Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Крај на војната

Крај на војната

Крај на војната

,Имаме само 12 години. Не можеме да влијаеме врз политиката и врз војната, но сакаме да живееме! Очекуваме мир. Ќе го дочекаме ли?‘ (Еден клас ученици од петто одделение).

,Сакаме да одиме во училиште, да ги посетуваме нашите другари и нашето семејство без да се плашиме дека некој ќе нѐ грабне. Се надевам дека владата ќе обрне внимание. Сакаме подобар живот. Сакаме мир‘. (Алхаџи, 14 години).

ОВИЕ трогателни зборови ја пренесуваат искрената надеж на младите кои со години страдале поради граѓанските судири. Нивна единствена желба е да живеат нормален живот. Но, не е лесно надежта да стане стварност. Ќе дочекаме ли некогаш да видиме свет без војни?

Во последниве години се вложуваат меѓународни напори за да се решат некои граѓански војни така што двете спротивставени страни се притиснати да потпишат мировен договор. Некои земји испратија и свои мировни сили за да ги спроведат таквите договори. Но, малку нации имаат доволно пари или желба да ги надгледуваат далечните земји каде што длабоко вкоренетата омраза и сомневањата придонесуваат секој договор помеѓу завојуваните фракции да биде лесно кршлив. Не ретко, пламенот на судирот повторно избива само неколку седмици или месеци по потпишувањето на прекинот на огнот. Како што нагласува Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања, „тешко е да се постигне мир кога бунтовниците имаат желба и способност да продолжат да војуваат“.

Во исто време, овие нерешливи судири што измачуваат толку многу делови од светот ги потсетуваат христијаните на едно библиско пророштво. Книгата Откровение зборува за еден критичен период во историјата кога еден симболичен јавач ќе „го одземе мирот од земјата“ (Откровение 6:4). Овој опис на непрекинато војување е дел од еден комбиниран знак кој покажува дека сега живееме во времето што Библијата го опишува како „последните денови“ a (2. Тимотеј 3:1). Меѓутоа, Божјата реч нѐ уверува дека овие последни денови се навестување на мирот.

Во Псалм 46:9, Библијата објаснува дека за вистински мир е потребно да се прекине војната не само во еден регион во светот туку на целата Земја. Освен тоа, истиот овој псалм конкретно го спомнува уништувањето на оружјето од библиски времиња — лакот и копјето. Оружјето што сѐ повеќе се множи денес, исто така мора да биде уништено ако човештвото сака некогаш да живее во мир.

Меѓутоа, во основа, она што го разгорува пламенот на војната се омразата и алчноста, а не куршумите и пушките. Алчноста е основната причина за војната, а омразата честопати доведува до насилство. За да ги искоренат овие деструктивни чувства, луѓето треба да го променат начинот на кој размислуваат. Треба да бидат поучени да живеат во мир. Затоа древниот пророк Исаија реалистично изјавува дека војната ќе прекине само тогаш кога луѓето ,нема да се учат веќе на војување‘ (Исаија 2:4).

Меѓутоа, сега живееме во свет кој не ги поучува возрасните и децата на вредноста на мирот туку на славата на војната. За жал, дури и децата се обучуваат да убиваат.

Тие научиле да убиваат

На 14 години Алхаџи станал отпуштен војник. Имал само 10 години кога бунтовничките трупи го заробиле и го обучиле да се бори со автоматска пушка AK-47. Како насила регрутиран војник, одел во пљачкосувачки напади по храна и палел куќи. Исто така, убивал и осакатувал луѓе. Денес на Алхаџи му е тешко да ја заборави војната и да се прилагоди да живее како цивил. И Абрахам, едно друго дете-војник, научил да убива и не сакал да го предаде своето оружје. Тој рекол: „Ако ми речат да си одам без мојата пушка, не знам што ќе правам, како ќе се издржувам“.

Повеќе од 300.000 деца-војници — момчиња и девојчиња — сѐ уште се борат и умираат во бескрајните граѓански судири што ја измачуваат нашата планета. Еден бунтовнички водач објаснил: „Тие ги слушаат наредбите; не се загрижени за тоа да се вратат дома кај сопругата или кај семејството; и не знаат за страв“. Сепак, овие деца сакаат и заслужуваат подобар живот.

Во развиените земји, ужасната положба на едно дете-војник можеби изгледа многу далечна. Сепак, многу деца од западните земји се учат да војуваат во удобноста на својот дом. Како?

Да го земеме за пример Хозе од југоисточна Шпанија. Тој бил тинејџер кој уживал во боречки вештини. Најскапоцено нешто му бил еден самурајски меч што татко му му го купил за Божиќ. А сакал и видеоигри, особено насилни. На 1 април 2000 го имитирал насилството на својот јунак од екранот во вистинскиот живот. Во еден див напад на насилство, ги убил татко му, мајка му и сестра му со истиот меч што татко му му го дал. „Сакав да бидам сам на светот; не сакав моите родители да се грижат за мене“, ѝ објаснил на полицијата.

Коментирајќи за последиците од насилната забава, авторот и воен офицер Дејв Гросман забележал: „Стигнавме до тој степен на неосетливост кога нанесувањето болка или страдањето стануваат извор на забава: индиректно задоволство наместо нешто одвратно. Учиме да убиваме и учиме да уживаме во тоа“.

И Алхаџи и Хозе научиле да убиваат. Ниеден од нив немал намера да биде убиец, но еден или друг вид обука го изопачил нивното размислување. Таквата обука — сеедно дали на деца или на возрасни — го сее семето на насилство и војна.

Да се учи на мир наместо на војна

Сѐ додека луѓето се учат да убиваат, никогаш не ќе може да се постигне траен мир. Пред многу векови пророкот Исаија напишал: „Да внимаваше на [Божјите] заповеди, твојот мир ќе беше како река“ (Исаија 48:17, 18). Кога луѓето стекнуваат точно спознание за Божјата реч и учат да го сакаат Божјиот закон, насилството и војната им стануваат одвратни. Уште сега родителите можат да се погрижат игрите што нивните деца ги играат да не поттикнуваат насилство. Возрасните исто така можат да научат да ги совладаат омразата и алчноста. Јеховините сведоци постојано увидуваат дека Божјата реч има моќ да ги промени личностите (Евреите 4:12).

Разгледај го примерот на Хортенсио. Тој бил млад кога против негова волја бил регрутиран да стане војник. Воената обука имала цел „да ја всади во нас желбата да ги убиваме другите луѓе и да не се плашиме да убиваме“, објаснува тој. Се борел во една развлечена граѓанска војна во Африка. „Војната влијаеше врз мојата личност“, признава тој. „Дури и денес се сеќавам на сѐ што правев. Се чувствувам многу лошо поради она што бев присилен да го правам.“

Кога еден друг војник му зборувал за Библијата, Хортенсио бил трогнат до срце. Божјето ветување од Псалм 46:9, дека ќе им стави крај на сите облици на војување, го импресионирало. Колку повеќе ја проучувал Библијата толку помалку сакал да се бори. Набрзо, тој и двајца негови другари биле истерани од војската и ги предале своите животи на Јехова Бог. „Библиската вистина ми помогна да го сакам мојот непријател“, објаснува Хортенсио. „Сфатив дека со тоа што се борев во војната јас всушност грешев против Јехова, зашто Бог вели дека не треба да го убиваме својот ближен. За да ја покажам оваа љубов, морав да го променам мојот начин на размислување и да не гледам на луѓето како на мои непријатели.“

Ваквите вистински искуства покажуваат дека библиското образование навистина поттикнува на мир. Ова не изненадува. Пророкот Исаија изјавил дека има директна врска помеѓу божественото образование и мирот. Тој прорекол: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13ПСП). Истиот овој пророк предвидел време кога луѓе од сите нации ќе се слеваат кон чистото обожавање на Јехова Бог за да се учат за неговите патишта. Со каков резултат? „Ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“ (Исаија 2:2—4).

Во склад со тоа пророштво, Јеховините сведоци се зафатени во едно светско образовно дело што веќе им помогнало на милиони да ја совладаат омразата што е коренот на војните.

Гаранција за светски мир

Освен што дава образование, Бог воспоставил и една влада, или „царство“, кое е способно да обезбеди светски мир. Значајно е тоа што Библијата го опишува Божјиот избран Владетел, Исус Христос, како „Кнез на Мирот“. Таа понатаму нѐ уверува дека „неговата власт ќе се шири надалеку и не ќе има крај на мирот“ (Исаија 9:6, 7).

Каква гаранција имаме дека владеењето на Христос успешно ќе го отстрани секој облик на војна? Пророкот Исаија додава: „Самата ревност на Јехова над војските тоа ќе го стори“ (Исаија 9:7NW). Бог има волја и способност да обезбеди траен мир. Исус има апсолутна доверба во ова ветување. Затоа ги поучувал своите следбеници да се молат да дојде Божјето Царство и Божјата волја да се врши на земјата (Матеј 6:9, 10). Кога конечно ќе биде исполнето тоа искрено барање, војната никогаш повеќе нема да ја уништува земјата.

[Фуснота]

a За испитување на доказите дека живееме во последните денови, види го 11. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 7]

Библиското образование поттикнува на вистински мир