Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали околностите ти го контролираат животот?

Дали околностите ти го контролираат животот?

Дали околностите ти го контролираат животот?

ВОЗНЕМИРУВАЧКИТЕ околности и проблемите се вообичаени во овие „критични времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Некои проблеми можеби се привремени и на крајот исчезнуваат. Други траат со месеци, или дури и со години. Како последица од тоа, мнозина се чувствуваат исто како и псалмистот Давид, кој извикал кон Јехова: „Тагите на моето срце, се умножени, избави ме од моите јадови“ (Псалм 25:17).

Дали се бориш со проблеми кои изгледаат несовладливи? Ако е така, можеш да најдеш утеха во Библијата. Да го разгледаме животот на двајца верни слуги на Јехова кои успешно се справиле со тешкотиите: Јосиф и Давид. Од тоа што ќе испитаме како тие реагирале на неволја, можеме да извлечеме практични поуки што ќе ни помогнат да излеземе на крај со слични предизвици денес.

Соочени со сериозни предизвици

До својата 17 година, Јосиф веќе имал сериозен проблем во своето семејство. Неговите постари браќа виделе дека татко им, Јаков, „го љуби [Јосиф] повеќе од сите други свои синови“. Како резултат на тоа, „го замразија толку, што не можеа да му речат ни пријатен збор“ (Битие 37:4). Можеме само да си замислиме колкава загриженост и стрес предизвикала таа ситуација кај Јосиф. На крајот, омразата на браќата на Јосиф станала толку силна што го продале во ропство (Битие 37:26—33).

Додека бил роб во Египет, Јосиф морал да се спротивстави на неморалните понуди од страна на сопругата на неговиот господар. Бесна затоа што била одбиена, таа лажно го обвинила Јосиф дека се обидел да ја силува. Тој бил ‚фрлен во темница‘ каде што ‚ги врзале со окови неговите нозе, вратот му го ставиле во железо‘ (Битие 39:7—20; Псалм 105:17, 18). Колкав само испит мора да било тоа! Тринаесет години Јосиф бил или роб или затвореник поради неправдата што му ја нанеле други, вклучувајќи и членови на неговото сопствено семејство (Битие 37:2; 41:46).

И Давид од древниот Израел како млад човек се соочил со испити. Неколку години бил присилен да живее како бегалец, прогонуван од цар Саул како животно. Животот на Давид постојано му бил во опасност. Во една прилика, отишол кај свештеникот Ахимелех да побара храна (1. Самоил 21:1—7). Кога дознал дека Ахимелех му помогнал на Давид, Саул наредил да биде погубен не само Ахимелех туку и сите свештеници и нивните смејства (1. Самоил 22:12—19). Можеш ли само да си замислиш колку мора да му било мака на Давид затоа што индиректно ја предизвикал оваа трагедија?

Помисли на годините на неволја и малтретирање што ги претрпеле Јосиф и Давид. Со тоа што ќе испитаме како тие се справиле со нивните тешки ситуации, можеме да научиме скапоцени поуки. Да разгледаме три аспекти во кои вреди да ги имитираме овие мажи.

Немој да држиш лутина и огорченост

Прво, овие верни мажи одбиле да бидат заплеткани во мрежата на огорченост и лутина. Додека бил в затвор, Јосиф можел многу лесно огорчено да размислува за предавството на неговите браќа, можеби планирајќи како да им се одмазди ако некогаш ги види повторно. Од каде знаеме дека Јосиф се спротивставил на таквото погубно размислување? Разгледај како реагирал кога имал шанса да им се одмазди на своите браќа кои дошле во Египет да купат жито. Извештајот вели: „[Јосиф] се оддалечи од нив и заплака . . . Јосиф заповеда [на своите слуги] да им ги наполнат вреќите [на неговите браќа] со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат“. Подоцна, кога ги испраќал своите браќа да го донесат татко им во Египет, Јосиф ги охрабрил со зборовите: „Не се препирајте патем“. И со збор и со дело Јосиф докажал дека не дозволил огорченоста и лутината да му го затрујат животот (Битие 42:24, 25; 45:24).

Слично на него, Давид не ги потхранувал своите чувства на лутина кон цар Саул. Во две прилики, Давид имал шанса да го убие Саул. Сепак, кога неговите луѓе го терале да го стори тоа, Давид рекол: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник“. Давид ги оставил работите на Јехова и им рекол на своите луѓе: „Живиот ми Господ, и Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине“. Подоцна, Давид дури и компонирал тажалка во која ја оплакувал смртта на Саул и на Сауловиот син Јонатан. Како Јосиф, и Давид не дозволил да биде обземен од лутина (1. Самоил 24:4—7; 26:7—13; 2. Самоил 1:17—27).

Дали држиме чувства на лутина и огорченост кога некоја неправда ќе ни нанесе болка? Ова може лесно да се случи. Ако дозволиме нашите чувства да владеат со нас, за нас може да се покаже поштетен резултатот отколку самата неправда (Ефешаните 4:26, 27). Иако можеби имаме малку или никаква контрола над она што другите го прават, можеме да ја контролираме нашата реакција. Полесно е да се откажеме од лутината и огорченоста кога имаме вера дека Јехова ќе се погрижи за работите во свое време (Римјаните 12:17—19).

Извлечи го најдоброто од твојата ситуација

Втората поука што можеме да ја извлечеме е да не дозволиме нашите околности да ни го парализираат животот. Можеме да станеме толку преокупирани со она што не можеме да го направиме што ќе го изгубиме од вид она што можеме да го направиме. Всушност, нашите околности почнуваат да нѐ контролираат. Тоа можело да му се случи на Јосиф. Наместо тоа, тој избрал да го извлече најдоброто од својата ситуација. Додека служел како роб, ‚[неговиот господар] го засакал и го зел дворјанец, и го поставил за управител на својот дом‘. Јосиф слично постапувал и додека бил в затвор. Поради благословот од Јехова и марливоста на Јосиф, ‚управителот на темницата ги предал во Јосифовите раце сите затвореници, кои се наоѓале во темницата; и таму не се правело ништо без него‘ (Битие 39:4, 21—23).

Во текот на годините кога живеел како бегалец, и Давид го извлекол најдоброто од своите околности. Додека живеел во пустината Фаран, тој и неговите луѓе ги штителе стадата на Навал од пљачкашки чети. „Ноќе и дење ни беа како тврдина“, рекол еден од овчарите на Навал (1. Самоил 25:16). Подоцна, за време на неговиот престој во Сиклаг, Давид ги напаѓал градовите што ги држеле израелските непријатели на југ, со што ги осигурал границите на Јуда (1. Самоил 27:8; 1. Летописи 12:20—22).

Дали и ние треба да вложиме повеќе напор за да го извлечеме најдоброто од нашите околности? Иако тоа може да биде предизвик, можеме да успееме. Размислувајќи за својот живот, апостол Павле напишал: „Сум научил во какви и да сум околности, да бидам задоволен со она што го имам . . . Во сѐ и во сите околности ја научив тајната и како да бидам сит и како да гладувам, и како да имам изобилство и како да трпам оскудица“. Како стекнал Павле ваков став кон животот? Така што постојано се потпирал на Јехова. Тој признал: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:11—13).

Чекај на Јехова

Третата поука е дека наместо да користиме небиблиски средства за да ги промениме нашите околности, треба да чекаме на Јехова. Ученикот Јаков напишал: „Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете потполни и здрави во секој поглед, без никаков недостаток“ (Јаков 1:4). Треба да ѝ дозволиме на истрајноста да „го доврши своето дело“ така што ќе допуштиме некој испит да оди до крај без да прибегнуваме кон небиблиски средства за брзо да го окончаме. Така нашата вера ќе биде испитана и прочистена, и ќе се види нејзината поткрепувачка сила. Јосиф и Давид имале ваква истрајност. Тие не се обиделе да изнајдат решение со коешто би можеле да си го навлечат Јеховиното незадоволство. Наместо тоа, се труделе да го извлечат најдоброто од својата ситуација. Чекале на Јехова, и какви само благослови добиле поради тоа! Јехова ги употребил обајцата за да го ослободат и да го водат неговиот народ (Битие 41:39—41; 45:5; 2. Самоил 5:4, 5).

Можеби и ние ќе се соочиме со ситуации во кои би биле искушани да бараме небиблиски решенија. На пример, дали си обесхрабрен затоа што сѐ уште не си нашол брачен партнер што ќе ти одговара? Ако да, избегнувај ги сите искушенија да не ја послушаш Јеховината заповед да стапиш во брак „само во Господ“ (1. Коринќаните 7:39). Дали имаш проблеми во бракот? Наместо да се препуштиш на духот на светот кој поттикнува разделување и развод, настојувај да ги надминеш проблемите заедно со твојот брачен другар (Малахија 2:16; Ефешаните 5:21—33). Дали поради економската ситуација ти е тешко да се грижиш за твоето семејство? Да чекаш на Јехова вклучува да избегнуваш сомнителни или нелегални работи за да дојдеш до пари (Псалм 37:25; Евреите 13:18). Да, сите ние мораме да работиме напорно за да го извлечеме најдоброто од нашите околности и да вложуваме напор за да му дадеме на Јехова причина да нѐ благослови. Додека го правиме тоа, да бидеме решени да чекаме на Јехова за идеално решение (Михеј 7:7).

Јехова ќе те поткрепи

Тоа што длабоко ќе размислуваме на кој начин библиските личности како Јосиф и Давид успешно се справиле со разочарувањата и тешките ситуации, може да има позитивно влијание врз нас. Иако нивните приказни се опишани на само неколку страници во Библијата, нивните испити траеле со години. Запрашај се: ‚Како овие слуги на Бог ги прифатиле своите околности? Како ја задржале радоста? Кои особини морале да ги развијат?‘

Ќе извлечеме корист ако размислуваме и за истрајноста на денешните слуги на Јехова (1. Петрово 5:9). Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! содржат многу животни приказни секоја година. Ги читаш ли и размислуваш ли за примерите на овие верни христијани? Освен тоа, во нашите собранија има лица кои верно истрајуваат под непријатни околности. Дали редовно се дружиш со нив и дали учиш од нив на собраниските состаноци? (Евреите 10:24, 25).

Кога ќе те притиснат тешки околности, биди уверен дека Јехова се грижи за тебе и дека ќе те поткрепи (1. Петрово 5:6—10). Цврсто настојувај да не дозволиш околностите да ти го контролираат животот. Следи го примерот на Јосиф, на Давид и на други, така што нема да држиш лутина, ќе го извлечеш најдоброто од твојата ситуација и ќе чекаш на Јехова за идеалното решение. Приближи му се преку молитва и духовни активности. На тој начин, ќе увидиш дека и ти ќе имаш радост и среќа дури и во тешки времиња (Псалм 34:8).

[Слика на страници 20 и 21]

Јосиф се трудел да го извлече најдоброто од своите околности

[Слика на страница 23]

Давид чекал на Јехова за решение на неговите проблеми