Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можеш да ги задоволиш своите духовни потреби

Како можеш да ги задоволиш своите духовни потреби

Како можеш да ги задоволиш своите духовни потреби

„ВО ИЗМИНАТАВА деценија, повеќе од 300 книги во врска со духовноста на работното место — од Jesus CEO (Исус — главен извршен службеник) до The Tao of Leadership (Тао на управувањето) — ги преплавија книжарниците“, вели U.S.News & World Report. Овој тренд е само одраз на фактот дека во многу од материјално развиените земји има сѐ поголем глад за духовно водство во животот. Коментирајќи за ова, деловниот дневен весник Training & Development забележува: „Во време кога технологијата има влијание врз секој аспект од нашиот живот, ние трагаме по подлабоко значење, по смисла во животот и по поголемо лично задоволство“.

Меѓутоа, каде можеш да најдеш задоволувачко духовно водство? Во минатото луѓето очекувале од востановената религија да им помогне да најдат „подлабоко значење“ и „смисла“ во животот. Денес, мнозина ѝ свртеле грб на институционализираната религија. Една анкета во која беа вклучени 90-мина врвни менаџери и директори откри дека „луѓето прават јасна разлика помеѓу религија и духовност“, се вели во Training & Development. Анкетираните лица сметале дека религијата е „нетолерантна и дека разединува“, а духовноста ја сметале за „универзална и сеопфатна“.

Голем број млади луѓе во помалку религиозните општества, како што се Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија и Европа, исто така гледаат разлика помеѓу религијата и духовноста. Професор Рут Вебер за Youth Studies Australia тврди: „Поголемиот дел од младите веруваат во Бог или во некоја натприродна сила, но не сметаат дека црквата е важна или корисна за да ја изразат својата духовност“.

Вистинската религија поттикнува на духовност

Ова сомничаво гледиште за религијата е разбирливо. Многу религиозни организации се до гуша вмешани во политички сплетки и морално лицемерие и пливаат во невина крв од безбројните верски војни. Меѓутоа, иако ги отфрлаат религиозните организации што се извалкани со лицемерство и измама, некои прават грешка со тоа што ја отфрлаат и Библијата, која, како што мислат, преминува преку тие практики.

Во суштина, Библијата ги осудува лицемерството и беззаконието. Исус им рекол на верските водачи од неговото време: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, бидејќи личите на варосани гробови кои однадвор навистина изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаков вид нечистота. Така и вие, однадвор навистина им изгледате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие“ (Мат 23:27, 28).

Освен тоа, Библијата ги охрабрува христијаните да бидат неутрални во поглед на политичките работи. Наместо да ги поттикнува верниците да се убиваат еден со друг, таа ги поучува дека треба да бидат спремни да умрат еден за друг (Јован 15:12, 13; 18:36; 1. Јованово 3:10—12). Наместо да биде „нетолерантна и да разединува“, вистинската религија, темелена на Библијата, е „сеопфатна“. Апостол Петар рекол: „Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

Библијата — доверлив водач до духовно здравје

Библијата ни кажува дека луѓето се создадени според Божјиот лик (Битие 1:26, 27). Иако ова не значи дека луѓето личат на Бог во физичка смисла, тоа сепак значи дека луѓето имаат способност да ги одразуваат карактерните црти на Бог, вклучувајќи ја и способноста за духовни работи, или за духовност.

Штом е ова така, логично е да се верува дека Бог би ни дал и начин за да ги задоволиме нашите духовни потреби, како и исправно водство со кое ќе можеме да разликуваме што е корисно а што штетно за нас во духовен поглед. Како што ги создал нашите тела со прекрасно изградениот имунолошки систем, кој се бори со болеста и ни помага да останеме здрави, Бог исто така нѐ опремил со совест, или внатрешен глас, која може да ни помогне да донесуваме исправни одлуки и да ги избегнуваме практиките што се штетни како во физички така и во духовен поглед (Римјаните 2:14, 15). Како што знаеме, за да функционира, на нашиот имунолошки систем му треба исправна исхрана. Слично на тоа, за да функционира нашата совест, треба да ја храниме со здрава духовна храна.

Укажувајќи на храната што ќе нѐ одржува духовно здрави, Исус рекол: „Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Изјавите на Јехова се запишани во неговата Реч, Библијата, и се ,корисни за поучување, за укорување, за исправање на работите‘ (2. Тимотеј 3:16). Според тоа, останува на нас да вложиме напор за да ја земеме таа духовна храна. Колку ќе ја запознаеме Библијата и колку ќе се трудиме да ги применуваме нејзините начела во својот живот толкава духовна и физичка корист ќе извлечеме (Исаија 48:17, 18).

Се исплатува ли напорот?

Точно, потребно е време за да го подобриме нашето духовно здравје преку проучување на Библијата; а времето изгледа е нешто што сѐ поретко се наоѓа. Но, наградите го прават исплатлив тој напор! Забележи како некои лица од различни професии објаснуваат зошто им е важно да си одвојат време за да се погрижат за своето духовно здравје.

Марина, лекар, вели: „Никогаш вистински не размислував за мојата духовност сѐ додека не почнав да работам во болница и длабоко не го почувствував страдањето на другите. Тогаш сфатив дека морам да ги признаам и да ги задоволам моите духовни потреби ако сакам да добијам задоволство и спокој, бидејќи темпото на живот и тоа што се бара од него да се грижи за проблемите на луѓето можат да го совладаат некој што е во мојата професија.

Сега ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Ова проучување ми помага да ги испитам моите постапки и мотиви на еден позитивен начин и ги обучува моите мисловни процеси да бидат пооптимистични, за да можам да водам урамнотежен живот. Навистина наоѓам големо задоволство во мојата световна кариера. Но, проучувањето на Библијата е она што ми го подобри емоционалното здравје, што ми помогна да ги контролирам негативните чувства, да ја намалам напнатоста и да бидам пострплива и посочувствителна со луѓето. Тоа што ги применувам библиските начела му помогна и на мојот брак. Што е најважно, го запознав Јехова и го искусувам, во мала мера, слободниот проток на неговиот дух, што му дава поголема смисла на мојот живот“.

Николас, архитект, вели: „Пред да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, немав никаков интерес за духовни работи. Единствена цел во животот ми беше да успеам во професијата што ја избрав. Проучувањето на Библијата ме научи дека тоа не е сѐ во животот и дека вршењето на Јеховината волја донесува вистинска и трајна среќа.

Мојата световна кариера ми донесува извесна мера задоволство, но Библијата е таа што ме научи колку е важно да се води едноставен живот така што ќе се сосредоточиш на духовните работи. На тој начин, јас и мојата сопруга избегнавме голем дел од стресот што го носи материјалистичкиот начин на живот. Исто така, стекнавме многу вистински пријатели преку дружењето со оние што имаат сличен духовен поглед на животот“.

Винсент, адвокат, вели: „Добрата световна кариера може да донесе извесна мера задоволство. Меѓутоа, открив дека е потребно многу повеќе за да бидеш среќен и задоволен. Пред да станам свесен за библиското учење во врска со тоа, се сеќавам дека одеднаш ја сфатив крајната бесмисленост на животот — да се родиш, да пораснеш, да се ожениш, да работиш за да го обезбедиш она што е потребно во материјален поглед за да ги одгледаш децата, да ги воспиташ да го следат сосем истиот животен циклус и на крај да остареш и да умреш.

Задоволувачки одговори на моите прашања во врска со смислата во животот добив дури откако ја проучив Библијата со Јеховините сведоци. Проучувањето на Библијата ми овозможи да го запознаам Јехова како личност и длабоко да го засакам. Ова ми дава темел да задржам здраво духовно гледиште додека настојувам да живеам во склад со она што знам дека е негова намера. Сега, и јас и мојата сопруга го имаме задоволството да знаеме дека го користиме нашиот живот на начин што има најголема смисла“.

И ти можеш да најдеш чувство на смисла и значење во животот преку проучување на Библијата. Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат. Како Марина, Николас и Винсент, и ти можеш да го имаш задоволството што доаѓа од учењето за Јехова и за неговите намери со човештвото воопшто и со тебе како поединец. Не само што ќе бидеш среќен затоа што си ги задоволил своите духовни потреби сега туку ќе имаш и изглед вечно да живееш во совршено физичко здравје — изглед што го имаат само оние „кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Еден начин да ја развиеме духовноста е преку молитва. Исус одвоил време за да ги поучи своите ученици како да се молат и им ја кажал, како што обично се нарекува, Господовата молитва. Какво значење има оваа молитва за тебе денес? Како можеш да извлечеш корист од неа? Одговорите ќе ги најдеш во следните две статии.

[Слики на страница 6]

Марина

[Слики на страница 7]

Николас

[Слики на страница 7]

Винсент