Вестфалскиот мир — пресвртница во историјата на Европа
Вестфалскиот мир — пресвртница во историјата на Европа
„ДА СЕ видат толку многу европски државни лидери собрани заедно како ние денес е навистина редок настан.“ Оваа изјава ја даде Роман Херцог, поранешен претседател на Сојузна Република Германија, во октомври 1998. Кога го кажа ова, меѓу оние што го слушаа имаше четири кралеви, четири кралици, два принца, еден надвојвода и неколку претседатели. Настанот, под покровителство на Советот на Европа, беше многу важен настан во 50-годишната историја на современата германска држава. Кој беше поводот?
Во октомври 1998 беше 350-годишнината од Вестфалскиот мировен договор. Мировните договори честопати се крстосници на кои историјата свртува во нов правец, а во овој поглед Вестфалскиот мировен договор бил нешто посебно. Со потпишувањето на овој договор во 1648 бил ставен крај на Триесетгодишната војна и било означено раѓањето на современа Европа како континент на суверени држави.
Еден стар поредок е разнишан
Низ средниот век, најмоќни институции во Европа биле Римокатоличката црква и Светото Римско Царство. Царството било составено од стотици кнежества со различна големина и ја зафаќало територијата на Австрија, Белгија и Холандија, Германија, делови од Италија, Република Чешка, Франција и Швајцарија. Бидејќи неговиот најголем дел го сочинувале германските кнежества, царството станало познато како Светото Римско Царство на германската нација. Секое кнежество било под полусамоуправна власт на кнез. Царот бил римокатолик од австриското семејство на Хабсбурговците. Така, преку власта на папството и царството, римокатолиците цврсто ја држеле Европа во рацете.
Меѓутоа, во 16 и 17 век, утврдениот поредок бил разнишан. Низ цела Европа имало раширено незадоволство поради испадите на Римокатоличката црква. Верските реформатори како Мартин Лутер и Жан Калвин зборувале за враќање кон библиските мерила. Лутер и Калвин наишле на широко распространета поддршка, и од ова движење се родила Реформацијата и Протестантските религии. Реформацијата го поделила царството на три вери — католичка, лутеранска и калвинистичка.
Католиците гледале со недоверба на протестантите, а протестантите ги презирале своите католички соперници. Оваа клима, во почетокот на 17 век, довела до формирање на Протестантската унија и на Католичката лига. Некои кнезови во царството ѝ се придружиле на Унијата, други, пак, на Лигата. Европа — а особено царството — била како буре барут каде што секој се сомневал во секого и била потребна само една искра за сѐ да летне во воздух. Кога таа искра конечно прснала, започнал судир што траел во текот на наредните 30 години.
Една смртоносна искра ја вивнува Европа во пламен
Протестантските владетели се обиделе да влијаат врз Хабсбурговците, кои биле католици, за да добијат поголема слобода на обожавање. Но, отстапките биле дадени неволно, и во 1617—1618, во Бохемија (Република
Чешка) насилно биле затворени две лутерански цркви. Ова било навреда за протестантските благородници кои нападнале една палата во Прага, заробиле тројца католички функционери и ги фрлиле од еден прозорец од горниот кат. Овој чин била искрата што ја вивнала Европа во пламен.Иако наводно биле следбеници на Кнезот на Мирот, Исус Христос, членовите на спротивставените религии сега се фатиле за врат (Исаија 9:6). Во Битката на Бела Планина, Лигата ѝ нанела тежок пораз на Унијата, која се распаднала. Протестантските благородници биле погубени на плоштадот во Прага. Низ цела Бохемија, имотот на протестантите што немало да се откажат од својата вера бил конфискуван и им бил раздаван на католиците. Книгата 1648—Krieg und Frieden in Europa (1648 — војна и мир во Европа) ја опишува оваа конфискација како „конфискација со најголеми промени во сопствеништвото што некогаш се случиле во централна Европа“.
Она што започнало како верски судир во Бохемија прераснало во меѓународна борба за власт. Во наредните 30 години, во војната биле вовлечени и Данска, Франција, Холандија, Шведска и Шпанија. Католичките и протестантските владетели, честопати водени од алчност и од желба за власт, се бореле за политичка превласт и комерцијална добивка. Триесетгодишната војна е поделена на етапи, секоја според името на главните противници на царот. Неколку прирачници наведуваат четири такви етапи: Војната помеѓу Бохемија и Палатинатот, данско-долносаксонската војна, шведската војна и француско-шведската војна. Поголемиот дел од војната се одвивал на територијата на царството.
Оружјето во тоа време се состоело од пиштоли, мускети, топови со голем калибар и обични, а најголем снабдувач со оружје била Шведска. Католиците и протестантите заглавиле во војна. Војниците оделе во битка извикувајќи или „Санта Марија“ или „Бог е со нас“. Трупите ги пустошеле и ги пљачкосувале германските кнежества што им биле на патот, однесувајќи се со противниците и со цивилите како со животни. Војната се претворила во варварство. Колку спротивно на библиското пророштво: „Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна“! (Михеј 4:3).
Една цела генерација Германци израснале не знаејќи ништо друго освен војна, а истоштениот народ копнеел по мир. Јасно, мирот ќе бил возможен да не биле спротивните политички интереси на владетелите. Политиката сѐ повеќе доаѓала во преден план а војната го губела својот верски карактер и сѐ повеќе станувала секуларна. Иронично е тоа што човекот што ја вовел оваа промена бил висок службеник во католичката црква.
Кардиналот Ришелје го вие жезолот
Службената титула на Арман Жан ди Плеси била кардинал де Ришелје. Тој, исто така, бил и премиер на Франција од 1624 до
1642. Ришелје имал намера да ја направи Франција водечка сила во Европа. За таа цел, се обидел да ја поткопа моќта на неговите браќа католици, Хабсбурговците. Како го направил тоа? Така што ги финансирал протестантските војски во германските кнежества, во Данска, во Холандија и во Шведска, кои се бореле против Хабсбурговците.Во 1635, Ришелје за првпат испратил француски трупи во војната. Книгата vivat pax—Es lebe der Friede! (Да живее мирот!) објаснува дека во последната етапа „Триесетгодишната војна повеќе не била судир помеѓу верски страни . . . Војната станала борба за политичка превласт во Европа“. Она што почнало како верски судир помеѓу католиците и протестантите завршило така што католици се бореле на иста страна со протестантите против други католици. Католичката лига, која во почетокот на 1630-те веќе била ослабната, во 1635 се распаднала.
Мировната конференција во Вестфалија
Европа била разорена од пљачкосувања, убиства, силувања и болести. Малку-помалку, копнежот за мир станувал сѐ посилен затоа што станало јасно дека тоа било војна што никој не може да ја добие. Книгата Да живее мирот! забележува дека „при крајот на 1630-те, владејачките кнезови конечно признале дека воената моќ повеќе не им користи при остварувањето на нивната цел“. Но, ако она што сите го посакувале било мир, како да се постигнел?
Царот на Светото Римско Царство, Фердинанд III, францускиот крал Луј XIII и шведската кралица Кристина се согласиле дека треба да се одржи конференција на која ќе се соберат сите вклучени страни во војната и ќе преговараат за условите за мир. За преговорите биле избрани два града — Оснабрик и Минстер во германската покраина Вестфалија. Тие градови биле избрани бидејќи се наоѓале на средина помеѓу Шведска и Франција. Почнувајќи во 1643, околу 150 делегации — некои од нив со големи тимови од советници — пристигнале во двата града, при што католичките пратеници се собрале во Минстер, а протестантските делегати во Оснабрик.
Најпрво биле донесени правила на однесување за да се решат прашањата како што се титулата и рангот на пратениците, редот на седење и процедурите. Потоа почнале мировните разговори, а предлози од едната делегација до другата биле пренесувани преку посредници. По речиси пет години — додека војната и понатаму траела — сите се согласиле со условите за мир. Вестфалскиот мировен договор го сочинувале повеќе од еден документ. Еден договор бил потпишан во Оснабрик помеѓу царот Фердинанд III и Шведска, а друг во Минстер помеѓу царот и Франција.
Како што се ширела веста за мировниот договор, почнувало славењето. Она што почнало со една смртоносна искра, завршило со дословни огномети. Тие го осветлиле небото над различни градови. Црковните камбани ѕвонеле, топовите татнеле поздравувајќи го мирот, а луѓето пееле по улиците. Можела ли Европа сега да очекува траен мир?
Дали е возможен траен мир?
Вестфалскиот мировен договор го поставил принципот за сувереност. Ова значи дека секоја страна во договорот се согласила дека ќе ги почитува територијалните права на сите други страни и дека нема да се меша во нивните внатрешни работи. На тој начин била родена Европа како континент на суверени држави. Некои од тие држави од договорот добиле повеќе отколку другите.
Франција била поставена како водечка сила, а Холандија и Швајцарија добиле независност. За германските кнежества, од
кои многу биле уништени од војната, мировниот договор имал свои недостатоци. Судбината на Германија во извесна мера ја решиле други нации. The New Encyclopædia Britannica наведува: „Профитот и губитокот на германските принцови бил одреден според она што им одговарало на главните сили: Франција, Шведска и Австрија“. Наместо да бидат зближени и обединети во една нација, германските кнежества биле разединети како и пред тоа. Освен тоа, некои територии биле дадени под контрола на странски владетели, како, на пример, делови од поголемите германски реки — Рајна, Елба и Одра.На католичката, лутеранската и калвинистичката религија им биле дадени еднакви права. Не биле сите задоволни со тоа. Папата Инокентие X жестоко се противел на мировниот договор, прогласувајќи го за неважечки. Сепак, верските граници што биле поставени во поголем дел останале непроменети три века. Иако сѐ уште немало верска слобода за поединецот, таа дошла еден чекор поблизу.
Мировниот договор ѝ ставил крај на Триесетгодишната војна, и со тоа завршиле поголемиот дел од непријателствата. Тоа била последната голема верска војна во Европа. Војните не прекинале, но нивната суштинска причина преминала од религија на политика или трговија. Тоа не значи дека религијата повеќе немала влијание врз непријателството во Европа. Во двете Светски војни, на токата на каишот на германските војници имало еден натпис што звучи доста познато: „Бог е со нас“. За време на тие ужасни судири, католици и протестанти повторно се здружиле за да се борат против католиците и протестантите на спротивната страна.
Очигледно, Вестфалскиот мировен договор не донел траен мир. Меѓутоа, послушното човештво наскоро ќе доживее таков мир. Јехова Бог ќе донесе вечен мир за човештвото преку месијанското Царство на неговиот Син, Исус Христос. Под таа влада, единствената вистинска религија ќе биде сила што обединува а не сила што разединува. Никој нема да оди во војна од која и да било причина, религиозна или некоја друга. Какво олеснување ќе биде кога царската влада ќе преземе контрола над земјата и кога „не ќе има крај на мирот“! (Исаија 9:6, 7).
[Истакната мисла на страница 21]
Она што почнало како верски судир помеѓу католиците и протестантите завршило така што католици се бореле на иста страна со протестантите против други католици
[Истакната мисла на страница 22]
Војниците оделе во битка извикувајќи или „Санта Марија“ или „Бог е со нас“
[Слика на страница 21]
Кардинал Ришелје
[Слика на страница 23]
Цртеж од 16 век на кој е претставена борбата помеѓу Лутер, Калвин и папата
[Извор на слика на страница 20]
Од книгата Spamers Illustrierte Weltgeschichte VI
[Извори на слики на страница 23]
Религиозните водачи се борат: Од книгата Wider die Pfaffenherrschaft; карта: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck