Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кои биле анабаптистите?

Кои биле анабаптистите?

Кои биле анабаптистите?

ПОСЕТИТЕЛИТЕ што за првпат доаѓаат во центарот на градот Минстер во Вестфалија (Германија), речиси секогаш застануваат и се загледуваат во трите железни кафези што висат од камбанаријата на црквата. Освен во текот на неколку кратки периоди, кафезите стојат таму речиси 500 години. Во нив првобитно биле телата на три мажи кои биле јавно мачени и погубени. Тие мажи биле анабаптисти, а кафезите се споменик на нивното кралство.

Кои биле анабаптистите? Како започнало тоа движење? Кои биле неговите главни учења? Зошто биле погубени тие мажи? И каква врска имаат трите кафези со некакво кралство?

Реформа на црквата — но како?

При крајот на 15 и почетокот на 16 век, растеле критиките против римокатоличката црква и против свештенството. Корупцијата и неморалот длабоко навлегле во црквата; затоа, мнозина сметале дека се потребни огромни промени. Во 1517, Мартин Лутер јавно повикал на реформа, и бидејќи и други се приклучувале на дебатата, набрзо се родила протестантската реформација.

Но, реформаторите немале конкретен план во врска со тоа што треба да се направи и до каде треба да одат промените. Мнозина признале дека кога станува збор за работи во врска со обожавањето, треба да се придржуваат за Библијата. Сепак, реформаторите не можеле да се сложат дури ни околу заедничкото толкување на библиските учења. Некои сметале дека реформацијата се одвива премногу бавно. Токму меѓу овие реформатори ги пуштило своите корени анабаптистичкото движење.

„Всушност, немало само едно баптистичко движење; имало неколку“, пишува Ханс Јирген Герц во својата книга Die Täufer​—Geschichte und Deutung (Баптисти — историја и значење). На пример, во 1521 четворица мажи, познати како пророците од Цвикау, предизвикале вознемиреност затоа што проповедале анабаптистички учења во Витенберг. А во 1525 една друга група анабаптисти била формирана во Цирих (Швајцарија). Исто така, анабаптистички заедници биле основани и во Моравија, денешна Република Чешка, и во Холандија.

Крштавање — за деца или за возрасни?

Анабаптистичките заедници главно биле мали, а членовите, општо земено, се однесувале мирољубиво. Приврзаниците не ги криеле во тајност своите верувања; всушност, им проповедале на другите. Основните верувања на анабаптистичката вера биле дефинирани во Уредбата од Шлајтхајм во 1527. Меѓу другото, одбивале да носат оружје, се држеле одвоени од светот и ги исклучувале престапниците. Но, она што најмногу од сѐ ја карактеризирало нивната вера, што јасно ги одвојувало анабаптистите од другите религии, било убедувањето дека крштавањето е за возрасни, а не за деца. *

Крштавањето на возрасни не било само прашање на религиозна догма; тоа било прашање на моќ. Ако крштавањето се одложи додека некој не стане возрасен — дозволувајќи му на тој начин да донесе одлука што се темели на вера — некои можеби воопшто нема да се крстат. А поединците што не се крстени, барем до некој степен, би биле надвор од контролата на црквата. За некои цркви, крштавањето на возрасни значело губење на моќта.

Затоа, и католиците и лутераните сакале да ја осуетат практиката на крштавање на возрасни. По 1529, барем во некои области, за оние што крштавале возрасни или оние што се крштавале како возрасни, постоела веројатност да бидат осудени на смрт. Новинарот Томас Сејферт објаснува дека анабаптистите биле „жестоко прогонувани низ целото Свето Римско Царство на германската нација“. Прогонството го достигнало својот врв во Минстер.

Средновековниот Минстер бара промена

Средновековниот Минстер имал околу 10.000 жители и бил опкружен со речиси неосвоив одбранбен систем од ѕидини, кој бил широк околу 90 метри и се протегал во пречник од околу 5 километри. Меѓутоа, ситуацијата внатре, во градот, била далеку понестабилна од неговиот одбранбен систем. Книгата The Kingdom of the Anabaptists (Кралството на анабаптистите), издадена од градскиот музеј на Минстер, спомнува „внатрешни политички расправии помеѓу Градското собрание и Еснафите“. Освен тоа, жителите биле лути поради однесувањето на свештенството. Минстер ја прифатил реформацијата и, во 1533, од католички станал лутерански град.

Еден од главните реформаторски проповедници во Минстер бил Бернард Ротман, доста брзоплет човек. Авторот Фридрих Ојнингер објаснува дека Ротмановите „ставови дефинитивно станале анабаптистички; тој и други колеги одбиле да крштаваат бебиња“. Тој ја придобил поддршката на јавноста во Минстер, иако неговите радикални ставови за некои биле премногу екстремни. „Сѐ поголем број од оние што го сакале стариот поредок го напуштале градот, исполнети со чувство на вознемиреност и со лошо претчувство. Анабаптисти од сите краишта во голем број доаѓале во Минстер, надевајќи се дека ќе ги остварат своите идеали. Оваа концентрација на анабаптисти во Минстер довела до еден ужасен настан.

Новиот Ерусалим под опсада

Двајца холандски доселеници во Минстер — Јан Матис, пекар од Харлем, и Јан Букелсон, познат како Јан Лајденски — требало да одиграат решавачка улога во развојот на настаните таму. Матис тврдел дека е пророк и го објавил април 1534 за датум на второто Христово доаѓање. Градот бил прогласен за Новиот Ерусалим спомнат во Библијата, а атмосферата станала апокалиптична. Ротман одлучил целиот имот да биде општествена сопственост. Возрасните жители морале да донесат одлука: или да се крстат или да го напуштат градот. Во масовните крштавања биле вклучени и некои кои се крстиле само за да не мораат да го напуштат својот дом и своите поседи.

Другите заедници гледале со запрепастеност кога Минстер станал првиот град во кој анабаптистите биле најјаката верска и политичка сила. Според книгата Die Täufer zu Münster (Крстителите од Минстер), ова му го навлекло „на Минстер непријателството на целото Свето Римско Царство на германската нација“. Еден локален достоинственик, бискупот, грофот Франц фон Валдек, собрал војска и го опсадил Минстер. Таа војска била составена и од лутерани и од католици. Овие две вери, кои дотогаш стоеле на спротивни страни во реформацијата и кои наскоро ќе се фатат за гуша во Триесетгодишната војна, се здружиле против анабаптистите.

Уништување на анабаптистичкото кралство

Силата на војската што ги опсадила не ги заплашила оние што биле заштитени од градските ѕидини. Во април 1534, кога наводно требало да се случи второто Христово доаѓање, Матис одјавал надвор од градот на бел коњ, очекувајќи божествена заштита. Замисли си го ужасот на приврзаниците на Матис додека ѕиркале од градските ѕидини и гледале како трупите што го опсадувале градот го искасапиле Матис на парчиња и му ја забиле главата на кол.

Јан Лајденски станал наследник на Матис и бил именуван во кралот Јан на анабаптистите во Минстер. Тој се обидел да ја изедначи нерамнотежата меѓу половите — во градот имало многу повеќе жени отколку мажи — така што ги поттикнувал мажите да си земаат колку што сакаат жени. Што се однесува до екстремностите во анабаптистичкото кралство во Минстер, на пример, прељубата и блудот биле казнувани со смрт, додека полигамијата била толерирана, па дури и поттикнувана. Кралот Јан и самиот си зел 16 жени. Кога една од нив, Елизабет Вантшерер, го замолила да ѝ дозволи да го напушти градот, јавно ѝ била отсечена главата.

Опсадата траела 14 месеци, до јуни 1535, кога градот конечно паднал. Минстер претрпел такво уништување какво што градот повеќе не видел сѐ до Втората светска војна. Ротман избегал, но кралот Јан и двајца други истакнати анабаптисти биле заробени, мачени и погубени. Нивните тела биле ставени во кафези и подигнати да висат од камбанаријата на црквата Св. Ламберт. Тоа требало „да служи како страшно предупредување за сите кои би можеле да прават проблеми“, објаснува Сејферт. Да, вмешаноста во политиката донела драстични последици.

Што се случило со другите анабаптистички заедници? Прогонството продолжило уште неколку години низ цела Европа. Поголемиот дел од анабаптистите се држеле за своите пацифистички начела, иако имало и едно воинствено малцинство. Со текот на времето, поранешниот свештеник Мено Симонс го презел водството над анабаптистите и на крајот групата станала позната како менонити или под некои други имиња.

Трите кафези

Анабаптистите во суштина биле религиозни луѓе кои се труделе да се држат за библиските начела. Но, радикалите во Минстер ги навеле анабаптистите да го остават тој правец и да се вмешаат во политика. Кога се случило тоа, движењето прераснало во револуционерна сила. Ова значело катастрофа за анабаптистичкото движење и за средновековниот град Минстер.

Посетителите на центарот на градот сѐ уште се потсетени за овие ужасни настани од пред речиси 500 години. Како? Со трите кафези што висат од камбанаријата на црквата.

[Фуснота]

^ пас. 9 Оваа статија не ги разгледува аргументите за или против крштавањето на деца. За натамошни детали на оваа тема види ја статијата „Дали треба да се крштаваат деца?“ во Стражарска кула од 1 јули 1986.

[Слики на страница 13]

Кралот Јан бил мачен, погубен и ставен да виси на камбанаријата на црквата Св. Ламберт