Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дипломците на Гилеад заминуваат како ревносни жетвари!

Дипломците на Гилеад заминуваат како ревносни жетвари!

Дипломците на Гилеад заминуваат како ревносни жетвари!

„ЖЕТВАТА е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:37, 38). Овие зборови имаа посебно значење за дипломците од 116. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower додека се подготвуваа да заминат на нивните мисионерски доделби.

Во сабота, на 13 март 2004, вкупно 6.684 лица се собраа во Образовниот центар на Watchtower во Патерсон (Њујорк) и на други локации за да ја следат програмата за дипломирањето, на која класот доби проштален совет и охрабрување. Додека ревносно работиме во духовната жетва, сите ние можеме да извлечеме корист од советот што беше даден.

Во уводните забелешки на Теодор Џерес, член на Водечкото тело и дипломец на седмиот клас на Гилеад, беа нагласени зборовите на Исус: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации“ (Матеј 28:19, 20). Тоа беше сосема на место зашто дипломците се испратени да служат во 20 различни земји! Тој ги потсети студентите дека поуките од Божјата реч потполно ги опремуваат да бидат ревносни работници во најважната духовна жетва (Матеј 5:16).

Како да се биде продуктивен жетвар

Првиот говорник на програмата беше Роберт Вален кој долги години е тесно поврзан со Школата Гилеад. Говорејќи на тема „Убавината на сочувството“, тој им рече на студентите: „Сочувството е јазикот што дури и глувите можат да го чујат и што дури и слепите можат да го видат“. Исус бил длабоко свесен за маките на другите и гледал да им ги олесни (Матеј 9:36). Студентите ќе имаат многу прилики да го сторат истото — во проповедничкото дело, во собранието, во мисионерскиот дом и во својот брак. Говорникот ги поттикна: „Нека убавината на сочувството се покаже во вашиот живот додека им служите на другите. Само вашето најдобро однесување ќе биде доволно добро за секојдневниот живот во мисионерскиот дом. Затоа, бидете решени да се облечете во сочувство“ (Колошаните 3:12).

Потоа Герит Леш, член на Водечкото тело и дипломец на 41. клас на Гилеад, ја обработи темата „Објавители на спасение“ (Исаија 52:7). За да бидат физички спасени кога ќе дојде уништувањето на сегашниов систем на работи, луѓето мораат прво да стекнат точно спознание од Божјата реч, да дадат јавна изјава за својата вера и да се крстат (Римјаните 10:10; 2. Тимотеј 3:15; 1. Петрово 3:21). Меѓутоа, главната причина зошто се објавува спасение не е да се спасат луѓе туку со тоа да му се донесе фалба на Бог. Затоа, брат Леш ги посоветува идните мисионери: „Носете ја пораката за Царството до краевите на Земјата и бидете ревносни објавители на спасение, и сето тоа на фалба на Јехова“ (Римјаните 10:18).

„Колку светлиш?“ беше прашањето што го постави инструкторот на Гилеад, Лоренс Боуен. Тој се осврна на зборовите на Исус запишани во Матеј 6:22 и ги охрабри дипломците да задржат „едноставно“ око за да ‚одразуваат духовна светлина што го велича Јехова и им користи на другите луѓе‘. Уште во почетокот на својата служба Исус оставил совршен пример во овој поглед со тоа што останал сосредоточен на вршењето на Божјата волја. Тоа што медитирал за она што Татко му го научил на небото му помогнало на Исус да ги издржи испитите на Сатана во пустелијата (Матеј 3:16; 4:1—11). Во извршувањето на она што Бог му го доделил, Исус покажал дека потполно се потпира на Јехова. Слично на тоа, за да се справат со предизвиците што лежат пред нив, мисионерите мораат да продолжат со добри навики на проучување на Библијата и потполно да се потпираат на Јехова.

Марк Нојмар, инструктор на Гилеад и дипломец на 77. клас на Гилеад, ја заврши оваа серија говори, зборувајќи на тема ‚Ете сме во твои раце‘ (Исус Навин 9:25). Тој ги поттикна студентите да го имитираат ставот на древните Гаваонци. Иако Гаваон бил ‚значаен град . . . а сите негови жители храбри борци‘, Гаваонците не барале признание ниту очекувале работите да бидат по нивно (Исус Навин 10:2). Тие доброволно служеле како лица што ‚сечеле дрва и носеле вода‘ под Левитите во поддршка на Јеховиното обожавање (Исус Навин 9:27). Всушност, дипломците му рекоа на Поголемиот Исус Навин, Исус Христос: ‚Ете сме во твои раце‘. Сега, кога почнуваат со своите странски доделби, треба да ја прифатат секоја работа што Поголемиот Исус Навин ќе им ја даде.

Искуства и интервјуа

„Во потполност откривајте го Писмото“ беше темата на дискусијата што Валас Ливеранс, дипломец на 61. клас на Гилеад и еден од инструкторите, ја водеше со група студенти. Тие раскажаа и одиграа искуства што ги доживеале во службата на теренот додека траеше школата. Беше очигледно дека интензивното проучување на Писмото во текот на петте месеци обука ги допрело до срцето и ги мотивирало да го споделуваат со другите она што го учат (Лука 24:32). За време на петмесечниот курс еден од студентите можел да го сподели со својот телесен брат она што го учел. Ова го поттикнало брат му да го побара локалното собрание и да почне да ја проучува Библијата. Тој сега е квалификуван како некрстен објавител.

По овие искуства, Ричар Аш и Џон Гибард водеа интервјуа со неколкумина долгогодишни верни слуги на Јехова, вклучувајќи и патувачки надгледници кои беа на посебна обука во Образовниот центар на Watchtower. Тие беа дипломци од претходните класови на Школата Гилеад. Еден од нив си спомна дека за време на школата брат Нор им го рекол следново: „Во Гилеад многу ќе проучувате. Но, ако излезете одовде со гордо срце, значи не сме успеале. Сакаме да излезете одовде со големо срце“. Патувачките браќа ги посоветуваа членовите на сегашниот клас да бидат сосредоточени на луѓето, да се однесуваат со другите како што се однесувал Исус и понизно да ја прифатат секоја доделба што ќе им биде дадена. Тоа што ќе го применуваат овој совет несомнено ќе им помогне на новите мисионери да бидат продуктивни на нивните доделби.

Заминете како ревносни жетвари!

Присутните имаа прилика да го чујат и Стивен Лет, уште еден член на Водечкото тело. Тој го изнесе главниот говор во програмата, со наслов „Заминете како ревносни жетвари!“ (Матеј 9:38). Во дословната жетва, времето за жнеење е ограничено. Жетварите мораат да работат напорно. Колку само тоа е поважно за време на завршетокот на овој систем на работи! Во големата духовна жетва во прашање се животи (Матеј 13:39). Брат Лет ги поттикна дипломците да не ‚безделничат во работата‘ туку ‚да зрачат со духот‘ и да ‚робуваат за Јехова‘ во оваа жетва што никогаш повеќе нема да се повтори (Римјаните 12:11). Говорникот ги цитираше зборовите на Исус: „Подигнете ги своите очи и погледнете ги полињата, како се бели за жетва“ (Јован 4:35). Потоа ги поттикна дипломците да ја покажат својата ревност за делото на жетвата со тоа што ќе вложат искрени напори да ги достигнат луѓето во секое време и на секое место каде што може да ги најдат и со тоа што ќе ги користат сите прилики да сведочат неформално. Тоа што ќе бидат спремни да си создадат прилики може да им помогне да дадат делотворно сведоштво. Јехова е ревносен Бог и очекува сите ние да го имитираме и напорно да работиме во духовната жетва (2. Цареви 19:31; Јован 5:17).

Во заклучокот на програмата, претседавачот, брат Џерес, ги прочита поздравите од голем број канцеларии на подружниците и им ги врачи дипломите на студентите. Еден од студентите прочита писмо од класот во кое беше изразена длабока благодарност за обуката што ја добија. Очигледно е дека програмата по повод дипломирањето на 116. клас ги поттикна сите присутни да бидат уште поодлучни да одат како ревносни жетвари.

[Рамка на страница 25]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

Број на застапени земји: 6

Број на земји во кои се доделени: 20

Број на студенти: 46

Просечна старост: 34,2

Просек на години во вистина: 17,2

Просек на години во полновремена служба: 13,9

[Слика на страница 26]

116. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower

Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Сиансу Р.; Спаркс Т.; Пиња К.; Тарнер П.; Чејни Л. 2) Суарди М.; Шоквист О.; Амадори Л.; Смит Н.; Џордан Е.; Боасоно Л. 3) Матлок Џ.; Руиз К.; Дулар Л.; Винјерон М.; Хенри К. 4) Шоквист Х.; Локс Џ.; Рузо Џ.; Густафсон К.; Боасоно Р.; Џордан М. 5) Хенри Д.; Тарнер Д.; Кирвин С.; Флорит К.; Сиансу С. 6) Амадори С.; Чејни Џ.; Рос Р.; Нелсон Џ.; Руиз Х.; Винјерон М. 7) Флорит Х.; Матлок Д.; Рос Б.; Локс К.; Рузо Т.; Дулар Д.; Кирвин Н. 8) Густафсон А.; Нелсон Д.; Суарди В.; Пиња М.; Смит К.; Спаркс Т.