Прашања од читателите
Прашања од читателите
На кого укажувал Јехова кога рекол „еден од Нас“ во Битие 3:22?
Изгледа дека Јехова укажувал на себе и на својот единороден Син кога рекол: „Човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото“ (Битие 3:22). Да разгледаме зошто.
Јехова ги кажал овие зборови откако изрекол казна врз првата човечка двојка. Некои сметаат дека изразот „еден од Нас“ е множина за изразување величество, како што еден човечки крал би можел да рече „ние не сме задоволни“ кога зборува само за себе. Меѓутоа, во врска со Битие 1:26 и 3:22, библискиот изучувач Доналд Е. Гаун вели: „Никаде во С[тариот] З[авет] нема поткрепа за поголемиот број дадени предлози: кралското ‚ние‘, или како показател за повеќе лица во Бог . . . Ниедно од овие објаснувања не изгледа многу разумно за 3:22, каде што се зборува за ‚еден од нас‘“.
Можно ли е Јехова да укажувал на Сатана Ѓаволот, кој почнал на своја рака да одлучува помеѓу „доброто и злото“ и кој влијаел врз првите луѓе да го сторат истото? Тоа не е разумно. Овде Јехова го употребил изразот „еден од Нас“. Сатана не бил повеќе меѓу мноштвото верни ангели на Јехова, значи не можел да биде вклучен меѓу оние што биле на страната на Јехова.
Дали Бог укажувал на верните ангели? Не можеме да кажеме со сигурност. Меѓутоа, сличноста на изразите од Битие 1:26 и 3:22 ни дава трага. Во Битие 1:26 читаме дека Јехова рекол: „Да направиме човек според Нашиот лик, според Нашата сличност“. На кого се осврнал со овие зборови? Укажувајќи на духовното суштество кое станало совршениот човек Исус, апостол Павле рекол: „Тој е сликата на невидливиот Бог, првороден од сето создание; зашто преку него било создадено сѐ друго на небесата и на земјата“ (Колошаните 1:15, 16). Да, изгледа логично дека во Битие 1:26, Јехова му зборувал на својот единороден Син, ‚вештиот градител‘, кој бил покрај него додека ги создавал небото и земјата (Пословици 8:22—31, NW). Сличноста на изразот во Битие 3:22 укажува дека Јехова повторно му зборувал на оној што му е најблизок, неговиот единороден Син.
Божјиот единороден Син изгледа имал спознание за „доброто и злото“. Од своето долго и блиско искуство со Јехова, тој сигурно добро научил какво е размислувањето на својот Татко, неговите начела и мерила. Уверен дека неговиот Син ги познава овие работи и дека им е лојален, Јехова можеби му дал одредена слобода да се справува со работите без директно да се консултира со него за секоја работа. Значи Синот би бил способен и овластен да одлучи до овој степен што е добро а што зло. Меѓутоа, за разлика од Сатана, Адам и Ева, тој не поставил мерило што било спротивно на Јеховиното.