Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Треба ли да припаѓаш на некоја црква?

Треба ли да припаѓаш на некоја црква?

Треба ли да припаѓаш на некоја црква?

‚НЕ МОРАМ да припаѓам на некоја црква или редовно да одам в црква за да верувам во Бог!‘ Вака се чувствуваат многу луѓе во врска со членството во некоја црква или верска организација. Всушност, некои велат дека се чувствуваат поблиски со Бог кога се надвор и уживаат во природата отколку кога присуствуваат на некои религиозни служби. Денес, постои едно општо прифатено мислење дека за да се верува во Бог не е предуслов да се припаѓа на некоја верска група или деноминација.

Меѓутоа, други искрено мислат поинаку. Тие тврдат дека е неопходно, дури и од пресудна важност, членството и присуството во некоја црква ако некој сака да има одобрување од Бог. Според тоа, прашањето дали верската припадност е навистина неопходна е повеќе отколку само работа на статистички или академски интерес. Во секој случај, бидејќи станува збор за нашиот однос со Бог, зарем не би било логично да дознаеме како гледа Бог на ова? Тогаш, што можеме да дознаеме од неговата Реч, Библијата, во врска со оваа тема?

Како постапувал Бог со луѓето во минатото

Пред речиси 4.400 години, една катастрофална поплава ја погодила целата земја. Еден таков настан не се заборава лесно, и народите од цел свет во својата рана историја имаат приказни за тоа. Иако се разликуваат во деталите, овие приказни имаат многу заедничко, вклучувајќи го и фактот дека преживеале само мал број луѓе и некои животни.

Дали оние што го преживеале Потопот биле поединци што едноставно имале доволно среќа случајно да го избегнат уништувањето? Библискиот извештај покажува дека не било така. Значајно е тоа што Бог не го известил секој поединец за претстојниот Потоп. Наместо тоа, му кажал на Ное, кој пак, од своја страна, ги предупредил своите современици за скорешниот Потоп (Битие 6:13—16; 2. Петрово 2:5).

Секој што сакал да преживее морал да биде дел од оваа тесно поврзана група и да биде спремен да го прифати водството што Бог му го дал на Ное. Дури и животните во арката што го преживеале Потопот не се спасиле одделно од оваа група. На Ное му биле дадени конкретни упатства да направи соодветни подготовки за зачувување на животинскиот свет (Битие 6:17—7:8).

Со векови подоцна, потомците на Ное преку неговиот син Сим станале робови во Египет. Сепак, Божјата намера била да ги ослободи и да ги одведе во земјата што им ја ветил на нивниот прататко Авраам. Повторно, ова не му било откриено на секој поединец туку најпрво им било откриено на оние што биле избрани да бидат нивни водачи — Мојсеј и неговиот брат, Арон (Излез 3:7—10; 4:27—31). Откако овие поранешни робови биле избавени од Египет како група, на планината Синај им бил даден Божјиот закон и биле формирани во нацијата Израел (Излез 19:1—6).

За Израелците како поединци избавувањето било возможно само затоа што биле поврзани со групата основана од Бог и затоа што ги следеле упатствата од наименуваните водачи на оваа група. Била направена подготовка и поединци од Египќаните да се поврзат со оваа група, која очигледно имала одобрување од Бог. Кога Израелците го напуштиле Египет, овие поединци отишле со нив со што имале изглед да добијат благослов од Бог (Излез 12:37, 38).

Потоа, во првиот век, Исус ја започнал својата проповедничка активност собирајќи луѓе за свои ученици. Тој постапувал со нив како со група, иако, исто така, со љубов им обрнувал внимание на поединци според нивните потреби. На 11-те верни апостоли Исус им рекол: „Вие сте тие кои останавте со мене во моите искушенија; и јас склучувам со вас сојуз, како што мојот Татко склучи сојуз со мене, за царство“ (Лука 22:28, 29). Подоцна, Божјиот свет дух слегол врз учениците кога тие биле заедно како група (Дела 2:1—4).

Овие примери јасно покажуваат дека во минатото Бог секогаш постапувал со својот народ како со организирана група. Малкуте поединци со кои Бог лично соработувал — Ное, Мојсеј, Исус и други — всушност, ги користел за да комуницира со една тесно поврзана група. Нема причина да веруваме дека денес Бог постапува со своите слуги на поинаков начин. Се разбира, ова покренува едно друго прашање: Дали е доволно да се припаѓа на која и да било верска група? Ова многу важно прашање ќе го разгледаме во следната статија.

[Слика на страница 4]

Бог долго време постапува со својот народ како со организирана група