Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сите нека ја објавуваат Јеховината слава

Сите нека ја објавуваат Јеховината слава

Сите нека ја објавуваат Јеховината слава

„Дајте Му на Господа, слава и сила. Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име“ (ПСАЛМ 96:7, 8).

1, 2. Од кој извор му се оддава слава на Јехова, и кој е поттикнат да се придружи?

 ДАВИД, синот на Јесеј, пораснал како овчарче во близина на Витлеем. Колку ли само често гледал во неизмерното пространство на ѕвезденото небо во тивките ноќи додека ги чувал стадата на својот татко на тие осамени пасишта! Несомнено тие живи слики му доаѓале во мислите кога, под инспирација на Божјиот свет дух, ги составил и ги отпеал прекрасните зборови од 19. Псалм: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце. Нивната вест се рашири по целата земја, а нивните зборови до крајот на вселената“ (Псалм 19:1, 4).

2 Без говор, без зборови, без глас, восхитувачките небеса што ги создал Јехова ја објавуваат неговата слава, од ден на ден, од ноќ во ноќ. Творештвото никогаш не престанува да ја објавува Божјата слава и ние стануваме понизни кога размислуваме за ова немо сведоштво што се шири по „целата земја“ за да го видат сите нејзини жители. Меѓутоа, немото сведоштво на творештвото само по себе не е доволно. Верните човечки суштества се поттикнати да се придружат давајќи гласно сведоштво. Еден неименуван псалмист им се обратил на верните обожаватели со овие инспирирани зборови: „Дајте Му на Господа, слава и сила. Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име“ (Псалм 96:7, 8). Оние што имаат близок однос со Јехова восхитено се оѕвиваат на овој поттик. Но, што е вклучено во тоа да му се оддава слава на Бог?

3. Зошто луѓето му оддаваат слава на Бог?

3 За да се слави Бог, потребно е нешто повеќе од зборови. Израелците од времето на Исаија го славеле Бог со своите усни, но на повеќето од нив им недостасувала искреност. Преку Исаија, Јехова рекол: „Овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене“ (Исаија 29:13). Каква и да било фалба од такви луѓе немала никаква вредност. За да има значење, фалбата мора да извира од срце полно со љубов кон Јехова и од искрено признавање на неговата неспоредлива слава. Само Јехова е Творец. Тој е Семоќниот, Праведниот, олицетворение на љубовта. Од него доаѓа нашето спасение и тој е законски Суверен на кого му должат подложност сите што живеат на небото и на земјата (Откровение 4:11; 19:1). Ако навистина веруваме во овие работи, да го славиме Јехова со сето наше срце.

4. Кои упатства ги дал Исус во поглед на тоа како да го славиме Бог, и како можеме да ги следиме тие упатства?

4 Исус Христос ни кажал како да го славиме Бог. Тој рекол: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици“ (Јован 15:8). Како донесуваме многу плод? Прво, на тој начин што од сѐ срце учествуваме во проповедањето на ,добрата вест за царството‘ и со тоа му се придружуваме на сето останато творештво во објавувањето на Божјите „невидливи својства“ (Матеј 24:14; Римјаните 1:20). Освен тоа, на тој начин сите ние имаме удел — директно или индиректно — во правењето нови ученици со кои се засилува хорот на фалба на Јехова Бог. Второ, ги негуваме плодовите што кај нас ги создава светиот дух и настојуваме да ги имитираме извонредните особини на Јехова Бог (Галатите 5:22, 23; Ефешаните 5:1; Колошаните 3:10). Како резултат на тоа, со нашето секојдневно однесување го славиме Бог.

„На целата земја“

5. Објасни како Павле ја нагласил одговорноста на христијаните да го слават Бог споделувајќи ја својата вера со другите.

5 Во своето писмо до римјаните, Павле ја нагласил одговорноста на христијаните да го слават Бог на тој начин што со другите ќе ја споделуваат својата вера. Главна тема на писмото до римјаните е тоа дека можат да се спасат само оние што практикуваат вера во Исус Христос. Во 10. поглавје од своето писмо, Павле покажал дека природниот Израел од негово време сѐ уште се обидувал да постигне праведна положба следејќи го Мојсеевиот закон, иако ,Христос бил завршетокот на Законот‘. Затоа Павле вели: „Ако јавно ја објавуваш таа ,реч која е во твојата уста‘ дека Исус е Господ, и во своето срце практикуваш вера дека Бог го подигна од мртвите, ќе бидеш спасен“. Оттогаш натаму ,немало разлика помеѓу Евреин и Грк, бидејќи над сите е истиот Господ, кој е богат спрема сите кои го повикуваат. Зашто „секој кој го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“‘ (Римјаните 10:4, 9—13).

6. На кој начин Павле го применил Псалм 19:4?

6 Потоа Павле го поставува логичното прашање: „Како ќе го повикаат оној во кого не положиле вера? Како, пак, ќе поверуваат во оној за кого не чуле? А како ќе чујат ако некој не проповеда?“ (Римјаните 10:14). За Израел, Павле вели: „Сите не ја послушаа добрата вест“. Зошто Израел не послушал? Тие не се оѕвале затоа што немале вера, а не затоа што немале прилика. Павле го покажува тоа цитирајќи го Псалм 19:4 и применувајќи го на христијанското проповедничко дело наместо на немото сведоштво на творештвото. Тој вели: „Па, всушност, ,нивниот глас излезе по целата земја, и нивните зборови до краевите на населената земја‘“ (Римјаните 10:16, 18). Да, исто како што неживото творештво го слави Јехова, христијаните од првиот век ја проповедале добрата вест за спасение насекаде и на тој начин го фалеле Бог „по целата земја“. И во своето писмо до Колошаните, Павле опишува колку се раширила добрата вест. Тој рекол дека добрата вест е проповедана „на сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23).

Ревносни Сведоци

7. Според Исус, каква одговорност имаат христијаните?

7 Павле веројатно го напишал своето писмо до Колошаните околу 27 години по смртта на Исус Христос. Како можело проповедничкото дело да се рашири дури до Колоси за релативно кратко време? Тоа било можно затоа што христијаните од првиот век биле ревносни и Јехова ја благословил нивната ревност. Исус претскажал дека неговите следбеници ќе бидат активни проповедници кога рекол: „Во сите нации најпрво мора да биде проповедана добрата вест“ (Марко 13:10). На тоа пророштво Исус ја додал заповедта запишана во последните стихови од евангелието по Матеј: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Кратко откако Исус се вознел на небото, неговите следбеници почнале да ги извршуваат тие зборови.

8, 9. Според Дела, како се оѕвале христијаните на Исусовите заповеди?

8 Откако бил излеан светиот дух на Пентекост 33 н.е., првото нешто што го направиле лојалните следбеници на Исус било да одат и да проповедаат, кажувајќи им на мноштвата во Ерусалим „за величествените Божји работи“. Нивното проповедање било многу ефикасно и се крстиле „околу три илјади души“. Учениците продолжиле јавно и ревносно да го слават Бог, и тоа со добри резултати (Дела 2:4, 11, 41, 46, 47).

9 Активностите на тие христијани наскоро го привлекле вниманието на верските водачи. Вознемирени поради отвореноста на Петар и Јован, тие им заповедале на овие двајца апостоли да престанат да проповедаат. Апостолите одговориле: „Не можеме да престанеме да зборуваме за она што сме го виделе и чуле“. Откако им биле упатени закани и биле пуштени, Петар и Јован се вратиле кај своите браќа и сите заедно му се помолиле на Јехова. Тие храбро побарале од Јехова: „Дај им на своите слуги и понатаму со сета смелост да ја говорат твојата реч“ (Дела 4:13, 20, 29).

10. Какво противење се појавило, и како реагирале вистинските христијани?

10 Таа молитва била во склад со Јеховината волја, како што станало очигледно малку подоцна. Апостолите биле уапсени и потоа еден ангел ги ослободил со чудо. Ангелот им рекол: „Одете, застанете во храмот и продолжете да му ги кажувате на народот сите зборови за овој живот“ (Дела 5:18—20). Бидејќи апостолите послушале, Јехова продолжил да ги благословува. Така, тие ,секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:42). Јасно, одлучното противење воопшто не можело да ги запре Исусовите следбеници јавно да му оддаваат слава на Бог.

11. Каков став имале раните христијани кон проповедничкото дело?

11 Наскоро Стефан бил уапсен и каменуван до смрт. Со неговото убиство започнало жестоко прогонство во Ерусалим и сите ученици освен апостолите биле принудени да се распрснат надвор од градот. Дали тие се обесхрабриле поради прогонството? Воопшто не. Читаме: „Оние кои беа распрснати, минуваа низ земјата објавувајќи ја добрата вест на речта“ (Дела 8:1, 4). Нивната ревност за објавувањето на Божјата слава можела да се види одново и одново. Во Дела, 9. поглавје, читаме што му се случило на фарисејот Савле од Тарс. Додека бил на пат за Дамаск со цел и таму да почне да ги прогонува Исусовите ученици, видел визија од Исус и ослепел. Во Дамаск, Ананија со чудо го излекувал од слепилото. Која била првата работа што ја направил Савле — подоцна познат како апостол Павле? Извештајот вели: „Веднаш во синагогите почна да го проповеда Исус, дека е Тој Божјиот Син“ (Дела 9:20).

Сите учествувале во проповедањето

12, 13. а) Според историчарите, што било значајно во врска со раното христијанско собрание? б) На кој начин книгата Дела и зборовите на Павле се во склад со изјавите на историчарите?

12 Општо познато е дека сите во раното христијанско собрание учествувале во проповедничкото дело. За христијаните од тоа време, Филип Шаф пишува: „Секое собрание претставувало една мисионерска заедница и секој христијански верник бил мисионер“ (History of the Christian Church — Историја на христијанската црква). В. С. Вилијамс наведува: „Општо познато е дека сите христијани во раната црква, особено оние што имале харизматичен дар [дарови на духот], го проповедале евангелието“ (The Glorious Ministry of the Laity — Славната служба на лаиците). Исто така, тој тврди: „Исус Христос никогаш немал намера проповедањето да биде исклучително право само на оние што поседувале извесни чинови во службата“. Дури и Целзиј, еден древен непријател на христијанството, напишал: „Луѓе што работеле со волна, чевлари, кожари, најнеписмени и најпрости луѓе, биле ревносни проповедници на евангелието“.

13 Точноста на овие изјави се гледа од историскиот извештај во Дела. Откако бил излеан светиот дух на Пентекост 33 н.е., сите ученици, и мажи и жени, јавно ги објавувале величествените Божји работи. Откако започнало прогонството по смртта на Стефан, сите христијани што биле распрснати ја ширеле добрата вест насекаде. Некаде по 28 години, Павле им пишувал на сите еврејски христијани, а не само на една мала свештеничка класа, кога рекол: „Преку него секогаш да му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15). Опишувајќи го своето лично гледиште за проповедничкото дело, Павле рекол: „Ако ја објавувам добрата вест, тоа за мене не е причина да се фалам, зашто наметната ми е нужност. Навистина, тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Коринќаните 9:16). Јасно е дека сите верни христијани во првиот век го мислеле истото.

14. Каква е врската помеѓу верата и проповедањето?

14 Всушност, еден вистински христијанин мора да учествува во проповедничкото дело зашто тоа е нераздвојно поврзано со верата. Павле рекол: „Човек со срцето практикува вера за праведност, а со устата дава јавна изјава за спасение“ (Римјаните 10:10). Дали само една мала група во собранието — како што е свештеничката класа — практикува вера и со тоа има одговорност да проповеда? a Се разбира дека не! Сите вистински христијани негуваат жива вера во Господ Исус Христос и поттикнати се пред другите да даваат јавна изјава за таа вера. Во спротивно, нивната вера е мртва (Јаков 2:26). Бидејќи сите лојални христијани во првиот век од нашата ера ја покажувале својата вера на овој начин, се слушал голем извик на фалба на Јеховиното име.

15, 16. Наведи примери за да покажеш дека проповедничкото дело напредувало и покрај проблемите.

15 Во првиот век, Јехова го благословил својот народ со раст и покрај проблемите во и надвор од собранието. На пример, во Дела 6. поглавје, е даден извештајот за едно несогласување помеѓу преобратениците што зборувале хебрејски и оние што зборувале грчки. Овој проблем го решиле апостолите. За резултатот од тоа читаме: „Божјата реч и понатаму растеше, и бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемуваше; и големо мноштво свештеници почнаа да ѝ стануваат послушни на верата“ (Дела 6:7).

16 Подоцна се затегнале политичките односи меѓу царот на Јудеја, Ирод Агрипа, и народот во Тир и Сидон. За да постигнат мир, жителите на тие градови му ласкале на Ирод и тој, како одговор, одржал говор пред целата јавност. Насобраното мноштво почнало да извикува: „Божји глас, а не човечки!“ Во истиот момент, Јеховин ангел го удрил Ирод Агрипа и тој умрел ,зашто не му оддал слава на Бог‘ (Дела 12:20—23). Каков само шок било тоа за оние што се надевале на човечки владетели! (Псалм 146:3, 4). Меѓутоа, христијаните продолжиле да го слават Јехова. Затоа, ,Јеховината реч сѐ повеќе растела и се ширела‘ и покрај таквата политичка нестабилност (Дела 12:24).

Тогаш и сега

17. Кон што се придружувале сѐ поголем број луѓе во првиот век?

17 Да, во првиот век христијанското собрание во целиот свет се состоело од ревносни, активни фалители на Јехова Бог. Сите лојални христијани учествувале во ширењето на добрата вест. Некои сретнале луѓе што реагирале позитивно и, како што рекол Исус, ги поучиле да бидат послушни на сѐ што им заповедал тој (Матеј 28:19, 20). Како резултат на тоа собранието растело и сѐ повеќе луѓе му се придружувале на цар Давид од старо време во давањето фалба на Јехова. Сите ги разгласувале инспирираните зборови: „Ќе Те фалам Господи, мој Боже, со сето свое срце, ќе го славам Твоето име довека. Зашто е изобилна Твојата љубов кон мене“ (Псалм 86:12, 13).

18. (а) Каква разлика е забележана помеѓу христијанското собрание во првиот век и христијанскиот свет денес? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Во светло на сево ова, зборовите на професорот по теологија Алисон А. Трајтс поттикнуваат на размислување. Правејќи споредба помеѓу денешното христијанство и христијанството во првиот век, тој рекол: „Црквите денес обично растат со биолошки раст (кога децата во некое семејство од некоја локална црква лично ќе исповедаат вера) или со пренесен раст (кога некој новодојден ќе го пренесе своето членство од некоја друга локална црква). Меѓутоа, во извештајот во Дела станува збор за преобратенички раст, бидејќи црквата штотуку почнувала со своето дело“. Дали ова значи дека вистинското христијанство повеќе не расте онака како што Исус рекол дека треба да расте? Се разбира дека не. Вистинските христијани денес се подеднакво ревносни во јавното давање фалба на Бог како што биле и христијаните од првиот век. Ова ќе го разгледаме во следната статија.

[Фуснота]

a Зборовите „свештеници“ и „клер“ доаѓаат од грчкиот збор клерос, кој во основа значи „ждрепка“ или „наследство“. Во 1. Петрово 5:2, 3 клерос се применува на целото ,Божје стадо‘ како на Божје наследство.

Можеш ли да објасниш?

• На кои начини го славиме Бог?

• Каква примена на Псалм 19:4 дал Павле?

• Каква е врската помеѓу верата и проповедањето?

• Што било значајно во врска со христијанското собрание во првиот век?

[Прашања]

[Слика на страници 8 и 9]

Небесата постојано сведочат за Јеховината слава

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Англо-австралиската опсерваторија, фотографија на Дејвид Малин

[Слики на страница 10]

Проповедничкото дело и молитвата се тесно поврзани