Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Духовноста и твојата благосостојба

Духовноста и твојата благосостојба

Духовноста и твојата благосостојба

ВЕРОЈАТНО трошиш многу време околу грижата за твоето физичко здравје. Можеби секој ден трошиш по осум часови на спиење, неколку часови на готвење и јадење и осум или повеќе часови на работа за да платиш за место за живеење и за храна за јадење. Ако се разболиш, веројатно ќе потрошиш време и пари за да одиш на лекар или за да си подготвиш некој традиционален лек. Чистиш, се бањаш, можеби дури и вежбаш редовно, сѐ со цел да имаш добро здравје.

Меѓутоа, за да го одржуваш здравјето во добра состојба, треба многу повеќе отколку само да се грижиш за твоите физички потреби. Има и нешто друго што игра голема улога во твојата благосостојба. Медицинските истражувања покажале дека твоето физичко здравје е тесно поврзано со твоето духовно здравје — со твојата духовност или со недостигот од неа.

Директна врска

„Повеќето резултати добиени од прва рака при истражувања на оваа тема открија дека има директна врска помеѓу поголемата духовност и подоброто здравје“, вели професор Хедли Г. Пич од универзитетот во Мелбурн (Австралија). Коментирајќи за овие откритија, The Medical Journal of Australia изјавува: „Религиозноста исто така се поврзува со . . . понизок крвен притисок, понизок холестерол . . . па дури и помал ризик од рак на дебелото црево“.

Слично на тоа, во Соединетите Држави, едно истражување што во 2002 го изврши Универзитетот од Калифорнија, Беркли, и во кое беа испитани 6.545 лица, откри дека „луѓето што одат на религиозни служби еднаш седмично, во споредба со оние што одат поретко или никогаш не одат, живеат значително подолго“. Даг Оман, прв автор на истражувањето и предавач на школата за јавно здравје при Универзитетот од Калифорнија, Беркли, рекол: „Ја откривме оваа разлика дури и кога ги зедовме предвид факторите како што се општествените врски и здравствените навики, вклучувајќи ги пушењето и вежбањето“.

Укажувајќи на другите користи за оние што имаат духовен поглед на животот, The Medical Journal of Australia вели: „Австралиските студии открија поголема стабилност во бракот, помала злоупотреба на алкохол и дрога, помал степен и помала веројатност дека ќе размислуваат за самоубиството, помалку грижи и депресија и поголема несебичност кај религиозните луѓе“. Освен тоа, BMJ (порано познат како The British Medical Journal) известува: „Изгледа дека луѓето што исповедаат посилни духовни верувања побрзо и поцелосно ја надминуваат тагата по смртта на некоја блиска личност отколку луѓето што немаат духовни верувања“.

Има различни мислења за тоа што е вистинска духовност. Сепак, твојата духовна состојба има влијание врз твоето физичко и ментално здравје. Овој доказ е во склад со една изјава што Исус Христос ја дал пред речиси 2.000 години. Тој рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Бидејќи твојата духовна состојба влијае врз твоето здравје и среќа, тогаш разумно е да се прашаш: ,Каде можам да најдам доверливо духовно водство? И што е вклучено во тоа да се биде духовна личност?‘

[Извори на слики на страница 2]

Извор на фотографии: страница 18: Мао Ѕедунг и Голда Меир: Hulton/Archive by Getty Images; Франц Фердинанд: од книгата The War of the Nations; Хирохито, Линдберг и Ајнштајн: U.S. National Archives photo; Сталин: U.S. Army photo; Рузвелт: Franklin D. Roosevelt Library; Черчил: The Trustees of the Imperial War Museum (MH 26392)