Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исправната причина за да се верува во Бог

Исправната причина за да се верува во Бог

Исправната причина за да се верува во Бог

КОРЕЈСКАТА книга 31 Reasons Why Young People Leave the Church (31 причина зошто младите ја напуштаат црквата) тврди дека многумина престануваат да одат во црква затоа што не можат да најдат задоволувачки одговори на своите прашања. На пример, тие се прашуваат: ‚Зошто луѓето кои веруваат во Бог страдаат?‘ и ‚Зошто мораме да прифатиме сѐ што поучуваат црквите кога многу од учењата се збунувачки и противречни?‘

Разочарани од одговорите што ги добиваат од своето свештенство, мнозина заклучуваат дека во Библијата нема одговор. Кога некој свештеник ќе даде објаснување што се темели само на неговото лично мислење, резултатот е тоа што луѓето честопати погрешно ги сфаќаат, па дури и ги отфрлаат Бог и Библијата.

Такво било искуството и на Абел, кој бил воспитан како лутеран во Јужна Африка. Тој си спомнува: „Црквата поучува дека Бог го ‚зема‘ секој што ќе умре. Но, не можев да сфатам зошто еден Бог на љубов би ги ‚зел‘ родителите од нивните деца. Во селските области во Африка каде што пораснав, не колевме кокошка додека не пораснеа пиленцата. Ако видевме дека некоја крава е стелна, не ја колевме додека телето не се родеше и не престанеше да цица. Не можев да сфатам зошто еден Бог полн со љубов не покажува иста таква обѕирност за луѓето“.

Арам, Канаѓанец, имал слични сомневања. „Кога имав 13 години, умре татко ми“, раскажува тој. „Во погребната служба, еден истакнат свештеник објасни дека Бог сакал татко ми да умре за да може да биде поблизу до него на небото. ‚Бог ги зема добрите луѓе‘, рече тој, ‚зашто Бог ги сака праведните.‘ Не сфаќав како може Бог да биде толку себичен.“

Со текот на времето, и Абел и Арам дошле во контакт со Јеховините сведоци, ја проучувале Библијата со нив и конечно нашле одговори на своите прашања. Тие развиле љубов и силна вера во Бог. На крај, му го предале својот живот на Јехова и станале негови лојални слуги.

Точното спознание — клуч за вера во Бог

Што можеме да научиме од овие искуства? Тие ни кажуваат дека, кога станува збор за вера во Бог, неопходно е точно спознание од Библијата. На христијаните во древниот град Филипи, апостол Павле им рекол: „За ова постојано се молам, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во точно спознание и во полна проникливост“ (Филипјаните 1:9). Овде Павле ја поврзува љубовта кон Бог и кон сохристијаните со точно спознание за Бог и со проникливост за тоа која е неговата волја.

Ова е разумно зашто првото барање за да имаш доверба во некого е да го познаваш — колку попотполно и поточно толку подобро. Слично на тоа, потребно е точно спознание за да бидеш мотивиран да веруваш во Бог. „Верата е осигуреното очекување на она на кое човек се надева, јасното докажување на стварности иако не се гледаат“, рекол Павле (Евреите 11:1). Верата во Бог без точно спознание од Библијата е како кула од карти. Доволно е малку да дувнеш и ќе се сруши.

Тоа што ќе ја проучуваш Библијата може да ти помогне да ги најдеш одговорите на прашања како прашањето што долго ги збунувало Абел и Арам: ‚Зошто луѓето умираат?‘ Библијата објаснува дека „преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Луѓето стареат и умираат не затоа што Бог ги зема да бидат со него туку затоа што Адам згрешил (Битие 2:16, 17; 3:6, 17—19). Освен тоа, Библијата ја открива вистинската надеж што Јехова Бог ја нуди. Преку неговиот Син, Исус Христос, тој им дава надеж за воскресение на грешните луѓе (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

За да ни помогне да ја сфатиме вистината за воскресението, библискиот извештај содржи неколку примери на поединци што Исус ги вратил во живот (Лука 7:11—17; 8:40—56; Јован 11:17—45). Додека ги читаш овие библиски извештаи, забележи ја радоста и одушевеноста што ја доживеале пријателите и семејствата на воскреснатите. Исто така, забележи дека биле мотивирани да го слават Бог и да положат вера во Исус.

Точното спознание за Бог и неговите намери може да има исто влијание и врз луѓето денес. Многумина некогаш биле збунети, оптоварени, па дури и спрепнати од важни прашања за кои не можеле да најдат задоволувачки одговори. Но, додека ја проучувале Библијата ги нашле одговорите, а тоа потполно им го променило животот.

Љубовта кон Бог — главна причина да му служиме

Иако точното спознание е неопходно за да се има вера во Бог, за некој да биде мотивиран да му биде послушен и да му служи потребно е многу повеќе. Кога бил запрашан која е најголемата Божја заповед, Исус рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум и со сета своја сила“ (Марко 12:30). Ако некој го љуби Бог онака како што кажал Исус, тој секогаш ќе биде спремен да му биде послушен и да му служи. Дали е тоа случај и со тебе?

Рејчел, која неколку децении служи како мисионер во Кореја, ја дава оваа причина за својата вера: „Размислувам за тоа колку е Јехова великодушен кон своите творештва, за неговото простување во постапките со својот народ и неговата желба да ни биде добро така што ни кажува што сака од нас. Поради сите овие работи, мојата љубов кон Бог расте. А таа љубов ме тера да сакам да му служам“.

Марта, вдовица од Германија, му служи на Јехова веќе 48 години. Таа вели: „Зошто му служам на Јехова? Затоа што го сакам. Секоја вечер разговарам со Јехова во молитва и му кажувам колку многу сум му благодарна за сите негови дарови, особено за откупната жртва“.

Да, љубовта кон Бог нѐ тера да сакаме да му служиме од сѐ срце. Но, како стекнуваме таква љубов? Најсилното нешто што нѐ поттикнува да негуваме љубов кон Бог е длабоката благодарност за љубовта што тој ни ја покажува нам. Забележи го ова охрабрувачко потсетување од Библијата: „Кој не љуби не го запознал Бог, зашто Бог е љубов. По тоа беше покажана Божјата љубов во нашиот случај, бидејќи Бог го испрати својот единороден Син во светот за преку него да добиеме живот. Љубовта се состои во ова, не дека ние го љубевме Бог, туку дека тој нѐ љубеше и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 4:8—10).

Сфаќаш ли колку е голема оваа љубов? Замисли си дека се давиш во некоја брза река и дека еден човек го ризикува својот живот за да те спаси. Би го заборавил ли, или би му бил крајно благодарен? Зарем нема да бидеш спремен да направиш сѐ што можеш за него? Љубовта што Бог ја покажал со тоа што го дал својот Син, Исус Христос, како откупна жртва е неспоредливо поголема (Јован 3:16; Римјаните 8:38, 39). Кога срцето ти е трогнато од Божјата љубов, ќе бидеш мотивиран да го љубиш и да му служиш со цело срце.

Благослови сега и во иднина

Иако нашата љубов кон Бог треба да биде главната причина за да ја вршиме неговата волја, охрабрува и тоа што знаеме дека Бог ги наградува оние што му служат. Апостол Павле истакнува: „Без вера е невозможно да му се угоди, зашто оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6).

Бог вистински ги благословува оние што го сакаат и што му служат. Мнозина имаат подобро здравје затоа што ги следат библиските начела (Пословици 23:20, 21; 2. Коринќаните 7:1). Оние што ги применуваат библиските начела во врска со чесноста и марливоста обично ја имаат довербата на своите работодавачи а со тоа имаат и поголема економска сигурност (Колошаните 3:23). Затоа што ја полагаат својата доверба во Јехова, Божјите слуги се благословени со душевен мир дури и кога се во тешки околности (Пословици 28:25; Филипјаните 4:6, 7). Пред сѐ, тие со сигурност го очекуваат благословот на вечен живот во претстојниот Рај на земјата (Псалм 37:11, 29).

Што чувствуваат за Јехова оние што уживаат вакви благослови од него? Џеклин, христијанка од Канада, го изразува своето ценење за Бог: „Тој секогаш ни дава толку прекрасни дарови и ни ја дава сигурната надеж за вечен живот“. Абел, спомнат претходно, вака ги опишува своите чувства: „Изгледот да живеам засекогаш на рајска земја беше нешто ново за мене и со нетрпение го очекувам. Меѓутоа, и кога би немало Рај, сепак ќе ми беше задоволство да му ја покажам мојата љубов на Бог така што ќе му служам“.

И ти можеш да имаш вистинска вера

‚Ти, Господи над Војските, судиш праведно, ги испитуваш срцето и бубрезите‘, вели Библијата (Еремија 11:20). Да, Јехова го испитува она што е скриено во најдлабокото катче на нашето битие. Секој треба да го преиспита својот мотив зошто верува во Бог. Погрешните верувања и замисли за Бог можеби воделе до погрешни постапки во минатото. Но, точното спознание од Библијата може да води до исправен однос со Творецот, Јехова Бог (1. Тимотеј 2:3, 4).

Преку нивната подготовка за бесплатна домашна библиска студија, Јеховините сведоци им помагаат на луѓето да стекнат точно спознание за Бог (Матеј 28:20). Мнозина што ја прифатиле оваа помош го засакале Бог и развиле искрена вера во него. Преку проучување на Библијата, стекнале ‚мудрост и способност за расудување‘ што им помага ‚сигурно да одат‘ во овие опасни времиња (Пословици 3:21—23NW). Што е најважно, тие сега имаат една „сигурна и цврста“ надеж за иднината (Евреите 6:19). И ти можеш да имаш вистинска вера и да уживаш во овие благослови.

[Рамка на страница 6]

Збунувачки прашања за кои биле потребни одговори

„Додека како студент на медицина бев на пракса во болницата, гледав како добри луѓе офкаат од болка поради болести или несреќи. Ако има Бог, зошто се случуваат овие работи? Дали религијата е само средство за да се добие внатрешен мир?“ (поранешен презвитеријанец од Кореја).

„Честопати се прашував дали татко ми, кој беше алкохоличар, отишол во пеколот или на небото. Бев преплашена од мртвите и од идејата за пеколен оган. Не можев да сфатам како може еден љубезен Бог да испрати некого вечно да страда во пеколот“ (поранешна католичка од Бразил).

„Што носи иднината за земјата и за човештвото? Како би можеле луѓето да живеат вечно? Како да постигнат вистински мир?“ (поранешен католик од Германија).

„За мене учењето за реинкарнација немаше смисла. Животните не обожаваат, па ако од некоја причина си реинкарниран во животно за да ги отплатиш своите гревови, како ќе ги поправиш работите и како ќе напредуваш од таа положба?“ (поранешен хиндус од Јужна Африка).

„Пораснав во конфучијанско семејство и учествував во ритуалот за починка на нашите претци. Додека учествував во поставувањето на жртвената маса и додека се поклонував, се прашував дали мртвите претци доаѓаат да ја јадат храната и да видат дека им се поклонуваме“ (поранешен конфучијанист од Кореја).

Сите овие поединци нашле одговори на своите прашања кога ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци.