Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, одете достојно на Јехова

Млади, одете достојно на Јехова

Млади, одете достојно на Јехова

НЕКОИ христијански младинци морале привремено да живеат одвоено од своето семејство и од своето собрание. Некои го направиле тоа за да ја зголемат својата служба. Други морале да си заминат од дома поради нивниот неутрален став кон работите на овој свет (Исаија 2:4; Јован 17:16). Во некои земји, „цезарот“ ги осудил на затвор или на цивилна служба младинците што го задржуваат интегритетот a (Марко 12:17; Тит 3:1, 2).

Додека ги отслужуваат затворските казни поради нивната неутралност, овие младинци можеби на подолг период ќе бидат затворени со разни престапници. Тоа што и од други причини се далеку од дома, на сличен начин ги присилило младинците да работат во недолична средина. Како можат овие христијански младинци или други што се присилени да живеат во таква ситуација успешно да се справат со притисоците и барањата со кои се соочуваат додека настојуваат да ‚одат достојно на Бог‘? (1. Солуњаните 2:12). Како можат нивните родители да им помогнат да се подготват за кои и да било можни непријатни околности? (Пословици 22:3).

Некои конкретни предизвици

„Беше тешко и застрашувачки да се биде далеку од заштитничката грижа на моите родители како и од љубезното надгледување на старешините што добро ме познаваа“ вели 21-годишниот Такис, кој морал да биде 37 месеци отсутен од дома. b Тој додава: „Понекогаш се чувствував крајно ранлив“. Дваесетгодишниот Петрос морал да биде отсутен од дома повеќе од две години. Тој признава: „Првпат во мојот живот морав да донесувам одлуки во врска со забавата и друштвото сосем сам, а моите избори не беа секогаш мудри“. Понатаму коментира: „Понекогаш се чувствував уплашен поради поголемата одговорност што дојде со поголемата слобода“. Тасос, христијански старешина што редовно контактира со христијанските младинци што се во ваква ситуација, забележува: „Нечистиот говор, бунтовноста и насилното однесување на другите што не се верници може да влијае врз невнимателните и ранливите младинци“.

Додека живеат и работат меѓу луѓе што немаат почит кон библиските начела, таквите христијански младинци треба да се чуваат од искушението да го имитираат неморалниот и небиблискиот начин на живот на нивните врсници (Псалм 1:1; 26:4; 119:9). Може да се чини дека е тешко да се задржи добра рутина на лично проучување, присуство на состаноците и служба на теренот (Филипјаните 3:16). Исто така, можеби нема да биде лесно да се постават духовни цели и да се работи на тоа да се исполнат.

Се разбира, верните христијански младинци сакаат да му угодат на Бог со своето однесување и говор. Тие лојално се трудат да обрнат внимание на привлечната покана од нивниот небесен Татко: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува“ (Пословици 27:11). Тие сфаќаат дека нивниот изглед и нивното однесување влијаат врз тоа како другите ќе гледаат на Јехова и на неговиот народ (1. Петрово 2:12).

За пофалба е тоа што повеќето од овие младинци го даваат најдоброто од себе за да бидат како и нивните браќа од првиот век за коишто апостол Павле се молел: ‚Одете достојно на Јехова, за потполно да му угодите додека и понатаму донесувате плод во секое добро дело . . . за потполно да истраете и да бидете долготрпеливи со радост‘ (Колошаните 1:9—11). Библијата дава неколку примери на богобојазливи младинци што успешно оделе достојно на Бог во една туѓа, непријателска и идолопоклоничка средина (Филипјаните 2:15).

‚Господ беше со Јосиф‘

Како млад, Јосиф, саканиот син на Јаков и Рахила, се нашол далеку од заштитничкото гнездо на својот богобојазлив татко. Бил продаден во ропство во Египет. Јосиф оставил одличен пример како вреден, доверлив и морален млад човек. И покрај тоа што му бил роб на Петефриј — човек што не бил обожавател на Јехова — Јосиф бил совесен и марлив, така што неговиот господар на крај му ги доверил сите работи околу домаќинството нему (Битие 39:2—6). Јосиф го задржал својот интегритет кон Јехова и, кога како резултат на тоа бил фрлен в затвор, не си рекол: „Што корист од сето тоа?“ Дури и во затвор ги покажал своите извонредни особини и набрзо се грижел за многу детали околу функционирањето на затворот (Битие 39:17—22). Бог го благословил и, како што е кажано во Битие 39:23, „Господ беше со него“.

Колку би му било лесно на Јосиф, изолиран од своето богобојазливо семејство, да го приспособи своето однесување на однесувањето на паганите кои живееле околу него и да го обликува својот живот според неморалниот начин на живот на Египќаните! Наместо тоа, тој се држел за Божјите начела и задржал чиста положба и покрај најсилни искушенија. Кога сопругата на Петефриј постојано го терала да има односи со неа, неговиот одлучен одговор бил: „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ (Битие 39:7—9).

Денес, младите Сведоци треба да обрнат внимание на библиските предупредувања против недоличното друштво, неморалната забава, порнографијата и понижувачката музика. Тие сфаќаат дека „Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите“ (Пословици 15:3).

Мојсеј се држел настрана од ‚уживањето на гревот‘

Мојсеј пораснал на дворот на фараонот, во идолопоклоничка средина која била оддадена на задоволства. Библијата за него вели: „Со вера Мојсеј . . . одби да биде наречен син на фараоновата ќерка, избирајќи да биде малтретиран заедно со Божјиот народ наместо да го има привременото уживање на гревот“ (Евреите 11:24, 25).

Резултат од пријателството со светот може да бидат извесни предности, но тие се краткотрајни. Во најдобар случај, можат да траат само во ова ограничено време што му останува на овој свет (1. Јованово 2:15—17). Зарем не би било подобро да се следи примерот на Мојсеј? Библијата вели дека ‚останал цврст како да го гледа Оној кој е невидлив‘ (Евреите 11:27). Го задржал својот ум сосредоточен на духовното наследство на неговите богобојазливи предци. Јеховината намера ја направил своја намера во животот, поставувајќи си за цел да ја врши Божјата волја (Излез 2:11; Дела 7:23, 25).

Кога богобојазливите младинци ќе се најдат во некоја безбожна и непријателска средина, можат да го зајакнат својот личен однос со Јехова преку лично проучување и со тоа што подобро ќе го запознаат „Оној кој е невидлив“. Потполна програма на христијански активности, вклучувајќи го и редовното присуство на состаноците и службата на теренот, ќе им помогне на овие младинци да го задржат својот ум сосредоточен на духовни работи (Псалм 63:6; 77:12). Треба да настојуваат да негуваат исто толку силна вера и надеж како Мојсеј. Добро е да го сосредоточат своето размислување и постапки на Јехова, среќни што се негови пријатели.

Таа го користела својот јазик за да го слави Бог

Една друга млада личност што се покажала примерна додека била далеку од дома било израелското девојче што било заробено од Сиријците во времето на Божјиот пророк Елисеј. Тоа ѝ станало слугинка на сопругата на еден лепрозен сириски војсководач, Нееман. Ова девојче ѝ рекло на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата“. Поради неговото сведоштво, Нееман отишол кај Елисеј во Израел и бил исчистен од лепрата. Освен тоа, Нееман станал обожавател на Јехова (2. Цареви 5:1—3, 13—19).

Примерот на ова девојче ја нагласува потребата младите да го користат својот јазик на начин со кој ќе го слават Бог, дури и кога се далеку од своите родители. Ако тоа девојче имало навика да користи „глупави зборови“ или „срамотни шеги“, дали ќе му било пријатно да го користи својот јазик делотворно како што и сторило кога се појавила прилика за тоа? (Ефешаните 5:4; Пословици 15:2). Никос, млад човек во своите 20-ти години, кој бил в затвор поради неговиот неутрален став, си спомнува: „Кога со некои други млади браќа бевме во еден земјоделски затвор, далеку од авторитетот на родителите и собранието, забележав дека квалитетот на нашиот говор се расипа. Во никој случај не му донесуваше слава на Јехова“. За среќа, на Никос и на другите во врска со оваа работа им било помогнато да обрнат внимание на советот од апостол Павле: „Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе“ (Ефешаните 5:3).

Јехова бил реален за нив

Искуството на тројцата еврејски другари на Даниел во древниот Вавилон сведочи за вистинитоста на начелото што Исус го кажал дека покажувањето вера во мали работи доведува до покажување вера и во големите работи (Лука 16:10). Кога се соочиле со проблемот да јадат храна што била забранета со Мојсеевиот закон, тие можеле да си најдат оправдание дека се заробеници во туѓа земја и дека затоа немаат друг избор. Но, каков само благослов добиле затоа што сериозно гледале дури и на нешто што можеби се чинело како мала работа! Тие се покажале и поздрави и помудри од сите други заробеници што продолжиле да јадат од царските јадења. Верата во овие мали работи несомнено ги зајакнала, па така кога се соочиле со поголем испит, да се поклонат на еден идол, одбиле да направат компромис (Даниел 1:3—21; 3:1—30).

Јехова бил многу реален за овие тројца млади мажи. И покрај тоа што биле далеку од дома и од центарот на Божјето обожавање, биле решени да останат неизвалкани од светот (2. Петрово 3:14). Нивниот однос со Јехова им бил толку скапоцен што биле спремни и да го жртвуваат својот живот за него.

Јехова нема да те отфрли

Кога младите се далеку од оние што ги сакаат и на кои им веруваат, се разбира дека може да се чувствуваат несигурни, колебливи и загрижени. Меѓутоа, тие можат да се соочат со своите испити и искушенија потполно уверени дека Јехова ‚нема да ги отфрли‘ (Псалм 94:14). Ако тие младинци ‚трпат поради праведноста‘, Јехова е тука да им помогне да продолжат да одат по „патот на правдата“ (1. Петрово 3:14; Пословици 8:20).

Јехова постојано ги зајакнувал и богато ги наградил Јосиф, Мојсеј, младата израелска робинка и тројцата верни еврејски младинци. Денес, тој го користи својот свет дух, својата Реч и својата организација за да ги поткрепи оние што ‚водат добра борба на верата‘, и ја става пред нив наградата ‚вечен живот‘ (1. Тимотеј 6:11, 12). Да, да се оди достојно на Јехова е возможно, а и мудро (Пословици 23:15, 19).

[Фусноти]

a Види ја Стражарска кула од 1 мај 1996, страници 18—20.

b Некои имиња се сменети.

[Рамка на страница 25]

РОДИТЕЛИ — ПОДГОТВЕТЕ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА!

„Стрела во раката на воинот — тоа се синовите на младоста“ (Псалм 127:4). Една стрела не стигнува случајно до својата цел. Таа мора вешто да биде насочена. На сличен начин, децата нема да бидат подготвени да се соочат со реалноста на тоа да се живее далеку од дома без исправно водство од родителите (Пословици 22:6).

Младите се склони да постапуваат импулсивно или да се препуштат на „желбите кои ѝ се својствени на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Библијата предупредува: „Прачката и изобличувањето даваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка“ (Пословици 29:15). Пропустот да се постават ограничувања на младешкото однесување го остава детето неподготвено за барањата и притисоците на животот далеку од дома.

На еден јасен и одговорен начин, христијанските родители треба да им ги истакнат на своите деца тешкотиите, притисоците и реалноста на животот во овој систем на работи. Без да бидат песимистични или негативни, можат да ги опишат непријатните услови со кои може да се соочи едно младо лице ако мора да живее далеку од дома. Ова воспитание, заедно со мудроста дадена од Бог, ќе им „даде памет на неискусните; знаење и умеење на младиот човек“ (Пословици 1:4).

Родителите што всадуваат побожни вредности и морални начела во срцето на своите деца ги оспособуваат да ги преживеат предизвиците на животот. Редовната семејна библиска студија, отворената комуникација и искрениот интерес за доброто на своите деца, може да направи голема разлика меѓу успех и неуспех. Родителите треба да дадат божествена поука на еден урамнотежен, но сепак позитивен и разумен начин, подготвувајќи ги децата да застанат на свои нозе подоцна во животот. Со личен пример, родителите можат да ги поучат своите деца дека е возможно да се биде во светот но да не се биде дел од него (Јован 17:15, 16).

[Слика на страница 23]

Некои христијански младинци мораат да живеат далеку од дома

[Слики на страница 24]

Со тоа што ќе се спротивстават на искушенијата, младите можат да го имитираат Јосиф и да останат морално чисти

[Слики на страница 26]

Имитирај ја младата израелска робинка, која го користела својот јазик за да му донесе фалба на Јехова