлуки
[Слика на страница 5]
Биди отворен за совет при изборот на кариера
[Слики на страница 7]
Оние што ќе одлучат да му служат на Бог сега ќе учествуваат во тоа да ја направат земјата рај