Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Која религија треба да ја избереш?

Која религија треба да ја избереш?

Која религија треба да ја избереш?

‚РАЗЛИЧНИТЕ религии се само различни патишта кои водат до една иста цел. На крајот на краиштата, има само еден Бог, нели?‘ Овој став го делат мнозина кои сметаат дека иако верската припадност е важна, всушност и не е толку важно која религија ќе избере некој да ја следи.

На прв поглед, овој аргумент можеби изгледа разумен, зашто вистина е дека има само еден Бог, Семоќниот (Исаија 44:6; Јован 17:3; 1. Коринќаните 8:5, 6). Меѓутоа, не смееме да ги превидиме очигледните разлики — па дури и противречности — меѓу многуте верски групи кои тврдат дека му служат на вистинскиот Бог. Тие многу се разликуваат во своите обичаи, верувања, учења и барања. Разликите се толку големи што на оние што припаѓаат на една религија или група им е тешко да го разберат или да го прифатат она што другите го поучуваат или во што веруваат.

Од друга страна, пак, Исус рекол: „Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Дали е можно да се обожава Бог со вистина и истовремено да биде допуштено да постојат голем број противречни идеи во врска со тоа кој е Бог, кои се неговите намери и како сака да биде обожаван? Дали е логично да се верува дека на Семоќниот Бог не му е важно како го обожаваме?

Вистинските христијани тогаш и сега

Христијаните од првиот век понекогаш имале различни мислења за работите. На пример, зборувајќи им на оние во Коринт, апостол Павле рекол: „Домашните на Хлое ми јавија за вас, браќа мои, дека меѓу вас постојат препирки. А со тоа сакам да кажам дека секој од вас вели: ‚Јас му припаѓам на Павле‘, ‚А јас на Аполо‘, ‚А јас на Кифа‘, ‚А јас на Христа‘“ (1. Коринќаните 1:11, 12).

Дали Павле ги сметал овие несогласувања за неважни? Дали секој поединец едноставно си следел свој правец до спасение? Далеку од тоа! Павле опоменал: „Ве опоменувам, браќа, преку името на нашиот Господ Исус Христос сите да зборувате сложно, и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете соодветно обединети во ист ум и во ист правец на размислување“ (1. Коринќаните 1:10).

Нормално, единство во верата не може да се постигне на сила. Тоа се постигнува само кога поединците внимателно ги испитуваат работите и кога доаѓаат до и прифаќаат исти заклучоци. Според тоа, личното проучување на Божјата реч и искрената желба да се применува она што се учи се неопходни чекори за да се има единството за коешто зборувал Павле. Може ли да се најде такво единство? Како што видовме, Бог долго време постапува со својот народ како со група. Може ли да се идентификува таа група денес?

Користите од исправното дружење

Псалмистот Давид еднаш прашал: „Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани во Твојата Света Гора?“ Ова секако е прашање што поттикнува на размислување. Давид го дал одговорот: „Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина од своето срце“ (Псалм 15:1, 2). Точното разбирање на Библијата ќе го оспоби човек да ја препознае религијата која ги исполнува овие Божји барања. Потоа, со тоа што ќе се дружи со таа група, ќе може да има изградувачко пријателство со луѓе што го обожаваат Бог во единство и „со дух и вистина“.

Јеховините сведоци покажале дека е можно да се постигне единство во верата и постапките дури и во денешниов разединет свет. Во нивните редови има бивши членови на голем број различни религии и етнички групи. Други Сведоци се поранешни агностици и атеисти. Трети, пак, едноставно не ни размислувале сериозно за религија. Од оваа разноликост од религии, култури и филозофии доаѓаат поединци кои сега уживаат верско единство што инаку денес не може да се види во светот.

Темелот за ваквото единство е Божјата реч, Библијата. Се разбира, Јеховините сведоци сфаќаат дека не можат да им диктираат на другите што да прават. Но, тие се благодарни што ја имаат предноста да ги охрабруваат другите да учат од Библијата за да можат да го темелат својот избор во врска со обожавањето на тој цврст темел. На овој начин, уште многу други ќе можат да ги делат користите што произлегуваат од тоа да се обожава Бог „со дух и вистина“.

Денес, постои голема опасност да се стане жртва на штетни влијанија и замки. Неопходно е да се избере вистинското друштво. Библијата вели дека оној што ‚се дружи со мудрите ќе стане мудар‘ и дека „лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (Пословици 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Дружењето со вистинските обожаватели на Бог е заштита. Затоа, Библијата нѐ потсетува: „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:24, 25). Каков само благослов е кога вистинските пријатели, духовните браќа и сестри, со љубов си помагаат еден на друг да ги исполнат своите одговорности пред Бог!

Отмар го потврдува ова гледиште. Воспитан во католичко семејство во Германија, престанал да оди в црква. Објаснува: „Кога и да отидев в црква, ќе излезев оттаму чувствувајќи се исто толку празно како и пред да влезам“. Сепак, ја задржал својата вера во Бог. Потоа стапил во контакт со Јеховините сведоци и се уверил дека тие се вистинските слуги на Бог. Ја увидел потребата да се дружи со нив. Сега вели: „Поради тоа што сум активен во една светска организација, имам мир во умот и во срцето. Постепено ми се помага да имам поточно спознание за Библијата. За мене лично, тоа е нешто многу вредно“.

Повик до оние што бараат

Кога луѓе што размислуваат слично тесно соработуваат како група, можат да завршат некоја задача многу подобро отколку кога поединци работат независно еден од друг. На пример, упатствата што Исус им ги дал на своите следбеници пред да си замине биле: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:19, 20). Како можела да се заврши на задоволителен начин една таква задача ако немало упатства или организација? Како можел некој да го послуша овој библиски налог ако се обидувал да му служи на Бог независно?

Во текот на минатата година, Јеховините сведоци низ целиот свет дистрибуираа 91.933.280 книги, џебни брошури и брошури кои се темелат на Библијата, плус 697.603.247 списанија, со што достигнаа со пораката од Божјата реч стотици милиони луѓе во 235 земји. Каков извонреден доказ дека со обединет, добро организиран групен напор се постигнува многу повеќе отколку што некогаш би се постигнало со некој непотпомогнат индивидуален напор!

Освен што дистрибуираат библиска литература, Јеховините сведоци водат бесплатни библиски курсеви за да им помогнат на луѓето темелно да разберат што бара Бог. Минатата година, секоја седмица во просек беа водени 5.726.509 такви библиски студии со поединци или со групи. Оваа библиска поука им помогнала на милиони луѓе да постават цврст темел според кој ќе го направат својот избор во врска со обожавањето. И ти си поканет да ги научиш Божјите барања што се изнесени во Библијата. Тогаш ќе можеш да го направиш својот избор (Ефешаните 4:13; Филипјаните 1:9; 1. Тимотеј 6:20; 2. Петрово 3:18).

Ако сакаш да му угодиш на Бог, многу е важна верската припадност — но не припадноста на која и да било верска група или деноминација. Твојот избор на религија треба да се темели на точно библиско спознание, а не на непотврдени догми или гласини (Пословици 16:25). Дознај ги барањата за вистинската религија. Спореди ги со твоите верувања. Потоа избери во склад со тоа (Второзаконие 30:19).

[Слики на страница 7]

Јеховините сведоци уживаат единство во еден разединет свет