Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Врши го делото на евангелизатор“

„Врши го делото на евангелизатор“

„Врши го делото на евангелизатор“

„Биди трезвен во сѐ . . . врши го делото на евангелизатор“ (2. ТИМОТЕЈ 4:5).

1. Каков налог им дал Исус на своите следбеници?

ЈЕХОВИНОТО име и неговите намери се објавуваат низ целата земја. Тоа се прави затоа што Божјиот предаден народ го зел при срце налогот што Исус Христос им го дал на своите следбеници кога им рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).

2. Каков налог добил надгледникот Тимотеј, и кој е еден начин на кој христијанските надгледници ја извршуваат својата служба?

2 Исусовите ученици во првиот век сериозно го сфатиле тој налог. На пример, апостол Павле го поттикнал Тимотеј, кој исто така служел како христијански надгледник: „Врши го делото на евангелизатор, потполно извршувај ја својата служба“ (2. Тимотеј 4:5). Денес, еден начин на кој надгледникот ја извршува својата служба е да биде ревносен објавител на Царството, кој редовно учествува во службата на теренот. На пример, надгледникот на Собраниската студија на книга има радосна предност да предводи во делото на проповедање и во обучувањето на другите. Павле ја исполнил својата лична одговорност да ја објавува добрата вест и помогнал да се обучат и други да ја извршуваат службата (Дела 20:20; 1. Коринќаните 9:16, 17).

Ревносни евангелизатори во минатото

3, 4. Какво искуство имал Филип како евангелизатор?

3 Раните христијани биле познати како ревносни евангелизатори. Да го земеме, на пример, евангелизаторот Филип. Тој бил еден од ,седумте осведочени мажи полни со дух и мудрост‘, кој бил избран секој ден непристрасно да дели храна меѓу христијанските вдовици во Ерусалим што зборувале грчки и хебрејски јазик (Дела 6:1—6). Откако завршила таа посебна служба и откако поради прогонството се распрснале сите освен апостолите, Филип отишол во Самарија. Таму ја објавувал добрата вест и светиот дух му дал сила да истерува демони и да лекува сакати и парализирани луѓе. Многу Самарјани ја прифатиле пораката за Царството и се крстиле. Кога чуле за ова, апостолите во Ерусалим ги испратиле во Самарија апостолите Петар и Јован за да можат и новокрстените верници да добијат свет дух (Дела 8:4—17).

4 Потоа, Божјиот дух го водел Филип да го пресретне етиопскиот евнух на патот за Газа. Откако Филип добро му го објаснил пророштвото на Исаија, овој ,властодржец на кандакија, царицата на Етиопјаните‘, положил вера во Исус Христос и се крстил (Дела 8:26—38). Потоа Филип отишол во Азот и подоцна во Цезареја, ,објавувајќи ја добрата вест на сите градови‘ низ кои минувал по патот (Дела 8:39, 40). Секако дека тој дал добар пример во вршењето на делото на евангелизатор!

5. Особено по што биле познати четирите ќерки на Филип?

5 По 20-тина години, Филип сѐ уште бил активен во службата во Цезареја. Кога Павле и Лука отседнале во неговиот дом, тој ,имал четири ќерки, девици, кои пророкувале‘ (Дела 21:8—10). Очигледно, тие добиле добра духовна поука, биле ревносни во службата, а имале дури и предност да пророкуваат. И денес, ревноста што ја покажуваат родителите во службата може да влијае позитивно врз нивните синови и ќерки, и да ги поттикне целиот живот да го посветат на делото на ревносно евангелизирање.

Ревносни евангелизатори денес

6. Каков успех постигнале евангелизаторите од првиот век?

6 Во своето величествено пророштво што укажувало на нашево време и на времето на крајот, Исус Христос изјавил: „Во сите нации најпрво мора да биде проповедана добрата вест“ (Марко 13:10). Крајот ќе дојде откако добрата вест ќе биде проповедана „по целата населена земја“ (Матеј 24:14). Додека Павле и другите евангелизатори од првиот век ја објавувале добрата вест, многу луѓе станале верници и се формирале собранија во многу места низ целата Римска Империја. Старешините што биле наименувани да служат во тие собранија учествувале во делото на евангелизирање заедно со своите браќа и сестри и ја ширеле проповедничката активност насекаде. Во тие денови Јеховината реч постојано растела и преовладувала, исто како што е случај и денес затоа што милиони Јеховини сведоци го вршат делото на евангелизатори (Дела 19:20). Дали си и ти еден од тие среќни фалители на Јехова?

7. Што прават денес објавителите на Царството?

7 Многу објавители на Царството во денешно време ги користат поволните прилики да го зголемат својот удел во делото на евангелизирање. Илјадници започнале со мисионерска служба, а стотици илјади учествуваат во полновремената евангелизаторска активност како општи или помошни пионери. И колку само добро дело извршуваат мажи, жени и деца служејќи како ревносни објавители на Царството! Навистина, Јехова им излева богати благослови на сите што му припаѓаат на неговиот народ додека му служат рамо до рамо како христијански евангелизатори (Софонија 3:9).

8. Кое дело на означување се извршува сега, и кој го извршува?

8 Бог им ја дал на Исусовите помазани следбеници одговорноста да ја објавуваат добрата вест по целата земја. Во евангелизаторското дело им се придружува и сѐ поголем број од Христовите „други овци“ (Јован 10:16). Во пророчка смисла, ова животоспасувачко дело е споредено со ставање знак на челата на оние што тажат и плачат поради одвратните работи што се случуваат денес. Наскоро, злобните луѓе ќе бидат уништени. Во меѓувреме, колкава само предност имаме да им ги пренесуваме животоспасувачките вистини на жителите на земјата! (Езекиел 9:4—6, 11).

9. Како може да им се помогне на новите во службата?

9 Ако веќе извесно време учествуваме во делото на евангелизирање, веројатно можеме да сториме нешто да им помогнеме на новите во собранието. Можеме понекогаш да ги повикаме да дојдат со нас во служба. Оние што служат како старешини се охрабрени да прават сѐ што можат за да ги изградат духовно своите соверници. Извонредните напори на понизните надгледници можат многу да им помогнат на другите да бидат ревносни и продуктивни евангелизатори (2. Петрово 1:5—8).

Сведочење од куќа до куќа

10. Каков пример во службата дале Христос и неговите први следбеници?

10 Исус Христос им дал на своите следбеници одличен пример како евангелизатор. Во врска со службата на Христос и неговите апостоли, во Божјата реч стои: „Тргна од град до град и од село до село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство. Со него беа и дванаесеттемина“ (Лука 8:1). А што правеле самите апостоли? Откако бил излеан светиот дух на Пентекост 33 н.е., „секој ден во храмот и од куќа до куќа продолжија без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус“ (Дела 5:42).

11. Според Дела 20:20, 21, што правел апостол Павле во својата служба?

11 Поради своето ревносно дело на евангелизирање, апостол Павле можел да им го каже следново на христијанските старешини од Ефес: „Не се воздржував да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучам јавно и од куќа до куќа“. Кога Павле ,поучувал од куќа до куќа‘, дали тој одел кај оние што како него веќе го обожавале Јехова, правејќи пастирски посети кај верниците? Не, бидејќи во продолжение тој објаснува: „Им дадов темелно сведоштво и на Евреите и на Грците за покајание пред Бог и за вера во нашиот Господ Исус“ (Дела 20:20, 21). Општо земено, на оние што веќе му биле предадени на Јехова не им требала поука за „покајание пред Бог и за вера во нашиот Господ Исус“. Павле ги обучувал христијанските старешини во Ефес како да ја извршуваат службата од куќа до куќа додека ги поучувал неверниците за покајанието и за верата. На тој начин Павле го применил истиот метод што го вовел Исус.

12, 13. Во склад со Филипјаните 1:7, што правел Јеховиниот народ во врска со своето право да проповеда?

12 Службата од куќа до куќа може да претставува предизвик. На пример, некои се нервираат кога ќе им појдеме на врата со библиската порака. Ние не сакаме да ги нервираме луѓето. Сепак, службата од куќа до куќа има библиска основа, а љубовта кон Бог и кон ближниот нѐ мотивира да сведочиме на таков начин (Марко 12:28—31). За да го ,одбраниме и законски да го утврдиме‘ нашето право да проповедаме од куќа до куќа, покренавме судски случаи пред судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд на Соединетите Држави (Филипјаните 1:7). Речиси секогаш тој суд донесувал одлуки во наша корист. Еве една типична пресуда:

13 „Личното врачување верски трактати е прастар начин на мисионерско евангелизирање — стар колку и историјата на печатарските машини. Низ годините тоа одиграло огромна улога во различни верски движења. Овој облик на евангелизирање денес го применуваат во голем обем различни верски секти чии колпортери го носат евангелието во илјадници домови и настојуваат да придобијат приврзаници за својата вера на тој начин што лично ги посетуваат луѓето . . . Според Првиот амандман [на Уставот на Соединетите Држави], овој облик на верска активност има подеднаков статус како и обожавањето во црквите и проповедањето од проповедалница“ (Murdock v. Pennsylvania,1943).

Зошто да продолжиме да проповедаме?

14. Какви резултати на крајот може да даде нашата служба?

14 Има многу причини зошто да сведочиме од куќа до куќа. Секогаш кога ќе појдеме кај некој станар, се обидуваме да засадиме семе на библиската вистина. Кога правиме повторни посети, се трудиме да го залееме тоа семе. Од сето тоа на крајот можат да произлезат многу добри резултати, бидејќи Павле напишал: „Јас посадив, Аполо залеа, но Бог правеше да расте“ (1. Коринќаните 3:6). Затоа, да продолжиме ,да садиме и да залеваме‘, уверени дека Јехова ,ќе направи да расте‘.

15, 16. Зошто постојано одиме кај луѓето?

15 Ние го извршуваме делото на евангелизатори затоа што во прашање се животи. Со тоа што проповедаме, можеме да се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:16). Кога би знаеле дека на некого животот му е во опасност, дали би направиле само еден слаб обид да му помогнеме? Секако дека не! Бидејќи станува збор за спасение на луѓето, ние постојано одиме кај нив. Околностите постојано се менуваат. Некој што во некоја прилика е премногу зафатен да слуша можеби ќе биде спремен да ја чуе библиската порака во друга прилика. На врата може да се појави некој друг член на семејството, а тоа би можело да води до библиска дискусија.

16 Не се менуваат само околностите туку и ставовите на станарите. На пример, болната загуба на некој сакан може да поттикне некого да ја слуша пораката за Царството. Ние се надеваме дека ќе го утешиме таквиот, ќе му помогнеме да стане свесен за своите духовни потреби и ќе му покажеме како може да ги задоволи (Матеј 5:3, 4).

17. Која е главна причина за нашата проповедничка активност?

17 Главна причина зошто сведочиме од куќа до куќа или зошто учествуваме во други гранки на христијанската служба е нашата желба да имаме удел во објавувањето на Јеховиното име (Излез 9:16; Псалм 83:18). Колку само сме радосни кога нашето дело на евангелизирање им помага на оние што ја сакаат вистината и праведноста да станат фалители на Јехова! „Момчиња и девици, старци со децата заедно“, во песна рекол псалмистот, „сите нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено. Неговата слава е над земјата и небото“ (Псалм 148:12, 13).

Евангелизирањето ни користи нам лично

18. Каква корист имаме ако го вршиме делото на евангелизирање?

18 Извршувањето на делото на евангелизатор ни користи нам лично на различни начини. Кога одиме од куќа до куќа со добрата вест, тоа ни помага да стекнеме понизност, особено кога не нѐ примаат љубезно. За да бидеме делотворни евангелизатори, треба да бидеме како Павле, кој ,на луѓето од сите видови им станал сѐ, за на секаков можен начин да спаси некои‘ (1. Коринќаните 9:19—23). Искуството во службата ни помага да бидеме тактични. Со тоа што се потпираме на Јехова и добро ги бираме нашите зборови, го применуваме советот на Павле: „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Колошаните 4:6).

19. На кој начин светиот дух им помага на евангелизаторите?

19 Делото на евангелизирање исто така нѐ поттикнува да се потпираме на Божјиот свет дух (Захарија 4:6). Затоа, во нашата служба почнуваат да се гледаат неговите плодови — „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23). Ова влијае врз нашите постапки со луѓето бидејќи, ако се подложуваме на водството на духот, тоа ни помага да покажуваме љубов, да бидеме радосни и мирољубиви, да бидеме долготрпеливи и љубезни, да покажуваме доброта и вера, и да покажуваме благост и самосовладување додека ја објавуваме добрата вест.

20, 21. Кои се некои благослови и користи од тоа што ќе бидеме зафатени како евангелизатори?

20 Друг благослов што го добиваме како евангелизатори е тоа што стануваме посочувствителни. Кога луѓето ќе ни ги кажат своите проблеми — болест, невработеност, домашни проблеми — ние не постапуваме како советници туку ги охрабруваме и ги тешиме со библиски стихови. Загрижени сме за луѓето што се духовно заслепени но изгледа дека ја сакаат праведноста (2. Коринќаните 4:4). И колкав само благослов е да им се дава духовна помош на оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“! (Дела 13:48).

21 Редовното учество во делото на евангелизирање ни помага да ги задржиме мислите сосредоточени на духовни работи (Лука 11:34). Секако дека тоа е корисно, бидејќи инаку би можеле да им попуштиме на материјалистичките искушенија што во овој свет ги има на секој чекор. Апостол Јован ги поттикнал христијаните: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот. Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:15—17). Тоа што сме зафатени како евангелизатори додека сме обилно вработени во Господовото дело ни помага да не го љубиме светот (1. Коринќаните 15:58).

Собирај си блага на небото

22, 23. а) Какви блага си собираат христијанските евангелизатори? б) Како ќе ни помогне следната статија?

22 Ревносната активност на проповедање на Царството носи трајни користи. Исус го покажал ова кога рекол: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат. Напротив, собирајте си блага на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа ги нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат. Зашто, каде ти е благото таму ќе ти биде и срцето“ (Матеј 6:19—21).

23 Да продолжиме да си собираме блага на небото, свесни дека не можеме да имаме поголема предност од таа да го застапуваме Суверениот Господ Јехова како негови Сведоци (Исаија 43:10—12). Додека го извршуваме нашиот налог како Божји министри, веројатно се чувствуваме како една христијанка во своите 90-ти години, која го рекла следново во врска со нејзиниот долг живот во служба на Бог: „Му благодарам на Јехова што сите овие години ме трпеше ваква каква што сум, и горливо го молам засекогаш да остане мој Татко што многу ме сака“. Ако и ние го цениме толку нашиот однос со Бог, секако дека ќе сакаме потполно да го извршиме делото на евангелизатор. Следната статија ќе ни помогне да видиме како можеме потполно да ја извршиме нашата служба.

Како би одговорил?

• Зошто треба да го вршиме делото на евангелизатор?

• Што можеш да кажеш за делото на евангелизаторите во минатото и денес?

• Зошто сведочиме од куќа до куќа?

• Каква корист имаш ти лично од тоа што го вршиш делото на евангелизатор?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

И во денешно време има радосни евангелизатори како што биле Филип и неговите ќерки

[Слика на страница 14]

Каква корист имаш ти лично од тоа што им ја пренесуваш добрата вест на другите?