Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Спремни за секое добро дело“

„Спремни за секое добро дело“

„Спремни за секое добро дело“

„И ПОНАТАМУ потсетувај ги да бидат подложни и послушни на владите и на властите како на владетели, да бидат спремни за секое добро дело“ (Тит 3:1). Кое добро дело го имал апостол Павле на ум кога им ги напишал овие зборови на соверниците? Библискиот изучувач Е. Ф. Скот укажал на еден вид добро дело кога рекол: „Христијаните не само што треба да ја почитуваат власта туку мораат да бидат спремни и за секое добро дело . . . Секогаш кога е потребно, христијаните треба да бидат меѓу првите што ќе покажат грижа за заедницата. Постојано ќе има пожари, болести, разни несреќи, кога сите добри граѓани ќе сакаат да им помогнат на своите соседи“.

Христијаните учествуваат во одредени дела што се од јавен интерес сѐ додека тие дела не се во судир со Божјите закони (Дела 5:29). На пример, следејќи го упатството од локалната противпожарна станица, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Јапонија што се наоѓа во Ебина, годишно одржува противпожарна вежба. Во тие прилики, сите членови на бетелската фамилија се собираат за да ги чујат упатствата од еден претставник на локалната противпожарна станица.

Освен тоа, повеќе од една деценија, канцеларијата на подружницата соработува со локалните власти во едно јавно излагање за унапредување на свесноста за заштита од пожари. На ова излагање, компании и фирми од градот ја покажуваат својата спремност за борба и контрола на пожари. На подружницата честопати ѝ се даваат признанија за вештината и соработката на нејзиниот персонал. Во 2001 добија прва награда на излагањето. Тие се спремни да направат добро дело што може да биде животоспасувачко во случај на пожар.

Скапоцена служба

Меѓутоа, Јеховините сведоци се заинтересирани за уште еден важен вид добро дело, кое е исто така животоспасувачко. Тие редовно ги посетуваат своите соседи за да ја споделат со нив добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Сведоците ги охрабруваат луѓето да ги дознаат и да ги применуваат библиските начела во својот живот за да го подобрат квалитетот на својот живот сега и за да имаат надеж за вечен живот во еден свет каде што ќе владеат вистински мир и сигурност.

Некои можеби не ја сфаќаат вредноста на службата што ја извршуваат Јеховините сведоци, сметајќи ги за досадни. Меѓутоа, судијата Жан Крепо од Високиот суд на Квебек во Канада изрази поинакво мислење. Јеховините сведоци таму дадоа приговор на еден локален пропис во Бленвил (Квебек) според кој, за да ги извршуваат своите посети од врата до врата требаше да имаат дозвола. Во одлуката на судот, судијата Крепо изјави: „Посетите на Јеховините сведоци се христијанска служба што е од корист за заедницата и . . . публикациите што Сведоците им ги нудат на заинтересираните граѓани се сериозна литература што дискутира за теми како религија, Библија, дрога, алкохолизам, образование на младите, брачни проблеми и развод“. Во пресудата понатаму стоеше: „Судот може само да заклучи дека е навреда, понижување, штета и клевета Јеховините сведоци да се споредат со улични продавачи“.

Јеховините сведоци придонесуваат за доброто на заедницата во којашто живеат така што им помагаат на луѓето да ги надминат проблемите од секојдневниот живот и така што им носат надеж за иднината. Библијата ги опремува да го извршат ова дело. „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).

Би сакал ли да знаеш како Јеховините сведоци стануваат „спремни за секое добро дело“? Те покануваме да ја прифатиш нивната помош да дознаеш повеќе за Библијата и на тој начин да извлечеш корист од оваа важна служба која е од корист за заедницата а што тие ја извршуваат во твојата околина и во целиот свет.

[Слики на страници 30 и 31]

Јеховините сведоци сакаат да соработуваат со световните власти

[Слика на страница 31]

Сведоците се познати по тоа што им помагаат на своите соседи