Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Потпирај се на Божјиот дух кога се справуваш со промените во животот

Потпирај се на Божјиот дух кога се справуваш со промените во животот

Потпирај се на Божјиот дух кога се справуваш со промените во животот

„Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог“ (2. ТИМОТЕЈ 2:15).

1. Кои промени претставуваат предизвик за нашата духовност?

СВЕТОТ околу нас постојано се менува. Сведоци сме на импресивен научен и технолошки напредок придружен со драматичен пад на моралните вредности. Како што видовме во претходната статија, христијаните мораат да му се спротивстават на безбожниот дух на светот. Меѓутоа, додека се менува светот, се менуваме и ние. Од деца стануваме возрасни. Можеби стекнуваме богатство, здравје и блиски пријатели или, пак, го губиме сето тоа. Многу од овие промени се вон наша контрола, а тие носат нови и огромни предизвици за нашата духовност.

2. Какви промени настанале во животот на Давид?

2 Малку луѓе доживуваат толку длабоки промени во својот живот како што доживеал Давид, синот на Јесеј. Иако бил само едно непознато овчарче, тој брзо се прославил како народен херој. Подоцна станал бегалец и еден љубоморен цар го гонел како да е животно. Потоа, Давид станал цар и освојувач. Ги поднел болните последици од тешкиот грев. Доживеал трагедија и поделби во семејството. Стекнал богатство, остарел и ги искусил болестите што доаѓаат со староста. Меѓутоа, и покрај многуте промени во животот, Давид покажал доживотна доверба во Јехова и во Неговиот дух. Давал сѐ од себе за да се покаже „одобрен пред Бог“ и Бог го благословил (2. Тимотеј 2:15). Иако нашите околности се разликуваат од околностите на Давид, можеме да научиме нешто од начинот на кој Давид се справувал со она што му се случувало во животот. Неговиот пример може да ни помогне да разбереме како можеме и понатаму да ја добиваме помошта од Божјиот дух додека се соочуваме со промени во нашиот живот.

Понизноста на Давид — добар пример

3, 4. На кој начин Давид се прославил како народен херој иако претходно бил само едно непознато овчарче?

3 Како дете, Давид не бил кој знае кој дури ни во своето семејство. Кога пророкот Самоил дошол во Витлеем, татко му на Давид му претставил седум од своите осум синови. Најмалиот, Давид, го оставиле да ги чува овците. Сепак, Јехова го имал избрано Давид за иден цар на Израел. Давид бил повикан од полето. Потоа, библискиот извештај вели: „Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден“ (1. Самоил 16:12, 13). Целиот свој живот Давид се потпирал на тој дух.

4 Наскоро ова овчарче се прочуло во целата нација. Давид бил повикан да му служи на царот и да му свири. Го убил воинот Голијат, кој бил толку свиреп џин што дури и искусните израелски војници се плашеле да се соочат со него. Кога бил поставен над војниците, Давид успешно се борел со Филистејците. Луѓето го сакале. Тие составиле песни во кои го фалеле. Претходно, еден советник на царот Саул го опишал младиот Давид не само како човек што „умее да свири“ на харфа туку и како ,храбар човек и човек воин, вешт говорник, со убава става‘ (1. Самоил 16:18; 17:23, 24, 45—51; 18:5—7).

5. Зошто Давид можел да стане арогантен, и од каде знаеме дека не станал таков?

5 Слава, убавина, младост, речовитост, музички таленти, војнички вештини, божествена наклоност — изгледа дека Давид имал сѐ што човек може да посака. Која и да било од овие работи можела да го направи арогантен, но тоа не се случило. Забележи што му одговорил Давид на царот Саул, кој му ја понудил својата ќерка за жена. Со вистинска понизност, Давид рекол: „Кој сум јас и што значи мојот живот, во куќата на мојот татко, во Израел, за да бидам царев зет?“ (1. Самоил 18:18). Коментирајќи за овој стих, еден изучувач напишал: „Давид сакал да каже дека, ниту по сопствена заслуга, ниту поради својата општествена положба, ниту поради својата семејна лоза, немал никакво право да ја бара честа да стане царски зет“.

6. Зошто треба да негуваме понизност?

6 Давид бил понизен затоа што бил сосема свесен дека Јехова е далеку над несовршените луѓе во секој можен поглед. Давид не можел да се начуди што Бог воопшто и го забележува човекот (Псалм 144:3). Исто така, Давид знаел дека каков и да било успех што можеби го имал се должел само на тоа што Јехова покажал понизност и се спуштил за да го поддржи, да го заштити и да се грижи за него (Псалм 18:35). Каква само прекрасна лекција е ова за нас! Никогаш не треба да се вообразиме поради нашите таленти, достигнувања и предности. „Навистина, што имаш што не си примил?“, напишал апостол Павле. „А ако навистина си примил, зошто се фалиш како да не си примил?“ (1. Коринќаните 4:7). За Бог да ни го даде својот свет дух и за да уживаме негово одобрување, мораме да негуваме и да задржиме понизност (Јаков 4:6).

„Не одмаздувајте се“

7. Каква прилика му се укажала на Давид да го убие цар Саул?

7 Иако славата на Давид не предизвикала гордост во неговото срце, таа предизвикала крвничка љубомора кај цар Саул, кого Божјиот дух го напуштил. Иако Давид ништо не згрешил, морал да бега за да си го спаси животот и почнал да живее во пустелијата. Во една прилика, за време на една упорна хајка против Давид, цар Саул влегол во една пештера без да знае дека таму биле скриени Давид и неговите другари. Овие луѓе го терале Давид да ја искористи таа навидум од Бог дадена прилика да го убие Саул. Можеме да си замислиме како во мракот му шепотат на Давид: „Еве го денот за кој ти рече Господ: ,Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!‘“ (1. Самоил 24:2—6).

8. Зошто Давид не си дозволил да се одмазди?

8 Давид одбил да го повреди Саул. Покажувајќи вера и стрпливост, тој се задоволил со тоа да ги остави работите во Јеховини раце. Откако царот излегол од пештерата, Давид го повикал и му рекол: „Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе“ (1. Самоил 24:13). Иако знаел дека Саул не бил во право, Давид не му се одмаздил; тој не му зборувал навредливо на Саул ниту, пак, на другите им зборувал навредливо за него. И во неколку други прилики, Давид не си дозволил да ги земе работите во свои раце. Наместо тоа, се потпрел на Јехова — оставил Тој да ги исправи работите (1. Самоил 25:32—34; 26:10, 11).

9. Зошто не треба да се одмаздуваме ако некој ни се противи или ако трпиме прогонство?

9 Исто како Давид, можеби и ти се наоѓаш во некоја тешка ситуација. Можеби ти се противат или трпиш прогонство од соучениците, колегите, роднините или од некои други што немаат иста религија како ти. Не одмаздувај се. Чекај на Јехова и моли го да ти помогне со својот свет дух. Можеби твоето добро однесување ќе им остави впечаток на тие неверници и ќе станат верници (1. Петрово 3:1). Во секој случај, биди уверен дека Јехова ја гледа твојата ситуација и во свое време ќе стори нешто во врска со тоа. Апостол Павле напишал: „Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот; зашто е напишано: ,Одмаздата е моја; јас ќе отплатам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:19).

,Послушај ја поуката‘

10. Како Давид направил грев, и како се обидел да го сокрие?

10 Поминале години. Давид станал цар што сите го сакале и имал огромен углед. Неговиот живот на извонредна верност, како и прекрасните псалми што ги напишал за фалба на Јехова, би можеле лесно да остават впечаток дека тој бил човек што никогаш не би направил тежок грев. Сепак, се случило токму тоа. Еден ден, од својот покрив царот гледал како се капе една убава жена. Се распрашал која е таа. Кога дознал дека жената е Витсавеа и дека нејзиниот сопруг, Уриј, бил во војна, Давид испратил да му ја доведат и спиел со неа. Подоцна дознал дека останала бремена. Каков само скандал ќе избиел ако се разоткриела работата! Според Мојсеевиот закон, прељубата била престап што се казнувал со смрт. Царот веројатно си мислел дека ќе може да го сокрие гревот. Затоа испратил порака до војската, давајќи наредба Уриј да се врати во Ерусалим. Давид се надевал дека Уриј ќе ја мине ноќта со Витсавеа, но тоа не се случило. Очаен, Давид го испратил Уриј да се врати во војната со едно писмо до Јоав, воениот заповедник. Во писмото било дадено упатство Уриј да биде поставен на таква позиција во битката што неминовно ќе загине. Јоав послушал и Уриј загинал. Откако Витсавеа жалела колку што налагал обичајот, Давид ја зел за жена (2. Самоил 11:1—27).

11. Каква ситуација му изнел Натан на Давид, и како реагирал тој?

11 Се чинело дека планот успеал, иако на Давид требало да му биде јасно дека целата таа работа била отворено изложена на погледот на Јехова (Евреите 4:13). Поминале месеци и се родило детето. Потоа, на Божје упатство, пророкот Натан отишол кај Давид. Овој пророк му изнел на царот една ситуација во која некој богат човек што поседувал многу овци ја зел и ја заклал единствената, најмила овца што ја имал некој сиромав човек. Приказната го побудила кај Давид чувството за правда, но тој воопшто не се посомневал дека таа има некакво скриено значење. Давид брзо му пресудил на богатиот човек. Разгневен, тој му рекол на Натан: „Смрт заслужил човекот што направил така!“ (2. Самоил 12:1—6).

12. Каков суд донел Јехова против Давид?

12 „Ти си тој човек!“, одговорил пророкот. Давид си пресудил сам. Без сомнение, гневот на Давид брзо се претворил во голем срам и длабоко жалење. Занемено, тој слушал додека Натан го изрекувал Јеховиниот неизбежен суд. Немало ниту еден утешен збор. Давид ја презрел Јеховината реч со тоа што направил нешто лошо. Зар не го убил Уриј со мечот на непријателот? Затоа, мечот немало да отстапи од Давидовиот дом. Зар не ја зел жената на Уриј во тајност? Затоа, слично зло ќе го снашло и него, но не тајно туку јавно (2. Самоил 12:7—12).

13. Како реагирал Давид на дисциплината од Јехова?

13 Пофално е тоа што Давид не одрекол дека е виновен. Не му се развикал на пророкот Натан. Не ги обвинувал другите ниту, пак, наоѓал изговори за она што го сторил. Соочен со своите гревови, Давид ја прифатил одговорноста, велејќи: „Згрешив пред Господа!“ (2. Самоил 12:13). Псалм 51 покажува колку страдал поради својата вина и колку длабоко се каел. Тој го молел Јехова: „Не ме отфрлај од Твоето лице и не одземај го Твојот Свет Дух од мене“. Тој верувал дека Јехова, во својата милост, нема да презре срце што е „скршено и здробено“ поради гревот (Псалм 51:11, 17NW). Давид продолжил да се потпира на Божјиот дух. Иако Јехова не го заштитил Давид од горките последици на гревот што го направил, тој му простил.

14. Како треба да реагираме кога нѐ дисциплинира Јехова?

14 Сите сме несовршени и сите грешиме (Римјаните 3:23). Некогаш можеби ќе направиме тежок грев, како што направил Давид. Како некој татко што многу ги сака своите деца и затоа ги дисциплинира, Јехова ги исправа оние што настојуваат да му служат. Меѓутоа, иако дисциплината е корисна, не е лесно да се прифати. Всушност, понекогаш таа е „жалост“ (Евреите 12:6, 11). Сепак, ако ,ја послушаме поуката‘, можеме да се помириме со Јехова (Пословици 8:33). За да бидеме постојано благословени со Јеховиниот дух, мораме да ги прифатиме исправките и да работиме на тоа да бидеме одобрени од Бог.

Не надевај се на несигурното богатство

15. а) На кој начин некои луѓе го користат своето богатство? б) Како Давид сакал да го користи своето богатство?

15 Ништо не укажува на тоа дека Давид имал угледно потекло или дека неговото семејство било богато. Меѓутоа, за време на своето царување, Давид стекнал огромно богатство. Како што знаеш и сам, многу луѓе си трупаат богатства, лакомо настојуваат да ги зголемат или, пак, себично ги трошат. Други луѓе ги користат своите пари за да се истакнат (Матеј 6:2). Давид го користел своето богатство на поинаков начин. Тој копнеел да му оддаде чест на Јехова. Давид му ја кажал на Натан својата желба да му изгради на Јехова храм каде што ќе биде сместен ковчегот на сојузот, кој во тоа време бил во Ерусалим „под шатор“. На Јехова му се допаднала намерата на Давид, но преку Натан му рекол дека храмот ќе го изгради Соломон, Давидовиот син (2. Самоил 7:1, 2, 12, 13).

16. Какви подготовки направил Давид за изградбата на храмот?

16 Давид собрал материјали што требало да се користат во овој голем градежен проект. Давид му рекол на Соломон: „Подготвив за Господовиот Дом сто илјади златни таланти, и илјада илјади сребрени таланти, и бронза и железо без мера, зашто го има толку многу. Подготвив дрва и камења, а и ти додај нешто кон тоа“. Од своето лично богатство тој приложил 3.000 таланти злато и 7.000 таланти сребро * (1. Летописи 22:14; 29:3, 4). Со својата дарежливост Давид не сакал да се покаже пред другите туку сакал да ја покаже својата вера и оддаденост на Јехова Бог. Признавајќи кој е Изворот на неговото богатство, тој му рекол на Јехова: „Од тебе е сѐ, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе!“ (1. Летописи 29:14). Дарежливото срце го поттикнало Давид да стори сѐ што може за да го унапреди чистото обожавање.

17. На кој начин советот од 1. Тимотеј 6:17—19 важи и за богатите и за сиромашните?

17 Слично на тоа, да ги користиме и ние нашите материјални поседи за да правиме добро. Наместо да водиме материјалистички живот, подобро е да го бараме Божјето одобрување — тоа е пат на вистинска мудрост и среќа. Павле напишал: „На оние кои се богати во сегашниов систем на работи наредувај им да не бидат вообразени и својата надеж да не ја полагаат во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање; да го прават она што е добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи, спремни да делат, сигурно собирајќи си извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:17—19). Каква и да е нашата економска ситуација, да се потпираме на Божјиот дух и да водиме живот што ќе нѐ направи ,богати пред Бога‘ (Лука 12:21). Ништо не е повредно од одобрена положба пред нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака.

Покажи се како одобрен пред Бог

18. На кој начин Давид дал добар пример за христијаните?

18 Во текот на целиот свој живот, Давид го барал Јеховиното одобрување. Во песна, тој рекол: „Помилувај ме, Боже, о помилувај ме, зашто мојата душа се надева на Тебе“ (Псалм 57:1). Неговата доверба во Јехова не била залудна. Давид остарел и ,им се наситил на деновите‘ (1. Летописи 23:1). Иако Давид направил големи грешки, на него се сеќаваме како на еден од многуте сведоци на Бог што покажале извонредна вера (Евреите 11:32).

19. Како можеме да се покажеме одобрени пред Бог?

19 Додека се соочуваш со предизвикувачки ситуации во животот, не заборавај дека, исто како што Јехова го поддржал, го зајакнал и го исправил Давид, Тој може да го стори тоа и за тебе. И апостол Павле, исто како Давид, се соочил со многу предизвици во животот. Сепак, и тој останал верен потпирајќи се на Божјиот дух. Павле напишал: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:12, 13). Ако се потпираме на Јехова, тој ќе ни помогне да успееме. Тој сака ние да успееме. Ако го слушаме и ако му се приближиме, тој ќе ни даде сила да ја извршуваме неговата волја. А ако продолжиме да се потпираме на Божјиот дух, ќе можеме да ,се покажеме како одобрени пред Бог‘ сега и во сета вечност (2. Тимотеј 2:15).

[Фуснота]

^ пас. 16 Вредноста на прилогот на Давид, според денешните вредности, изнесува преку 1.100.000.000 евра.

Како би одговорил?

• Како би можеле да се чуваме од гордоста?

• Зошто не треба да се одмаздуваме?

• Како треба да гледаме на дисциплината?

• Зошто треба да имаме доверба во Бог, а не во богатството?

[Прашања]

[Слика на страници 16 и 17]

Давид се потпирал на Божјиот дух и го барал неговото одобрување. Дали и ти го правиш истото?

[Слика на страница 18]

„Од тебе е сѐ, и откако примивме од Твоите раце, Ти дадовме Тебе“