Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Најди голема радост во Јехова“

„Најди голема радост во Јехова“

„Најди голема радост во Јехова“

„Најди голема радост во Јехова, и тој ќе ти даде што ти срце сака“ (ПСАЛМ 37:4, NW).

1, 2. Кој е Изворот на вистинска среќа, и како цар Давид свртел внимание на тоа?

 „СРЕЌНИ се оние кои се свесни за своите духовни потреби . . . среќни се милосрдните . . . среќни се мирољубивите.“ Заедно со уште шест други описи на оние што се среќни, овие изјави го сочинуваат извонредниот увод во Исусовата прочуена Проповед на Гората, како што ја запишал Матеј, писателот на едно евангелие (Матеј 5:3—11). Овие зборови на Исус нѐ уверуваат дека можеме да бидеме среќни.

2 Една света песна што ја запишал цар Давид од древниот Израел свртува внимание на Изворот на вистинска среќа, Јехова. „Најди голема радост во Јехова“, рекол Давид, „и тој ќе ти даде што ти срце сака“ (Псалм 37:4NW). Но, на кој начин може да ни претставува „голема радост“ тоа што го познаваме Јехова, како и многуте фасети на неговата личност? На кој начин размислувањето за она што го направил и што допрва ќе го направи за да ја исполни својата намера ти го нуди изгледот да добиеш „што ти срце сака“? Одговорот ќе го добиеме ако подетално го разгледаме 37. Псалм, стихови 1 до 11.

‚Не завидувај‘

3, 4. Како што е запишано во Псалм 37:1, кој совет го дал Давид, и зошто денес е на место да го следиме?

3 Живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ и во кои изобилува злобата. Гледаме како се исполнуваат зборовите на апостол Павле: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи и бидувајќи заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Колку само е лесно да ни влијае привидниот успех и напредок на злобните луѓе! Сето тоа може да ни го одвлече вниманието и да предизвика да се измести фокусот на нашиот духовен вид. Забележи како воведните зборови од 37. Псалм нѐ опоменуваат на оваа потенцијална опасност: „Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие“.

4 Светските медиуми секојдневно нѐ бомбардираат со извештаи за бројни неправди. Нечесните бизнисмени вршат проневери без да бидат казнети. Криминалците ги искористуваат незаштитените. Убијците остануваат неоткриени или се извлекуваат неказнети. Сите вакви примери на искривување на правдата можат да предизвикаат гнев и да ни го нарушат душевниот мир. Привидниот успех на злобните може да предизвика дури и чувство на завист. Но, дали ќе ја подобриме ситуацијата ако се вознемируваме? Дали тоа што завидуваме на привидните предности што ги имаат злобните го менува она што ќе се случи со нив? Воопшто не! Исто така, воопшто нема потреба ‚да се лутиме‘. Зошто?

5. Зошто злобните се споредени со трева?

5 Псалмистот дава одговор: „Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение“ (Псалм 37:2). Младата зелена трева можеби изгледа убаво, но нејзините стебленца наскоро се сушат и умираат. Истото се случува и со злобните. Нивниот привиден напредок не е траен. Кога умираат, богатството што го добиле на нечесен начин повеќе не им е од никаква корист. На крајот правдата го стигнува секого. „Платата што ја дава гревот е смрт“, напишал Павле (Римјаните 6:23). Злобните и сите други што се неправедни на крајот ќе ја добијат својата ‚плата‘ и тоа ќе им биде сѐ. Колку само бескорисен начин на живот! (Псалм 37:35, 36; 49:16, 17).

6. Каква поука можеме да извлечеме од Псалм 37:1, 2?

6 Според тоа, дали треба да дозволиме да нѐ вознемирува краткотрајниот напредок на злобните? Еве ја поуката од првите два стиха од 37. Псалм: Не дозволувај нивниот успех да те наведе да отстапиш од правецот што си го избрал, имено, да му служиш на Јехова. Наместо тоа, задржи ги во фокусот духовните благослови и цели (Пословици 23:17).

„Имај доверба во Јехова и прави добро“

7. Зошто треба да имаме доверба во Јехова?

7 Имај доверба во Јехова и прави добро“, нѐ поттикнува псалмистот (Псалм 37:3аNW). Кога нѐ притискаат грижи, па дури и сомневања, нашата доверба треба цврсто да ја положиме во Јехова. Тој е Оној што дава целосна духовна сигурност. „Кој живее на тајното место на Севишниот“, напишал Мојсеј, „во сенката на Семоќниот ќе најде живеалиште“ (Псалм 91:1NW). Кога сме вознемирени поради порастот на беззаконието во овој систем на работи, треба уште повеќе да се потпираме на Јехова. Ако си го исчашиме глуждот, среќни сме кога покрај нас имаме пријател на кој можеме да се потпреме. Слично на тоа, кога настојуваме да чекориме верно, имаме потреба да се потпираме на Јехова (Исаија 50:10).

8. Како може учеството во христијанската служба да ни помогне да избегнуваме премногу да се вознемируваме поради тоа што напредуваат злобните?

8 Едно нешто што ќе ни помогне да не бидеме вознемирени кога гледаме како напредуваат злобните е вредно да ги бараме оние што се слични на овци и да им помагаме да стекнат точно спознание за Јеховината намера. Бидејќи злобата расте, треба да бидеме потполно зафатени во помагањето на другите. „Не заборавајте да им правите добро и да делите со другите“, рекол апостол Павле, „зашто со таквите жртви му се угодува на Бог.“ Најголемото „добро“ што можеме да го правиме е да им ја пренесеме на другите славната добра вест за Божјето Царство. Нашето јавно проповедање навистина е „жртва на фалба“ (Евреите 13:15, 16; Галатите 6:10).

9. Објасни го поттикот на Давид ‚да живееме на земјата‘.

9 „Живеј на земјата“, продолжува Давид, „и постапувај верно“ (Псалм 37:3бNW). „Земјата“ од времето на Давид била територијата што Јехова му ја дал на Израел, Ветената земја. За време на владеењето на Соломон нејзините граници се протегале од Дан на север до Вирсавеа на југ. Тоа било дом на Израел (1. Цареви 4:25). Денес, каде и да живееме на земјата, со радост го чекаме времето кога во новиот свет на праведност целата планета ќе стане рај. Во меѓувреме, ние живееме во духовна сигурност (Исаија 65:13, 14).

10. Каков е резултатот кога ‚постапуваме верно‘?

10 Каков ќе биде резултатот од тоа што ќе ‚постапуваме верно‘? Инспирираната пословица нѐ потсетува: „Верниот човек добива многу благослови“ (Пословици 28:20NW). Тоа што верно ќе истраеме додека ја проповедаме добрата вест каде и да живееме и на секого што можеме сигурно носи награди од Јехова. На пример, Френк и неговата сопруга, Роуз, пред 40 години почнале да пионерат во еден град во северна Шкотска. Оние малкумина од тоа место што покажале интерес за вистината се оддалечиле од неа. Не дозволувајќи ништо да ги спречи, овие двајца пионери продолжиле со делото на проповедање и правење ученици. Сега во тој град има едно напредно собрание. Верноста на оваа двојка навистина била благословена од Јехова. „Најголемиот благослов“, понизно објаснува Френк, „едноставно е тоа што сѐ уште сме во вистината и што Јехова може да нѐ користи.“ Да, кога ‚постапуваме верно‘ добиваме многу благослови и благодарни сме за нив.

„Најди голема радост во Јехова“

11, 12. а) Како можеме ‚да најдеме голема радост во Јехова‘? б) Каква цел можеш да си поставиш во врска со личната студија, и што веројатно ќе биде резултатот од тоа?

11 За да го зајакнеме нашиот однос со Јехова и да ја задржиме нашата доверба во него, мораме ‚да најдеме голема радост во Јехова‘ (Псалм 37:4аNW). Како го постигнуваме тоа? Наместо да бидеме преокупирани со својата ситуација, колку и да е тешка, ние мислиме првенствено на Јехова. Еден начин да го правиме тоа е да одвоиме време да ја читаме неговата Реч (Псалм 1:1, 2). Дали си радосен кога ја читаш Библијата? Ќе бидеш ако читаш со цел да научиш повеќе за Јехова. Зошто не направиш пауза отако ќе прочиташ некој дел и не се запрашаш: ‚Што учам за Јехова од овој пасус?‘ Кога ја читаш Библијата можеби ќе биде корисно при рака да имаш нотес или лист хартија. Секогаш кога ќе запреш за да размислиш за значењето на она што си го прочитал, запиши некоја фраза што те потсетува на некоја од Божјите привлечни особини. Во еден друг псалм, Давид пеел: „Зборовите на мојата уста и размислувањата на моето срце, нека бидат угодни пред Тебе, Господи, Тврдино моја и и Избавителу мој“ (Псалм 19:14). Тоа што на ваков начин ќе го сосредоточиме нашето внимание на Божјата реч му е ‚угодно‘ на Јехова и нѐ радува нас.

12 Како можеме да бидеме среќни ако проучуваме и медитираме? Можеме да си поставиме за цел да научиме колку што е можно повеќе за Јехова и за неговите патишта. Публикациите како што се Најголемиот човек кој некогаш живеел и Приближи му се на Јехова * содржат многу работи за кои можеме да размислуваме со ценење. Давид, пак, ги уверува праведните дека Јехова ‚ќе им даде што им срце сака‘ (Псалм 37:4бNW). Ваквата доверба сигурно го навела апостол Јован да ги запише зборовите: „Ова е довербата што ја имаме во него дека, што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша. Освен тоа, ако знаеме дека тој нѐ слуша во врска со сѐ што бараме, знаеме дека ќе ги имаме работите што сме ги барале, зашто сме ги барале од него“ (1. Јованово 5:14, 15).

13. Какво проширување на делото на проповедање на Царството е забележано во многу земји во последниве години?

13 Наша најголема радост како чувари на интегритетот е да видиме како ќе се оправда Јеховиниот суверенитет (Пословици 27:11). Зарем нашите срца не се прелеваат од радост кога дознаваме за огромното проповедничко дело што го извршуваат нашите браќа во земјите што порано биле под тоталитарен или диктаторски режим? Со радост очекуваме да видиме каква натамошна слобода ќе добиеме пред да дојде крајот на овој систем. Многу Јеховини слуги што живеат во западните земји активно им проповедаат на студенти, бегалци и други што привремено живеат на Запад и имаат слобода на обожавање. Искрено се надеваме дека, кога овие поединци ќе се вратат дома, нивната светлина на вистината и понатаму ќе свети дури и во навидум непробојна темнина (Матеј 5:14—16).

„Предај Му ги на Господа своите патишта“

14. Каков доказ постои дека можеме да се потпреме на Јехова?

14 Колкаво само олеснување за нас е тоа што знаеме дека нашите грижи и оние работи што можеби ни се чинат како неподнослив товар можат да бидат подигнати! Како? „Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него“, вели Давид, и додава „и Тој ќе води сѐ“ (Псалм 37:5). Во нашите собранија имаме огромен доказ дека Јехова е сигурна поддршка (Псалм 55:22). Оние што се во полновремена служба, сеедно дали се пионери, патувачки надгледници, мисионери или доброволци што служат во Бетел, можат да посведочат за тоа дека можат да се потпрат на Јеховината грижа. Зошто не зборуваш со оние што ги познаваш и не ги прашаш како им помогнал Јехова? Несомнено ќе слушнеш многу искуства што покажуваат дека дури и во тешки времиња, Јеховината рака никогаш не е прекратка. Тој секогаш го обезбедува она што е неопходно за живот (Псалм 37:25; Матеј 6:25—34).

15. Како свети праведноста на Божјиот народ?

15 Кога имаме безусловна доверба во Јехова, можеме да го искусиме она што понатаму го вели псалмистот: „Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне“ (Псалм 37:6). Како Јеховини сведоци, честопати другите нѐ претставуваат на погрешен начин. Но, Јехова им ги отвора очите на оние што се со искрени срца за да им помогне да сфатат дека нашата јавна служба е мотивирана од љубов кон Јехова и кон ближниот. Во исто време, нашето исправно постапување не може да се скрие, иако мнозина го претставуваат на погрешен начин. Јехова нѐ поддржува додека поднесуваме секакво противење и прогонство. Како резултат на тоа, праведноста на Божјиот народ свети како сонце напладне (1. Петрово 2:12).

‚Молчи и чекај со копнеж‘

16, 17. Во склад со Псалм 37:7, за што е време сега, и зошто?

16 Следните зборови на псалмистот се: „Молчи пред Јехова и со копнеж чекај на него. Немој да се разлутуваш на оној што е успешен на патот свој, на човек што го прави она што го замислил“ (Псалм 37:7NW). Овде Давид ја нагласува потребата стрпливо да чекаме Јехова да дејствува. Иако сѐ уште не е дојден крајот на овој систем, тоа не е причина да се жалиме. Зарем не сме виделе дека Јеховината милост и стрпливост се многу поголеми отколку што сме мислеле во почетокот? Можеме ли сега да покажеме дека и ние стрпливо чекаме додека сме зафатени во проповедањето на добрата вест пред да дојде крајот? (Марко 13:10). Сега е време да избегнуваме избрзани постапки што можат да ни ја одземат радоста и духовната сигурност. Сега е време уште посилно да се спротивставиме на расипувачкото влијание на Сатановиот свет. Исто така, сега е време да задржиме морална чистота и никогаш да не ја загрозуваме нашата праведна положба пред Јехова. Да продолжиме да ги тргаме од главата неморалните мисли и да избегнуваме недолични постапки кон оние од спротивниот, па дури и кон оние од истиот пол (Колошаните 3:5).

17 „Стивни го својот гнев и остави ја лутината“, нѐ советува Давид. „Не се дразни за да не направиш зло. Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата“ (Псалм 37:8, 9). Да, можеме со доверба да го очекуваме времето — кое сега е толку близу — кога Јехова ќе ја отстрани од земјата сета расипаност и оние што се виновни за неа.

„Уште малку“

18, 19. Какво охрабрување доби од Псалм 37:10?

18 „Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема“ (Псалм 37:10). Колку само овие зборови нѐ охрабруваат додека се приближува крајот на овој систем и кулминацијата на катастрофалната независност од Јехова! Секој облик на влада или власт што го измислиле луѓето доживеал беден неуспех. Сега се ближи времето кога повторно ќе има Божја влада, вистинска теократија, Јеховиното Царство во рацете на Исус Христос. Тоа ќе преземе целосна контрола над работите во овој свет и ќе ги отстрани сите противници на Божјето Царство (Даниел 2:44).

19 Во новиот свет под Божјето царство, колку и да бараш, нема да можеш да најдеш некој ‚безбожник‘. Всушност, секој што тогаш ќе се побуни против Јехова брзо ќе биде отстранет. Никој што го напаѓа неговиот суверенитет или што не се подложува на Божјиот авторитет нема да биде таму. Сите твои соседи ќе бидат истомисленици во желбата да му угодат на Јехова. Колкава само сигурност ќе донесе тоа — нема да има брави, резиња, ништо што ќе ја наруши целосната доверба и среќа! (Исаија 65:20; Михеј 4:4; 2. Петрово 3:13).

20, 21. а) Кои се „кротките“ од Псалм 37:11, и каде наоѓаат „изобилен мир“? б) Какви благослови ќе имаме ако го имитираме поголемиот Давид?

20 Потоа, „кротките ќе ја наследат земјата“ (Псалм 37:11а). Но, кои се тие „кротки“? Зборот што е преведен со ‚кроток‘ доаѓа од коренот што значи „измачува, понизува, понижува“. Да, „кротките“ се оние што понизно чекаат Јехова да ги исправи сите неправди што им се нанесени. „Тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11б). Уште сега наоѓаме изобилен мир во духовниот рај во поврзаност со вистинското христијанско собрание.

21 Иако сѐ уште не сме ослободени од маките, ние си даваме поддршка еден на друг и ги тешиме оние што се депримирани. Како резултат на тоа, кај Јеховиниот народ сѐ повеќе се шири вистинско внатрешно задоволство. Браќата што се поставени како пастири, со љубов им служат на нашите духовни, а понекогаш дури и на нашите физички потреби, помагајќи ни да ги поднесеме неволјите што ги трпиме заради праведноста (1. Солуњаните 2:7, 11; 1. Петрово 5:2, 3). Колку само скапоцен посед е овој мир! Исто така, ние имаме надеж за вечен живот во мирољубивиот рај што претстои. Затоа, да го имитираме поголемиот Давид, Христос Исус, чија ревност за Јехова го мотиривала верно да служи до крајот (1. Петрово 2:21). Правејќи го тоа, и понатаму ќе бидеме среќни, фалејќи го оној во кого наоѓаме голема радост, нашиот Бог, Јехова.

[Фуснота]

^ пас. 12 Издадени од Јеховините сведоци.

Можеш ли да одговориш?

• Што научи од Псалм 37:1, 2?

• Како можеш ‚да најдеш голема радост во Јехова‘?

• Какви докази постојат дека можеме да се потпреме на Јехова?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Христијаните ‚не им завидуваат на оние што прават беззаконие‘

[Слика на страница 10]

„Имај доверба во Јехова и прави добро“

[Слика на страница 11]

Најди голема радост во Јехова на тој начин што ќе учиш колку што можеш повеќе за него

[Слика на страница 12]

„Кротките ќе ја наследат земјата“