Прослава што има значење за тебе
Прослава што има значење за тебе
КОГА бил на земјата, Исус Христос воспоставил една прослава со која му се оддава чест на Бог. Ова бил единствениот религиозен обред кој директно им заповедал на своите следбеници да го прославуваат. Тоа била Господовата вечера, позната и како Последната вечера.
Замисли си дека си невидлив набљудувач и ги гледаш збиднувањата што воделе до тој настан. Исус и неговите апостоли се собрани заедно во една горна соба во Ерусалим за да ја прослават еврејската Пасха. Вообичаениот пасхален оброк, кој што се состои од печено јагне, горчливо зелје, бесквасен леб и црвено вино, е дојаден. Неверниот апостол Јуда Искариот е заминат и наскоро ќе го предаде својот Господар (Матеј 26:17—25; Јован 13:21, 26—30). Исус е сам со своите 11 апостоли. Матеј е еден од нив.
Според извештајот на Матеј како очевидец, еве како Исус ја воспоставил Господовата вечера: „Исус зеде [бесквасен] леб и, откако кажа благослов, го раскрши и, давајќи им го на учениците, рече: ,Земете, јадете. Ова значи моето тело‘. Исто така, зеде чаша [со вино] и, откако заблагодари, им даде велејќи: ,Пијте од неа сите; зашто ова значи мојата ,крв на сојузот‘, која треба да се пролее во корист на мнозина за простување на гревовите‘“ (Матеј 26:26—28).
Зошто Исус ја воспоставил Господовата вечера? Зошто, кога ја воспоставил, користел бесквасен леб и црвено вино? Дали сите следбеници на Христос требало да земаат од овие симболи? Колку често требало да се одбележува оваа вечера? И дали таа навистина има значење за тебе?