Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Малите жртви ни донесоа големи благослови

Малите жртви ни донесоа големи благослови

Животна приказна

Малите жртви ни донесоа големи благослови

РАСКАЖАЛЕ ЏОРЏ И ЕН АЛЏАН

Јас и мојата сопруга ни на сон не помислувавме дека еден ден ќе го смешаме зборот „учител“ со зборот „глушец“. И никогаш не помислувавме дека на 60-ина години ќе размислуваме за чудни знаци со цел да комуницираме со луѓе од Далечниот Исток. Сепак, при крајот на 1980-те, јас и Ен го направивме токму тоа. Дозволете ни да ви раскажеме на кој начин малите жртви што ги направивме во животот ни донесоа големи благослови.

ЈАС сум од семејство со ерменско потекло и бев член на Ерменската црква. Ен беше католик. И двајцата направивме компромис во поглед на нашите верувања кога се венчавме во 1950. Јас имав 27 а Ен 24 години. Живеевме во еден стан над мојот дуќан за хемиско чистење во Џерси Сити (Њу Џерси, САД). Тогаш веќе четири години го имав бизнисот.

Во 1955 купивме убава куќа со три спални во Мидлтаун (Њу Џерси). Таа куќа беше оддалечена околу 60 километри од дуќанот, каде што работев шест дена во седмицата. Секоја вечер си доаѓав дома доцна. Единствениот контакт што го имав со Јеховините сведоци беше кога тие одвреме-навреме доаѓаа во мојот дуќан и ми оставаа библиска литература. Ја читав литературата со голем интерес. Иако работата ми го одземаше поголемиот дел од времето и вниманието, стекнав длабока почит кон Библијата.

Набрзо дознав дека радиостаницата на Watchtower, WBBR, емитува библиски предавања во времето кога возев кон и кога се враќав од дуќанот. Внимателно ги слушав тие предавања и мојот интерес порасна до тој степен што ги замолив Сведоците да ме посетат. Во ноември 1957, Џорџ Блантон дојде кај мене дома и почна библиска студија со мене.

Нашето семејство се обединува во чистото обожавање

Што мислеше Ен за сето ова? Таа нека ви раскаже.

„Во почетокот, силно се противев. Толку многу им сметав додека ја проучуваа Библијата што Џорџ реши да проучува на друго место, и тоа траеше осум месеци. За тоа време Џорџ во неделите почна да оди на состаноците во Салата на Царството. Знаев дека е сериозен во врска со проучувањето на Библијата зашто тоа му беше единствениот слободен ден. Сепак, тој и понатаму беше добар сопруг и татко — дури и подобар — и мојот став почна да се менува. Всушност, понекогаш, додека ја бришев прашината од масичката и кога никој не гледаше, ќе го земев списанието Разбудете се! што Џорџ секогаш го оставаше таму и ќе го прочитав. Во други прилики, Џорџ ми читаше статии од Разбудете се! што не беа директно поврзани со доктрини но што секогаш ставаа нагласок врз Творецот.

Една вечер додека Џорџ беше излезен за да проучува со брат Блантон, ја зедов публикацијата што нашиот двегодишен син, Џорџ, ја беше оставил на масичката до мојот кревет. Во неа се зборуваше за надежта за мртвите. Иако бев уморна, почнав да ја читам зашто баба ми штотуку почина и бев многу потиштена. Веднаш ја увидов и ја сфатив библиската вистина дека мртвите не страдаат некаде и дека ќе се вратат во живот при воскресението во иднина. По кратко време, бев седната во креветот, желно читајќи и подвлекувајќи ги мислите што сакав да му ги покажам на Џорџ кога ќе се врати од библиската студија.

Маж ми не можеше да поверува дека сум тоа јас. Кога излезе од дома, се противев, а сега зборував восхитено за прекрасните библиски вистини што ги дознав! Останавме будни доцна после полноќ разговарајќи за Библијата. Џорџ ми ја објасни намерата на Бог со земјата. Истата таа вечер го прашав дали може да ја одржува студијата дома за да можам и јас да се вклучам.

Брат Блантон ни предложи и децата да присуствуваат на студијата. Ние мислевме дека се премногу мали, зашто едното имаше само две а другото четири години. Меѓутоа, брат Блантон ни го покажа стихот од Второзаконие 31:12 [ПСП], каде што стои: „Собери го народот, мажите, жените, децата . . . за да чујат и да се научат“. Го ценевме тоа упатство и дури и направивме подготовки децата да коментираат во текот на библиската студија. Заедно ќе ги подготвевме коментарите, но никогаш не им кажувавме што да кажат. Сметаме дека ова ни помогна да ги насочиме децата кон тоа да ја направат вистината своја. Секогаш ќе бидеме благодарни за водството што брат Блантон ни го даде за да му помогнеме на нашето семејство да расте духовно.“

Предизвици што бараат жртви

Сега кога бевме обединети во проучувањето на Библијата, нѐ чекаа нови предизвици. Бидејќи дуќанот ми беше многу далеку, обично не се враќав дома пред девет часот навечер. Поради тоа не можев да присуствувам на состаноците во текот на седмицата, иако во неделите можев. Дотогаш Ен веќе присуствуваше на сите состаноци и брзо напредуваше. И јас сакав да присуствувам на сите состаноци и да водам смисловна семејна студија. Знаев дека морам да направам некои жртви. Затоа решив да си го скратам работното време, дури и по цена да изгубам некои муштерии.

Ова добро функционираше. На семејната студија гледавме исто толку сериозно како и на другите пет состаноци во текот на седмицата во Салата на Царството. Ја нарековме нашиот шести состанок. Тоа значеше конкретен ден и конкретно време — секоја среда во 20.00 часот. Понекогаш по вечерата, додека ги раскревавме и последните садови во кујната, еден од нас ќе речеше: „Уште малку и ,состанокот‘ ќе започне“! Ако јас доцнев, Ен ќе почнеше со студијата, а јас штом ќе се вратев ќе продолжев.

Друга работа што нѐ одржа силни и обединети како семејство беше тоа што наутро го читавме дневниот стих заедно. Меѓутоа, имавме проблем за да го организираме тоа. Сите станувавме во различно време. Разговаравме и одлучивме сите да стануваме во исто време, да појадуваме во 6.30 и заедно да го разгледаме дневниот стих. Ова се покажа од голема корист за нас. Кога нашите синови пораснаа, избраа да стапат во бетелска служба. Бевме свесни дека овие секојдневни дискусии придонесоа за нивната духовност.

Предности по крштавањето што бараат поголеми жртви

Се крстив во 1962 и откако 21 година го имав бизнисот, го продадов и најдов работа во близина за да бидам поблиску до дома и да му служиме на Јехова заедно. Ова даде прилика за многу благослови. Си поставивме цел сите да почнеме со полновремена служба. Почнавме во почетокот на 1970-те кога нашиот постар син, Едвард, веднаш штом заврши средно училиште стана полновремен министер, или општ пионер. Малку подоцна, нашиот син Џорџ почна со пионерската служба, а набрзо почна и Ен. Сите тројца многу ме охрабруваа зашто ми ги раскажуваа своите искуства од службата на теренот. Како семејство разговаравме како да го поедноставиме нашиот живот за да можеме сите да бидеме во полновремена служба. Одлучивме да ја продадеме куќата. Во таа куќа живеевме 18 години и таму го подигнавме семејството. Навистина многу го сакавме нашиот дом, но Јехова ја благослови нашата одлука да го продадеме.

Во 1972 Едвард беше повикан во Бетел, а во 1974 беше повикан и Џорџ. Иако мене и на Ен ни недостигаа, не размислувавме за тоа колку би било убаво да останеа во близина, да се оженеа и да имаа деца. Наместо тоа, бевме радосни што нашите синови му служат на Јехова во Бетел. * Се согласувавме со Пословици 23:15, каде што се вели: „Сине мој, кога ти е срцето мудро и јас се радувам од срце“.

Почнуваме со специјална пионерска служба

Кога и двата наши сина беа во Бетел, ние продолживме со пионерската служба. Тогаш, еден ден во 1975, добивме писмо во кое бевме поканети да почнеме со специјалното пионерско дело на недоделено подрачје во покраината Клинтон (Илиноис). Какво изненадување беше тоа! Тоа значеше дека ќе треба да си заминеме од Њу Џерси, каде што бевме близу до нашите синови во Њујорк и каде што имавме пријатели и роднини. Меѓутоа, тоа го сметавме за доделба од Јехова и направивме жртва што ни донесе нови благослови.

По неколку месеци работа на недоделено подрачје, почнавме да одржуваме состаноци во општинската сала во Карлајл (Илиноис). Но сакавме постојано место за состанување. Еден тамошен брат и неговата сопруга најдоа имот на кој имаше многу мала куќичка што можевме да ја изнајмиме. Ја исчистивме — и полскиот клозет — и ја претворивме во мало место за состанување. Имаме драг спомен на еден коњ што беше многу љубопитен. Честопати ќе ѕирнеше низ прозорецот за да види што се случува на состанокот!

Со текот на времето, беше формирано собранието Карлајл и бевме среќни што имавме удел во тоа. Ни помогнаа еден млад брачен пар пионери, Стив и Карил Томпсон, кои исто така беа дојдени да работат на недоделено подрачје. Тие останаа неколку години и подоцна присуствуваа на Библиската школа Гилеад на Watchtower и отидоа на мисионерска доделба во источна Африка, каде што служат во патувачкото дело.

Наскоро, нашето мало место за состанување стана претесно и ни требаше поголема сала. Ситуацијата повторно ја спасија истиот тамошен брат и неговата сопруга и купија имот што повеќе одговараше за Сала на Царството. Колку бевме среќни кога неколку години подоцна бевме поканети на свеченото отворање на новоизградената Сала на Царството во Карлајл! Јас ја имав честа да го одржам говорот за свеченото отворање. Нашата доделба беше прекрасно искуство за нас, благослов од Јехова.

Ни се отвора ново подрачје

Во 1979 добивме нова доделба во Харисон (Њу Џерси). Таму служевме околу 12 години. За тоа време започнавме библиска студија со една Кинеска, а тоа водеше до многу други студии со Кинези. Во меѓувреме, дознавме дека во нашата околина живеат илјадници кинески студенти и семејства. Ова нѐ поттикна да учиме кинески. Иако тоа значеше дека секој ден треба да одвојуваме време за да го учиме јазикот, резултатот од тоа беа многу пријатни библиски студии со Кинези во нашата околина.

Во текот на тие години, имавме многу смешни ситуации, особено кога се трудевме да зборуваме кинески. Еден ден, наместо како библиски „учител“, Ен се претстави како библиски „глушец“. Зборовите се многу слични. Станарката се насмеа и рече: „Повелете, влезете. Досега не сум разговарала со библиски глушец“. Сѐ уште се мачиме со јазикот.

Потоа бевме доделени на друга локација во Њу Џерси каде што можевме да продолжиме да работиме на кинеско подрачје. Подоцна бевме повикани да се преселиме во Бостон (Масачусетс), каде што околу три години полека растеше една група на кинески јазик. Имаме чест во последниве седум години да ја поддржуваме оваа група и да ја доживееме радоста да стане собрание, на 1 јануари 2003.

Благослови од еден самопожртвуван живот

Во Малахија 3:10 читаме како Јехова го повикува својот народ да ги донесе своите приноси и жртви за да им ги излее своите благослови додека не биде доста. Ние се откажавме од бизнис што многу ме интересираше. Го продадовме нашиот дом што многу го сакавме. А се откажавме и од други работи. Сепак, споредени со благословите, жртвите беа мали.

Навистина, колку богати благослови ни излеа Јехова! Го имавме задоволството да видиме како нашите деца се оѕвиваат на вистината, ја имавме радоста да бидеме полновремено зафатени во животоспасувачка служба и видовме како Јеховината рака се грижи за нас. Навистина, нашите мали жртви ни донесоа големи благослови!

[Фуснота]

^ пас. 20 Тие сѐ уште верно служат во Бетел — Едвард и неговата сопруга, Кони, во Патерсон а Џорџ и неговата сопруга, Грејс, во Бруклин.

[Слика на страница 25]

Луиз и Џорџ Блантон со Ен, 1991

[Слика на страница 26]

Салата на Царството во Карлајл, свечено отворена на 4 јуни 1983

[Слика на страница 27]

Со новоформираното бостонско собрание на кинески јазик

[Слика на страница 28]

Со Едвард, Кони, Џорџ и Грејс