Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Нивниот глас излезе по целата земја“

„Нивниот глас излезе по целата земја“

„Нивниот глас излезе по целата земја“

„Правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (МАТЕЈ 28:19).

1, 2. а) Каков налог им дал Исус на своите ученици? б) Зошто христијаните од првиот век можеле да постигнат толку многу?

 КРАТКО пред да се вознесе на небото, Исус им дал на своите ученици еден налог. Тој им рекол: „Правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). Каква само зашеметувачка задача било тоа!

2 Замисли си само! На Пентекост 33 н.е., врз околу 120 ученици бил излеан светиот дух и тие почнале да го извршуваат тој налог кажувајќи им на другите дека Исус бил долгоочекуваниот Месија, преку кого можело да се добие спасение (Дела 2:1—36). Како можела една толку мала група да ги достигне „луѓето од сите нации“? Од човечка гледна точка, тоа било невозможно, но „за Бог сѐ е можно“ (Матеј 19:26). Првите христијани ја имале поддршката од Јеховиниот свет дух и имале чувство на итност (Захарија 4:6; 2. Тимотеј 4:2). Затоа, само по неколку децении, апостол Павле можел да рече дека добрата вест му била објавувана „на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23).

3. Што ја сокрило од видот „пченицата“ од чисти христијани?

3 Во поголемиот дел од првиот век, вистинското обожавање продолжило да се шири. Меѓутоа, Исус прорекол дека ќе дојде време кога Сатана ќе посее „плевел“ и дека „пченицата“ од вистински христијани ќе биде сокриена во текот на многу векови сѐ до жетвата. По смртта на апостолите, тоа се обистинило (Матеј 13:24—39).

Брз пораст денес

4, 5. Почнувајќи од 1919, кое дело почнале да го извршуваат помазаните христијани и зошто тоа претставувало голем предизвик?

4 Во 1919 дошло време пченицата од чисти христијани да се одвои од плевелот. Помазаните христијани знаеле дека Исусовиот голем налог сѐ уште важел. Тие цврсто верувале дека живеат во „последните денови“ и биле свесни за Исусовото пророштво: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (2. Тимотеј 3:1; Матеј 24:14). Да, тие знаеле дека треба да се заврши уште многу работа.

5 Сепак, исто како учениците во 33 н.е., тие помазани христијани се соочиле со еден огромен предизвик. Тие биле само неколку илјади во само неколку земји. Како ќе можеле да ја проповедаат добрата вест „по целата населена земја“? Сети се, бројот на населението на земјата пораснал од можеби 300 милиони во времето кога владееле цезари на речиси 2 милијарди по Првата светска војна. А во текот на 20-тиот век тој број ќе продолжел брзо да расте.

6. Колкав напредок бил постигнат во ширењето на добрата вест во 1930-тите?

6 Меѓутоа, Јеховините помазани слуги, исто како нивните браќа од првиот век, се зафатиле со доделената задача со целосна вера во Јехова, и неговиот дух бил со нив. До средината на 1930-тите, библиската вистина ја објавувале околу 56.000 објавители во 115 земји. Веќе била извршена голема работа, но останувало да се направи уште многу.

7. а) Со каков нов предизвик се соочиле помазаните христијани? б) Со поддршката од ,другите овци‘, колкав напредок бил постигнат досега во делото на собирање?

7 Потоа, едно подлабоко разбирање на идентитетот на ,големото мноштво‘ спомнато во Откровение 7:9 ставило пред нив еден нов предизвик, но истовремено им ветило и помош на тие трудољубиви христијани. Едно неброено мноштво од „други овци“, верници со земна надеж, требало да биде собрано „од сите нации и племиња и народи и јазици“ (Јован 10:16). Тие требало ,да му вршат на Јехова света служба ден и ноќ‘ (Откровение 7:15). Тоа значи дека требало да помагаат во делото на проповедање и поучување (Исаија 61:5). Затоа, помазаните христијани биле восхитени кога виделе како бројот на евангелизатори расте за десетици илјади, а потоа и за милиони. Во 2003 година, во проповедничкото дело учествуваше нов највисок број од 6.429.351 објавител — а поголемиот број од нив беа од големото мноштво. a Помазаните христијани се благодарни за оваа помош, а другите овци се благодарни за предноста што можат да ги поддржуваат своите помазани браќа (Матеј 25:34—40).

8. Како реагирале Јеховините сведоци на огромните притисоци под кои се нашле во текот на Втората светска војна?

8 Кога класата на пченицата повторно станала видлива, Сатана повел огорчена војна против неа (Откровение 12:17). Како реагирал кога почнало да се појавува големото мноштво? Со крајно насилство! Можеме ли да се сомневаме дека тој стоел зад нападот врз вистинското обожавање што бил извршен во целиот свет во текот на Втората светска војна? На обете страни од конфликтот, христијаните се нашле под огромен притисок. Многу драги браќа и сестри доживеале ужасни испити, некои дури и умреле за својата вера. Сепак, тие покажале дека се согласуваат со зборовите на псалмистот, кој рекол: „Во Бога јас ќе го фалам Неговото слово; јас се надевам на Бога и нема да се плашам, што може да ми направи смртник?“ (Псалм 56:4; Матеј 10:28). Помазаните христијани и другите овци, зајакнати со Јеховиниот дух, цврсто стоеле заедно (2. Коринќаните 4:7). Како резултат на тоа, ,Божјата реч и понатаму растела‘ (Дела 6:7). Кога во 1939 избувнала војна, 72.475 верни христијани известиле дека учествувале во проповедничкото дело. Меѓутоа, непотполниот извештај за 1945, истата година кога завршила војната, открил дека добрата вест ја ширеле 156.299 активни Сведоци. Каков само пораз било тоа за Сатана!

9. Кои нови школи биле најавени во текот на Втората светска војна?

9 Јасно, хаосот што го предизвикала Втората светска војна не ги натерал Јеховините слуги да се посомневаат дека проповедничкото дело ќе биде извршено. Всушност, во 1943, кога војната била во полн ек, биле најавени две нови школи. Едната од нив, која сега е наречена Теократска школа за служба, требало да се води во сите собранија за да се обучи секој Сведок да проповеда и да прави ученици. Другата, Библиската школа Гилеад на Watchtower, била за обука на мисиониери што ќе се грижат за напредокот на проповедничкото дело во странски земји. Да, кога пламените на војната конечно згаснале, вистинските христијани биле спремни за зголемена активност.

10. Како можела да се види ревноста на Јеховиниот народ во текот на 2003?

10 И колку само прекрасна работа завршиле тие! Обучени во Теократската школа за служба, сите — млади и стари, родители и деца, дури и болните — учествувале и сѐ уште учествуваат во исполнувањето на Исусовиот голем налог (Псалм 148:12, 13; Јоил 3:1, 2). Во 2003 година, секој месец просечно 825.185 лица давале доказ за своето чувство на итност со тоа што учествувале, привремено или редовно, во пионерската служба. Истата година, Јеховините сведоци поминале 1.234.796.477 часови разговарајќи со другите за добрата вест за Царството. Секако дека Јехова го радува ревноста на неговиот народ!

На полето во странски земји

11, 12. Кои примери покажуваат какви резултати постигнале мисионерите?

11 Низ годините, дипломците на Гилеад и, во поново време, дипломците на Школата за оспособување на слуги, постигнале величествени резултати. На пример, во Бразил имало помалку од 400 објавители кога во 1945 пристигнале првите мисионери. Тие и мисионерите што дошле подоцна работеле рамо до рамо со своите ревносни браќа од Бразил, и Јехова многу ги благословил нивните напори. Колку само мора да е восхитен секој што се сеќава на тие рани денови кога ќе види дека во 2003 Бразил извести нов највисок број од 607.362 објавители!

12 Размисли и за Јапонија. Пред Втората светска војна, во таа земја имало околу 100 проповедници на Царството. Во текот на војната, поради бруталното прогонство драстично се намалил нивниот број и до крајот на војната само неколку Сведоци биле сѐ уште духовно и физички живи (Пословици 14:32NW). Сигурно дека тие малубројни извонредни чувари на интегритетот биле радосни кога во 1949 им изразиле добредојде на првите 13 мисионери што добиле обука во Гилеад, а мисионерите брзо ги засакале своите воодушевени, гостољубиви браќа од Јапонија. Повеќе од 50 години подоцна, во 2003, Јапонија известила највисок број од 217.508 објавители! Јехова навистина богато го благословил својот народ во таа земја. Има слични извештаи и од многу други земји. Оние што можеле да проповедаат на подрачјата во странски земји дале вистински придонес за ширењето на добрата вест, така што во 2003 таа се слушала во 235 земји, острови и подрачја низ целиот свет. Да, големото мноштво доаѓа од „сите нации“.

„Од сите . . . племиња и народи и јазици“

13, 14. На кој начин Јехова покажал колку вреди да се проповеда добрата вест на ,сите јазици‘?

13 Првото чудо за кое се известува откако на Пентекост 33 н.е. учениците биле помазани со свет дух било тоа што зборувале на јазици пред насобраните мноштва. Сосема веројатно сите оние што ги слушале веќе зборувале некој меѓународен јазик, можеби грчки. Бидејќи биле „богобојазливи луѓе“, веројатно можеле да ги разберат и службите во храмот што се одржувале на хебрејски јазик. Но, нивното внимание навистина било пленето кога ја чуле добрата вест на својот мајчин јазик (Дела 2:5, 7—12).

14 И денес проповедничкото дело се врши на многу јазици. Било проречено дека големото мноштво ќе дојде не само од нации туку и од „племиња и народи и јазици“. Во склад со ова, преку Захарија Јехова прорекол: „Десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ,Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23). Иако Јеховините сведоци повеќе го немаат дарот на јазици, тие знаат колку вреди луѓето да бидат поучувани на својот мајчин јазик.

15, 16. Како го прифатиле мисионерите и други објавители предизвикот да проповедаат на локални јазици?

15 Точно, денес има неколку јазици што се користат насекаде, како што се англискиот, францускиот и шпанскиот. Меѓутоа, оние што заминале од својата татковина за да служат во други земји се трудат да ги научат локалните јазици за да им ја направат добрата вест подостапна на оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48). Тоа може да биде тешко. Кога на браќата од јужнопацифичката нација Тувалу им требале публикации на нивниот мајчин јазик, еден од мисионерите го прифатил тој предизвик. Бидејќи немало никаков речник, тој почнал да прави речник на зборови на тувалу. Со текот на времето била објавена книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата b на јазикот тувалу. Кога во Курасао пристигнале мисионери, таму немало ниту библиска литература ниту речник на локалниот јазик, папиаменто. Исто така, имало големо несогласување околу тоа како треба да се пишува тој јазик. Сепак, две години откако пристигнале првите мисионери, бил објавен првиот христијански библиски трактат на тој јазик. Денес, папиаменто е еден од 133-те јазици на кои Стражарска кула се издава симултано со англиското издание.

16 Во Намибија, првите мисионери не можеле да најдат некој локален Сведок што би им помогнал во преведувањето. Освен тоа, на јазикот нама, кој се зборувал локално, не постоеле зборови за термини што често се користат како, на пример, „совршен“. Еден мисионер известува: „За превод главно користев учители што ја проучуваа Библијата. Бидејќи немаа големо спознание за вистината, морав да седам со нив за да бидам сигурен дека секоја реченица е точна“. Сепак, трактатот Живот во нов свет на крајот бил преведен на четири намибијски јазици. Денес, Стражарска кула редовно се издава на јазиците кванјама и ндонга.

17, 18. Каков предизвик се надминува во Мексико и во други земји?

17 Во Мексико главен јазик е шпанскиот. Меѓутоа, пред да пристигнат Шпанците, таму се зборувале многу јазици, а многу од нив сѐ уште се користат. Затоа, литературата на Јеховините сведоци сега се издава на седум мексикански јазици, а исто така и на мексикански знаковен јазик. Наша служба за Царството на јазикот маја била првата редовна публикација што излегува на некој индијански јазик. Всушност, меѓу 572.530-те објавители на Царството во Мексико можат да се најдат неколку илјади Маи, Ацтеки и други.

18 Во последно време, милиони пребегале во странски земји како бегалци или, пак, се иселиле од економски причини. Како резултат на тоа, во многу земји сега за првпат има прилично големи подрачја на странски јазици. Јеховините сведоци го прифатиле овој предизвик. Во Италија, на пример, има собранија и групи на 22 други јазици освен италијански. За да им се помогне на браќата да им проповедаат на луѓе што зборуваат други јазици, неодамна беа организирани часови за учење на 16 јазици, вклучувајќи и италијански знаковен јазик. Во многу други земји, Јеховините сведоци вложуваат слични напори да го достигнат имигрантското население. Да, со Јеховина помош, големото мноштво навистина доаѓа од многу, многу јазични групи.

„По целата земја“

19, 20. Кои зборови на Павле се исполнуваат на еден извонреден начин денес? Објасни.

19 Во првиот век, апостол Павле напишал: „Зарем не чуја? Па, всушност, ,нивниот глас излезе по целата земја, и нивните зборови до краевите на населената земја‘“ (Римјаните 10:18). Ако тоа било случај во првиот век, колку повеќе е случај денес! Милиони — можеби повеќе од кога и да е порано во историјата — велат: „Ќе го благословувам Господа во секое време, Неговата пофала секогаш ќе ми биде во устата“ (Псалм 34:1).

20 Освен тоа, ова дело не забавува. Бројот на објавители на Царството постојано расте. Се посветува сѐ повеќе и повеќе време во проповедничкото дело. Се прават милиони повторни посети и се водат илјадници библиски студии. Постојано се наоѓаат заинтересирани лица. Минатата година, на прославата на Меморијалот на Исусовата смрт присуствуваше нов највисок број од 16.097.622 лица. Јасно, треба да се направи уште многу. Да продолжиме да го имитираме цврстиот интегритет на нашите браќа што претрпеле жестоко прогонство. Исто така, да покажуваме ревност како нашите браќа што се трошеле во Јеховината служба од 1919 година. Да продолжиме сите да се одгласуваме на песната на псалмистот: „Сѐ што дише — Нека Го фали Господа! Алилуја!“ (Псалм 150:6).

[Фусноти]

a Види го годишниот извештај на страници 18 до 21 од ова списание.

b Издадена од Јеховините сведоци.

Можеш ли да објасниш?

• Со која задача се зафатиле браќата во 1919, и зошто таа задача била предизвик?

• Кои биле собрани за да го поддржат проповедничкото дело?

• Какви резултати постигнале мисионерите и други објавители што служеле во странски земји?

• Каков доказ можеш да наведеш дека Јехова го благословува делото на својот народ денес?

[Прашања]

[Табела на страници 18-21]

ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 2003 СЛУЖБЕНА ГОДИНА

(Види во публикацијата)

[Слики на страници 14 и 15]

Хаосот што го предизвикала Втората светска војна не ги натерал христијаните да се посомневаат дека добрата вест ќе биде проповедана

[Извор на слика]

Експлозија: фотографија на морнарицата на САД; други фотографии: U.S. Coast Guard photo

[Слики на страници 16 и 17]

Големото мноштво требало да дојде од сите племиња и јазици