Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што се случило за време на настанот што е запишан во Излез 4:24—26, и чиј живот бил во опасност?

Мојсеј бил на пат кон Египет со својата жена, Сепфора, и со своите синови, Гирсам и Елиезер, кога се одиграл следниов настан: „Кога патем Мојсеј застана да преноќева, Господ се нафрли на него да го убие. Но Сепфора зеде остро каменче, го обреза својот син и со кожичката ги допре Мојсеевите [неговите, NW] нозе: ,Навистина ти си ми крвав маж‘, рече. И Господ го пушти. Заради обрезувањето таа го рече тоа: ,крвав маж‘“ (Излез 4:20, 24—26). Иако овој извадок не е баш јасен и не можеме да бидеме сосема сигурни во врска со неговото значење, Библијата сепак дава некое појаснување за овие стихови.

Извештајот не кажува конкретно чиј живот бил во опасност. Меѓутоа, можеме логично да заклучиме дека не станува збор за животот на Мојсеј, зашто тој тукушто добил налог од Бог да ги изведе Израелците од Египет (Излез 3:10). Не изгледа веројатно дека на пат да ја изврши таа задача животот на Мојсеј би бил загрозен од Божји ангел. Затоа, најверојатно се работи за животот на еден од неговите синови. Во законот што претходно му бил даден на Авраам во врска со обрежувањето стоело: „Машкото што не ќе биде обрезано, нека биде истребено од својот род: зашто го нарушило Мојот Завет“ (Битие 17:14). Очигледно Мојсеј пропуштил да го обреже својот син и затоа животот на момчето бил загрозен од еден Јеховин ангел.

Чии нозе ги допрела кожичката што Сепфора ја исекла од својот син кога се обидела да ги исправи работите? Ангелот на Јехова бил оној што имал моќ да го убие необрежаниот син. Тогаш логично е дека Сепфора ги допрела со кожичката нозете на ангелот со што му ја дала како доказ дека се повинува на заветот.

Изразот на Сепфора „ти си ми крвав маж“ е необичен израз. Што покажува овој израз за неа? Со тоа што се подложила на барањата од сојузот за обрежување, Сепфора признала дека е во сојузен однос со Јехова. Сојузот на законот што подоцна бил склучен со Израелците покажал дека во еден сојузен однос, Јехова може да се смета како сопруг а другата страна како сопруга (Еремија 31:32). Според тоа, кога му се обратила на Јехова (преку ангелот што го застапувал) како на „крвав маж“, изгледа Сепфора признала дека се подложува на условите од тој сојуз. Тоа било како да прифатила улога на сопруга во сојузот на обрежувањето, со Јехова Бог како сопруг. Во секој случај, поради нејзиниот одлучен чин на послушност кон Божјите барања, животот на нејзиниот син повеќе не бил во опасност.