Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Либерија — духовен пораст и покрај војната

Либерија — духовен пораст и покрај војната

Либерија — духовен пораст и покрај војната

ГРАЃАНСКАТА војна во Либерија беснее веќе повеќе од една деценија . Кон средината на 2003, бунтовниците се пробија до главниот град, Монровија. Многу Јеховини сведоци беа принудени да бегаат од своите домови, понекогаш и повеќепати. Имотот секогаш одново беше пљачкан.

За жал, во текот на борбите во главниот град, беа убиени илјадници луѓе. Меѓу нив имаше и двајца Сведоци, еден брат и една сестра. Како другите браќа се справија со тешкотиите, и што беше направено за да им се помогне?

Помош за оние на кои им е потребна

Цело време додека траеше кризата, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Либерија организираше помош за оние на кои им беше потребна. Беа обезбедени храна, основни предмети за домаќинството и медицински средства. Додека бунтовниците го држеа пристаништето под контрола, храната беше оскудна. Подружницата ги предвиде ваквите настани и имаше резерва од потребните работи за двете илјади Сведоци кои побегнаа во Салите на Царството во градот. Браќата ја распоредија храната така што резервите траеја сѐ додека пристаништето повторно не се отвори. Подружниците од Белгија и од Сиера Леоне авионски праќаа медицински средства, а подружниците од Британија и од Франција обезбедуваа пратки со облека.

И покрај очајната ситуација, нашите браќа останаа позитивни и радосни. Еден од нив, кој трипати бегал од својот дом, даде коментар што беше типичен за многумина. Тој рече: „Ова се условите за кои проповедаме; живееме во последните денови“.

Одѕив на добрата вест

И покрај нередот во целата земја, Сведоците продолжија да остваруваат одлични резултати на теренот. Во јануари 2003 имаше највисок број објавители на Царството, 3.879, а во февруари тие водеа 15.227 домашни библиски студии.

Луѓето брзо се оѕвиваат на добрата вест. Пример за тоа е она што се случи во едно село во југоисточниот дел на земјата. Едно собрание планирало да го одбележи Меморијалот на Христовата смрт во гратчето Беван, што било оддалечено околу пет часа пешачење од местото каде што обично се состанувале. Пред браќата да одат во селото за да ги канат луѓето на Меморијалот, покана му била дадена на градоначалникот на Беван. Кога ја добил поканата, ја зел својата Библија, одел кај жителите на гратчето и им го читал стихот што бил на поканата, охрабрувајќи ги да присуствуваат на Меморијалот. Така, кога пристигнале објавителите, виделе дека некој друг веќе ја завршил нивната работа! На Меморијалот дошол и градоначалникот, заедно со своите деца и со двете сопруги. Присуствувале вкупно 27 лица. Оттогаш, градоначалникот ја напуштил Методистичката црква, почнал да ја проучува Библијата со Сведоците и им понудил парче земја за да изградат Сала на Царството.

Промена на ставот

Однесувањето на нашите браќа се покажало ефикасно и во тоа што некои противници го промениле својот став кон вистината. Разгледај го примерот на еден човек по име Опоку. Еден специјален пионер го сретнал во службата на теренот и му понудил списание Стражарска кула. Опоку го интересирала некоја статија во списанието но немал пари. Пионерот, откако му објаснил дека списанието не се наплатува, му го оставил и договорил повторно да дојде. Кога пионерот повторно го посетил, Опоку го прашал: „Ме познаваш ли? Повеќето од вашите луѓе во градот Харпер ме познаваат. Порано ги исфрлав вашите деца од училиште!“ Потоа објаснил дека порано бил директор на средното училиште во градот и дека ги прогонувал децата на Јеховините сведоци затоа што не го поздравувале знамето.

Меѓутоа, три примери на христијанска љубов што ја покажале Јеховините сведоци го натерале Опоку да го преиспита својот став. Прво, видел како Сведоците се грижеле за еден духовен брат кој бил сериозно болен. Дури и организирале да оди на лекување во една соседна земја. Опоку мислел дека болниот брат е некој „важен човек“ кај Сведоците, но дознал дека тој бил само обичен Сведок. Второ, во текот на 1990-те, Опоку бил бегалец во Брегот на Слонова Коска. Еден ден, кога бил жеден, отишол да купи вода од некој млад човек. Опоку имал само голема банкнота, а младиот човек немал да му врати кусур, па затоа му дал вода на Опоку без пари. Кога му ја подал водата на Опоку, го прашал: „Мислите ли дека некогаш ќе дојде време кога луѓето како вас и како мене ќе си даваат работи еден на друг без да бараат пари?“ Опоку претпоставил дека е Јеховин сведок а младиот човек го потврдил тоа. Дарежливоста и љубезноста на овој брат го воодушевиле. Конечно, тоа што специјалниот пионер бил спремен да му го даде списанието бесплатно го уверило Опоку дека неговиот став кон Сведоците бил погрешен и дека треба да го промени. Напредувал духовно и сега е некрстен објавител.

Иако браќата во Либерија и понатаму се соочуваат со крајно тешки услови, тие имаат доверба во Бог и верно ја објавуваат добрата вест за подобри времиња под праведната влада на Божјето Царство. Јехова никогаш нема да ја заборави нивната напорна работа и љубовта што ја покажуваат за неговото име (Евреите 6:10).

[Карти на страница 30]

(Види во публикацијата)

МОНРОВИЈА

[Слики на страница 31]

Во време на криза, Јеховиниот народ им дава духовна и физичка помош на оние на кои таа им е потребна