Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Покажете се благодарни“

„Покажете се благодарни“

„Покажете се благодарни“

„Мирот Христов нека владее во вашите срца . . . И покажете се благодарни“ (КОЛОШАНИТЕ 3:15).

1. Каква спротивност гледаме помеѓу христијанското собрание и светот што е под власта на Сатана?

 ВО 94.600-те собранија на Јеховините сведоци во светот, може да се види дух на благодарност. Секој состанок започнува и завршува со молитва што содржи изрази на благодарност до Јехова. Често може да се слушне „благодарам“, „молам“ или слични изрази од усните како на младите така и на постарите, како на новите така и на долгогодишните Сведоци додека се придружуваат во обожавањето и радосното дружење (Псалм 133:1). Колку само е спротивно ова на себичноста што владее меѓу мнозина што ‚не го познаваат Бог и не се послушни на добрата вест‘ (2. Солуњаните 1:8). Живееме во еден неблагодарен свет. Не е ни чудно што е така кога ќе земеме предвид кој е богот на овој свет — Сатана Ѓаволот, најголемиот застапник на себичноста, чија гордост и бунтовен дух продираат во секоја пора на човечкото општество! (Јован 8:44; 2. Коринќаните 4:4; 1. Јованово 5:19).

2. Кое предупредување треба да го послушаме, и кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Бидејќи сме опкружени со Сатановиот свет, треба да внимаваме да не нѐ расипат неговите ставови. Во првиот век, апостол Павле ги потсетил христијаните во Ефес: „Некогаш одевте според системот на работи на овој свет, според владетелот на власта на воздухот, духот кој сега дејствува во синовите на непослушноста. Да, меѓу нив сите ние некогаш се однесувавме според желбите на своето тело, правејќи го она што го сакаа телото и мислите, и по природа бевме деца на гневот како и останатите“ (Ефешаните 2:2, 3). Ова е случај и со многу луѓе денес. Според тоа, како можеме да задржиме дух на благодарност? Каква помош ни дава Јехова? На кои практични начини можеме да покажеме дека навистина сме благодарни?

Зошто да бидеме благодарни

3. За што сме му благодарни на Јехова?

3 Јехова Бог, нашиот Творец и Животодавец, е оној на кого му должиме благодарност, особено додека разгледуваме некои од обилните дарови што великодушно ни ги дал (Јаков 1:17). Секојдневно му благодариме на Јехова што сме живи (Псалм 36:9). Околу нас гледаме изобилни докази за она што го создал Јехова, како што се сонцето, месечината и ѕвездите. Богатото складиште на нашата планета од минерали неопходни за живот, идеално урамнотежената смеса од животоважни гасови во атмосферата и сложените циклуси во природата — сите тие сведочат за тоа колку многу му должиме на нашиот небесен Татко полн со љубов. „О Господи, Боже мој“, пеел цар Давид, „Ти твориш многу чудеса и замисли чудни — Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, но премногу се за да можат да бидат преброени“ (Псалм 40:5).

4. Зошто треба да му благодариме на Јехова за радосното дружење што го уживаме во нашите собранија?

4 Иако не живеат во дословен рај, Јеховините слуги денес уживаат во духовен рај. Во нашите Сали на Царството и на нашите конгреси и собири, гледаме какво дејство имаат плодовите на Божјиот дух врз нашите соверници. Всушност, кога им проповедаат на луѓе што имаат само мали или, пак, немаат никакви религиозни убедувања, некои Сведоци се повикуваат на она за кое зборува Павле во своето писмо до Галатите. Најнапред свртуваат внимание на „делата на телото“ и ги прашуваат слушателите што забележале во врска со тоа (Галатите 5:19—23). Повеќето спремно се согласуваат дека овие дела се обележје на човечкото општество денес. Кога ќе им се прочита описот на плодовите на Божјиот дух и кога ќе бидат поканети во локалната Сала на Царството за самите да видат докази за тие плодови, мнозина веднаш признаваат: „Бог навистина е меѓу вас“ (1. Коринќаните 14:25). Но, тоа не е ограничено само на локалната Сала на Царството. Каде и да патуваш, кога ќе сретнеш кој и да е од повеќе од шест милиони Сведоци на Јехова, ќе го видиш истиот среќен, радосен дух. Навистина, ова изградувачко дружење е причина да му се искажува благодарност на Јехова, оној што го дава својот дух за да го овозможи тоа (Софонија 3:9; Ефешаните 3:20, 21).

5, 6. Како можеме да покажеме дека сме благодарни за откупот, кој е Божји најголем подарок?

5 Најголемиот дар, најсовршениот подарок што ни го дал Јехова е неговиот Син, Исус, преку кого била обезбедена откупна жртва. „Ако Бог така нѐ љубеше“, напишал апостол Јован, „тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг“ (1. Јованово 4:11). Да, ние покажуваме дека сме благодарни за откупот не само со тоа што на Јехова му ја изразуваме со зборови нашата љубов и благодарност туку и со тоа што живееме на начин со кој покажуваме љубов кон другите (Матеј 22:37—39).

6 Можеме да научиме повеќе за тоа како да покажуваме благодарност ако размислиме за начинот на кој постапувал Јехова со древниот Израел. Со помош на Законот, кој Јехова ѝ го дал на нацијата преку Мојсеј, Јехова им дал на луѓето многу поуки. Од „рамката на спознанието и на вистината во Законот“ можеме да научиме многу работи што ќе ни помогнат да го следиме советот на Павле: „Покажете се благодарни“ (Римјаните 2:20; Колошаните 3:15).

Три поуки од Мојсеевиот закон

7. На кој начин подготовката за десеток им дала на Израелците прилика да ја покажат својата благодарност кон Јехова?

7 Со Мојсеевиот закон, Јехова посочил три начини на кои Израелците можеле да го покажат своето искрено ценење за неговата добрина. Прво, имало десеток. Една десетина од родот на земјата, како и „десеток од крупниот и од ситниот добиток“ требало да бидат ‚посветени на Господа‘ (Левит 27:30—32). Кога Израелците биле послушни, Јехова изобилно ги благословувал. „Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме — зборува Господ над Војските — не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка“ (Малахија 3:10).

8. Каква била разликата помеѓу доброволните приноси и десетокот?

8 Второ, освен барањето за десеток, Јехова направил подготовка Израелците да даваат доброволни прилози. Тој му наложил на Мојсеј да им каже на Израелците: „Кога ќе дојдете во земјата во која ве водам, и кога ќе го јадете лебот на таа земја, принесете Му воздигнат принос на Господа“. Некои од првините од нивното ‚крупно брашно како прстенест леб‘ (NW) требало да се принесуваат како „прилог за Јехова“ (NW) во текот на сите генерации. Забележи дека не се барал конкретен износ од тие првини (Броеви 15:18—21). Но, кога Израелците давале принос за благодарност, им било гарантирано дека ќе имаат благослов од Јехова. Слична подготовка се гледа и во врска со храмот од визијата на Езекиел. Таму читаме: „Првините од сите ваши плодови и од секој ваш род како принос, какви и да биле вашите приноси, им припаѓаат на свештениците и првината од меленото давајте му го на свештеникот за да има благослов во вашите домови“ (Езекиел 44:30ПСП).

9. Што поучил Јехова преку подготовката за доприбирање?

9 Трето, Јехова направил подготовка за обичајот да се доприбира. „Кога ќе жниете жетва во вашата земја“, дал упатство Бог, „не дожневајте ги до крај вашите ниви; ниту собирајте ги класовите по вашата жетва. Не бери го повторно твоето лозје; не собирај ги паднатите зрна во твоето лозје; туку остави ги за бедните и за странецот! Јас Сум Господ, ваш Бог“ (Левит 19:9, 10). И во овој случај не се барал некој конкретен износ. Секој Израелец требало да одлучи колку ќе им остави на сиромашните. Мудриот цар Соломон соодветно објаснил: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17). Така, Јехова ги поучил на сочувство и обѕир кон обесправените.

10. Какви биле последиците за народот во Израел кога пропуштил да покаже благодарност?

10 Јехова ги благословувал Израелците кога послушно носеле десетоци, кога давале доброволни прилози и кога се грижеле за сиромашните. Но, кога народот во Израел пропуштил да покаже благодарност, ја изгубил Јеховината наклоност. Тоа водело до катастрофа и, на крајот, до изгнанство (2. Летописи 36:17—21). Значи, какви се поуките за нас?

Нашите изрази на благодарност

11. Кој е главен начин на кој можеме да ја покажеме нашата благодарност кон Јехова?

11 Слично на тоа, главниот начин на кој и ние можеме да го фалиме Јехова и да ја изразиме нашата благодарност вклучува „приноси“. Точно, како христијани ние не сме под Мојсеевиот закон, обврзани да принесуваме жртви во облик на животни или земјоделски производи (Колошаните 2:14). Сепак, апостол Павле ги поттикнал еврејските христијани: „Секогаш да му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15). Користејќи ги нашите способности и средства за да му принесуваме жртва на фалба на Јехова, сеедно дали во јавната служба или „во собранијата“ од сохристијани, можеме да му изразиме срдечна благодарност на нашиот небесен Татко полн со љубов, Јехова Бог (Псалм 26:12). Додека го правиме тоа, што можеме да научиме од начините на кои Израелците требало да ја изразат својата благодарност кон Јехова?

12. Кога станува збор за нашата христијанска одговорност, што можеме да научиме од подготовката за десеток?

12 Пред сѐ, како што видовме, подготовката за давање десеток не била по избор; секој Израелец имал обврска во овој поглед. Како христијани, ние имаме одговорност да учествуваме во службата и да присуствуваме на христијанските состаноци. Овие активности не се по избор. Во своето големо пророштво во врска со времето на крајот, Исус јасно изјавил: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14; 28:19, 20). Во врска со христијанските состаноци, апостол Павле бил инспириран да напише: „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Нашата благодарност кон Јехова ја покажуваме кога радосно ја прифаќаме одговорноста да проповедаме и да поучуваме, како и редовно да се дружиме со браќата на собраниските состаноци, сметајќи го тоа за предност и чест.

13. Што учиме од подготовките за доброволни прилози и доприбирање?

13 Освен тоа, може да ни користи разгледувањето и на другите две подготовки со кои Израелците можеле да го покажат своето ценење — доброволните прилози и доприбирањето. За разлика од давањето десеток, барање во кое обврската била јасно дефинирана, со подготовката за доброволни прилози и доприбирање не се барал конкретен износ. Наместо тоа, со овие подготовки бил оставен простор длабочината на ценењето што еден Јеховин слуга го имал во срцето да биде тоа што ќе го поттикне да дејствува. На сличен начин, иако сфаќаме дека учеството во службата и присуството на христијанските состаноци се основна одговорност на секој слуга на Јехова, дали учествуваме во нив со сето срце и со спремен дух? Дали ги сметаме за прилика да го изразиме нашето длабоко ценење за сѐ што направил Јехова за нас? Дали великодушно учествуваме во овие активности, онолку колку што ни дозволуваат личните околности? Или, пак, сето тоа го сметаме само за обврска што мораме да ја извршиме? Се разбира, на овие прашања мора да одговори секој лично. Апостол Павле се изразил вака: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4).

14. Што очекува Јехова од нас во нашата служба за него?

14 Јехова Бог добро ги знае нашите околности. Тој ги знае нашите ограничувања. Ги цени жртвите, сеедно дали се големи или мали, што спремно ги прават неговите слуги. Тој не очекува сите да даваме ист износ ниту, пак, можеме да го правиме тоа. Кога зборувал за материјалното давање, апостол Павле им рекол на коринтските христијани: „Ако најпрво постои спремност, таа е особено прифатлива според она што некој го има, а не според она што некој го нема“ (2. Коринќаните 8:12). Ова начело подеднакво важи и за нашата служба за Бог. Она што ја прави нашата служба прифатлива за Јехова не е одредено од тоа колку правиме туку од начинот на кој го правиме тоа — радосно и од сѐ срце (Псалм 100:1—5; Колошаните 3:23).

Стекни и задржи пионерски дух

15, 16. а) Каква е врската помеѓу пионерската служба и благодарноста? б) Како можат да покажуваат пионерски дух оние што не можат да бидат пионери?

15 Еден наградувачки начин да ја покажеме нашата благодарност кон Јехова е да започнеме со полновремена служба. Мотивирани од љубов кон Јехова и од благодарност за неговата незаслужена љубезност, многу предадени слуги направиле големи промени во животот за да имаат повеќе време да му служат на Јехова. Некои можат да служат како општи пионери, поминувајќи во просек по 70 часа месечно проповедајќи ја добрата вест и поучувајќи ги луѓето за вистината. Други, кои можеби се ограничени од различни околности, понекогаш прават подготовки да поминат 50 часа месечно проповедајќи како помошни пионери.

16 Но, што е со многуте слуги на Јехова кои не можат да служат ниту како општи ниту како помошни пионери? Тие можат да покажат благодарност со тоа што ќе стекнат и ќе задржат пионерски дух. Како? На тој начин што ќе ги охрабруваат оние што можат да бидат пионери, ќе всадуваат во своите деца желба да се стремат по кариера на полновремена служба и марливо ќе учествуваат во проповедањето во склад со нивните околности. Она што го даваме во нашата служба многу зависи од длабочината на ценењето што го чувствуваме во срцето за она што го направил Јехова, што го прави сега и што допрва ќе го направи за нас.

Да покажуваме благодарност со нашиот „имот“

17, 18. а) Како можеме да покажеме благодарност со нашиот „имот“? б) Како Исус го проценил прилогот на вдовицата, и зошто?

17 „Почитувај Го Господа со својот имот“, пишува во Пословици 3:9, „и со првините на сиот свој приход.“ Јеховините слуги повеќе не треба да даваат десеток. Наместо тоа, Павле му напишал на собранието во Коринт: „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Нашата благодарност ја покажуваме и со давање доброволни прилози за да го поддржиме светското дело на проповедање на Царството. Срдечното ценење нѐ мотивира редовно да го правиме тоа, можеби на тој начин што секоја седмица ќе одвојуваме по нешто настрана, како што правеле раните христијани (1. Коринќаните 16:1, 2).

18 Износот што го приложуваме не е тој што ја одразува нашата благодарност кон Јехова. Напротив, благодарноста се гледа од духот со кој даваме. Тоа било она што го забележал Исус кога гледал како луѓето пуштаат дарови во ковчезите за прилози во храмот. Кога Исус видел една сиромашна вдовица што пуштила „две парички од многу мала вредност“, рекол: „Вистина ви велам: Оваа вдовица, иако сиромашна, пушти повеќе од сите нив. Зашто сите овие пуштија дарови од својот вишок, а оваа жена од својата немаштија ги пушти сите свои средства за живот“ (Лука 21:1—4).

19. Зошто е добро да се преиспитаме на кои начини ја покажуваме нашата благодарност?

19 Ова разгледување за тоа како можеме да се покажеме благодарни нека нѐ поттикне да се преиспитаме на кои начини ја покажуваме нашата благодарност. Можеме ли да ја зголемиме нашата жртва на фалба на Јехова, како и нашата материјална поддршка на делото во целиот свет? До обемот во кој го правиме тоа, можеме да бидеме уверени дека Јехова, нашиот великодушен Татко полн со љубов, ќе биде задоволен што се покажуваме благодарни.

Се сеќаваш ли?

• Зошто треба да му бидеме благодарни на Јехова?

• Што учиме од давањето десеток, од доброволните прилози и од доприбирањето?

• Како можеме да негуваме пионерски дух?

• Како можеме да го користиме нашиот „имот“ за да му благодариме на Јехова?

[Прашања]

[Слики на страница 15]

„Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора“

[Слики на страница 16]

Кои три поуки од Законот се покажани овде?

[Слики на страница 18]

Какви жртви можеме да направиме?