Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Господовата вечера — како се одбележува?

Господовата вечера — како се одбележува?

Господовата вечера — како се одбележува?

ФРЛАЈЌИ светлина врз одбележувањето на Господовата вечера, христијанскиот апостол Павле пишува: „Јас од Господ го примив она што и ви го предадов, дека Господ Исус онаа ноќ во која требаше да биде предаден, зеде леб и, откако заблагодари, го раскрши и рече: ,Ова значи моето тело кое е за ваша корист. Правете го ова за мој спомен‘. Откако вечера, истото го стори и во врска со чашата, велејќи: ,Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв. Правете го ова, секојпат кога ја пиете, за мој спомен‘. Зашто секојпат кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта на Господ, додека тој не дојде“ (1. Коринќаните 11:23—26).

Како што вели Павле, Исус ја воспоставил Господовата вечера „онаа ноќ во која [Исус] требаше да биде предаден“ од Јуда Искариот на еврејските верски водачи кои ги натерале Римјаните да го приковаат Христос. Таа вечера се одржала доцна навечер во четврток, на 31 март 33. н.е. Исус умрел на маченички столб во петок попладне, на 1 април. Бидејќи деновите во еврејскиот календар траат од вечерта на едниот ден до вечерта следниот ден, и Господовата вечера и смртта на Исус Христос се случиле во ист ден — 14 нисан 33. н.е.

Оние што земале од лебот и од виното требало да го ,прават ова‘ за спомен на Исус. Според еден друг превод, Исус рекол: „Правете го ова за сеќавање на мене“ (1. Коринќаните 11:24, The Jerusalem Bible). Господовата вечера исто така е наречена и Меморијал на Христовата смрт.

Зошто да се комеморира смртта на Исус?

Одговорот лежи во она што е поврзано со таа смрт. Исус умрел како најистакнат бранител на суверенитетот на Јехова. Со тоа докажал дека Сатана е лажливец зашто ги обвинил луѓето дека ќе му служат на Бог само од себични мотиви (Јов 2:1—5; Пословици 27:11). Со својата смрт како совршен човек, Исус исто така ,ја дал својата душа како откупнина во замена за мнозина‘ (Матеј 20:28). Кога му згрешил на Бог, Адам го изгубил совршениот човечки живот и изгледите што доаѓале со него. Но „Бог толку многу го љубеше светот [на човештвото] што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Да, „платата што ја дава гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23).

Според тоа, смртта на Исус Христос е поврзана со двата најголеми израза на љубов — големата љубов што Јехова ја покажал кон човештвото со тоа што го дал својот Син и самопожртвуваната љубов што Исус ја покажал кон човештвото со тоа што спремно го дал својот човечки живот. Меморијалот на Исусовата смрт ги велича овие два израза на љубов. Бидејќи ние сме оние што ја примаат таа љубов, зарем не треба да покажуваме благодарност за неа? Еден начин да го направиме тоа е така што ќе присуствуваме на одбележувањето на Господовата вечера.

Значењето на лебот и виното

Кога ја воспоставил Господовата вечера, како симболи Исус употребил леб и чаша црвено вино. Исус го зел лебот и ,откако заблагодарил, го раскршил и рекол: „Ова [лебот] значи моето тело кое е за ваша корист“‘ (1. Коринќаните 11:24). Лебот морал да биде раскршен за да се подели и изеде зашто тоа бил доста кршлив леб направен од брашно и вода без квасец. Во Библијата, квасецот симболизира грев (Матеј 16:11, 12; 1. Коринќаните 5:6, 7). Исус бил безгрешен. Според тоа, неговото совршено човечко тело послужило како соодветна откупна жртва за човештвото (1. Јованово 2:1, 2). Сосема е на место лебот што се користи за да се претстави Христовото безгрешно физичко тело да биде бесквасен!

Исус исто така заблагодарил и за чашата чисто црвено вино и рекол: „Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв“ (1. Коринќаните 11:25). Црвеното вино во чашата ја претставува Исусовата крв. Токму како што крвта на жртвуваните бикови и јарци го направила полноважен сојузот на Законот меѓу Бог и израелската нација во 1513 пр.н.е, така и крвта на Исус што била пролеана во смрт го направила новиот сојуз полноважен.

Кој треба да зема од симболите?

За да одредиме кој со право зема од симболите на Меморијалот, треба да сфатиме за што е тој нов сојуз и кој треба да учествува во него. Библијата вели: „Еве доаѓаат денови — говори Господ — кога ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом . . . Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ . . . ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови“ (Еремија 31:31—34).

Новиот сојуз овозможува еден посебен вид однос со Јехова Бог. Преку овој сојуз, одредена група поединци стануваат негов народ а тој станува нивен Бог. Законот на Јехова е запишан во нив, во нивното срце, и дури и оние што не се обрежани Евреи можат да влезат во новиот сојузен однос со Бог (Римјаните 2:29). Библискиот писател Лука зборува за намерата на Бог ,да им обрне внимание на нациите за од нив да земе народ за своето име‘ (Дела 15:14). Според 1. Петрово 2:10, тие ,некогаш не биле народ, а сега се Божји народ‘. Библијата се осврнува на нив како „Израелот Божји“, т.е. духовен Израел (Галатите 6:16; 2. Коринќаните 1:21). Според тоа, новиот сојуз е сојуз помеѓу Јехова Бог и духовниот Израел.

Последната вечер со своите ученици, и Исус лично склучил еден поинаков сојуз со нив. „Јас склучувам со вас сојуз“, им рекол, „како што мојот Татко склучи сојуз со мене, за царство“ (Лука 22:29). Ова е сојузот за Царство. Бројот на несовршените луѓе што се земени во сојузот за Царството е 144.000. Откако ќе воскреснат на небото, тие ќе владеат со Христос како цареви и свештеници (Откровение 5:9, 10; 14:1—4). Значи, оние што се во новиот сојуз со Јехова Бог се и во сојуз за Царството со Исус Христос. Тие се единствените кои со право земаат од симболите на Господовата вечера.

Како, оние што имаат право да земат од симболите на Меморијалот, знаат дека имаат уникатен однос со Бог и дека се сонаследници со Христос? Павле објаснува: „Самиот [свет] дух сведочи со нашиот дух [умствена настроеност] дека сме Божји деца. Значи, ако сме деца, и наследници сме: имено, наследници Божји, а сонаследници со Христос, под услов да страдаме со него за да се прославиме со него“ (Римјаните 8:16, 17).

Преку неговиот свет дух, или активна сила, Бог ги помазува сонаследниците на Христос. Ова ги уверува дека се наследници на Царството. Тој создава кај помазаните христијани небесна надеж. Тие гледаат на сѐ што е кажано во Библијата за небесниот живот како да им е упатено ним. Освен тоа, спремни се да жртвуваат сѐ што е поврзано со земниот живот, вклучувајќи го и животот на земјата и сите човечки врски. Иако христијаните помазани со дух сфаќаат дека животот во земниот Рај ќе биде прекрасен, тоа не е она на што тие се надеваат (Лука 23:43). Тие имаат цврста небесна надеж а со тоа и право да земаат од симболите на Меморијалот не поради погрешни религиозни гледишта туку како резултат на дејствувањето на Божјиот дух.

Да претпоставиме дека некој не е апсолутно сигурен дека е во новиот сојуз и во сојузот за Царството. Што ако му недостига и сведоштво од Божјиот дух дека е сонаследник на Христос? Тогаш би било погрешно од негова страна да земе од симболите на Меморијалот. Навистина, на Бог нема да му се допадне ако некој намерно се претставува како некој што е повикан да биде небесен цар и свештеник кога всушност нема таков позив (Римјаните 9:16; Откровение 22:5).

Колку често да се одбележува?

Дали смртта на Исус треба да се комеморира секоја седмица, или можеби дури и секој ден? Па, Христос ја воспоставил Господовата вечера и бил неправедно убиен на денот на Пасхата. Со Пасхата, која се славела еднаш годишно, на 14 нисан, се комеморирало избавувањето на Израел од ропството во Египет (Излез 12:6, 14; Левит 23:5). Значи и смртта на „Христос, нашата пасха“ треба да се слави само еднаш секоја година, а не секоја седмица или секој ден (1. Коринќаните 5:7). При одбележувањето на Господовата вечера, христијаните ја следат истата процедура што ја користел Исус кога ја воспоставил.

Тогаш, што значат зборовите на Павле: „Секојпат кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта на Господ, додека тој не дојде“? (1. Коринќаните 11:26). Во овој стих Павле употребил еден збор што значи „секогаш кога“ или „кога и да“. Значи, тој рекол дека секогаш кога ќе земат од симболите, помазаните христијани јавно ќе ја објават својата вера во откупната жртва на Исус.

Помазаните христијани ќе ја комеморираат смртта на Христос „додека тој не дојде“. Ова одбележување ќе продолжи додека Исус не пристигне за да ги прими своите помазани следбеници на небото преку воскресение во духовен живот за време на неговата „присутност“ (1. Солуњаните 4:14—17). Ова е во склад со зборовите на Христос до неговите 11 лојални апостоли: „Ако одам и ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам дома кај себе, и вие да бидете таму каде што сум јас“ (Јован 14:3).

Какво значење има за тебе?

Дали е неопходно некој да зема од симболите на Меморијалот за да има корист од жртвата на Исус и за да добие вечен живот на земјата? Не. Ништо во Библијата не укажува на тоа дека откако ќе бидат воскреснати на земјата, богобојазливите луѓе како Ное, Авраам, Сара, Исак, Ревека, Јосиф, Мојсеј и Давид некогаш ќе земат од овие симболи. Сепак, тие и сите други што посакуваат бескраен живот на земјата ќе треба да практикуваат вера во Бог и во Христос и во подготовката на откупната жртва на Исус што ја направил Јехова (Јован 3:36; 14:1). За да добиеш вечен живот, и ти мораш да практикуваш таква вера. Тоа што ќе присуствуваш на годишното одбележување на Христовата смрт ќе те потсети на таа голема жртва и треба да ја продлабочи твојата благодарност за неа.

Апостол Јован ја нагласил важноста на Исусовата жртва кога рекол: „Ова ви го пишувам [вам други помазаници] за да не извршите грев. А сепак, ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Помазаниците можат да речат дека жртвата на Исус е помирница за нивните гревови. Но, исто така, тоа е жртва и за гревовите на целиот свет што му овозможува вечен живот на послушното човештво!

Ќе бидеш ли присутен на 4 април 2004 на комеморацијата на смртта на Исус? Јеховините сведоци низ целиот свет ќе ја одржат во своите места за состаноци. Ако присуствуваш, ќе извлечеш корист од многу важниот библиски говор што ќе го чуеш. Ќе бидеш потсетен за тоа колку многу направиле Јехова Бог и Исус Христос за нас. Ќе биде и духовно наградувачки да се собереш со оние што длабоко ги почитуваат Бог и Христос и откупната жртва на Исус. Тој настан може да ја зајакне твојата желба да бидеш од оние што ќе ја примат Божјата незаслужена љубезност која води во вечен живот. Не дозволувај ништо да ти застане на патот. Присуствувај на ова радосно одбележување кое му носи слава и задоволство на нашиот небесен Татко, Јехова Бог.

[Слика на страница 5]

Смртта на Исус е поврзана со двата најголеми израза на љубов

[Слика на страница 6]

Бесквасниот леб и виното се соодветни симболи за безгрешното тело на Исус и за неговата пролеана крв