Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Аод го крши угнетувачкиот јарем

Аод го крши угнетувачкиот јарем

Аод го крши угнетувачкиот јарем

ОВА е вистинска приказна за храброст и итрина. Се одиграла пред околу 3.000 години. Библискиот извештај почнува со зборовите: „Израелците почнаа пак да прават она што е зло во Господовите очи. Затоа Господ му даде на Еглон, моавскиот цар, сила над Израел, зашто правеа што е зло пред Господа. Еглон се обедини со Амоновите и Амаликовите синови, тргна против Израел, го порази и го освои Палминиот Град. Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години“ (Судии 3:12—14).

Територијата на Моавците лежела источно од реката Јордан и од Мртвото Море. Но, тие ја преминале реката и ја окупирале областа околу Ерихон, „Палминиот Град“, и ги подложиле Израелците на ропство (Второзаконие 34:3). Моавскиот цар, Еглон, кој бил „многу дебел“, изнудувал тежок и понижувачки данок од Израел речиси две децении (Судии 3:17). Меѓутоа, тоа што барал данок дало прилика да се елиминира тиранинот.

Извештајот вели: „Израелците извикаа кон Господа, и Господ им подигна избавител — Аод, син на Гира од Венијаминовото племе, човек кој беше левичар [левак, NW]. И го испратија Израелците да му однесе данок на Еглона, моавскиот цар“ (Судии 3:15). Мора Јехова да се погрижил Аод да биде избран да го однесе данокот. Не е кажано дали Аод и порано ја вршел таа должност. Меѓутоа, начинот на кој внимателно се подготвил за средбата и тактиките што ги користел укажуваат дека можеби бил запознат со палатата на Еглон и со тоа што може да го очекува таму. Во сево ова, важен фактор било тоа што Еод бил левак.

Инвалид или воин?

Буквално, изразот „левак“ значи ,затворен, сакат или со врзана десна рака‘. Дали ова значи дека Аод бил инвалид, можеби со деформирана десна рака? Разгледај што вели Библијата за „седум стотини вешти луѓе“, кои биле леваци, од Венијаминовото племе. „Секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта“, се вели во Судии 20:16. Најверојатно тие биле избрани поради нивната вештина во битка. Според некои библиски изучувачи, „левак“ означува некој што ја користел левата рака исто толку добро како и десната, или човек што е подеднакво вешт со обете раце.

Венијаминовото племе, всушност, било познато по мажите што биле леваци. Прва Летописи 12:1, 2 зборува за Венијаминовите ,јунаци помагачи во бојот; тие умееле да ракуваат со лакот и со десницата и со левицата, и знаеле да се служат со камења и со стрели‘. Оваа способност можела да се постигне, како што вели една книга, „така што на малите деца им се врзувала десната рака — значи ,со врзана десна рака‘ — и на тој начин се обучувале да станат вешти со левата рака“. Нормално, непријателите на Израел биле обучувани да се борат со воини што се деснаци. Според тоа, поголемиот дел од обуката на непријателот би бил бескорисен доколку неочекувано се соочел со војник што е левак.

„Една тајна“ за царот

Првиот чекор на Аод бил да си направи „меч“ — меч со две острици што бил доволно краток за да може да го скрие под својата облека. Можеби очекувал дека ќе го претресат. Мечот обично се носел на левата страна од телото, од каде што оние што се деснаци лесно би можеле да го извлечат. Бидејќи бил левак, Аод го скрил своето оружје „под облеката покрај десното бедро“, каде што имало помала веројатност дека стражарите на царот ќе бараат. Според тоа, без пречка ,го однел данокот на Еглона, моавскиот цар‘ (Судии 3:16, 17).

Не се дадени детали околу тоа што најпрво се случило на дворот на Еглон. Библијата едноставно вели: „Откако го предаде данокот, Аод си отиде со луѓето, кои го беа донесле данокот“ (Судии 3:18). Аод го предал данокот, ги придружувал на безбедна оддалеченост од палатата на Еглон луѓето кои го донеле данокот и, откако ги отпуштил, се вратил. Зошто? Дали тие луѓе биле со него како заштита, затоа што така налагал протоколот или можеби едноставно за да го носат данокот? И дали сакал да си заминат за да бидат безбедни пред да го изврши својот план? Што и да размислувал, Аод храбро се вратил сам.

„Кога дојде до извајаниот кип во близина на Галгал, [Аод] се врати и рече: ,Цару, имам да ти кажам една тајна‘“. Во Библијата не е објаснето како успеал повторно да дојде пред Еглон. Зарем не требало стражарите да се посомневаат? Дали мислеле дека само еден Израелец не претставувал никаква закана за нивниот господар? Дали тоа што Аод дошол сам оставило впечаток дека ги издава своите сонародници? Како и да било, Аод побарал да биде примен насамо кај царот и успеал (Судии 3:19).

Инспирираниот извештај продолжува: „Аод влезе. Царот седеше во ладната горница; беше сам. Аод му рече: ,Цару, имам за тебе слово од Бога!‘“ Аод не мислел на некоја усна порака од Бог. Она што Аод го имал на ум било да го употреби својот меч. Можеби очекувајќи да чуе некоја порака од неговиот бог Хамос, царот ,веднаш станал од престолот‘. Брз како молња, Аод го извлекол своето оружје и го зарил во стомакот на Еглон. Изгледа мечот немал пречка на рачката. Затоа, ,целата рака влегла со сечилото, и салото се склопило над острилото . . . оттаму излегла нечистота‘, или од раната или поради неволно излевање од цревата на Еглон (Судии 3:20—22).

Лесно бегство

Без да губи време за да си го земе мечот, „Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи. Кога тој си отиде, слугите [на Еглон] се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: ,Без сомнение отиде настрана, во клетот до [да се олесни во, NW] ладната соба‘“ (Судии 3:23, 24).

Што бил „тремот“ низ кој си заминал Аод? „Точното значење [на хебрејскиот збор] не е познато“, се вели во еден прирачник, но „предложени се зборовите ,колонада‘ и ,предворје‘“. Дали Аод ја заклучил вратата однатре и потоа си отишол по некој друг пат? Или, пак, ја заклучил вратата однадвор со клуч што го зел од мртвиот цар? Дали потоа нормално си поминал покрај стражарите како ништо да не се случило? Библијата не кажува. Меѓутоа, сеедно каков метод употребил Аод, слугите на Еглон не се посомневале веднаш кога виделе дека вратата е заклучена. Тие едноставно помислиле дека царот ,се олеснува‘.

Додека слугите на царот се врткале ваму-таму, Аод избегал. Потоа ги повикал своите сонародници и им рекол: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашите непријатели“. Со тоа што ги зазеле стратешките премини на Јордан, луѓето на Аод ги спречиле Моавците, кои останале без водач, да избегаат во својата татковина. Така, „[Израелците] погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сѐ крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега. Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години“ (Судии 3:25—30).

Поуки што можеме да ги научиме

Она што се случило во времето на Аод нѐ учи дека има кобни последици кога го правиме она што е лошо во очите на Јехова. Од друга страна, пак, Јехова им помага на оние што покајнички се обраќаат кон него.

Плановите на Аод не успеале поради некоја негова вештина, ниту поради неспособноста на непријателот. Исполнувањето на Божјите намери не зависи од човечки фактори. Главната причина за успехот на Аод било тоа што имал поддршка од Бог додека постапувал во склад со Неговата непоколеблива желба да го ослободи Својот народ. Бог го подигнал Аод, а „кога им воздигаше судии [на Израелците], Господ беше со секој судија“ (Судии 2:18; 3:15).