Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Благословени се оние што му оддаваат слава на Бог

Благословени се оние што му оддаваат слава на Бог

Благословени се оние што му оддаваат слава на Бог

„Ќе Ти се поклонуваат о Господи, и ќе го прославуваат Твоето име“ (ПСАЛМ 86:9).

1. Зошто можеме да го славиме Бог на начини што го надминуваат она што го прави неживото творештво?

ЈЕХОВА е достоен да го фалат сите негови созданија. Додека неговите неживи творби го слават безгласно, ние луѓето имаме способност да размислуваме, да сфаќаме, да покажеме благодарност и да обожаваме. Значи, токму нам псалмистот ни вели: „Воскликни му на Бога, сета земјо, опеј ја славата на Неговото име, подај Му достојна фалба“ (Псалм 66:1, 2).

2. Кои се тие што ја послушале заповедта да му оддаваат слава на Божјето име, и зошто?

2 Повеќето луѓе не сакаат да признаат дека постои Бог ниту да му оддадат слава. Меѓутоа, во 235 земји, повеќе од шест милиони Сведоци на Јехова покажуваат дека ги гледаат Божјите „невидливи својства“ во она што го создал и дека го ‚чуле‘ безгласното сведоштво што го дава творештвото (Римјаните 1:20; Псалм 19:2, 3). Освен тоа, проучувајќи ја Библијата тие го запознале и го засакале Јехова. Во Псалм 86:9, 10 е претскажано: „Сите народи, што ги создаде, ќе дојдат и ќе Ти се поклонуваат о Господи, и ќе го прославуваат Твоето име. Зашто Ти си величествен и правиш чудеса: Ти си Единствен Бог“.

3. На кој начин ‚големото мноштво‘ извршува „света служба ден и ноќ“?

3 На сличен начин, во Откровение 7:9, 15 се опишува како едно „големо мноштво“ од обожаватели му „вршат [на Бог] света служба ден и ноќ во неговиот храм“. Тоа не значи дека Бог бара неговите слуги дословно да го фалат нон-стоп. Неговите обожаватели претставуваат една глобална организација и затоа, кога во некои земји е ноќ, Божјите слуги на другата страна на Земјината топка се зафатени со сведочење. Па така, може да се рече дека сонцето никогаш не заоѓа за оние што го слават Јехова. Наскоро, „сѐ што дише“ гласно ќе го фали Јехова (Псалм 150:6). Но, во меѓувреме, што може да направи секој од нас за да му оддаде слава на Бог? Со кои предизвици можеби ќе се соочиме? И кои благослови ги очекуваат оние што му оддаваат слава на Бог? За да ги добиеме одговорите на овие прашања, да разгледаме еден библиски извештај во врска со израелското племе Гад.

Еден древен предизвик

4. Со каков предизвик се соочило племето Гад?

4 Пред да влезат во Ветената земја, припадниците на израелското племе Гад побарале да им се дозволи да се населат во земјата погодна за сточарство источно од Јордан (Броеви 32:1—5). Тоа што ќе живееле таму значело дека ќе треба да се соочат со сериозни предизвици. Племињата што ќе се населеле на запад ќе биле заштитени со Јорданската долина — природна бариера против воени напади (Исус Навин 3:13—17). Меѓутоа, во врска со земјите источно од Јордан, книгата Историска географија на Светата земја (The Historical Geography of the Holy Land) вели: „[Тие] се сосема рамни и се протегаат по големата Арапска висорамнина без речиси никаква бариера. Поради ова биле отсекогаш изложени на нападот на гладните номади, кои се роеле таму секоја година во потрага по пасишта“.

5. Што ги охрабрил Јаков да направат потомците на Гад кога ќе бидат нападнати?

5 Како ќе поминело племето Гад под таков непопустлив притисок? Со векови пред тоа, во пророштвото што го кажал на својата смртна постела, нивниот прататко Јаков претскажал: „Разбојниците ќе го ограбуваат Гад, но и тој со грабеж ќе им биде зад петиците“ (Битие 49:19). На прв поглед, овие зборови можеби звучат мрачно. Но, тие всушност биле еден вид наредба племето Гад да возврати. Јаков ги уверил дека, ако направат така, разбојниците ќе се повлечат понижени, а племето Гад ќе им биде зад петици.

Предизвици за нашето обожавање денес

6, 7. На кој начин ситуацијата во која се наоѓаат христијаните денес е слична на онаа на племето Гад?

6 Исто како племето Гад, христијаните денес се изложени на притисоците и товарите на Сатановиот систем; никаква чудесна заштита не нѐ поштедува од борбата со нив (Јов 1:10—12). Мнозина од нас мораат да се справуваат со притисоци на училиште, додека заработуваат за живот и додека подигаат деца. Не треба да се превидат ниту притисоците од лична природа или оние што доаѓаат однатре. Некои мораат да трпат „трн во телото“ во облик на сериозна инвалидност или болест (2. Коринќаните 12:7—10). Други ги измачуваат чувства на ниска самопочит. ‚Лошите денови‘ на староста можеби ги спречуваат постарите христијани да му служат на Јехова со истата енергија што ја имале некогаш (Проповедник 12:1).

7 Апостол Павле исто така нѐ потсетува дека „водиме борба . . . против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12). Постојано сме изложени на „духот на светот“, духот на побуна и морална расипаност што го поттикнуваат Сатана и неговите демони (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2, 3). Исто како богобојазливиот Лот, и ние денес можеби сме вознемирени поради неморалните работи што ги велат или прават луѓето околу нас (2. Петрово 2:7). Исто така, изложени сме на директниот напад на Сатана. Тој води војна со остатокот од помазаниците, „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“ (Откровение 12:17). Исусовите „други овци“ исто така доживуваат напад од Сатана во облик на забрани и прогонство (Јован 10:16).

Да попуштиш или да возвратиш?

8. Како треба да реагираме на нападите на Сатана, и зошто?

8 Како треба да реагираме на нападите на Сатана? Исто како древното племе Гад, и ние мораме да бидеме духовно силни и да возвратиме, во склад со Божјите упатства. За жал, некои почнале да попуштаат под животните притисоци и ги запоставиле своите духовни одговорности (Матеј 13:20—22). Еден Сведок го рекол следново во врска со тоа зошто во неговото собрание состаноците биле слабо посетени: „Браќата едноставно се уморуваат. Сите се наоѓаат под огромен стрес“. Точно, луѓето денес имаат многу причини да бидат уморни. Затоа, лесно е да почнеме да гледаме на обожавањето на Бог како на уште еден притисок, односно уште една тешка обврска. Но, дали е исправно така да се гледа на работите?

9. На кој начин тоа што ќе го земеме Христовиот јарем ќе ни донесе освежување?

9 Забележи што им рекол Исус на мноштвата во негово време што биле истоштени од животните притисоци исто како што сме и ние денес: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам“. Дали Исус сакал да каже дека човек ќе биде освежен ако ја намали својата служба за Бог? Не, напротив, Исус рекол: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“. Јарем е дрвена или метална рамка што му помага на човек или на некое животно да носи тежок товар. Зошто некој воопшто би сакал да понесе таков јарем? Зарем не сме веќе „оптоварени“? Да, но грчкиот текст би можел да гласи и вака: „Влезете во мојот јарем заедно со мене“. Замисли си само: Исус се нуди да ни помогне да го влечеме нашиот товар! Тоа не мора да го правиме со свои сили (Матеј 9:36; 11:28, 29, фуснота, NW со референции; 2. Коринќаните 4:7).

10. Какви се резултатите од нашите напори да му оддаваме слава на Бог?

10 Кога го земаме јаремот што Исус ни го нуди како на негови ученици, се бориме против Сатана. „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“, имаме ветување во Јаков 4:7. Ова не значи дека ќе биде лесно да му се спротивставиме. Служењето на Бог повлекува значителен напор (Лука 13:24). Но, Библијата го дава следново ветување во Псалм 126:5: „Оние што сеат со солзи, жнијат со песни“. Да, ние не обожаваме некаков неблагодарен Бог. Тој „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ и ги благословува оние што му оддаваат слава (Евреите 11:6).

Да го славиме Бог како објавители на Царството

11. На кој начин службата на теренот служи како заштита од нападите на Сатана?

11 Исус заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации“. Проповедничкото дело е главен начин на кој му даваме на Бог „жртва на фалба“ (Матеј 28:19; Евреите 13:15). Неопходен дел од нашата ‚потполна воена опрема‘ — нашата одбрана против нападите на Сатана — е ‚нозете да ни бидат обуени во опремата на добрата вест на мирот‘ (Ефешаните 6:11—15). Еден добар начин да ја храниме својата вера е да го фалиме Бог во службата на теренот (2. Коринќаните 4:13). Тоа ни помага да го чуваме умот од негативни мисли (Филипјаните 4:8). Учеството во службата на теренот ни овозможува да уживаме во изградувачко дружење со сообожавателите.

12, 13. Како може редовното учество во службата на теренот да им користи на семејствата? Илустрирај.

12 Проповедничкото дело може да претставува и здрава семејна активност. Се разбира, на младите им е потребна урамнотежена рекреација. Меѓутоа, времето што се поминува во служба на теренот како семејство не мора да биде здодевно. Родителите можат да придонесат тоа да биде поголемо уживање ако ги поучат децата да бидат делотворни во службата. Зарем младите не уживаат во она што знаат да го прават добро? Родителите можат да им помогнат на децата да најдат радост во службата ако се урамнотежени, а не ако бараат од нив повеќе од она што тие можат да го сторат (Битие 33:13, 14).

13 Освен тоа, во семејства во кои сите заедно го фалат Јехова се градат цврсти врски. Размисли за една сестра што нејзиниот сопруг неверник ја напуштил и ја оставил со пет деца. Поради тоа, таа се соочила со предизвикот да најде работа за да се грижи за материјалните потреби на своите деца. Дали била толку оптоварена што ги запоставила нивните духовни интереси? Таа си спомнува: „Со жар ја проучував Библијата и библиските публикации и се трудев да го применам она што го учев. Редовно ги носев децата на состаноци и во служба од врата до врата. Кои беа резултатите од моите напори? Сите пет деца се крстени“. Целосното учество во службата ќе ти помогне и тебе во напорите да ги подигнеш твоите деца „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4).

14. а) Како можат младите да му оддаваат слава на Бог на училиште? б) Што може да им помогне на младите да не ‚се срамат од добрата вест‘?

14 Млади, ако живеете во земја каде што законот го дозволува тоа, дали му оддавате слава на Бог со тоа што сведочите на училиште или, пак, дозволувате да ве спречи стравот од луѓето? (Пословици 29:25). Едно 13-годишно девојче Сведок од Порторико пишува: „Никогаш не сум се срамела да проповедам на училиште затоа што знам дека ова е вистината. На час секогаш кревам рака и кажувам што сум научила од Библијата. Ако имам слободно време, одам во библиотека и ја читам книгата Младите прашуваат“. * Дали Јехова ги благословил нејзините напори? Таа кажува: „Понекогаш другите ученици ми поставуваат прашања, па дури и ми бараат примерок од книгата“. Ако досега си се колебал да го правиш ова, тогаш можеби ќе треба со трудољубива лична студија да си докажеш која е „добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Кога ќе се увериш дека она што си го научил е вистина, никогаш нема ‚да се срамиш од добрата вест‘ (Римјаните 1:16).

‚Отворена врата‘ за служба

15, 16. Низ која „голема врата која води во активност“ влегле некои христијани, и кои благослови ги добиле поради тоа?

15 Апостол Павле напишал дека му била отворена „голема врата која води во активност“ (1. Коринќаните 16:9). Дали можеби твоите околности дозволуваат да влезеш низ некоја врата што води во активност? На пример, за да учествуваш во општата или во помошната пионерска служба, потребно е да посветиш 50 или 70 часа месечно во проповедничкото дело. Се разбира, сохристијаните ги ценат пионерите поради нивната верна служба. Но, пионерите не сметаат дека се над своите браќа и сестри затоа што минуваат повеќе време во службата. Наместо тоа, го негуваат ставот на кој охрабрил Исус: „Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме“ (Лука 17:10).

16 За да се биде пионер потребни се самодисциплина, лична организација и спремност да се прават жртви. Но, благословите прават сето тоа да се исплати. „Тоа што можам исправно да ракувам со Божјата реч на вистината е вистински благослов“, вели младата пионерка Тамика. „Кога си пионер, многу ја користиш Библијата. Сега, кога одам од врата до врата, можам да се сетам на библиски стихови што одговараат за секој станар“ (2. Тимотеј 2:15). Пионерката Мика вели: „Тоа што гледам како вистината влијае врз животот на луѓето е уште еден прекрасен благослов“. И младиот Метју кажува колку е голема радоста кога „ќе види како некој доаѓа во вистината. Ниедна друга радост не може да го замени тоа“.

17. На кој начин една христијанка го надминала негативниот став кон пионерската служба?

17 Можеш ли да размислиш за можноста да влезеш низ вратата што води во пионерска служба? Можеби ќе сакаш да го сториш тоа, но мислиш дека не си баш способен. „Имав негативен став кон пионерската служба“, признава една млада сестра по име Кинјате. „Не се чувствував способна за тоа. Не знаев како да подготвам уводи или да резонирам на темел на Писмото.“ Меѓутоа, старешините ѝ доделиле една зрела пионерка за да работат заедно. „Ми беше многу интересно кога работев со неа“, си спомнува Кинјате. „Тоа роди во мене желба да бидам пионер.“ Ако добиеш охрабрување и обука, можеби и во тебе ќе се роди желба да бидеш пионер.

18. Кои благослови можат да ги добијат оние што започнуваат со мисионерска служба?

18 Пионерењето може да ја отвори вратата за други предности во службата. На пример, некои брачни двојки можеби ќе се квалификуваат за мисионерска обука за да бидат испратени да проповедаат во некоја странска земја. Мисионерите мораат да се приспособат на нова земја, можеби на некој нов јазик, на нова култура и на нова храна. Но, кога ќе се земат во обѕир благословите, сите тие неудобности стануваат безначајни. Милдред, која долги години е во мисионерската служба во Мексико, вели: „Никогаш не зажалив што донесов одлука да станам мисионер. Тоа ми беше желба уште од девојче“. Во кои благослови уживала? „Во мојата земја беше тешко да се започне библиска студија. Овде се случуваше и по четворица од оние со кои водев библиски студии да започнат со служба на теренот во исто време!“

19, 20. На кој начин бетелската служба, меѓународната служба и Школата за оспособување на слуги им донела благослови на многумина?

19 И оние што се во бетелската служба во канцелариите на подружниците на Јеховините сведоци се богато благословени. Свен, еден млад брат што служи во Германија, го вели следново за својата работа во Бетел: „Имам чувство дека правам нешто што има трајна вредност. Можев да ги користам моите таленти во светот. Но, тоа ќе беше како да вложувам пари во банка што е пред банкрот“. Точно, потребни се жртви за да се служи како неплатен доброволец. Но, Свен вели: „Кога си одиш дома, знаеш дека сѐ што си направил тој ден било за Јехова. Тоа е едно прекрасно чувство“.

20 Некои браќа уживале во благословите што ги добиле додека учествувале во меѓународната служба, работејќи на изградба на подружници во странски земји. Една двојка што служела на осум странски доделби напишала: „Браќата овде се прекрасни. Многу ќе ни биде тешко кога ќе си заминеме — по осми пат нашите срца ќе бидат скршени. Ова е за нас едно фантастично искуство!“ Потоа, тука е и Школата за оспособување на слуги. Таа им нуди духовна обука на квалификувани неженети браќа. Еден дипломец напишал: „Не можам да најдам зборови за да ви се заблагодарам за оваа прекрасна школа. Која друга организација ќе вложи толкав труд за да даде обука?“

21. Со каков предизвик се соочуваат сите христијани во својата служба за Бог?

21 Да, отворени се многу врати што водат во активност. Точно, повеќето од нас не можат да служат во Бетел или во некоја странска земја. И самиот Исус потврдил дека поради различните околности христијаните ќе даваат „плод“ во различна мера (Матеј 13:23). Затоа, нашиот предизвик како христијани е да ја искористиме најдобро што можеме нашата ситуација — да имаме што поголемо учество во Јеховината служба според она што ни го дозволуваат околностите. Кога го правиме тоа, му оддаваме слава на Јехова и можеме да бидеме уверени дека и тој е многу задоволен. Размисли за Етел, една постара сестра што живее во старечки дом. Таа редовно им сведочи на другите станари во нејзиниот дом и учествува во сведочењето по телефон. И покрај нејзините ограничувања, таа со сета душа ја извршува службата (Матеј 22:37).

22. а) На кои други начини можеме да го славиме Бог? б) Какво прекрасно време нѐ очекува?

22 Но, не заборавај дека проповедањето е само еден начин на кој му оддаваме слава на Јехова. Со тоа што сме примерни во нашето однесување и изглед кога сме на работа, на училиште и дома, ние го радуваме Јеховиното срце (Пословици 27:11). Во Пословици 28:20 е запишано ветувањето: „Чесниот човек изобилува со благослови“. Затоа, треба ‚обилно да сееме‘ во нашата служба за Бог, знаејќи дека ќе пожнееме обилни благослови (2. Коринќаните 9:6). Ако го правиме ова, ќе имаме предност да бидеме живи во тоа прекрасно време кога „сѐ што дише“ ќе му ја оддава на Јехова славата што толку многу ја заслужува! (Псалм 150:6).

[Фуснота]

^ пас. 14 Книгата Младите прашуваат — делотворни одговори е издадена од Јеховините сведоци.

Се сеќаваш ли?

• На кој начин Божјиот народ му служи на Јехова „ден и ноќ“?

• Со каков предизвик се соочило племето Гад, и што учат од тоа христијаните денес?

• На кој начин службата на теренот служи како заштита од нападите на Сатана?

• Низ која ‚отворена врата‘ влегле некои, и како биле благословени?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Исто како што племето Гад се борело против разбојниците, христијаните мораат да им се спротивстават на нападите на Сатана

[Слика на страница 17]

Додека сме во служба на теренот, уживаме во изградувачко дружење

[Слики на страница 18]

Пионерењето може да ја отвори вратата што води во други предности во службата, во кои спаѓаат:

1. Меѓународна служба

2. Бетелска служба

3. Мисионерска служба