Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Спротивстави му се на духот на еден свет што се менува

Спротивстави му се на духот на еден свет што се менува

Спротивстави му се на духот на еден свет што се менува

„Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 2:12).

1. Во врска со кои работи била измамена Ева?

„ЗМИЈАТА ме измами“ (Битие 3:13). Со овие неколку зборови, првата жена, Ева, се обидела да објасни зошто се побунила против Јехова Бог. Она што го рекла било точно, но не било оправдание за нејзиниот престап. Подоцна, апостол Павле бил инспириран да напише: „[Ева] беше потполно измамена“ (1. Тимотеј 2:14). Таа била измамена да поверува дека еден чин на непослушност — да јаде од забранетиот плод — ќе ѝ биде од корист и дека со тоа ќе стане како Бог. Исто така, била измамена во поглед на идентитетот на оној што ја измамил. Таа не знаела дека Сатана Ѓаволот бил тој што зборувал преку змијата (Битие 3:1—6).

2. а) На кој начин Сатана ги заведува луѓето денес? б) Што е „духот на светот“, и кои прашања ќе ги разгледаме сега?

2 Од времето на Адам и Ева, Сатана продолжил да ги мами луѓето. Всушност, тој „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). Неговите тактики не се промениле. Иако повеќе не користи дословна змија, тој продолжува да го крие својот идентитет. Користејќи елементи од индустријата за забава, медиумите и други средства, Сатана ги заведува луѓето наведувајќи ги да веруваат дека не им е потребно Божјето водство полно со љубов и дека немаат корист од него. Кампањата на измама што ја лансира Ѓаволот создава кај луѓето во целиот свет дух на побуна против библиските закони и начела. Ваквиот дух Библијата го нарекува „духот на светот“ (1. Коринќаните 2:12). Тој врши силно влијание врз верувањата, ставовите и однесувањето на оние што не го познаваат Бог. Како станува очигледен тој дух, и како можеме да се спротивставиме на неговото штетно влијание? Да видиме.

Пад на моралните вредности

3. Зошто „духот на светот“ станува сѐ поочигледен во денешно време?

3 Во денешно време, „духот на светот“ станува сѐ поочигледен (2. Тимотеј 3:1—5). Веројатно си забележал дека моралните вредности опаѓаат. Писмото објаснува зошто е тоа така. По воспоставувањето на Божјето Царство во 1914, на небото избувнала војна. Сатана и неговите демонски ангели биле поразени и исфрлени во близина на земјата. Разбеснет, Сатана ја засилил својата кампања на глобална измама (Откровение 12:1—9, 12, 17). На секој можен начин тој се обидува ,да ги заведе, ако е можно, дури и избраните‘ (Матеј 24:24). Како Божји народ, ние сме му главна цел. Тој настојува да ја уништи нашата духовност за да ја изгубиме Јеховината наклоност и изгледот за вечен живот.

4. Како гледаат на Библијата Јеховините слуги, и како гледа светот на неа?

4 Сатана се обидува да ја поткопа довербата во Библијата, скапоцената книга што нѐ поучува за нашиот Творец кој многу нѐ сака. Јеховините слуги ја сакаат и ја ценат Библијата. Знаеме дека таа е инспирирана Божја реч, а не човечка реч (1. Солуњаните 2:13; 2. Тимотеј 3:16). Меѓутоа, светот на Сатана не сака да мислиме така. На пример, во предговорот на една книга во која се напаѓа Библијата, стои: „Нема ништо ,свето‘ во врска со Библијата ниту, пак, е таа ,реч Божја‘. Не ја пишувале светци инспирирани од Бог, туку свештеници жедни за власт“. Оние што се наведени да веруваат во ваквите тврдења можат лесно да станат жртва на погрешната идеја дека имаат слобода да го обожаваат Бог како што сакаат — па дури и воопшто да не го обожаваат (Пословици 14:12).

5. а) Што тврдел еден автор во врска со религиите поврзани со Библијата? б) Каква е разликата помеѓу вообичаените световни идеи и она што го вели Библијата? (Вклучи ја и рамката на следната страница.)

5 Директните и индиректните напади врз Библијата, како и религиозното лицемерство на оние што тврдат дека ја поддржуваат, воделе до сѐ поголемо неодобрување на религијата, вклучувајќи ја и религијата што е поврзана со Библијата. Во медиумите и во академските кругови, религијата е мета на напад. Еден автор забележува: „Во популарната култура е раширено негативно гледиште за јудаизмот и за христијанството. Во најдобар случај, тие се сметаат за старомодни; во најлош случај — се сметаат за застарени гледишта што го спречуваат интелектуалното созревање и го кочат научниот напредок. Во последниве години, презирот прерасна во исмејување и отворено непријателство“. Ова непријателство честопати потекнува од оние што тврдат дека не постои Бог и што станале „празноглави во своите резонирања“ (Римјаните 1:20—22).

6. Какво гледиште има светот за сексуалните практики што ги осудува Бог?

6 Па така, воопшто не изненадува тоа што луѓето сѐ повеќе отстапуваат од Божјите мерила на однесување. На пример, Библијата вели дека хомосексуалните односи се нешто „срамно“ (Римјаните 1:26, 27). Исто така, во неа стои дека оние што вршат блуд и прељуба нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринќаните 6:9). Сепак, во многу земји таквите сексуални практики не само што се сметаат за прифатливи туку и се величаат во книгите, списанијата, песните, филмовите и ТВ-емисиите. Оние што отворено се изјаснуваат против овие практики се сметани за нетолерантни, критизерски настроени и како такви што не се во тек со просветленото размислување. Наместо да ги смета Божјите мерила за израз на грижа полна со љубов, светот ги смета за пречки за личната слобода и личното задоволство (Пословици 17:15; Јуда 4).

7. Кои прашања треба да си ги поставиме?

7 Во еден свет што сѐ потврдоглаво му се противи на Бог, би било мудро да го анализираме нашиот став и нашите вредности. Одвреме навреме треба во молитва и искрено да се преиспитаме за да се увериме дали малку по малку не отпловуваме од Јеховиното размислување и од неговите мерила. На пример, би можеле да се запрашаме: ,Дали ми се интересни теми што пред неколку години би ги избегнувал? Дали сум станал потолерантен кон практиките што ги осудува Бог? Дали сум склон да не ги сфаќам духовните работи толку сериозно како порано? Дали мојот начин на живот покажува дека ги ставам интересите на Царството на прво место во мојот живот?‘ (Матеј 6:33). Ваквото размислување ќе ни помогне да му се спротивставиме на духот на светот.

„Никогаш да не отпловиме“

8. Како може некој да отплови од Јехова?

8 Апостол Павле им пишал на сохристијаните: „Затоа е неопходно да му обрнеме повеќе од обично внимание на она што сме го чуле, за никогаш да не отпловиме“ (Евреите 2:1). Бродот што е препуштен сам на себе не стигнува таму каде што треба. Ако капетанот не внимава на ветрот и на струјата, неговиот брод може лесно да одмине некое безбедно пристаниште и да се насука на карпест брег. Слично на тоа, ако ние не внимаваме на скапоцените вистини од Божјата реч, лесно би можеле да отпловиме од Јехова и да доживееме духовен бродолом. Не значи дека до ваква загуба може да дојде само ако потполно ја отфрлиме вистината. Всушност, само малкумина го отфрлаат Јехова одеднаш и намерно. Најчесто тие постепено се впуштаат во нешто што им го одвратува вниманието од Божјата реч. Речиси без да забележат, тие отпловуваат во грев. Како некој капетан што заспал, таквите лица се будат дури кога е предоцна.

9. На кој начин Јехова го благословил Соломон?

9 Да размислиме за животот на Соломон. Јехова го поставил за цар над Израел. Бог му дозволил на Соломон да го изгради храмот и го водел да напише некои делови од Библијата. Јехова зборувал со него во две прилики и му дал богатство, слава и мир за време на неговото владеење. Над сѐ, Јехова го благословил Соломон со голема мудрост. Во Библијата стои: „Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег. Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет“ (1. Цареви 4:21, 29, 30; 11:9). Човек би помислил дека, ако од некого се очекувало да му остане верен на Бог, тоа секако би бил Соломон. Сепак, Соломон отпловил во отпад. Како се случило тоа?

10. Кое упатство не го послушал Соломон, и каков бил исходот?

10 Соломон темелно го познавал и го разбирал Божјиот закон. Несомнено, тој бил посебно заинтересиран за упатствата што им биле дадени на оние што станувале цареви на Израел. Меѓу тие упатства имало и едно упатство што гласело: „[Царот] нека нема многу жени, за да не му тргне срцето по суета“ (Второзаконие 17:14, 17). И покрај тоа јасно упатство, Соломон си зел седумстотини жени и триста конкубини. Многу од тие жени обожавале туѓи богови. Не знаеме зошто Соломон зел толку жени ниту, пак, знаеме какво оправдание си нашол за тоа. Но, она што го знаеме е дека не го послушал јасното упатство од Бог. Исходот бил токму таков како што предупредил Јехова. Во Библијата стои: „[Соломоновите] жени му го свртија срцето кон други богови“ (1. Цареви 11:3, 4). Постепено — но сигурно — неговата божествена мудрост почнала да се губи. Тој отпловил. Со текот на времето, желбата на Соломон да им угоди на своите жени паганки ја заменила неговата желба да му биде послушен и да му угоди на Бог. Колку само трагично било ова, бидејќи Соломон бил тој што претходно ги напишал зборовите: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува“! (Пословици 27:11).

Духот на светот е многу силен

11. Како влијае врз нашето размислување она што го ставаме во нашиот ум?

11 Од примерот на Соломон учиме колку е опасно да си мислиме дека световните влијанија нема да влијаат многу врз нашето размислување затоа што ние ја знаеме вистината. Исто како што физичката храна влијае врз нашето тело, умствената храна влијае врз нашите мисли. Она со што го храниме умот го обликува нашето размислување и нашиот став. Токму затоа што корпорациите го сфаќаат ова, секоја година трошат милијарди долари за да ги рекламираат своите производи. Во успешните реклами се користат добро смислени зборови и слики што ги подбудуваат копнежите и желбите на потрошувачот. Исто така, оние што рекламираат знаат дека обично не е доволно луѓето да видат некоја реклама само еднаш или двапати па да се убедат веднаш да го купат производот. Но, ако потрошувачите постојано ги гледаат рекламите, честопати се случува со текот на времето производот да почне да им се допаѓа. Рекламирањето е успешно — инаку никој не би вложувал пари во него. Тоа врши силно влијание врз размислувањето и ставовите на луѓето.

12. а) Како влијае Сатана врз размислувањето на луѓето? б) Што покажува дека може да се влијае и врз христијаните?

12 Исто како некој што прави реклами, Сатана ги шири своите идеи ставајќи ги во привлечно пакување, свесен дека со текот на времето може да ги придобие луѓето и тие да почнат да размислуваат како него. Преку забавата и на други начини, Сатана ги мами луѓето наведувајќи ги да веруваат дека доброто е лошо и дека лошото е добро (Исаија 5:20). Дури и некои вистински христијани станале жртви на Сатановата кампања на дезинформации. Библијата предупредува: „Инспирираниот израз јасно вели дека во подоцнежните временски периоди некои ќе отпаднат од верата, обрнувајќи внимание на заведувачки инспирирани изрази и учења на демони, поради лицемерството на луѓето кои говорат лаги, чија совест е обележана како со железо за жигосување“ (1. Тимотеј 4:1, 2; Еремија 6:15).

13. Што се лоши друштва, и како влијае друштвото врз нас?

13 Никој од нас не е имун на духот на светот. Ветровите и струењата на Сатановиот систем се многу силни. Библијата мудро нѐ советува: „Немојте да се залажувате. Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринќаните 15:33). Лошо друштво може да биде што и да е или кој и да е — дури и во собранието — што го одразува духот на светот. Ако си мислиме дека лошите друштва не можат да ни наштетат, тогаш ќе треба да заклучиме дека и добрите друштва не можат да ни помогнат. Колку само погрешно би било тоа! Библијата јасно кажува: „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20).

14. На кои начини можеме да му се спротивставиме на духот на светот?

14 За да му се спротивставиме на духот на светот, мораме да се дружиме со мудри луѓе — оние што му служат на Јехова. Мораме да го исполниме умот со работи што ја градат нашата вера. Апостол Павле напишал: „На крајот, браќа, сѐ што е вистинито, сѐ што заслужува сериозно внимание, сѐ што е праведно, сѐ што е чесно, сѐ што е вредно за сакање, за кое добро се зборува, секоја доблест што постои и сѐ што е вредно за фалба, за тоа размислувајте и понатаму“ (Филипјаните 4:8). Како лица со слободна волја, можеме да бираме за што ќе размислуваме. Секогаш да избираме да размислуваме за работи што ќе нѐ зближат уште повеќе со Јехова.

Божјиот дух е посилен

15. Каква била разликата помеѓу христијаните во древниот Коринт и другите жители на тој град?

15 За разлика од оние што се заведени од духот на светот, вистинските христијани се водени од Божјиот свет дух. На собранието во Коринт апостол Павле му напишал: „Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог, за да ги знаеме работите што Бог љубезно ни ги дал“ (1. Коринќаните 2:12). Древниот Коринт бил град потонат во духот на светот. Повеќето негови жители биле толку развратни што изразот „коринќанизира“ имал значење „да врши неморал“. Сатана ги заслепил умовите на луѓето. Како последица на тоа, тие разбирале сосема малку или, пак, не разбирале ништо во врска со вистинскиот Бог (2. Коринќаните 4:4). Сепак, преку светиот дух, Јехова им ги отворил очите на некои коринќани и со тоа им овозможил да стекнат спознание за вистината. Неговиот дух ги поттикнал и ги водел да направат големи промени во својот живот за да можат да добијат негово одобрување и благослов (1. Коринќаните 6:9—11). Иако духот на светот бил силен, Јеховиниот дух бил уште посилен.

16. Како можеме да го добиеме и да го задржиме Божјиот дух?

16 Истото е случај денес. Јеховиниот свет дух е најмоќната сила во универзумот и Бог дарежливо и обилно им го дава на сите што со вера молат за него (Лука 11:13). Меѓутоа, за да го добиеме Божјиот дух, мораме да правиме нешто повеќе отколку само да се спротивставуваме на духот на светот. Мораме редовно да ја проучуваме и да ја применуваме Божјата реч во нашиот живот за да може нашиот дух — нашата умствена склоност — да го ускладиме со неговото размислување. Ако го правиме тоа, Јехова ќе нѐ зајакне да не подлегнеме на ниедна тактика што Сатана може да ја употреби за да ја уништи нашата духовност.

17. На кој начин може да нѐ утеши искуството на Лот?

17 Иако христијаните не се дел од светот, тие живеат во светот (Јован 17:11, 16). Никој од нас не може сосема да го избегне духот на светот, бидејќи можеби работиме, па дури и живееме со луѓе што не го сакаат Бог и неговите патишта. Дали се чувствуваме како Лот, кој ,тешко се измачувал‘ поради беззаконските дела на луѓето со кои живеел во Содом? (2. Петрово 2:7, 8). Ако е така, можеме да се утешиме. Јехова го заштитил и го избавил Лот, а истото може да го направи и за нас. Нашиот Татко кој многу нѐ сака ги гледа и ги знае нашите околности, и може да ни помогне и да ни ја даде силата што ни е потребна за да ја задржиме нашата духовност (Псалм 33:18, 19). Ако се потпираме на него, ако имаме доверба во него и ако го повикуваме, тој ќе ни помогне да му се спротивставиме на духот на светот, без оглед на тоа во колку тешка ситуација се наоѓаме (Исаија 41:10).

18. Зошто треба да го цениме нашиот однос со Јехова?

18 Во свет што е отуѓен од Бог и измамен од Сатана, ние како Јеховин народ сме благословени со спознание за вистината. Затоа искусуваме радост и мир што светот ги нема (Исаија 57:20, 21; Галатите 5:22). Ја имаме прекрасната надеж за вечен живот во рај, каде што повеќе нема да постои духот на овој свет што е на умирање. Затоа, да го цениме нашиот скапоцен однос со Бог и брзо и спремно да ја исправиме секоја склоност да отпловиме духовно. Да му се приближиме уште повеќе на Јехова и тој ќе ни помогне да му се спротивставиме на духот на светот (Јаков 4:7, 8).

Можеш ли да објасниш?

• На кој начин Сатана ги мами и ги заведува луѓето?

• Како можеме да не дозволиме да отстапиме од Јехова?

• Што покажува дека духот на светот е многу силен?

• Како можеме да го добиеме и да го задржиме духот што доаѓа од Бог?

[Прашања]

[Табела на страница 11]

СВЕТОВНАТА МУДРОСТ НАСПРОТИ БОЖЈАТА МУДРОСТ

Вистината е релативна — секој си создава своја вистина.

„[Божјата] реч е вистина“ (Јован 17:17).

За да одредиш што е исправно а што погрешно, слушај си го срцето.

„Поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно, кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9).

Терај си по свое.

„Човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23).

Богатството е клуч за среќата.

„Љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи“ (1. Тимотеј 6:10).

[Слика на страница 10]

Соломон отпловил од вистинското обожавање и се свртел кон лажни богови

[Слика на страница 12]

Како некој што прави реклами, Сатана го шири духот на светот. Дали му се спротивставуваш?