Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од мрачни зандани, до швајцарските Алпи

Од мрачни зандани, до швајцарските Алпи

Животна приказна

Од мрачни зандани, до швајцарските Алпи

РАСКАЖАЛ ЛОТАР ВАЛТЕР

Откако поминав три долги години во мрачните зандани во комунистичките затвори на Источна Германија, одвај можев да дочекам да уживам во слаткиот вкус на слободата и во срдечното друштво на моето семејство.

МЕЃУТОА, не бев подготвен за збунетиот израз на лицето на мојот шестгодишен син Јоханес. Втората половина од својот живот тој го немаше видено татка си. За него, јас бев потполно непознат.

За разлика од мојот син, јас уживав во љубезното друштво на моите родители. Во нашиот дом во Кемниц (Германија), каде што сум роден во 1928, преовладуваше срдечна атмосфера. Татко ми беше многу отворен во врска со неговото незадоволство од религијата. Тој се сеќаваше дека, за време на Првата светска војна, „христијански“ војници од двете страни на 25 декември им посакале „среќен Божиќ“ на оние од другата страна, и потоа следниот ден повторно почнале да се убиваат еден со друг. За него, религијата беше крајно лицемерие.

Разочарувањето е заменето со вера

За среќа, јас бев поштеден од такво разочарување. Втората светска војна заврши кога имав 17 години, и за влакно избегнав да бидам регрутиран. Сепак, бев вознемирен поради некои загрижувачки прашања како што се: ‚Зошто сето тоа убивање? Во кого можам да имам доверба? Каде можам да најдам вистинска сигурност?‘ Источна Германија, каде што живеевме, падна под советска контрола. Комунистичките идеали за правда, еднаквост, солидарност и слога им беа привлечни на оние што беа исцрпени од пустошот на војната. Наскоро, мнозина од овие искрени поединци требаше да бидат тешко разочарани — овојпат, не од религијата туку од политиката.

Токму за време на мојата потрага по одговори што имаат смисла една од моите тетки, која беше Јеховин сведок, зборуваше со мене за нејзината вера. Ми даде публикации што се темелат на Библијата кои ме поттикнаа да го прочитам — за првпат — целото 24. поглавје од Матеј. Силен впечаток ми оставија логичните и уверливи објаснувања изнесени во книгата, кои го идентификуваа нашето време како „завршетокот на системот на работи“ и кои укажуваа на коренската причина за проблемите на човештвото (Матеј 24:3; Откровение 12:9).

Наскоро добив уште публикации од Јеховините сведоци и, додека просто ги голтав, сфатив дека ја најдов вистината по која толку желно трагав. Беше возбудливо да се дознае дека Исус Христос е устоличен на небото во 1914 и дека наскоро ќе ги совлада безбожните елементи за да му донесе благослови на послушното човештво. За мене, друго големо откритие беше јасното разбирање на откупнината. Тоа ми помогна да му се обратам на Јехова Бог во искрена молитва и да побарам простување. Бев длабоко трогнат од љубезната покана што се наоѓа во Јаков 4:8: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“.

И покрај неисцрпната воодушевеност за мојата новопронајдена вера, моите родители и сестра ми во почетокот не беа баш спремни да го прифатат она што им го кажував. Меѓутоа, тоа не ја задуши мојата желба да присуствувам на христијанските состаноци што една мала група Сведоци ги одржуваа во близината на Кемниц. На мое изненадување, моите родители и сестра ми дојдоа со мене на првиот состанок! Тоа беше зимата 1945/46. Подоцна, кога во Хартау, каде што живеевме, беше формирана група за проучување на Библијата, моето семејство почна редовно да присуствува.

„Дете сум“

Тоа што ги учев важните библиски вистини и тоа што редовно се дружев со Јеховиниот народ ме поттикна да му го предадам на Јехова мојот живот, и на 25 мај 1946 се крстив. На мое големо задоволство, и членовите на моето семејство напредуваа духовно и со текот на времето сите тројца станаа верни Сведоци. Сестра ми сѐ уште е активен член во едно од собранијата во Кемниц. Мајка ми служеше лојално сѐ до нејзината смрт во 1965, а татко ми до неговата смрт во 1986.

Шест месеци по моето крштавање почнав да служам како специјален пионер. Ова го одбележа почетокот на живот на служба „во поволно време, во тешко време“ (2. Тимотеј 4:2). Наскоро се создадоа нови прилики за служба. Имаше потреба од полновремени евангелизатори во еден зафрлен предел во источна Германија. Јас и еден брат поднесовме молба за оваа доделба, но сметав дека немам ни искуство ни зрелост за една таква одговорна задача. Бидејќи имав само 18 години, се чувствував исто како и Еремија: „Ах, Господи . . . ете, јас не знам да зборувам: дете сум“ (Еремија 1:6). И покрај моите сомнежи, одговорните браќа љубезно решија да ни дадат шанса. Така, бевме доделени во Белцик, мал град во покраината Бранденбург.

Беше многу тешко да се проповеда на тоа подрачје, но тоа беше вредна обука за мене. Со текот на времето, неколку истакнати деловни жени ја прифатија пораката за Царството и станаа Јеховини сведоци. Меѓутоа, нивниот став беше во спротивност на длабоко вкоренетите традиции и стравови во таа мала селска заедница. И католичките и протестантските свештеници непопустливо ни се спротивставија и изнесуваа клеветнички обвиненија против нас и нашето проповедничко дело. Но, бидејќи се потпиравме на Јехова за водство и заштита, можевме да им помогнеме на неколку заинтересирани лица да ја прифатат вистината.

Се собираат облаци на нетрпеливост

Со 1948 дојдоа и благослови и неочекувани проблеми. Прво, добив пионерска доделба во Рудолштат (Тирингија). Таму запознав голем број верни браќа и сестри и уживав во нивното друштво. Друг голем благослов дојде во јули истата година. Се оженив со Ерика Улман, верна и активна млада христијанка која ја познавав уште од времето кога почнав да одам на состаноци во собранието во Кемниц. Заедно почнавме со пионерска служба во Хартау, мојот роден град. Меѓутоа, со текот на времето, Ерика повеќе не можеше да продолжи со полновремената служба поради здравствени проблеми и од други причини.

Тоа беа тешки времиња за Јеховиниот народ. Одделот за труд во Кемниц ми ги укина боновите за храна во обид да ме присили да се откажам од проповедничкото дело и да најдам световна работа со полно работно време. Одговорните браќа го искористија мојот случај за да побараат законско признавање од покраината. Барањето беше одбиено, и на 23 јуни 1950 беше пресудено или да платам казна или да поминам 30 дена во затвор. Поднесовме жалба на таа одлука, но повисокиот суд ја одби жалбата и бев испратен в затвор.

Тоа беше само мал показател на бурата од противење и непријателство што се насобираше и се приближуваше. Не помина ни месец, и во септември 1950, откако започна клеветничка кампања во медиумите, комунистичкиот режим ги забрани нашите активности. Поради нашиот брз пораст и нашиот неутрален став, бевме жигосани како опасна западна шпионска агенција што извршува „сомнителна активност“ под плаштот на религијата. Истиот ден кога беше објавена забраната, мојата сопруга го роди нашиот син Јоханес дома додека јас бев в затвор. И покрај негодувањето на бабицата, службеници од државната безбедност на сила влегоа во нашиот стан и извршија претрес барајќи докази за нивните обвиненија. Се разбира, не најдоа ништо. Сепак, подоцна успеаја да вметнат шпион во нашето собрание. Тоа водеше до апсење на сите одговорни браќа, вклучувајќи ме и мене, во октомври 1953.

Во мрачни зандани

Откако бевме осудени и откако ни беа изречени казни кои се движеа од три до шест години, им се придруживме на голем број наши браќа во грозните зандани во замокот Остерштајн, во Цвикау. И покрај ужасните услови таму, беше вистинска радост да се биде со зрели браќа. Тоа што немавме слобода не значеше дека немаме ни духовна храна. Иако презрена и забранета од режимот, Стражарска кула си го најде патот до затворот и тоа право во нашите ќелии! Како?

Некои браќа беа доделени да работат во рудници за јаглен, каде што среќаваа слободни Сведоци кои им ги даваа списанијата. Потоа браќата тајно ги внесуваа списанијата во затворот и со чиста досетливост успеваа да ја пренесат многу потребната духовна храна и до останатите нас. Бев толку среќен и охрабрен што ги искусив Јеховината грижа и водство на ваков начин!

До крајот на 1954 бевме префрлени во озлогласениот затвор во Торгау. Сведоците таму ни изразија добредојде. Дотогаш, останале духовно јаки така што го повторувале она на што можеле да се сетат од постарите изданија на Стражарска кула. Колку само копнееја по свежа духовна храна! Сега, наша должност беше да ги споделиме со нив мислите што ги проучувавме во Цвикау. Но, како да го направиме тоа кога ни беше строго забрането да разговараме еден со друг за време на нашето секојдневно пешачење во дворот? Па, браќата ни дадоа скапоцени предлози како да постапуваме, а Јеховината моќна заштитничка рака беше над нас. Ова нѐ научи колку е важно марливо да ја проучуваме Библијата и да медитираме додека имаме слобода и прилики за тоа.

Време за важни одлуки

Со помош од Јехова, останавме непоколебливи. На наше големо изненадување, голем број од нас беа амнестирани при крајот на 1956. Тешко е да се опише нашата среќа кога се отвори затворската капија. Дотогаш, мојот син имаше веќе шест години, и за мене беше огромна радост пак да бидам со мојата сопруга и да учествувам во подигањето на нашиот син. Извесно време Јоханес се однесуваше со мене како со непознат, но наскоро меѓу нас се воспостави срдечна врска.

Јеховините сведоци во Источна Германија се соочуваа со многу тежок период. Сѐ поголемото непријателство кон нашата христијанска служба и кон нашиот неутрален став значеше дека мораме да живееме под постојана закана — живот измачуван со опасност, грижи и умор. Затоа, јас и Ерика моравме внимателно и под молитва да ја испитаме нашата ситуација, и сметавме дека мораме да се преселиме за да живееме во поповолни услови со цел да не бидеме обземени од грижи. Сакавме да имаме слобода да му служиме на Јехова и да се стремиме по духовни цели.

Во пролетта 1957, се укажа прилика да се преселиме во Штутгарт (Западна Германија). Таму делото на евангелизирање не беше забрането и можевме слободно да се дружиме со нашите браќа. Нивната поддршка полна со љубов беше огромна. Поминавме седум години во собранието во Хеделфинген. Во текот на тие години, нашиот син почна да оди на училиште и добро напредуваше. Во септември 1962, ја имав предноста да присуствувам на Школата за служба за Царството во Визбаден. Таму бев охрабрен да се преселам со семејството за да служам онаму каде што беа потребни библиски учители кои зборуваат германски. Тоа вклучуваше одредени области во Германија и во Швајцарија.

Одиме во швајцарските Алпи

Така, во 1963 се преселивме во Швајцарија. Ни беше дадено упатство да соработуваме со едно мало собрание во Брунен, на убавото езеро Луцерн, во централниот дел на швајцарските Алпи. За нас тоа беше како да сме во рај. Моравме да се привикнеме на германскиот дијалект што се зборува таму, на локалниот начин на живот и на менталитетот на народот. Сепак, уживавме да работиме и да проповедаме меѓу мирољубиви луѓе. Поминавме 14 години во Брунен. Нашиот син порасна таму.

Во 1977, кога имав речиси 50 години, добивме покана да служиме во швајцарскиот Бетел во Тун. Тоа го сметавме за неочекувана предност и прифативме со голема благодарност. Јас и мојата сопруга поминавме девет години во бетелската служба, на која се сеќаваме како на значаен момент во нашиот христијански живот и во нашиот личен духовен развој. Исто така уживавме да сведочиме заедно со локалните објавители во Тун и во околните места, секогаш гледајќи ги Јеховините „чудесни дела“, величествените планини со снежни врвови на Бернизиските Алпи (Псалм 9:1).

Уште една преселба

Нашата следна преселба беше во почетокот на 1986. Бевме замолени да служиме како специјални пионери на едно многу големо подрачје што му беше доделено на собранието Букс во источниот дел на Швајцарија. Повторно моравме да се навикнеме на поинаков начин на живот. Меѓутоа, поттикнати од нашата желба да му служиме на Јехова секаде каде што би биле најдобро искористени, се фативме во костец со оваа нова доделба со негов благослов. Одвреме навреме ги менував патувачките надгледници, посетувајќи ги и охрабрувајќи ги собранијата. Поминаа осумнаесет години и имаме многу радосни искуства проповедајќи во оваа област. Собранието во Букс порасна, и се радуваме на состаноците во една убава Сала на Царството, која беше свечено отворена пред пет години.

Јехова многу великодушно се грижи за нас. Поголемиот дел од нашиот живот го поминавме во полновремена служба, но никогаш ништо не ни фалеше. Ни причинува радост и задоволство тоа што гледаме дека нашиот син, неговата сопруга и нивните деца, како и нивните семејства, верно одат по Јеховиниот пат.

Кога ќе погледнам наназад, мислам дека навистина му служевме на Јехова „во поволно време, во тешко време“. Мојот стремеж во христијанската служба ме одведе од мрачните зандани на комунистичките затвори до величествените планини на швајцарските Алпи. Јас и моето семејство ниту за момент не сме зажалиле поради тоа.

[Рамка на страница 28]

„Двојните жртви“ стојат цврсто под прогонство

Во Демократска Република Германија (ДРГ), исто така позната и како Источна Германија, Јеховините сведоци беа мета на сурово угнетување. Записите покажуваат дека преку 5.000 Сведоци биле пратени во логори за принудна работа и во казнени центри поради нивната христијанска служба и неутралност (Исаија 2:4).

Некои од нив се опишани како „двојни жртви“. Околу 325 од нив биле затворени во нацистичките концентрациони логори и затвори. Потоа, во 1950-те биле прогонувани и затворани од Штази, државната служба за безбедност на ДРГ. Дури и некои од затворите имале двојна намена — прво како нацистички а потоа и како Штази затвори.

Во текот на првата деценија силно прогонство, од 1950 до 1961, вкупно 60 Сведоци — мажи и жени — умреле во затвор од малтретирање, неисхранетост, болест и старост. Дванаесет Сведоци биле осудени на доживотен затвор, но подоцна казната била намалена на 15 години затвор.

Денес, во поранешниот штаб на Штази во Берлин има постојана изложба со која се истакнува 40-годишното официјално прогонство на Јеховините сведоци во Источна Германија. Фотографиите и личните извештаи што се изложени таму даваат немо сведоштво за храброста и духовната сила на овие Сведоци кои останале верни и кога биле на удар.

[Карта на страници 24 и 25]

(Види во публикацијата)

ИСТОЧНА ГЕРМАНИЈА

Рудолштат

Белцик

Торгау

Кемниц

Цвикау

[Слика на страница 25]

Замокот Остерштајн во Цвикау

[Извор на слика]

Fotosammlung des Stadtarchiv Zwickau, Deutschland

[Слика на страница 26]

Со мојата сопруга, Ерика