Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Може ли Библијата да ти помогне во воспитувањето на твоите деца?

Може ли Библијата да ти помогне во воспитувањето на твоите деца?

Може ли Библијата да ти помогне во воспитувањето на твоите деца?

ОРХИДЕЈАТА е многу убав цвет, но тешко се одгледува. За да успееш, треба да ги регулираш температурата и светлината и да ја приспособуваш големината на саксијата. Орхидејата е осетлива на почвата и ѓубривото и лесно се оштетува од болести и инсекти. Затоа, сосема е вообичаено некој да не успее од првпат да одгледа орхидеја.

Подигањето деца е далеку потешко и посложено и, исто така, бара внимателна грижа. Затоа, вообичаено е родителите да се чувствуваат како во небрано кога станува збор за подигање деца. Мнозина чувствуваат дека им е потребна помош, како што на одгледувачот на орхидеи му е потребен совет од некој стручњак. Очигледно, секој родител сака да го добие најдоброто водство. Каде може да се најде такво водство?

Иако Библијата не е прирачник за подигање деца, Творецот ги инспирирал писателите да вклучат во неа многу практичен совет на таа тема. Библијата истакнува колку е важно да се развиваат пожелни особини, коишто мнозина сметаат дека честопати се превидуваат (Ефешаните 4:22—24). Во овој поглед, библискиот совет дава еден клучен елемент за урамнотежено воспитание. Илјадници луѓе кои го примениле овој совет веќе извлекле корист од него, без оглед на времето во кое живееле или на нивното културно потекло. Според тоа, следењето на библискиот совет може да ти помогне да бидеш успешен во воспитувањето на твоите деца.

Примерот од родителите — најдоброто воспитание

„Меѓутоа, зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе? Зарем ти кој проповедаш ‚Не кради‘, крадеш? Зарем ти кој велиш ‚Не врши прељуба‘, вршиш прељуба?“ (Римјаните 2:21, 22).

Претседателот на Комисијата за образование во Сеул рекол: „Примерот со збор и со дело е најдобриот начин на воспитување на децата“. Ако родителите не остават добар пример во говорот и во однесувањето, а дадат конкретно упатство, детето брзо ќе заклучи дека се лицемери. Зборовите на родителите нема да имаат никаков ефект. На пример, ако родителите сакаат да го поучат своето дете да биде искрено, и самите мораат да бидат искрени. Кога не сакаат да зборуваат ако некој ги бара на телефон, за некои родители е сосема вообичаено да му речат на детето да каже: „Извинете, тато (или мама) не е дома“. На детето на кое му е речено да каже нешто такво ќе му биде незгодно и ќе биде збунето. Со текот на времето, ако се најде во тешка ситуација, може да почне да лаже без да чувствува вина. Затоа, ако родителите навистина сакаат нивното дете да биде искрена личност, и самите тие мораат да зборуваат искрено и да постапуваат во склад со тоа.

Дали сакаш да го воспиташ своето дете да зборува пристојно? Тогаш ти мораш да дадеш добар пример. Твоето дете брзо ќе почне да те имитира. Сунг-сик, татко на четири деца, вели: „Јас и жена ми решивме да не користиме навредлив јазик. Покажувавме почит еден кон друг и не го подигавме гласот дури ни кога бевме изнервирани или лути. Добриот пример беше далеку поефикасен од зборовите. Среќни сме што нашите деца покажуваат почит и се учтиви кога разговараат со другите“. Во Галатите 6:7, Библијата вели: „Што човек сее, тоа и ќе пожнее“. Родителите кои сакаат нивните деца да имаат високи морални мерила, прво самите мораат да покажат дека живеат во склад со тие мерила.

Држете ги отворени линиите за комуникација

„Напомнувај им ги на своите синови [Божјите заповеди]. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:7).

Сѐ повеќе расте склоноста да се работи прекувремено. Кога и сопругот и сопругата се вработени, тоа сериозно се одразува врз децата. Времето што многу родители го поминуваат со своите деца се намалува. Кога се дома, родителите мораат да ги завршат домашните работи и други задачи, поради што веројатно ќе бидат изморени или исцрпени. Во такви околности, како можеш да задржиш добра комуникација со своите деца? Прилики за разговор можат да се укажат ако ти и твоите деца заедно ги извршувате домашните работи. Еден семеен поглавар дури и се ослободил од телевизорот, првенствено за да има повеќе време да разговара со своите деца. Тој забележал: „Во почетокот на децата им беше досадно, но како што игравме некои игри што вклучуваа изнаоѓање решенија на разни загатки и разговаравме за интересни книги, постепено ја прифатија промената“.

Важно е на децата уште на рана возраст да им стане навика да комуницираат со своите родители. Во спротивно, кога децата ќе станат адолесценти и можеби ќе се соочат со проблеми, нема да помислат на своите родители како на пријатели со кои можат да разговараат. Како можеш да им помогнеш да си го отворат срцето? Пословици 20:5 вели: „Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи“. Со тоа што ќе користат прашања со кои ќе ги дознаат гледиштата, како што е „Што мислиш ти?“, родителите можат да ги охрабрат своите деца да ги искажат своите мисли и чувства.

Што ќе сториш ако твоето дете направи некоја сериозна грешка? Тоа се моменти кога му е потребно да покажеш љубезна обѕирност. Контролирај ги своите чувства додека го слушаш своето дете. Еден татко вака вели за начинот на кој се справува со таква ситуација: „Кога децата прават грешки, се трудам да не реагирам претерано. Седам и ги слушам што имаат да кажат. Се обидувам да ја сфатам ситуацијата. Кога гледам дека ми е тешко да си ја контролирам лутината, ќе почекам малку и ќе се смирам“. Ако ги контролираш своите чувства и слушаш, казната што ќе ја дадеш поспремно ќе биде прифатена.

Неопходна е дисциплина која се темели на љубов

„Вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4).

За да постигнеш добри резултати, важен е начинот на кој даваш љубезна дисциплина. Како можат родителите ‚да ги раздразнат своите деца‘? Ако дисциплината не одговара на сериозноста на грешката или ако е дадена на многу критички начин, децата ќе се спротивстават. Дисциплината секогаш треба да се дава со љубов (Пословици 13:24). Ако резонираш со своите деца, тие ќе сфатат дека ги дисциплинираш од љубов (Пословици 22:15; 29:19).

Од друга страна, пак, добро е децата да ги почувствуваат несаканите последици од погрешното однесување. На пример, ако детето му згреши на некого, можеш да инсистираш да се извини. Кога ги прекршува семејните правила, можеш да ставиш ограничувања на некои предности со цел да истакнеш колку е важно придржувањето до правилата.

Добро е да се даде дисциплина во право време. Проповедник 8:11 истакнува: „Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло“. Слично на тоа, откако лошо се однесувале, многу деца ќе пробаат да видат дали можат да се извлечат без казна. Затоа, штом си го предупредил детето дека за некоја конкретна грешка му следи казна, погрижи се да ја извршиш казната.

Здравата рекреација има вредност

„Има . . . време за смеење . . . и време за играње“ (Проповедник 3:1, 4).

Слободното време и здравата, урамнотежена рекреација се неопходни за да се развијат умот и телото на едно дете. Кога родителите се рекреираат заедно со своите деца, се зајакнуваат семејните врски а децата стекнуваат чувство на сигурност. Во кои видови рекреација можат заедно да уживаат членовите на едно семејство? Ако одвоиш време да размислиш за тоа, можеш да најдеш многу пријатни работи што можете да ги правите. Има многу спортови под ведро небо, како што се возење велосипед и разни игри со топка, како тенис, фудбал и одбојка. И замисли си колку радосни моменти може да помине семејството кога заедно свири на музички инструменти. Можат да се соберат прекрасни спомени од патувањата до некои околни места за да уживате во природата.

Во такви ситуации, родителите всадуваат во своите деца урамнотежено гледиште за рекреацијата. Еден христијанин кој има три сина рекол: „Доколку е можно, учествувам во рекреацијата на моите деца. На пример, кога играат компјутерски игри, ги прашувам нешто во врска со нив. Кога ми објаснуваат со воодушевување, ја користам приликата да разговараме за опасностите од нездравата забава. Сум забележал дека ја отфрлаат несоодветната забава“. Да, децата кои се среќни со семејната рекреација се помалку склони да се свртат кон телевизиски програми, спотови, филмови и игри на Интернет во кои се прикажува насилство, неморал и злоупотреба на дрога.

Помогни им на своите деца да стекнат добри пријатели

„Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20).

Еден христијански татко кој успешно подигнал четири деца рекол: „Не може доволно да се нагласи колку е важен нивниот избор на пријатели. Еден лош пријател може да уништи сѐ што си направил“. За да им помогне на своите деца да стекнат добри пријатели, тој мудро поставувал прашања како: ‚Кој ти е најблизок пријател? Зошто го сакаш? Што кај него сакаш да имитираш?‘ Еден друг родител се договара неговите деца да покануваат блиски пријатели дома. Тогаш може да ги набљудува и да им даде на своите деца исправно водство.

Исто така, важно е да се поучат децата дека можат да се спријателат и со постари луѓе и со врсници. Бум-сун, татко на три сина, вели: „Им помагам на моите деца да сфатат дека пријателите не мора да бидат врсници, како што било во случајот на Давид и Јонатан во Библијата. Всушност, поканувам христијани на различна возраст за да се дружат со моите деца. Како резултат на тоа, децата се дружат со многу луѓе што не се нивни врсници“. Дружењето со примерни возрасни лица им овозможува на децата да научат многу работи.

Можеш да успееш во воспитувањето на децата

Според една анкета спроведена во Соединетите Држави, многу родители кои се трудат да всадат во своите деца особини како самосовладување, самодисциплина и искреност, имаат релативно мал успех. Зошто е тоа толку тешко? Една мајка која одговорила на анкетата рекла: ‚Жално е тоа што единствениот начин да ги заштитиме нашите деца е да ги заклучиме во некоја соба и никогаш да не ги пуштиме надвор во светот‘. Со тоа сакала да каже дека средината во која сега растат децата е полоша од кога и да е порано. Во ваква ситуација, дали е навистина возможно успешно да се подигаат деца?

Ако сакаш да одгледаш орхидеја, но си загрижен дека може да се исуши, можеби ќе се откажеш од идејата. Колку само ќе ти биде полесно ако некој стручњак за одгледување на орхидеи дојде и ти даде некои добри предлози и со доверба ти каже: „Ќе успееш ако направиш вака“! Јехова, Врховниот Авторитет за човечката природа, дава совет за најдобриот метод за подигање на деца. Тој вели: „Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него“ (Пословици 22:6). Кога ги воспитуваш децата во склад со библискиот совет, веројатно ќе ја имаш радоста да ги видиш своите деца како растат во одговорни возрасни луѓе, обѕирни кон другите, со чувство за морал. Тогаш луѓето ќе ги сакаат, но што е најважно од сѐ, ќе ги сака Јехова, нашиот небесен Татко.